Покачување на пензии за задржување на животниот стандард на постарите лица

Покачување на пензии за задржување на животниот стандард на постарите лица

Над 340.000 пензионери во Македонија од април добиваат повисока пензија за 2.500 денари. Со линеарното покачување на пензиите во септември и мартовската пензија во април, пензионерите добиваат за 5.000 денари повисоки пензии за само девет месеци мандат на оваа Влада. Дали е доволно ова покачување за пристоен живот и какви политики за одржување на животниот стандард на најстарите граѓани имаат земјите во регионот?

Пензионерите, по подолг период, се задоволни од покачувањето. Велат дека животниот стандард значително им се подобрува. Сметаат дека линеарното, а не процентуалното покачување на пензиите е подобро решение, бидејќи, според нив, тоа е најправичната опција и најмногу им одговара на оние со најниски примања. Пензионерите велат дека ваквиот тренд на зголемување на пензиите треба да продолжи ако сака власта да го одржи животниот стандард на најстарата категорија граѓани. Храната и лековите поскапеле многу повеќе од официјалната стапка на инфлација, па тие сметаат дека линеарното покачување колку-толку го ублажува ценовниот удар врз нивните џебови.

„Ниски пензии од 18 илјади до 22 илјади денари имаат околу 100 илјади пензионери. Тие со 22 илјади денари пензија тешко ќе можат, и во вакви услови на тешка ценовна криза, да бидат задоволни дека ќе имаат доволно средства да ги подмират трошоците. Мора да ги споменеме и зафатите на Владата кои се преземаат и кои мора да имаат ефекти. Не може и понатаму да се зголемуваат трошоците на живот, бидејќи тоа и натаму ќе го намалува стандардот на пензионерите“, вели Драги Аргировски, поранешен претседател на Здружението на пензионери.

Пензионерски синдикат: Линеарното покачување да продолжи барем еднаш годишно

Засега, со двете покачувања од вкупно 5.000 денари, колку-толку се одржува животниот стандард, велат од Пензионерскиот синдикат на Македонија. Оттаму додаваат дека зголемувањето од 2.500 денари за секој пензионер е пореално од процентуалниот пораст. Притоа, најмногу им се помага на оние со најниски пензии. Линеарното зголемување на пензиите треба да продолжи барем еднаш годишно – бара Пензионерскиот синдикат.

„Овој начин на усогласување придонесе за една година најниската пензија исплатена во јануари минатата година, која изнесуваше 12.500 денари, сега во јануари да изнесува 15.700 денари. Како Пензионерски синдикат сметаме дека усогласувањето треба да биде барем еднаш годишно и тоа линеарно“, вели Марјан Спасовски од Пензионерскиот синдикат.

Според пензионерите, ќе треба подолг период за да се надомести неправдата што траеше неколку години, кога со законски измени пензиите растеа минимално, бидејќи од формулата за пресметка беше изоставена просечната плата, која во меѓувреме значително растеше. Дополнително, во многу европски држави при калкулацијата на пензиите се зема повисокиот пораст – без разлика дали станува збор за повисоката просечна плата или за повисоките трошоци на живот.

„Во 2018 година Македонија беше со 61,3 % учество на просечната пензија во однос на просечната плата, а Словенија имаше 60 %. Сите други земји од окружувањето беа под 50 %. Некои беа и малку на 40 %. Во изминативе 6–7 години, сите тие отидоа 10–15 процентни поени нагоре. Најголем пораст имаше Црна Гора – тие исто така дојдоа до 60 % од просечната плата. Кај нас, во јануари оваа година, тоа учество беше 55 %“, вели Спасовски.

За 2025 година, во буџетот се предвидени 1,715 милијарди евра за исплата на пензиите. Премиерот Мицкоски вели дека зголемувањето на примањата на пензионерите ќе ја намали разликата меѓу најбогатите и најсиромашните граѓани. Тој потенцираше дека Владата не ги прифатила предлозите на Светска банка и на Меѓународниот монетарен фонд, кои побараа зголемување на старосната граница за пензионирање, зголемување на ДДВ и воведување променливи даночни стапки.

Ова ќе биде последното фиксно зголемување на пензиите. Пратениците во Собранието усвоија нови измени на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, со што во иднина пензиите ќе растат 50 % согласно зголемувањето на трошоците за живот и 50 % согласно растот на просечната плата.

Хрватска ќе дели 13. пензија.

Хрватска ќе дели 13. пензија.

Хрватска воведува 13-та пензија

Новиот Закон за пензиско осигурување во Хрватска предвидува донесување нова формула за пресметување пензии, годишен додаток на пензија, како и мерки за подолго останување во светот на работата, најави ресорниот министер Марин Пилетиќ презентирајќи го предложениот закон.

„Целите на реформата се да се зголемат пензиите во Хрватска, да се намалат разликите, да се овозможи поголемо учество на пензионерите на пазарот на трудот, бидејќи трендовите се нагорни и верувам дека има интерес, а поттикнуваме и подолг престој во светот на работата“, рече министерот за труд, пензиски систем, семејство и социјална политика Марин Пилетиќ.

Новиот закон треба да стапи на сила во јули. Една од новините што ја предлага е веќе познатата формула за усогласување на пензиите според поповолен индекс на раст на платите или цените, како и воведувањето стапка од 85:15 според поповолниот индекс, што ќе ги погоди сите пензионери во Хрватска.

„Исто така, има зголемување на дополнителниот стаж до 12 месеци за секое родено или посвоено дете, што е и демографска и пензиска мерка насочена кон намалување на родовиот јаз меѓу женските и машките пензии, што ќе биде околу три проценти зголемување на пензиите по дете“, посочи Пилетиќ.

Сепак, најмногу ќе изгубат мајките што се пензионирале пред 2019 година, бидејќи според новите правила тие нема да добијат дополнителен стаж по основ на деца.

Се воведува годишен додаток на пензија за сите корисници, или колоквијално 13-та пензија, која е поврзана со годините на пензиски стаж, со што дополнително се нагласува колку е важно што подолго да се остане во светот на работата. Првата исплата се очекува на крајот на годината.

Се укинува условот од 35 години стаж и петгодишната граница, што ќе резултира со просечно зголемување од 40 евра.

Најголемите добитници од реформата се оние што се во предвремена пензија – кога ќе наполнат 70 години, ќе им се укине намалувањето на пензијата. Тоа важи и за оние кои веќе имаат над 70 години, чија пензија ќе се зголеми во просек за околу 55 евра. Но, поради различните претходни законски решенија, користа нема да биде иста за сите.

Сè уште е можно да се работи во пензија, но Пилетиќ изјави дека тие и нивните партнери пензионери веруваат дека е дојдено време, поради потребите на пазарот на трудот, да се овозможи да се работи во пензија со полно работно време, но со половина од пензијата исплатена по навршување 65 години.

Инвалидските пензии ќе се зголемат за 10 %, а најниските за 3 %. Планирано е и зголемување на инвалидската пензија со зголемување на факторот пензија од 0,8 на 0,9, што ќе донесе зголемување од 74 евра за 218.000 корисници. Ова ќе важи и за постојните и за идните корисници. Заводот за пензиско осигурување ќе ги пресмета новите пензии по службена должност најдоцна до 31 март 2026 година.

Хрватска има рекорден број осигуреници во пензискиот систем, кој изнесува над 1.720.000, што е зголемување за 100.000 осигуреници во последните две години.

Во Србија зголемени пензии. | Извор: blic

Во Србија зголемени пензии. | Извор: blic

Просечната пензија во Србија до 2027 година се очекува да изнесува 650 евра

Од јануари 2022 до јануари 2025 година пензиите во Србија се зголемени за 73 % без да се наруши одржливоста на системот и стигнаа до просечна пензија од 436 евра.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, ги зголеми пензиите на почетокот на оваа година.

„Почнуваат исплатите за пензионерите. Пензиите се зголемени за 10,8 %. Се надевам дека во наредниот период ќе успееме да ги доближиме пензиите до платите“, рече Вучиќ.

Според Фондот на ПИО, интензивно се работи на зајакнување на социјалниот стандард на пензионерите и за оваа намена во 2025 година ќе бидат издвоени 1,4 милијарди динари.

Просечната пензија во јануари изнесува околу 436 евра. Тоа се должи пред сè на стабилната и одговорна политика на нашата земја, бројните инвестициски проекти, поголем број вработувања и со тоа поголем прилив на средства во буџетот. Продолжуваме на ист начин – следниот план на државата е просечната пензија во 2027 година да биде 650 евра и не се сомневам дека оваа цел ќе биде остварена – вели Огњеновиќ, директор на Фондот за ПИО на Србија.

Стажот за пресметување на висината на пензијата во Србија не може да биде повеќе од 45 години. Најголеми пензии во Србија имаат старосните пензионери; над 100.000 динари добиваат 124.166 корисници. Со зголемувањето од 10,9 %, просечната пензија во Србија изнесува 50.683 динари, а највисок просек кога станува збор за видот на пензијата е кај старосните пензионери и таа изнесува 54.370 динари. Просечната инвалидска пензија изнесува 46.499 динари, а семејната 41.017 динари.

Речиси половина милион луѓе добиле пензија до 30.000 динари, а над 970.000 пензионери до 50.000 динари. Околу 250.000 пензионери добија чек од над 80.000 динари. Меѓу нив има 124.166 со приход поголем од 100.000 динари. Нивното учество во вкупниот број на пензионери изнесува 7,5 %, а учеството на парите потребни за нивна нето исплата во вкупните пари за пензии изнесува 18,9 %, информира „Политика“.

Минимални промени во условите за пензионирање

Од годинава во Србија, жените можат да одат во пензија под услов да наполнат најмалку 63 години и десет месеци. До крајот на 2024 година, старосната граница беше 63 години и осум месеци.

За да може осигуреникот да стекне право на старосна пензија, потребно е да ги исполни условите за години на живот и стаж. Со прописите што се на сила од 1 јануари 2015 година, променети се условите за пензионирање. Треба да бидат исполнети двата главни услова: 65 години живот и најмалку 15 години осигурителен стаж, или 45 години осигурителен стаж без разлика на годините.

Оваа одредба за 65 години живот и најмалку 15 години стаж ќе се применува целосно од 2032 година бидејќи е предвиден преоден период за постепено усогласување со годините на старост, пренесува српски „Курир“.

Потпишување договор за пензии во Словенија. | Извор: Bor Slana

Потпишување договор за пензии во Словенија. | Извор: Bor Slana

Словенците ќе работат подолго

Процентот на постари луѓе во Словенија се очекува значително да се зголеми во наредните децении. И Европската комисија и ОЕЦД ја предупредија Словенија за ова, проектирајќи во 2021 година дека расходите за пензии, кои во моментов сочинуваат 10,3 % од БДП, ќе надминат 16 % до 2050 година.

Словенија има и голем проблем со наталитетот. Затоа, основните цели на пензиската реформа се да се подготви системот за демографска транзиција, да се обезбеди неговата стабилност и одржливост и да се подобри благосостојбата на пензионерите, особено на најранливите групи.

Словенците ќе работат подолго, но нивните државни пензии како дел од приходот ќе се зголемат според планот за пензиска реформа потврден од социјалните партнери.

Според договорот потпишан на 2 април, возраста за пензионирање ќе се зголеми од 60 на 62 години за оние што работеле 40 години. Оние што не работеле цели 40 години, ќе можат да се пензионираат на 67 години, наместо досегашните 65.

Пресметката на пензиите исто така ќе се промени. Најзначајно е што за оние што се пензионираат по 40 години работа, пензијата би изнесувала 70 % од нивната просечна заработка во текот на животот, што е за 6,5 процентни поени повеќе отколку во моментов.

Од друга страна, стапката ќе се пресметува врз основа на цели 40 години минус петте најлоши години. Во моментов како основа се земаат 24-те најдобри години, што е поповолно.

Сите промени ќе се воведуваат постепено до 2035 година.

Пензиската реформа долго време беше клучна точка на владината агенда, а премиерот Роберт Голоб го поздрави договорот како успех и како „победа на дијалогот и почитувањето меѓу засегнатите страни“.

Корпоративниот сектор исто така го поздрави договорот, бидејќи успеа да ги задржи непроменети сегашните стапки на придонеси, кои се пониски за работодавците отколку за вработените.

Во меѓувреме, синдикатите го опишаа договорот како неидеален, но рекоа дека е подобрување во однос на првичните преговарачки позиции изнесени од владата и оттука прифатлив е овој компромис.

Иако ова е најголемата промена во државниот пензиски систем за повеќе од една деценија, некои експерти предупредуваат дека промените не се во согласност со она што би било потребно со оглед на моменталната состојба на економијата и проекциите за демографските промени.

Некои експерти во Словенија сметаат дека промените треба да бидат поголеми и дека ова е „мини реформа, а не голема структурна реформа што би резултирала со сериозни промени на долг рок“.

Image
Newsletter