Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле во Охрид, забележаа силно закрепнување на патничкиот сообраќај во првите девет месеци од годинава, од јануари до крајот на септември, со што достигнаа вкупно 1,8 милиони патници (1.811.168) и 14.823 летови, информираа од ТАВ Македонија.
Оттаму истакнуваат дека постпандемиското закрепнување на патничкиот авиосообраќај, кое на глобално ниво почна во 2021 година, на македонскиот пазар силно се почувствувало со почетокот на третиот квартал од годинава.
„Задоволни сме од закрепнувањето на авиосообраќајот и на скопскиот и на охридскиот аеродром што се случи годинава. Кога земјите од ЕУ, каде што е концентриран повеќе од 75 отсто од македонскиот авиосообраќај, постепено почнаа да ги укинуваат ограничувањата за патување поврзани со документацијата за Ковид-19 за патниците со македонски пасоши, веднаш се почувствува порастот на авиосообраќајот ''вели генералниот директор на ТАВ Македонија, Метин Батак.
Тој посочува дека во првиот и вториот квартал преземале голем инвестициски проект – рехабилитација на пистата на скопскиот аеродром.
Генералниот директор на ТАВ потенцира дека ќе продолжат да работат на проширување на мрежата на авиолинии од скопскиот и од охридскиот аеродром, со отворање нови дестинации и привлекување нови авиокомпании кои ќе почнат да летаат од Македонија.
Како што информираат од ТАВ Македонија, зимскиот распоред на летови 2022/2023 година на двата аеродрома ќе почне на крајот од октомври и според досегашните информации од авиокомпаниите, нема да има значителни промени во бројот на дестинации.