За великденските и првомајските празници, кои им овозможија на граѓаните да спојат повеќе денови, Македонците масовно ги спакуваа куферите, подготвени за кратко бегство од секојдневието. Велат дека сакале со семејството да имаат едно поинакво доживување, а тоа е прослава на Великден и Први Мај на некоја атрактивна туристичка дестинација. И Македонија за странците беше една од локациите каде што тие ги дочекаа празниците. Со отворањето на неколку нови авиолинии оваа пролет, се чини дека авиосообраќајот во земјава „цвета“, а туристите од Европа, но и пошироко, ја откриваат Македонија како нов извор за нови патувачки авантури.
Каде за Великден и Први Мај?
Грчкиот остров Крф, Атина, Рим, Париз, Будимпешта и Будва се најбарани дестинации за време на великденските празници. Туристичките агенции понудија голем број аранжмани и за соседните земји и за подалечни дестинации. Цените варираа во зависност дали се патува со авион или со автобус, но и според видот на сместувањето. Поевтините понуди вклучуваат 2 до 3 ноќевања во апартман, водич и превоз што е најчесто автобуски. Поскапите аранжмани, кои чинат над 250 евра, се од 3 до 5 ноќевања во хотел, со автобуски или авионски превоз, појадок и со водич.
„Можам да кажам дека најбарани се дестинациите што имаат поинтересна традиција за Великден. Тоа е островот Крф, каде што постои традиција на кршење ќупови и шетање на Свети Спиридон, што е интересно и од верски и од културен аспект. Секогаш најголема побарувачка има за таа дестинација, меѓутоа не изостануваат и другите европски дестинации како Италија, Атина, Будва и подалечните, но сѐ зависи од буџетот, цената и од можностите на луѓето“, вели Ана Марија Алексова-Малева, туристички работник.
Дел од граѓаните отпатуваа и во соседна Србија како дестинација, за која понудите со автобуски превоз се пристапни, а најбарани за Великден беа Белград и Нови Сад. За разлика од претходните години, годинава зголемен бил интересот и за Хрватска.
„Цените се движат од 130 до 400–500 евра, зависно од аранжманот. Да ја напоменам Хрватска, која беше доста барана во овој период за Великден како интересна дестинација на море. Во однос на цените, најчесто овие великденски аранжмани се за шетање, па најголемиот дел се автобуски или авионски аранжмани. Повеќе доминираат автобуските аранжмани, по барање на граѓаните, поради тоа што се поевтини – две-три ноќевања, појадок, а деновите ги користат да прошетаат и во своја режија ги организираат своите оброци“, вели Ана Марија Алексова-Малева, туристички работник.
Голем дел од граѓаните во сопствена режија за Великден отпатуваа во соседна Грција. Најпосетени таму се туристичките локации што најчесто се нудат и за летен одмор. Македонците традиционално продолжените викенди ги поминуваат поблиску, на половина час од Солун, најчесто на Халкидики.
Охрид – најинтересна дестинација за Великден
Охрид или македонскиот Ерусалим со своите 365 цркви, повторно беше главна дестинација во Македонија за време на Христовото воскресение. На Охрид му се восхитуваа многубројни туристи од соседството, кои знаат да ги впијат убавините на тивкиот, спокоен град. Божјите храмови, кои ги отворија ширумпортите за верниците, беа претесни за оние што доаѓаа да запалат свеќа.
„Доаѓам првпат, јас сум од Турција. Го избравме Охрид бидејќи слушнавме дека има онолку цркви колку што има денови во годината. Ова е одличен период за посета на светиот град. Црквите се вистински светилишта, а народот е тивок и спокоен.“
„Па убаво ми е, веќе традиција ми стана, три години доаѓаме овде. Гледавме на телевизија дека е многу добро, па дојдовме да видиме во живо како е за празникот.“
Централната богослужба, со која чиноначалствуваше епископот Велички Никола, традиционално се одржа на Плаошник, во храмот на Свети Климент, Свети Пантелејмон. Оваа година многу верници ја посетија и црквата Света Богородица Перивлепта во центарот на градот, а богослужби имаше во многу цркви по должина на крајбрежјето.
Хотелиерите и туристичките работници се пофалија дека празничните аранжмани во најголема мера се откупени од гости од соседните земји.
За збогатување на понудата беа организирани многубројни настани, како и Великденскиот базар, на кој учество зедоа занаетчии, производители на домашна традиционална храна, најмладите од градинките, но и учениците од основните и средните училишта.
Инаку, во духот на големиот верски празник, градот беше украсен со шарени реквизити со великденски мотиви и пораки.

Се преговара за две нови авиолинии до Емиратите.
Нови авиолинии за повеќе туристи
Политиките во авиосообраќајот даваат резултати – десетици нови дестинации од двата домашни аеродроми и преговори за десетина нови авиолинии за подобар квалитет на животот на граѓаните. Се преговара и за воспоставување нова линија Скопје – Прага, како и можноста за нова линија Охрид – Карлови Вари. По неодамнешната посета на Обединетите Арапски Емирати, премиерот Мицкоски изјави дека се преговара за линија од Абу Даби до Охрид.
Двете линии (Дубаи и Абу Даби) се очекува да бидат воспоставени од Обединетите Арапски Емирати, каде што авиокомпанијата „Ер Арабија“ (Air Arabia) има бази во Шарџа и во Абу Даби.
За време на официјалната посета на Обединетите Арапски Емирати, вицепремиерот Александар Николоски рече: „Во разговори сме со Ер Арабија за воспоставување најмалку две нови рути, од кои едната се надеваме дека ќе го опслужува регионот на Охрид за дополнително поттикнување на туризмот“, рече тој.
Македонија нема директна авионска поврзаност со заливскиот регион уште од почетокот на пандемијата со вирусот корона во 2020 година, кога „Флајдубаи“ (Flydubai) и „Катар ервејс“ (Qatar Airways) ги суспендираа летовите кон Скопје.
Од „ТАВ Македонија“ рекоа дека цел им се дестинациите на шпанското и на италијанското крајбрежје, враќање на линијата кон Ларнака во Кипар, како и отворање директни линии кон Прага и Мадрид.

Нови авиолинии до Барселона и Лион.
Повторно се воспоставува линијата Скопје – Барселона, првпат лет до Лион
Од 3 мај, авиокомпанијата „Визер“ (Wizz Air) почнува со летови од Меѓународниот аеродром Скопје до Барселона и до Лион. Овие летови Визер ги воведува со субвенционирање од Владата, односно ќе добива субвенција од 9 евра по патник на доаѓање на Скопскиот аеродром.
Од Скопје до Барселона ќе се лета два пати неделно, во вторник и во сабота, а до Лион три пати неделно – вторник, четврток и сабота.
„По тригодишна пауза, пак ги поврзуваме Скопје и Барселона по воздушен пат. Враќањето на оваа линија е резултат на заедничка визија, соработка и силна заложба од страна на нашите партнери Владата и Визер“, изјави денес на прес-конференција Неџат Курт, генерален директор на „ТАВ Македонија“.
Меѓународниот аеродром Скопје првпат се поврзува и со францускиот Лион. Со финансиска поддршка од Владата, кон крајот на март требаше да започне и летот Скопје – Дубаи со „Флајдубаи“, но е одложен за наесен.
Вицепремиерот Николоски нагласи: „Очекуваме директниот лет на Флајдубаи меѓу Дубаи и Скопје наскоро да стартува. Летот е привремено одложен, но авиокомпанијата останува посветена на отворањето на оваа рута во блиска иднина“.
Според раководството на „ТАВ“, укинувањето на визите од Обединетите Арапски Емирати, кое се случи кон крајот на април, би требало да донесе многу патници на најавената линија.

Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.
Охрид се поврза со Истанбул
Со пристигнување на патниците од Истанбул кон крајот на март на охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле“, беше означен почетокот на новата авионска линија помеѓу Истанбул и Охрид. Ова е првиот лет на директната линија на авиокомпанијата „Туркиш ерлајнс“ (Turkish Airlines), која започна да лета од Истанбул до охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле“. Летовите на линијата Истанбул – Охрид се одвиваат четири пати неделно, во понеделник, четврток, петок и недела. Турската авиокомпанија користи авиони од моделите ербас А321 (Airbus A321), боинг 737-800 (Boeing 737-800) и боинг 737-900 (Boeing 737-900) од својата флота за оваа линија.
Охридските хотелиери тријат раце. Со овој лет нема да патуваат само туристи од Турција, туку и од многу други светски дестинации. Ако функционира доволно долго оваа линија, се надеваат дека Охрид ќе има навистина голем бенефит. Ова е голема шанса за целиот регион.

Во Охрид слета првиот авион од Истанбул.
„Со оглед на тоа што најголемиот дел од туристите, особено во овој регион, но и во Скопје и во цела Македонија, доаѓаат од турскиот пазар, кој во последниве неколку години е во голем подем, сметам дека ова е еден од најдобрите чекори во моментов. А тоа не важи само за турските гости, бидејќи истанбулскиот аеродром е еден од најголемите во светот и претставува клучна конекција со целиот свет, па верувам дека поврзувањето со него ќе донесе огромни придобивки“, вели Ана Јанчева – хотелиер.
„Туристите од овој пазар остваруваат и најголем број ноќевања, иако просекот е нешто над едно ноќевање – односно 1,23. Тоа укажува дека можеме да очекуваме зголемен број посетители и подобро искористување на капацитетите на охридскиот аеродром. Истанбул не е обична дестинација – станува збор за вториот најфреквентен аеродром во Европа, пофреквентен и од Шарл де Гол во Франција и од аеродромот во Франкфурт, Германија. Преку него може да се патува до голем број светски дестинации, и тоа – се надеваме – по поволни цени“, вели Цветко Андреески, универзитетски професор.
Истанбулскиот аеродром е шести по големина во светот, но после лондонскиот „Хитроу“ е еден од најфреквентните, далеку пред францускиот „Шарл де Гол“ или германскиот аеродром во Франкфурт.
Изиџет два пати неделно лета од Скопје до Париз
Со пречекот на авионот на „Изиџет“ (EasyJet) од Париз на Скопскиот аеродром на почетокот на април, беше означен стартот на втората авиолинија Скопје – Париз. По Визер, која лета до 80-тина километри оддалечениот аеродром Буве, Изиџет два пати неделно оперира до најголемиот аеродром Орли на 20 километри оддалеченост од Париз. Од ТАВ Македонија се надеваат на развој на туризмот, односно зголемен број на француски посетители овде, но и интерес за посета на градот на светлината.
„Од денеска, 2 април 2025, Меѓународниот аеродром Скопје, благодарение на Изиџет, ќе биде поврзан со главниот аеродром на француската престолнина, што е база на Изиџет и е аеродром што е дел од нашата групација, односно е управуван од АДП (Aéroports de Paris), чија членка е ТАВ Аеродроми. Изиџет ќе лета од Орли (Париз) до Скопје и назад, два пати неделно, односно секоја среда и секоја сабота, нудејќи им уште една опција на нашите патници што сакаат да патуваат до Париз, но и понатаму низ Европа, имајќи предвид дека компанијата лета до 160 дестинации во 35 земји. Оваа нова линија не само што претставува значаен чекор напред во проширувањето и подобрувањето на мрежата на авиолинии од Скопје, туку нуди и различни, практични можности за патување, поттикнувајќи ја туристичката и економската поврзаност“, изјави Перо Лупевски, заменик-генерален директор за операции на „ТАВ Македонија“.
Од Скопје годинава ќе се лета кон Дубаи, Штутгарт, Лион, Барселона, Женева и Амстердам, а од Охрид, освен кон Истанбул, ќе се лета и до Базел. Во следните три години Владата испланира субвенции за нови авиолинии во висина од речиси шест милиони евра.
