Приватизација или статус кво? – Како се решава финансиската состојба на државните пошти во регионот?

Приватизација или статус кво? – Како се решава финансиската состојба на државните пошти во регионот?

Не е тајна дека државните претпријатија во Македонија со години трупаат загуби, а финансиските дупки ги покриваат со дотации од централниот буџет. Овие компании најчесто се златна кокошка за партиски вработувања, а од друга страна, не обезбедуваат квалитетни услуги за граѓаните. Меѓу другите, Македонска пошта е една од нив. Веќе две децении се заговара нејзина приватизација. Имаше многубројни понуди таа да падне во рацете на странски фирми, но до тоа не дојде. Какви се искуствата во регионот? Дали можат овие загубари да остваруваат профит единствено ако се приватизираат или пак, со успешно менаџирање можат да излезат од црвената зона и да придонесат кон полнење на буџетот?

Македонски Пошти – од сегашен загубар до иден профитер?

И покрај тоа што со години граѓаните беа информирани за лошата финансиска состојба во која се наоѓа Македонска пошта, со изненадување не дочека веста дека вработените во ова претпријатие не земале со месеци плата во 2024-та година. И не само тоа, туку претходната влада во буџетот воопшто и не предвидела средства за идни исплати. Во превод, пари за плати немало. Тоа навистина не се случило одамна. И покрај сите буџетски проблеми, ниту една влада никогаш не оставила работници на „државно“ без примања. Па затоа и после подолго време, стана вест дека во текот на еден месец некаде се поделила плата.

„Со ребалансот на Буџетот се обезбедени 4,1 милијарда денари за плати, од кои 1,1 милијарда денари за блок дотации кои не биле планирани во основниот буџет. Во дел од институциите, како двете железнички претпријатија и Поштата, имаше плати само за до јуни месец“ – рече кон средината на јули, новиот министер за транспорт Александар Николоски.

Николоски најави реструктурирање на долговите на „Македонска пошта“ и на „МЖ-Транспорт“ и постигнување на нивна профитабилност за вработените во овие две државни акционерски друштва да можат редовно да земаат плата.

„Македонска пошта во моментов има отворен кредит кон една банка, кој,  според мене, е лихварски и тоа моите претходници само го оставале. Со раководството на Пошта тој кредит ќе го преговараме повторно, затоа што е недозволиво, на тој начин се уништува претпријатието. Врз основа на ревизорските извештаи, кои ги достави ДЗР до мене, повикав полицијата и Обвинителството да го истражат“ – рече Николоски.

Долгогодишното незадоволство од состојбите во „Македонска пошта“ пролетва кулминираше со протести и штрајк. Синдикатот на Пошта порача дека ќе изготви систематизација, ќе ја достави на идната влада и ќе инсистира на нејзина итна примена, како стартно решение за состојбата во Пошта.

Во 2020-та тогашниот премиер Зоран Заев имаше на ум целосна приватизација или преземање со јавно-приватно партнерство како решенија за да се надминат проблемите во Македонска Пошта. 

„Јавно-приватното партнерство ќе биде една од преокупациите на Владата во делот на креирањето на економските политики за да ги максимизираме сите ефекти за економски раст. Многу институции самите се за јавно-приватно партнерство, бидејќи не можат да се борат со отворените пазари. Такви примери има многу во Словенија, Австрија, Полска, Германија итн. Тоа е потребно за да имаме квалитетен поштенски сообраќај“ - изјави премиерот Заев.

Се ангажираше компанија да спроведе физибилити-студија за работата на институцијата. Според студијата, на Пошта ѝ недостига организација и ефикасно управување на поштенските единици, кои досега функционирале како независни и својата работа ја вршеле на различен начин, наместо според еден единствен систем.

Додека владата се двоумеше со каков пакет да настапи, тогашниот  вицепремиер Артан Груби најави дека словенечка компанија е заинтересирана да се „одомаќини“ во земјава и да влезе во македонскиот поштенски пазар.

Ова не беше нешто ново. Обиди имаше и порано. Во 2009 година неславно заврши обидот за влез на Канадска пошта во Македонска пошта - ‘авантура’ којашто ја чинеше државата 208.494 канадски долари. Толку пари им беа исплатени на Канаѓаните кои беа заинтересирани да ја преземат нашата пошта. Државата и претставниците на ,,Канадска пошта” преговараа две години, но на крајот Владата се „попишмани“. ,,Канадска пошта” понуди инвестиција од 40 милиони евра, а од тогашната Влада ја побара поштата без пари во наредните 20 години, со ветување дека Македонска пошта ќе биде регионален центар и профитабилна фирма.

Пошта има акумулирана загуба од 18,7 милиони евра за 2022 година и 1.937 вработени на крајот од 2023 за чии бруто-плати се издвојувале 14,8 милиони евра. Анализата на Агенцијата за пошти покажува дека во првото полугодие од 2023 година работеле 36 даватели на поштенски услуги. 103 рекламации биле поднесени за услугите на Пошта за само шест месеци, а 659 за услугите на приватните пошти. Рекламациите за државната пошта се за препорачани писма, односно 89,3 проценти се за пречекорување на рокот за достава, а 10,7 проценти за изгубени препорачани писма.

Пошта во првото полугодие од 2023 година има намалување на речиси сите услуги и тоа во рамките на универзалната услуга за 5 проценти. Пратките за коресподенција, како услуга која треба да биде достапна до сите корисници е со опаѓање од 4,9 проценти, а влијание врз оваа надолна тенденција има и намалувањето на бројот на поштари од 648 на 549 за една година.

Истражувањето за потребите на корисниците на поштенски услуги за 2023 година кое го направи Агенцијата за пошти покажа дека корисниците сѐ повеќе ја одбегнуваат државната Пошта и избираат друг давател на услуги, најмногу поради брзината на достава и брзото преземање на пратката, но и поради неколкумесечното чекање на своите пратки.

Зградата на Македонска пошта, инаку симбол на брутализмот, остана да стои руинирана во срцето на градот по обемниот пожар кој ја зафати пред 10 години.

Словенечка пошта.

Словенечка пошта.

Словенија – успешна приказна, но синдикатот загрижен поради можна приватизација

Со 5.600 вработени, Словенечката пошта е навистина пример за успешен давател на поштенски услуги кој е доминантен во овој дел на Европа. Поштата на Словенија (словенечки: Pošta Slovenije) е друштво со ограничена одговорност со државна контрола. Седиштето се наоѓа во Марибор. 

„Поради растот на онлајн-продажбата, технолошкиот развој и менувањето на навиките на корисниците, сè повеќе се фокусираме на развојот на извонредни најсовремени операции за логистика и пакети. Во исто време, продолжуваме да обезбедуваме класични поштенски услуги заедно со имплементацијата на најновите дигитални решенија. Како општествено одговорна компанија, чекориме со дигиталните и зелените трендови и во Словенија и во регионот“, стои во описот и целите на компанијата.

Сепак, и покрај добрите резултати, синдикатот на Словенечката пошта е загрижен и смета дека Владата треба да се заложи за зачувување на поштата на Словенија како еден од најголемите работодавачи во земјата и давател на универзална поштенска услуга.

Тие се особено критични кон стратегијата на поштенската групација, која раководството им ја претстави во февруари, но која е класифицирана како деловна тајна. Посочија дека двата поштенски синдикати оцениле дека новата стратегија претставува план кој ќе има исклучително штетно влијание врз безбедноста и нивото на правата на вработените. 

„Уште повеќе, тоа ќе ја отвори вратата за фрагментација и распуштање на капиталот на поатрактивни активности на групацијата, а во исто време ќе го доведе во прашање квалитетот на поштенските услуги“, нагласуваат тие.

Министерот за финансии Клемен Боштјанчич на состанокот на почетокот на април ги уверил синдикатите дека продажбата на поштата не стои зад измените на стратегијата и дека промената во класификацијата на државните инвестиции во нацрт-стратегијата е „исклучиво од технички причини“.

Синдикатот, сепак, изрази загриженост и револт поради планираниот потег. 

„Доколку Пошта Словенија повеќе не е на списокот на стратешки инвестиции, тоа ќе биде основа за приватизација на профитабилните делови на компанијата, како што се пратките пратки и логистиката, додека активноста на универзалната поштенска услуга ќе остане товар на државата, што граѓаните ќе ги чини многу повеќе“, велат тие.

Очекуваат СДХ да не го поддржи продолжувањето на стратегијата на Пошта Словенија, а раководството на компанијата веднаш да се повлече од своите планови и да се посвети на организацијата на работата и управувањето со компанијата во корист на државата, вработените и корисниците. на поштенските услуги.

Српска пошта.

Српска пошта.

Србија – трансформација, па обид за приватизација

Србија донесе одлука што поскоро да ги укине јавните претпријатија и да ги претвори во акционерски друштва или друштва со ограничена одговорност. Промената на статусот на државните претпријатија ќе овозможи и полесен прилив на приватен капитал. 

Оние јавни претпријатија кои исполнуваат еден од трите критериуми ќе се трансформираат во АД - да имаат повеќе од 250 постојано вработени, нивните деловни приходи во претходната година да биле поголеми од 40 милиони евра или вршат технички и организациски сложени активности или активности. преку деловна единица на територијата на Србија. Јавните претпријатија кои не ги исполнуваат овие услови ќе се трансформираат во ДООЕЛ.

На пример, ЈП „Пошта Србија“ имала повеќе од 266 милиони оперативни приходи во 2023 година и повеќе од 14.000 вработени. Тоа значи дека „Пошта“ неминовно ќе стане АД. Големи јавни претпријатија кои ќе се трансформираат во акционерски друштва се и „Србијагас“, „Путеви Србија“, „Србијавоз“ и други. Една година претходно, истото се случи и со „Електропривреда Србије“.

Од „Транспарентност Србија“ критикуваат дека еден од првите проблеми кој ќе се појави е фактот што директорите на АД и ДОО не мора да доставуваат извештаи за приходите и имотот до Агенцијата за спречување на корупцијата.

Немања Ненадиќ од „Транспарентност Србија“.

Немања Ненадиќ од „Транспарентност Србија“.

„Ниту директорите, ниту членовите на надзорниот одбор, акционерското собрание, ниту в.д. директорите нема да мора да поднесуваат извештаи, а тоа ќе се промени само кога ќе се смени концептот за јавен функционер во Законот за спречување на корупцијата“, вели Немања Ненадиќ од „Транспарентност Србија“.

Од друга страна, директорот на Пошта уверува дека Јавното претпријатие „Пошта Србија“ ќе се трансформира во акционерско друштво за многу подобро да функционира и да се приспособи на новите пазарни околности.

„Новата компанија што утре ќе израсне од оваа компанија треба да биде голем гигант како Телеком Србија, огромен потенцијал за нашата земја“, рече в.д. директорот Зоран Ѓорѓевиќ.

Тој изјави дека уште во 2022 година го имал првиот сериозен разговор на тема „Пошта“ да се претвори во акционерско друштво.

„Моја желба и на министерот за финансии е тоа да го направиме на најдобар можен начин, да покажеме како тоа изгледа. „Пошти на Србија“ се трансформира за да функционира многу подобро, да се прилагоди на новите пазарни околности и да биде модерна компанија. Најмалку ќе ги оптоварува работниците, менаџментот, Владата повеќе, бидејќи има многу сегменти што треба да се направат: стратешки документи, нормативни и правни акти, реорганизација, систематизација, евалуација на работните места, технологија и дигитализација“, потенцира Ѓорѓевиќ во интервју за РТС.

На прашањето дали постои можност за приватизација, Ѓорѓевиќ вели не.

„Кога ќе се трансформира, државата ќе биде 100 отсто акционер. Оваа трансформација се случува по линијата на другите западни земји како Австрија. Ги погледнавме Германија, Словенија и Австрија. Можете да видите дека овие пошти, сите големите пошти, ниту една од нив не е приватизирана, тоа е голем потенцијал во рацете на државата, бидејќи тоа е важно за функционирањето на државата“, истакна Ѓорѓевиќ.

Хрватска пошта.

Хрватска пошта.

Хрватска – успешна трансформација

„ХП-Хрватска пошта д.д.“, основана во 1999 година, е акционерско друштво во државна сопственост во Хрватска кое врши поштенски и платежни трансакции. Компанијата е национален поштенски оператор на Република Хрватска.

Во октомври 2019 година, Хрватската пошта ја презеде компанијата „Локоделс“, која е специјализирана за испорака во град во ист ден.

На почетокот на 2020 година, Хрватската пошта успешно тестираше испорака со дрон од задарското пристаниште Гаженица до Преко на островот Угљан. Тоа е дел од пилот-проектот со хрватската компанија „ЕР-РМЛД“, која развива комерцијални и индустриски услуги со дронови. Новите тестови ќе ги покажат можностите за користење на беспилотни летала при доставување писма и пратки меѓу пошти и ќе укажат на потребите на Хрватската пошта за овој тип на технологија.

Хрватската пошта е единствената државна компанија која не ја следи административната структура на земјата со својата организациска структура. Хрватската пошта ја сегментираше својата внатрешна организација фокусирајќи се на поединечни производи и услуги и во исто време интегрирајќи ги деловните сегменти на компанијата во целосна корпорација. Дивизациската организација на Хрватска пошта претставува една од најголемите реорганизации на компании во Република Хрватска.

Компанијата е поделена на четири делови: Пошта дивизија, Мрежна дивизија, Експрес дивизија и Одделение за поддршка.

Инаку, целосна либерализација на пазарот на поштенски услуги се предвидува со влезот во Европската Унија, нешто што автоматски се случи токму во Хрватска.

Нови електрични возила на „Хрватска пошта“.

Нови електрични возила на „Хрватска пошта“.

Развој на поштите на глобално ниво

Според податоците на Универзалниот поштенски сојуз, учеството на услугите за испорака на писма во вкупните приходи на операторите ќе се намали од 50% во 2005 година на околу 29% во 2025 година. Од друга страна, учеството на приходите од испорака на пакети ќе се зголеми од 11% до 36% во истиот период.

Затоа дискусиите за иднината на поштенските оператори се во фокусот на неодамнешните прашања за нивната улога во електронската трговија.

Примери од целиот свет покажуваат дека поштите со нивната мрежа можат да понудат онлајн купување на луѓето во најоддалечените делови на земјата. Исто така, некои пошти воспоставија соработка со големи онлајн продавници или започнаа сопствена онлајн продажба каде што претприемачите и малите бизниси можат да ги понудат своите производи, а предноста на ова е што поштата како бренд им гарантира на клиентите да купуваат проверени производи.

Она што исто така е во фокусот на дискусијата за иднината на поштата е употребата на нови технологии, од модерни поштенски апликации (апликацијата „Post of Serbia“ има најмногу единици и на продавниците на Гугл и на Епл), преку четботови за побрзо комуникација со корисниците и употреба на вештачка интелигенција.

Друга важна тема се начините за оптимизирање на бизнисот, од анализа на податоци која ќе помогне во изборот на најефикасните рути за испорака, до стандардизирање на големината на буквите и читање на рачно напишани адреси, преку подобрување на центрите за сортирање, до набавка на енергетски поефикасни возила или нови начини на испорака (на пр. електрични велосипеди).

Поштите на развиените земји интензивно тестираат дронови како доставувачи.

Image
Newsletter