Ракометната јавност во земјава, но и на Балканот беше насочена кон Скопје, каде што се одигра натпреварот „Легендите на сцена“. Станува збор за ревијален натпревар на кој зедоа учество македонски легенди, но и легендите од Европа, главно што имаа некаква допирна точка со Македонија, иако има и неколку кои не играле во земјава.

Тони Митев, сопственик на „Спортско радио 90,3“.
Ден пред настанот, на официјалната прес-конференција на Универзитетот „Скопје“, кој го поддржува настанот, детали за ракометниот спектакл даде Тони Митев, првиот човек на „Спортското радио 90,3“, кое го организира натпреварот во чест на својата 20-годишнина од постоењето.
„Веќе неколку недели најавуваме ракометен спектакл, па мислам дека многумина се запознаени што ќе се случува. Како ‘Спортско радио 90,3’ постоиме 20 години, но работиме веќе три децении. Годишнината сакавме да ја одбележиме на поинаков начин. Решивме да направиме нешто што многумина размислувале да го направат. Направивме и правиме преубава спортска манифестација, иако беше многу тешко. Успеавме да донесеме луѓе кои освојувале олимпски, светски и европски медали“, изјави организаторот и сопственик на „Спортското радио 90,3“, Тони Митев.

Лино Червар.
Прв збор, како највозрасен и ракометно најискусен, доби тренерскиот маг Лино Червар:
„Немам зборови како да се заблагодарам. Секој ден размислувам за Македонија, за мојата втора татковина. Пресреќен сум што сум денес тука, меѓу пријатели и поранешни соработници, луѓе кои се заслужни за мојата кариера на еден или на друг начин. Сакам да кажам две работи: Македонија е првата држава што има свое Министерство за спорт. Второ, најсигурно се чувствувам во оваа земја, меѓу овие луѓе. Спортот е единствениот кој може да ги собере луѓето. Ривали стануваат пријатели, се простуваат грешките од минатото. И јас сум грешел, не бев совршен тренер, ама вложував во себе и сега сум подобра верзија од себеси. Само спортот може да нè води напред, треба да се одгледуваат децата по примерот на тимскиот дух, тоа е многу важно. Грижа за другарот, за среќата на мојот другар“.

Даниил Шишкарев, двократен европски првак во Вардар.
По Червар, збор доби крилото кое со Вардар освои две европски титули во Лигата на шампионите, Данил Шишкарев. Тој на солиден македонски се обрати од говорницата.
„Тешко е да се каже нешто повеќе по таков оратор како Лино. Се трудам да зборувам на македонски бидејќи тука минав доста години, но помина и доста време оттогаш. Огромна чест ми е да бидам тука, да истрчам на теренот во СЦ ‘Јане Сандански’. Веќе бев во салата, го гледав мечот со Бутел, а кога влегував во салата, се наежив од спомените кои ми се навратија од минатото. Мило ми е што ќе бидам пак тука, што ќе го делам теренот со момците со кои минавме убави денови во Вардар и во Скопје“, изјави Шишкарев.

Филип Миркуловски, координатор на машките селекции во РФМ.
Нешто пократки беа домашните претставници, а прв од нив збор доби легендарниот среден бек и сегашен координатор на машките селекции во РФМ, Филип Миркуловски.
„Сакам да го честитам јубилејот на Спортското радио и мило ми е што се решија да го прослават со ракометен спектакл. Тоа покажува дека ракометот е спорт број еден во Македонија. Чест ми е да бидам тука со ракометни легенди. Можам да ветам само многу забава, можеби не и квалитет, сите заедно да се дружиме и да го прославиме овој јубилеј“, изјави Миркуловски.

Стојанче Стоилов, двократен европски првак во Вардар.
Уште еден двократен европски првак со Вардар, Стојанче Стоилов, беше уште пократок во својата изјава.
„Честитки до Спортско радио за 20-годишнината. Сакам да кажам дека ќе ми биде чест пак да го делам теренот со поранешни соиграчи, но и европски ѕвезди. Низ забава се надевам дека ќе направиме еден спектакл во Јане“, рече Стоилов.
Натпреварот помеѓу македонските и европските легенди се одигра во СЦ „Јане Сандански“.
