Растат цените за одмор, ама туристи има и во Македонија и во регионот

Растат цените за одмор, ама туристи има и во Македонија и во регионот

И со зголемени цени, Охрид и регионот очекуваат добра туристичка сезона

Ново лето – нови планови. Каде на одмор – во земјава или странство? Во регионот или на подалечни дестинации? Некои веќе до крајот на јуни ги искористија старите денови од одмор и заминаа на летување ако се земе предвид дека јуни беше навистина месец со високи температури, некои, пак, допрва прават планови каде да се поминат слободните денови од одмор.  

Ако се суди според статистичките податоци, туризмот во земјава полека закрепнува. Официјалните статистики покажуваат позитивни сигнали за овогодинешната туристичка сезона, според кои од јануари до април годинава бројот на туристи е зголемен над 15 проценти. Раст има и кај домашните и кај странските туристи, а зголемен е и бројот на ноќевања.

Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на туристите во април 2024 година изнесува 81 752, од кои 23.% се домашни туристи, а 77.0% се странски туристи.

Бројот на ноќевањата во април 2024 година изнесува 151 720, од кои 28.8% се од домашните туристи, а 71.2% од странските туристи.

Во периодот јануари – април 2024 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на туристите е зголемен за 15.3 ж%, и тоа: кај домашните туристи има зголемување за 7.4%, а кај странските има зголемување за 19.3%.

Во периодот јануари – април 2024 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на ноќевањата е зголемен за 15.2%, и тоа: кај домашните туристи има зголемување за 15.0%, а кај странските има зголемување за 15.4%, стои во најновото соопштение на Државниот завод за статистика. 

Ако продолжи вака растот, туристичките работници очекуваат годинава да се достигнат рекордни бројки за туризмот во Македонија. Од асоцијацијата на хотелиери се надеваат дека годинава растот во секторот туризам ќе биде над 20 проценти, со што ќе се надминат сите претходни сезони. 

Во лето, Охрид е главна дестинација – се бара место повеќе

Можеби немаме море, но имаме прекрасни езера, планини, реки, и затоа  Македонија има повеќе „адути“ за привлекување туристи. 

А, премалку се епитетите кои можат да се кажат за прекрасниот Охрид и за Охридското Езеро. За време на продолжените викенди кои изминатиов период ги имавме во голем број, Охрид беше преполн со туристи. Освен домашни, има и странски туристи, а од мај традиционално секоја година доаѓаат и оние од Холандија. Така е и оваа година. 

Холанѓаните, години со ред, се едни од најбројните туристи кои летуваат на охридско-струшкото крајбрежје и остваруваат најголем број ноќевања. Ова, во голем дел е благодарение на холандскиот писател А. Ден Доолард која во својот роман „Свадбата на седумте цигани“, кај нас преведен како „Свадба во Охрид“, пишува за својот престој во Охрид и за богатата историја и културно наследство на овој град.

Во Охрид, првите холандски туристи кои дојдоа организирано преку различни холандски тур-оператори како ТУИ и Корендор, според најавите, само од овие два оператори ќе реализираат околу 100 лета од Холандија до Охрид.

Во однос на цените на хотелските аранжмани, кои лани имаа драстичен раст, од Хотам велат дека инфлаторниот притисок полека се смирува, но за да може Македонија да привлече поголем број туристи и за да биде конкурентна пред другите земји во регионот, треба државна стратегија која сега се очекува од новото Министерство за култура и туризам, односно решавање на деталните урбанистички планови, зголемување на хотелските капацитети и подобрување на инфраструктурата, која е на ниско ниво. 

Покрај многубројните активности кои може да се реализираат во Охрид, причина плус да се оди во овој туристички центар е и зголемената музичка понуда во текот на летниот период. Веќе се најавени концерти на голем број музички имиња од земјава и од регионот, а музичката понуда е наменета за сите вкусови, па така во најавите за гостувањата може да се сретнат имиња од турбофолк-сцената, па сѐ до претставници на рок и на класичните жанрови.

Река Црн Дрим, Струга. | Извор: Macedonia Timeless

Река Црн Дрим, Струга. | Извор: Macedonia Timeless

Како Струга – нема друга

Туризмот заживеа и во Струга, иако секогаш може да се направи подобро и повеќе. Туристите, освен Охрид, ја посетуваат и Струга, а таму може да доживеете многу активности од алтернативниот туризам како планинарење, велосипедизам, параглајдерство, рибарство. Може да уживате и во долги прошетки, да се релаксирате со кафе покрај езеро или да се забавувате на плажа. Покрај прекрасните плажи на Охридското езеро, и Струга има многу што да понуди. Барови на плажа за добра забава или плажа каде што вистински ќе се одморите во мир – што и да одберете, нема да за зажалите. Најпознатите плажи се Версус, Аквариус, Автокамп „Ливадиште“, Женска плажа и Машка плажа. Едноставно, Струга е спој на природни убавини и културно наследство.

Вевчани. | Извор: Куд Дримкол Вевчани

Вевчани. | Извор: Куд Дримкол Вевчани

Ако сте веќе во Струга, задолжително тркнете до Вевчани, Радожда и Калишта

Од градот Струга, Вевчани е оддалечено 13,5 километри и е првата македонска општина која е дел од престижната листа на најдобри светски зелени дестинации. Во светски рамки, само околу 500 локации можат да се пофалат со оваа титула. Во ек на туристичката сезона, Вевчани бележи солидна исполнетост. Најактуелни се еднодневни или викенд-екскурзии. Најбројни се туристите од регионот и организираните групи од Холандија и од Полска.

Ако сте во Вевчани, задолжителна е посетата на Вевчанските извори. Главниот извор е сместен во отвор на пештера. За време на прошетката до изворите по уредените патеки и мовчиња, ќе го почувствувате духот на местото

Возење велосипед по планинските патеки, јавање коњи низ Јабланица, посета на многубројните цркви и манастири во живописната природа – сето тоа е дел од активниот туризам, кој е главната понуда секое лето.

Манастир Калишта. | Извор: Off Road Macedonia

Манастир Калишта. | Извор: Off Road Macedonia

Калишта

На пет километри југозападно од Струга, веднаш на брегот на езерото, се наоѓа селото познато по старите цркви и манастири и по рибните специјалитети. Во Калишта, на самиот брег на Охридското Езеро, во природен карпест амбиент се наоѓа манастирот „Рождество на Пресвета Богородица“, меѓу народот познат како Калишки манастир. Во склоп на комплексот влегуваат една пештерска и една нова црква посветени на рождеството на Пресвета Богородица, црквата посветена на светите апостоли Петар и Павле и пештерската црква посветена на свети Атанасиј. Новата црква е обновена во 1977 година, а темелите датираат од XIII век. Во манастирот има монаштво и активен монашки живот.

Радожда. | Извор: Macedonia Timeless

Радожда. | Извор: Macedonia Timeless

Јадење риба во Радожда со поглед кон Охридското Езеро

Радожда се наоѓа на западниот брег на Охридското Езеро. Од градот Струга е оддалечено 11 километри. Селото Радожда е едно од најубавите места во Македонија, а најзаслужни за неговиот шарм се рибните ресторани на платформа на брегот од езерото со многу цвеќе, вкусни специјалитети и спектакуларен поглед. 

Да се јаде риба во Радожда е посебно искуство, зајдисонцата овде се приказна сама по себе, а местото е богато со културни и природни знаменитости.

Преспанско Езеро. | Извор: Macedonia Timeless

Преспанско Езеро. | Извор: Macedonia Timeless

Запознајте ја Преспа ако тоа не сте го сториле тоа досега

Додека е метежот во Охрид, во Преспа се доаѓа за релаксирачки одмор, уживање во природата, далеку од големите метежи. Преспа во себе крие голем потенцијал, неискористени капацитети и природни убавини. Климата, богатото културно-историско наследство и природните богатства се причина повеќе да ја посетите Преспа. Покрај крајбрежјето на езерото се наоѓаат голем број села, населби, летувалишта, викенд-куќи.

Од источната страна на преспанското крајбрежје се наоѓаат селата Љубојно, Брајчино и Долно Дупени. Оддалечени се само 15 минути од Преспанското Езеро.   Ова се едни од најубавите села кај нас. Следува Крани, а на самиот брег на езерото е сместена туристичката населба Сливница. Овде се наоѓа една од најубавите плажи во преспанскиот регион, долга околу 400 метри, со ситен песок. 

На само неколку километри од Претор, во подножјето на планината Баба, е селото Курбиново, каде што се наоѓа познатиот манастир „Св. Ѓорѓи“, а во Подмочани може да го посетите етнолошкиот музеј каде што ќе имате можност да погледнете над 3.000 вредни експонати: прекрасни примероци на накит, оружје, стари монети и преку 200 различни македонски национални носии од различни региони на Македонија.

Отешево некогаш било многу посетувано место. Денес овде постои само еден хотел, а функционира и автокампот Отешево. 

Во Стење се наоѓа една од најубавите плажи во Преспа. Во последните неколку години, туризмот во ова село се развива со силно темпо. Некогашната плажа е целосно обновена, поставени се нов песок и монтажни објекти на самиот брег и во езерото, а изградено е и ново шеталиште.

Голем Град или Островот на змиите

Единствениот остров во Македонија, островот Голем Град се наоѓа во големото Преспанско Езеро. На островот живеат стотици змии, кои според легендите го чуваат богатството на цар Самоил. На островот нема крволочни животни. Тишината на мирното езеро и звукот на инсектите единствено ја нарушуваат јатата од стотици корморани. Од 14 јули 2008 година, Голем Град е отворен за посетителите.

Грција

Каде и да одите во Грција, нема да згрешите. Нема сомнеж дека и оваа година мнозинството Македонци ќе заминат на одмор во Грција. Иако многумина од нив однапред го планираат одморот и веројатно веќе го одбрале аранжманот, сепак има и неколку кои допрва ќе одлучат каде да одат. Голем број туристи веќе уживаат на плажите низ Грција. Цените на храната и пијалаците во маркетите, рестораните и кафулињата го следат европскиот тренд на раст во Европа, па оваа сезона тие се малку повисоки од минатата година.

Халкидики поради близината е најпопуларна дестинација за оние семејства со мали деца и за викенд-бегство на море. Со оглед на тоа што Грција поседува огромен број острови, секој е приказна за себе. Во оваа споредба ќе ги претставиме некои од нив каде што Македонците милуваат да одат на одмор.

Тасос, Грција. | Извор: Tripadvisor

Тасос, Грција. | Извор: Tripadvisor

Тасос

Тасос навистина е скапоцен камен на Егејското Море. Островот е богат со шуми, каменоломи од мермер, злато, маслиново масло и мед. Тој е еден од најпривлечните егејски острови. Тасос својата убавина ја оправдал кај туристите како и кај мештаните благодарение на прекрасните плажи што никогаш не се претрупани со туристи и каде што секогаш можете да најдете своја сопствена плажа на која ќе уживате во недопрената природа. Рајската плажа, Мермерната  плажа, Салиара, Златната плажа, се едни од најубавите на островот. 

Лефкада

По само неколку дена престој, овој остров го пленува секој посетител, па така ќе останете без зборови да ја опишете неговата убавината. Јонскиот брег со скриените плажи е вистинскиот магнет кој во последните години се вбројува во самиот врв на светските дестинации за одмор. Центарот за сурфинг во јужниот дел на Лефкада, како и можноста за екстремен сурфинг со падобран на северниот дел од островот, го вбројуваат во самиот врв на атрактивните дестинации. Неговиот најпознат туристички бисер на источната страна од островот е гратчето Нидри, а пак на западната страна кон отвореното море - живописното гратче Агиос Никитас. Порто Кацики, Егремни, Катизма, Василики, се плажите кои задолжително треба да ги посетите.

Скијатос, Грција. | Извор: visitgreece.gr

Скијатос, Грција. | Извор: visitgreece.gr

Скијатос

Припаѓа во групата на Северни Споради, изобилува со борова шума, пространи плажи со ситен песок и кристално чисто море. Заедно со островите Хвар, Елба и Корзика припаѓа во групата на најзелените и најшумовитите острови во Европа. Островот Скиатос има површина од 50 км2 и преку 50 плажи со различна тематика. Овој остров, иако не е многу голем, нуди многу забава за сите возрасти, па затоа е омилен и помеѓу младите, но и помеѓу семејствата кои патуваат заедно. Во градот можете да уживате на прошетка покрај пристаништето, да седнете во една од многуте таверни, да навлезете низ тесните улички со продавници, а тука се и прекрасните кафулиња каде што може да се освежите со превкусен коктел.

Драч, Албанија. | Извор: Tripadvisor

Драч, Албанија. | Извор: Tripadvisor

Албанија одлично „гази“ со туризмот

Албанија ќе ја дочека новата сезона со повеќе странски туристи од пред една година, барем кога се во прашање прогнозите на туристичките работници. Тие се задоволни со резервациите за албанското крајбрежје, особено во летувалиштата „ол-инклузив“ по должината на јадранскиот и на јонскиот брег. 

Според Агенцијата за туризам на ОН, во 2023 година, Албанија беше на четврто место во светот во однос на највисок процентен пораст на меѓународните туристички пристигнувања забележувајќи раст од 56 проценти во споредба со 2019 година. На пример, Албанија пречека 7,5 милиони туристи во 2022 година, а во 2023 година дури 10,1 милиони. 

Околу 974 илјади странски туристи ја посетиле Албанија во текот на месец мај, со што вкупниот број се искачи на повеќе од 3,3 милиони во првите пет месеци од годинава, па не е изненадување што очекувањата се големи кога е во прашање оваа сезона.

Драч, често се нарекува главен град на албанскиот туризам и има фер однос на цена-услуга. Овде велат дека летната сезона многу добро започна. Инаку, продолжувањето на сезоната од мај до крајот на октомври беше многу успешно минатата година, кога само Драч го посетиле околу 1,5 милиони туристи.

Се поголемата разновидност на понуди секако придонесува за растот на туризмот во Албанија, па во последните неколку години се изградени многу одморалишта кои според турскиот принцип нудат одмори кои вклучуваат сеопфатна услуга. .

Поскапувањето се чувствува и овде, па така оброк во ресторан кој во претходните години чинел околу две илјади леки, односно 16 евра, сега ќе изнесува 19 евра. 

Има, сепак, хотели со ол инклузив каде сè уште е можно да се резервира одмор за четиричлено семејство до 1.500 евра, додека цените на југот од земјата се такви што сместувањето за седумдневен одмор во хотел на база полупансион е околу 600 евра. Сепак, дел од туристичките оператори велат дека Албанија се уште нема капацитет да се справи со толку голем прилив на странци. Освен Драч во Албанија можат да се посетат и Ксамил, Саранда, Валона, Химара, Дерми. 

Ксамил е близу Саранда и овде се едни од најдобрите албански плажи, Саранда е главниот град по должината на албанската ривиера и овде вреди да се запре за да се почувствуваат градовите на плажа во Албанија. 

Како дестинација за одмор, Валона  може да се пофали со релаксирачки туристички плажи со кристално чисти води и шармантни одморалишта сместени во планините. Химара е мал град на албанската ривиера, на Јонското Море, со извонредни плажи во самиот центар и околината. Градот се наоѓа на околу 3 часа јужно од Тирана и еден час од Саранда. Местото е особено популарно меѓу семејните гости кои сакаат потивок одмор.

Свети Стефан, Црна Гора. | Извор: Times

Свети Стефан, Црна Гора. | Извор: Times

Црна Гора

Цените за летување во Црна Гора оваа година ќе бидат значително повисоки во споредба со изминатите години, покажуваат најновите податоци. 

Според изјавите на претставниците на туристичките агенции, се очекува цените на аранжманите да пораснат за околу 20% во споредба со минатата година. Сепак и покрај зголемените цени туристичките работници од Црна Гора се надеваат дека ќе го одржат успехот на летната сезона. 

Просечната цена за ноќевање за четиричлено семејство се очекува да биде околу 70 евра на ден, што сѐ уште е конкурентна понуда во споредба со слични дестинации како Хрватска и во Грција.

Сезоната во Црна Гора е започната, а морето е невообичаено топло за ова време од годината, велат туристи кои во моментов се таму на летување. 

Сепак, за да уживате под чадор и на лежалки, секако, треба да потрошите пари. Во Тиват моментално за комплет лежалки и чадор ви требаат 15 евра, додека на плажите надвор од градот за комплет бараат и 20 евра.Што се однесува до другите цени, за фрапе на плажа треба да потрошите 2,5 евра, а за парче пица од три до три и пол евра, сведочат туристите. 

Во Улцињ, пак каде мнозинството се муслимани се отвора и првата плажа за само жени кои носат хиџаб. Тоа ќе биде помало место од затворен вид, со капацитет од 10 – 20 лежалки. Пристапот на сите останати ќе им биде забранет.

Најпопуларните дестинации во Црна Гора се разновидни и привлекуваат туристи со својата убавина и културно наследство. Будва е позната по песочните плажи, Стариот Град и богатиот ноќен живот, Котор е совршено место за љубителите на природата, Тиват е модерна дестинација која нуди одлични можности за шопинг и одмор и е познат по својот луксузен марински комплекс Порто Монтенегро, Херцег Нови е идеално место за оние кои сакаат да комбинираат култура со релаксација на море.

Шибеник, Хрватска. | Извор: Travel+Leisure

Шибеник, Хрватска. | Извор: Travel+Leisure

Хрватска е прекрасна, но станува прескапа за земјите од Западен Балкан!

Во Хрватска лани се одморале 19,5 милиони туристи, од нив 17 милиони биле странски гости. Бројот на туристите во Хрватска се зголемил за 9,7 отсто, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика. Лани од туристите Хрватска заработила 14, 6 милијарди евра. 

Хрватска е прекрасна, но за поголем дел од Македонците е скапа дестинација за летување, повеќе наши граѓани одат на сезонска работа, отколку на одмор. Во Хрватска минатата година имало намалување на туристите од Босна и Херцеговина и Србија. И овие земји, не се меѓу топ 10, чии туристи најмногу одморале на хрватското крајбрежје. Експертите ова го објаснуваат со поскапувањето на туристичките услуги  во Хрватска. 

Најмногу туристи во Хрватска имало од Германија, Австрија и Словенија. Пораст на бројот на странските туристи имало и од азиските земји. 

Но, како и да е, доколку одите на одмор нема да зажалите затоа што хрватската ривиера плени со со својата убавина без разлика дали одите во Истра и северниот хрватски брег (Пула, Ровињ, Риека, Опатија, Крк, Раб, Пореч, Новиград), Задар и централниот брег (Задар, Паг, Сплит, Хвар, Брач, Макарска, Вис) или Дубровник и јужниот брег (Дубровник, Корчула, Мљет).

Image
Newsletter