Годинава земјава ја напуштиле 16% од младото население, покажуваат податоците на Светска банка. Статистиките посочуваат дека заклучно со 2010 година, се иселиле 440.000 граѓани од земјава.
Од 2010 година до денес се иселиле 440.000 граѓани од земјава. Мотивите за заминување во странство се невработеноста, ниските плати, лошиот животен стандард во Македонија.
Но, кога зборуваме за иселувањето на младите, не може да посочиме една причина. Според проф. д-р Татјана Стојановска-Иванова, постојат повеќе причини зошто се иселуваат младите од државата. И ова не е феномен кој е сега актуелен, туку се случува во последните дваесетина години. Затоа и настанува демографската разлика во однос на категоријата граѓани што се иселуваат. Порано се иселувале најчесто личности што оделе на печалба, најчесто машкиот член на семејството. Денес имаме категорија граѓани што се иселуваат и тоа млади, помеѓу 20 и 30-годишна возраст.
„Постојат повеќе фактори од социолошки аспект. Прво, економската состојба односно економските причини се категорија што секогаш била доминантна. Во смисла, потрага по подобро утре, за себеси и за сопственото семејство. Особено порано, во западноевропските земји како што се Германија, Швајцарија и Австрија, се иселувале заради тоа што примањата и материјалниот бенефит биле поголем отколку во нашата држава, а и она што ќе било сработено, повеќе се почитувало. Тоа е економската причина, која е главна. Меѓутоа, денеска имате категорија граѓани што се иселуваат и заради подобар статус во општеството, подобро образование, кога зборуваме за младите. Она што е исто така социолошки особено значајно е самиот систем. Значи, последните истражувања што се прават, токму го споменуваат нефункционирањето на системот. И преголемата партизација што се случува кај нас. Особено, високообразовните кадри, ако не се политички определени или не сакаат да бидат тоа, честопати се соочуваат проблемот да не можат првенствено да се вработат, или ако се вработат, кариерниот развој, напредувањето во однос на работното место, не можат да го остварат ако не се политички припадници. Оваа 30-годишна транзиција што ние сѐ уште ја боледуваме, ни ги остави тие последици, сѐ уште да постои преголема партизација. Посебно во јавниот сектор, меѓутоа и во соодветните институции каде што по правило треба најквалитетниот да просперира и да успее“, појаснува професорката и истакнува дека, за жал, кај нас имаме доста квалитетен кадар што си замина токму поради таа партизација и поради нефункционирањето на системот.
„Она што им пречи особено на образованите млади е тој систем што не функционира како што треба по сите стандарди. И кога се соочувате со една бирократизација во секој поглед, нормално повисокиот степен на образованието кај младите којшто го остваруваат во нашата држава придонесува тие да ја разбираат ситуацијата и да сакаат да живеат во држави каде што функционираат системот, институциите. Каде што кариерниот развој, напредокот оди според бенефитот, според тоа што ќе го остварат, според квалитетот и компетенциите што ги поседуваат, без влијание на политичката ситуација или партиската припадност. Тоа се најчесто причините, иако некои одат и за напредување во кариерата, особено категоријата лекари, бидејќи цела Европа се соочува со проблемот на недостиг од квалитетен медицински кадар. Ако имате лекари што, да речеме, неколку години чекаат работа или се вработиле но не напредуваат, а имаат компетенции, специјализации, супспецијализации, тие тогаш заминуваат во странство. Тоа се главните причини“, вели Стојановска-Иванова.
Иако постојат податоци колку луѓе се иселиле од земјата, според професорката процентот статистички се зголемува, па никогаш не ја знаеме точната бројка.
„Имате податок дека над 200 илјади луѓе се иселиле. Тоа е официјална бројка. Меѓутоа, ние во социологијата додаваме одреден поголем процент бидејќи имате некои што имаат работна виза, одат во странство и остануваат. Имате дури некои што склопуваат и фиктивни бракови за да останат во другите држави. Некои го продолжуваат своето образование, добиваат стипендии за додипломски, постдипломски студии и остануваат. Никогаш не можете прецизно да зборувате за одредена бројка. Дури велам, и статистиката дава определени податоци, меѓутоа не ги земаме за потполно релевантни, бидејќи, како што споменав претходно, има категорија граѓани што наоѓаат други начини: со дообразување, со одредено стипендирање во однос на образованието, потоа склопување брак, привремена виза за престој, туристички престој, а потоа остануваат. И затоа не можеме да зборуваме за конкретни бројки“, заклучува професорката.

Касапски: „Во Шведска сум 3 години и немам чувство дека таа е мојот втор дом, ако воопшто и е можно да се роди такво чувство во различна земја од сопствената.“
Куферот секогаш подготвен за враќање назад
Светот денес е меѓусебно поврзан и мултикултурен благодарение на новото време во кое живееме и модерната технологија. Културолошко-социјалните разлики се очигледни, а информациите многу достапни, па многу е полесно човек да расуди и да донесе одлука за некои работи. Воден од оваа мисла, дипломираниот пијанист и автор Панче Касапски се преселил во Ескилстун, Шведска. За него било предизвик да биде опкружен со луѓе и систем со квалитетни вредности, да се надградува и да се усовршува професионално во земја што е поразвиена и која генерално нуди многу подобри услови за живеење. Истовремено, не ги запоставува ниту авторската кариера ниту соработува со нашите изведувачи.
„Денес, светот никаде не е совршен но, некаде е подобро, а некаде полошо место за живеење. Искрено, овде сум само 3 години и немам чувство дека Шведска е мојот втор дом, ако е можно воопшто да се роди такво чувство во различна земја од сопствената. Но, не гледам така на работите. Мојот дом е Македонија, таму е мојата фамилија и моите најблиски, но ако треба да го дефинирам моето чувството, би рекол дека Шведска е мој близок роднина што ми дава поддршка побргу да стигнам до своите зацртани цели, на еден многу релаксиран и рамноправен начин. Оваа земја безусловно го споделува својот спокој. Несебично ги споделува и своите ресурси, би се рекло дури и со доза на наивност ако се следат случувањата овде во контекст на загрозената безбедност неодамна. Нуди рамноправност, еднаквост и гаранција дека вие сте најголемиот фактор при креирањето на вашата иднина и дека во најголема мера зависи од вас дали ќе ги остварите вашите зацртани цели“, вели Касапски, дипломиран пијанист, кој ја истакнува и разликата во комплетното културолошко знаење споредбено со Балканот.
„Верувања, убедувања, историја, вредности, сѐ е поразлично, или едноставно само ,нормално‘, кога сме веќе кај вредностите. Условите за работа и односот на вработените на почеток овде беа изненадувачки. Како за пример, училиштето во кое работам, иако е општо училиште со предмет по музичко образование, поседува клавијатура за секое дете (16 во група ), 20 гитари, музичко студио за вежбање, лиценцирана платформа за правење музика, неколку електрични сетови тапани, лаптоп за секое дете и многу други услови за работа и професионален развој за вработените. Такви, за жал, ги немаме дури ниту во државните музички центри и универзитети во нашата држава. Работната атмосфера во Македонија беше одлична. Сите мој драги колеги таму се професионалци во својата работа“, вели Касапски.
На младите во Македонија им порачува да ги зацртаат своите цели, да ги следат своите соништа и никогаш да не ги менуваат поради тоа што го наметнуваат околностите или некои луѓе. Храбро да стојат зад своите желби, интуиција и одлуки. И без разлика дали ќе биде тоа Скопје, Њујорк, Лондон или Каменица, најбитна е среќата, а таа може да се пронајде секаде, проверено, вели Касапски кој е и автор на повеќе песни изведени и наградени на македонските фестивали.

Смилеска Петков: „Ми недостасува топлината на македонскиот народ, пријателите и роднините.“
Животот во развиена европска земја, иако нуди многу погодности, преселбата на друг континент е многу потешка од повеќе аспекти. Симона Смилеска-Петков, која се преселила во Австралија пред 10 години, нагласува дека треба да вложиш многу за да се приспособиш. Таа е дипломиран професор по математика, медицинска сестра и квалификуван асистент за деца со посебни потреби. Од понеделник до петок работи во „ОЕТ“, компанија што се занимава со тест по англиски јазик и е дел од Универзитетот Кембриџ од Англија и Боксхил од Австралија, а во саботите предава македонски јазик во Викториското државно училиште за странски јазици. Живее во Џилонг, град од околу 250.000 жители, втор по големина во Викторија, на само педесетина километри југозападно од Мелбурн.
„Животот во Австралија е многу брз. Не можам да кажам дали е подобар, но сигурно е многу различен. Верувам дека така е и кај нас во нашата Македонија. Навистина треба да сакаш и да се потрудиш да се приспособиш на овдешниот живот. Мислам дека сѐ уште сум спремна со куферот да заминам назад зашто ми недостигаат топлината на македонскиот народ, пријателите и роднините. По неколкугодишна голгота да најдам работа, дојдов случајно до информација дека во едно училиште во Џилонг се изучува македонски јазик. Тогашниот наставник, македонски иселеник Љупчо, ми кажа дека сум квалификувана да предавам македонски јазик. Тоа ми даде надеж и желба да останам овде и да ги промовирам јазикот и македонската култура. Стапив во контакт со тогашната учителка по македонски јазик во нашиот град и таа ме покани да му се приклучам на Друштвото на македонски учители во Викторија. Така станав активен член и доброволно се пријавив да бидам дел од тимот волонтери што го креираше македонскиот јазик на онлајн-платформата „Едукејшн перфект“. Така, македонскиот јазик се најде рамо до рамо со сите светски јазици и може да го изучуваат децата од цел свет преку оваа платформа. Тоа беше промовирано на локални телевизии и во локалните македонски дневни весници во Австралија“, открива таа. Во март 2020 година почнала да работи на замена во Викториското училиште за јазици како учителка по македонски јазик. Во јули таа година, ѝ било понудено работно место во Џилонг, кое го прифатила и сѐ уште е таму.
„Јазикот го промовираме на различни начини: преку социјалните мрежи, во црквите, во македонските клубови, места каде што се движат Македонци, македонски фестивали, преку медиуми, како локално радио, „SBS“, локални телевизиски канали и на многу други места. Од пред две години формиравме друштво на македонски учители низ светот и имаме успешна соработка со сите колеги и колешки од целиот свет. Кога почнав да предавам македонски јазик, во класот имаше десетина ученици. Тој број порасна до 23. Децата учеа и се забавуваа сѐ до пандемијата. Потоа бројот драстично опадна и многу е тешко да се врати“, посочува таа и дополнува дека во метрополата има поголем број ученици во саботните училишта, како и повеќе паралелки. Подучува деца од различна возраст, од седум до осумнаесет години.
„Тоа е еден од повеќебројните фактори поради кои немаме поголем број ученици. Има многу Македонци, но интересот опаѓа зашто веќе децата на иселениците се од трето или четврто поколение. Голем број од децата се од мешани бракови и дома не зборуваат македонски јазик. Тие ученици се соочуваат со поголеми тешкотии во изучувањето и малкумина го завршуваат образованието по македонски јазик. Миграцијата од Македонија не е масовна како во минататото. Не само од Македонија, туку и од Европа, па затоа тивко изумираат сите европски јазици во Австралија. Ние се трудиме на секој можен начин да го поттикнеме интересот за изучување на македонскиот јазик, но, за жал, од мое лично искуство поддршката од Македонската заедница е толку минимална, речиси никаква. Воопшто не го промовираат македонскиот јазик кај децата така како што доликува“, заклучува Смилеска-Петков.