Словенците најмногу го користат железничкиот сообраќај
По неколкумесечно намалување на бројот на патувања во железничкиот сообраќај поради рестриктивните епидемиолошки мерки, овој сообраќај се враќа на вистинскиот пат, па во третиот квартал од минатата година забележа значителен пораст на бројот на патници, соопшти Евростат.
Во 20-те земји членки на Европската Унија, во споредба со истиот квартал од претходната година, бројот на патници во железницата е зголемен во третиот квартал во 2021 година. Но и покрај овие податоци, бројот на патници е сѐ уште под нивото пред стартот на пандемијата.
Споредбено со третиот квартал од 2020 година, најголем пораст во овој сектор е забележан во Словенија, и тоа за 45%, во Ирска растот е 42%, во Италија за 30%, а во Шпанија 29%.
Во истиот квартал и во споредба со истиот период лани, во Летонија имало 12% помалку патници, во Хрватска е забележан пад од 3%, а во Чешка од 1%.