Во присуство на бројни дипломати, бизнисмени, универзитетски професори и медиуми, пред платото на Универзитетот Скопје беше одбележан Светскиот ден на туризмот, 27 Септември.
Но, овој ден не беше единствената причина за прослава на Универзитетот. Голем број гости присуствуваа на свечениот коктел по повод ребрендирањето на УТМС во Универзитет Скопје. Се славеа светските признанија, домашните награди, се промовираше Магазинот за туризам и менаџмент, кој успешно се позиционираше на медиумскиот пазар, а се најави и отварањето на ново студентско радио во медиумскиот етер. Посебна гордост за цел универзитет беше и промоцијата на новата химна и видеоспотот за Универзитетот Скопје.
Проф. д-р Сашко Граматниковски, декан на Факултетот за туризам на УТМС.
Деканот на Факултетот за туризам на Универзитетот Скопје, проф. д-р Сашко Граматниковски, ги поздрави присутните на прославата по повод Светскиот ден на туризмот и нагласи дека Универзитетот ги слави не само убавината и различноста на светот, туку и можностите што ги носи туризмот во нашите животи.
„Целта на овој ден е да се подигне свеста за улогата на туризмот во меѓународната заедница. Човечката желба за патувања и истражувања е универзална, затоа туризмот мора да биде отворен секој да може да ужива во него, а многуте социјални и економски придобивки што ги носи да бидат достапни за секого. Тема на овогодинешниот Светски ден на туризмот е ,туризмот и зелените инвестиции!‘. Светската туристичка организација ја нагласува потребата од повеќе и подобро насочени инвестиции за луѓето, за планетата и за просперитетот. Сега е време за нови и иновативни решенија, а не само за традиционални инвестиции кои го промовираат и го поткрепуваат економскиот раст и продуктивноста. Овој пристап бара балансирање на управувањето со животната средина, економската одржливост и социо-економското зачувување за да се овозможи долгорочна одржливост. Инаку, Светскиот ден на туризмот нѐ повикува да се здружиме во една глобална прослава на нашата колективна посветеност за поодржлива и попросперитетна иднина. Да продолжиме да ја негуваме неверојатната привилегија што ни ја дава работењето во туризмот и заедно да создадеме иднина каде што туризмот ќе стане движечка сила, збогатувајќи ни ги животите и обединувајќи нѐ во нашата заедничка хуманост. Во духот на овогодинешата тема на Светскиот ден на туризмот, да се потсетиме на едно безвременско мото на вистинскиот туризам, кое гласи: ,Не земај ништо освен спомени и не оставај ништо освен стапалки‘! Нека ни е честит Светскиот ден на туризмот“, изјави проф. Д-р Граматниковски пред присутните гости.
М-р Билјана Трендафилова, главен и одговорен уредник на Магазинот за туризам и менаџмент.
„Иновираме и создаваме нови медиуми. Целта без план е само желба, но ако се усогласат желбата и планот, може да имаме долгорочен успех. Така и го прифатив предизвикот на ректорот Миленковски да го создадеме заедно Магазинот за туризам и менаџмент во издание на Универзитетот Скопје“, изјави м-р Билјана Трендафилова, главен и одговорен уредник на Магазинот, кој беше промовиран на прославата по повод 27 Септември, Светскиот ден на туризмот, во организација на Универзитетот Скопје.
„Голем е предизвикот да се води медиум, без оглед дали станува збор за телевизија, радио, весник. Впрочем, патот до успехот никогаш не е лесен, потребни се напорна работа, посветеност и храброст. Општество кое не се менува, не можеме да кажеме ниту дека напредува. Септември е месец кога ги поставуваме новите цели и носиме нови одлуки. Живееме во турбулентни времиња кога зборот може да направи војна, но зборот може и да заврши војна. Во ова време на дигитализација и на наплив од достапни информации, Универзитетот Скопје почна нов проект со цел да го вратиме пишаниот збор во фокус на идните генерации. Денеска можеме сѐ да прочитаме на интернет, но многу е поважно професионално и стручно да ги разбереме причините зошто нешто се случило. Во Магазинот за туризам и менаџмент можете да прочитате атрактивни интервјуа, анализи базирани на факти и бројки, компарација на Македонија со европските земји. Ги пренесуваме убавините на нашата татковина, а одблиску ја промовираме и академската фела од нашиот Универзитет, која 18 години се труди и успева да ги следи и да ги применува современите високообразовни трендови. Во нашиот Магазин пренесуваме успешни животни приказни, кои се пример и инспирација за идните генерации. Најважно од сѐ и во животот и во пријателството и во бизнисот е да бидеме професионални, да не се плашиме од тимска работа и да бидеме посветени и упорни. Тоа го прави Универзитетот Скопје“, изјави Билјана Василева-Трендафилова, главен и одговорен уредник на Магазинот за туризам и менаџмент.
Промоција на новиот спот за химната на Универзитетот Скопје, „Мојот универзитет“.
Главниот говор по повод Светскиот ден на туризмот го имаше ректорот на Универзитетот Скопје, проф. д-р Аце Миленковски, кој ги најави новиот спот и новата химна на Универзитетот.
„Сакам посебно да му се заблагодарам на тимот што ги направи новиот спот и новата химна на Универзитетот Скопје. Се собравме тука за да го направиме овој ден уште повеличествен. Ви благодарам што сте тука во толку голем број и ви се поклонувам до земја. Да, се ребрендиравме. Долго време размислував за нашето ребрендирање, што да правиме, дали е тоа вистинскиот чекор. Како дојде идејата да се викаме Скопје... Почнавме како факултет за туризам во 2006 година, а набргу потоа создадовме универзитет согласно законските прилики и прописи во 2008 година, кога се нарековме Универзитет за туризам и менаџмент. Меѓутоа, од 2010 година, членуваме во Светската туристичка организација и неретко или многу често, таму на седниците на Извршниот совет и на седниците на Собранието на оваа светска организација, не нѐ повикуваа, ,ајде, Универзитетот за туризам и менаџмет што мисли‘, туку ,ајде, што мисли Скопје, ајде, Универзитет Скопје, што ќе кажете вие‘. И така, кога се враќавме од каде било, секогаш разговаравме, а – зошто да не се викаме ние Универзитет Скопје? Името Скопје за мене значи многу. Јас сум овде роден, ова е моето Скопје и никому не го давам. Исто како што нашата заедничка татковина ја нарекувам мојата Македонија, и вечерва тука ќе ја славам со вас!“, рече проф. д-р Аце Миленковски, ректор на Универзитетот Скопје, објаснувајќи ги мотивите за новото име на поранешниот Универзитет за туризам и менаџмент, на прославата што ја организираше по повод Светскиот ден на туризмот.
Миленковски во својот говор истакна дека Универзитетот Скопје, кој е лидер во високото образование во Македонија, неодамна доби и меѓународно признание за најдобар Универзитет во деловното образование, како и за неговото значајно влијание врз образованието на следната генерација на бизнис-лидери. На ректорот на Универзитет Скопје, проф. д-р Аце Миленковски, му беше доделена и титулата „Амбасадор на образованието за 2023“.
Проф. д-р Аце Миленковски, ректор на Универзитетот Скопје.
„Најновата награда на нашиот Универзитет е онаа што ја добивме во Рим, точно на Преображение. На 19 август бевме гости во Рим, каде што нѐ вброија во стоте најуспешни компании. Меѓународниот институт за бизнис нѐ побара врз основа на нивни истражувања. Параметрите за успех не се само финансиски биланс иако велат дека поприлично покажуваме многу пари. Тоа е затоа што ние имаме голема општествена одговорност и парите не сакаме да ги трошиме само за нас. Таа организација, Меѓународниот институт за бизнис, ме прогласи за Амбасадор на образованието за оваа, 2023 година, за што сум им многу благодарен“, кажа проф. д-р Миленковски, кој на крајот од својот говор пред присутните ги најави и новата химна и спот на Универзитот Скопје.
На свечената промоција, Универзитетот Скопје им додели и сертификати за завршена обука на десет млади туристички водичи од руралните средини. Сертификатите се добиени како резултат на соработката на Универзитетот Скопје и на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, а преку ИПА-проектот за прекугранична соработка меѓу Македонија и Грција.
Инаку, Универзитетот Скопје во изминатата година активно ги поддржа сите амбициозни и талентирани личности да се запишат и да стекнат знаење на една од најдобрите високообразовни институции во земјава. Се стипендираа стотици млади луѓе, талентирани спортисти, а Универзитетот доби и награда за општествена одговорност кон младите луѓе.