Овој декември може да се види еден од најлуксузните хотели во светот. Угостителскиот синџир „Сент Риџис“ ги отвора вратите од новиот хотел со 17 ката, кој се наоѓа во Џакарта, во познатата градска област Златен триаголник.
Раскошот може да се забележи уште на самиот влез во хотелот. Внатрешниот ентериер е украсен со уникатни мермерни парчиња и со големи луксузни лустери. Хотелот е на површина од речиси 2.900 квадратни метри, а во него има 254 сoби и 28 апартмани. Почетна цена на собите за ноќевање е 270 долари.
Најголемиот апартман, познат и како „Caroline Astor Suite“, е на површина од 80 квадратни метри простор со приватен балкон со поглед на раздвижениот град. Во хотелот има и 164 луксузни приватни апартмани што се изградени надворешно, покрај хотелот, за оние што сакаат да останат подолго време.
„Caroline Astor Suite“ е на површина од 80 квадратни метри
Хотелот нуди осум различни ресторани за јадење, со посебни техники на готвење. Во едниот може да се искуси интернационална кујна, во друг може да се видат азиски специјалитети. Во еден дел од рестораните постои и мени за брзо освежување, а во еден дел од хотелот постои кујна со мали оброци, кои може да се однесат и во соба.
„Сент Риџис“ има посебен дел наменет за забава во живо, каде што се служат различни коктели или шампањ.
Како и секој хотел од повисок ранг, така и „Сент Риџис“ има спа-центар, кој се оценува дека е со врвен квалитет и голема понуда. Во него гостите можат да одберат помеѓу цветна бања, нега на лицето, масажа за ослободување од стрес и пилинг за целосно подмладување.
„Заедно со нашиот тим, се радувам што ќе го донесам култното наследство на брендот ,Сент Риџис' во Џакарта и што ќе создадеме нов репер за исклучителни искуства за нашите гости“, вели Маркл Хендл, генерален директор на „Сент Риџис“ во Џакарта.