Гордана Силјановска- Давкова „Ќе се обидам да ги разбудам македонските лавови“
„Ние сме тие што на дело покажуваат дека сме Европејци”
Гордана Силјановска-Давкова, македонски универзитетски професор, правник, во 2020 година станува пратеник во македонското Собрание. Нејзиното искуство е богато, покрај академските, успешно се справува и со политички функции, иако накратко. Во својата кариера, прво била избрана за асистент по предметот Политички систем на Правниот факултет во Скопје, потоа за доцент по Уставно право и политички систем, а во 2004 година станува редовен професор. Била член на Уставната комисија на Собранието на Република Македонија и министер во Владата од 1992 до 1994. Станува и експерт за избори на ООН и потпретседател на групата Независни експерти за локална самоуправа при Советот на Европа. Член е на Венецијанската комисија. Силјановска-Давкова е автор на стотина научни трудови за уставното право и политичкиот систем. Приватно – мајка, сопруга, жена. Борец за права и правдина.
„Да живееш значи да се бориш: робот – за слобода, а слободниот – за совршенство“, вака говорел големиот Јане Сандански. Денес, 109 години по неговата смрт, деформирани се сите вредности. Но, време е да ја направиме Македонија повторно горда!
Со верба и визија дека Македонија може да стане пристојно европско место за живеење, но без наведната глава и без притисоци кон македонскиот идентитет, професорката по уставно право Гордана Силјановска-Давкова, по втор пат одлучи да ја бие битката за шеф на државата. Но, тоа да го стори гордо!
Таа е една од седумтемина кандидати за претседател што ја заокружуваат изборната кампања пред гласањето на 24 април. Како ќе владее ако ја добие довербата и што може да промени како претседател, може да се слушне од нејзините говори пред граѓаните низ цела Македонија.
24 април некако доаѓа како предигра на 8 мај, кога ќе биде затворена една тешка, грда фаза од владеењето и ќе започне една нова реформска фаза.
„24 април некако доаѓа како предигра, бидејќи тогаш работите ќе се разјаснат. А се разбира, јас мислам дека на 8 мај ќе биде затворена една тешка, грда фаза од владеењето и ќе започне една нова реформска фаза. За тоа навистина се потребни умни, чесни и посветени луѓе! Луѓе што ќе ги стават државните и национални интереси пред кои било други! Луѓе што одважно и достоинствено, ќе бараат од големите и од средните држави, па и од ЕУ и сите држави во неа, заслужена почит! Луѓе што ќе бараат и ние да итаме во исполнувањето на Копенхагенските критериуми. Да не се занимаваме и да не го губиме времето на докажување дека сме тие што сме! Да барате од некого да докаже дека е човек, дека е жена, дека е Македонец, тоа е непристојно!“, посочи таа.
„Кога одите во втор мандат, ако сте успешни, треба да кажете дека сѐ што сте ветиле, сте оствариле. Ама, ако немате отчет, а немаат ниту една страница да пополнат со отчетот, мислам дека е јасно дека не работеле за потребите на граѓаните! Затоа се делегитимирани“, порача Силјановска-Давкова.
За да тргне државата во добар правец, најважно е власта да ги спречи и криминалот и корупцијата. Таа рече дека ќе прави нешта што не ги правел актуелниот претседател, еден од нејзините противкандидати во трката за претседател. Ќе се доближи до граѓаните преку народните канцеларии, ќе се обраќа пред пратениците, ќе става вето на закони за кои ќе смета дека не се добри, а ако е потребно, и ќе излезе на протести со граѓаните.
„На почетокот од 2000 година, Роберт Хајслоп ќе рече: ,Сите држави имаат мафија, ама на Балканот има опасност мафиите да имаат свои држави‘. Сега кога ги гледам состојбите со корупцијата и со криминалот, барам некаков излез, читам дека во Италија на времето донеле еден закон против мафијата и сега го препорачуваат. И да, она што всушност е дел од Програмата на ВМРО-ДПМНЕ е дека битката со мафијата мора да биде бескомпромисна, дека битка со мафијата е многу тешка, но мора да почне оти криминалот и корупцијата се системски. А, ликови што прилегаат на оние од мафијата се вгнездени на највисоките позиции, и тие или со чинење или со нечинење, со гледање и со помагање, се исто така соучесници. Значи, не чека тешка битка!“, рече кандидатката за претседателка на државата Силјановска-Давкова.
Ликови што прилегаат на оние од мафијата се вгнездени на највисоките позиции
Според Силјановска-Давкова сликата за Македонија во светот ја даваат државните претставници и затоа сме држава што не ужива углед во светот.
„Се плашам кога сегашните државни претставници се среќаваат со странци и се прашувам што ли ќе кажат, дали ќе стојат на ставот. Одат со еден став, се враќаат со друг став, а потоа воопшто немаат никаков став, и затоа не заслужуваат почит“, вели кандидатката за претседател на државата Силјановска-Давкова.
„Шокантно е да чуете од врвни дипломати, инаку заборавени и неконсултирани, дека во моментов имаме 17 непополнети амбасади! Дека дури деветмина заминале за амбасадори без да го поминат законскиот тест пред Комисијата за надворешна политика. Знаете ли зошто не се пополнети амбасадите? Поради партиските несогласувања! Значи, имате амбасадори од кариера што може да ги пратите каде што сакате. Ама, имате обврска да ги пратите оние со кои претседателот на минатите претседателски избори, а веројатно и на овие, се договарал дека ќе дојдат на позиции. Позиции што, иако не се заслужени, во договорите треба да ги добијат коалиционите партнери. Затоа, ако е дипломатијата наше огледало, оние однадвор не гледаат убава слика! Нашата слика, е, за жал, нивната слика! Сетете се кој нѐ претставува. Нам ни треба владеење на правото и правна држава! Нам ни требаат слободи и права! Нам ни треба независно судство! Нам ни треба добро образование, а не само многу образовни институции што произведуваат дипломи, но не и знаење! Нам ни треба социјална држава! Нам ни треба пристојно европско место за живеење! Бидете убедени дека ние сме тие што на дело покажуваат дека сме Европејци! Тие мислат дека ЕУ е реторика. Но, не е!“, изјави Силјановска-Давкова.
Таа ветува дека почитта кон народот ќе биде иста како кон студентите. Промените ќе се случуваат етапно.
„Ви ветувам дека како што сум се однесувала достојно во образованието, како што сум ги почитувала студентите, сум им се посветувала, сум сочувствувала, сум ги учела и сум учела од нив, така ќе се однесувам и со политичката функција“, порача Силјановска. Според неа, Европа не се брани со рецитирање, туку се брани со промени. Промените значат правна, мирна, средена држава. Да имате држава со добра бирократија, државна и јавна администрација, одлично образование зашто тоа е најдобрата инвестиција“, оцени Силјановска-Давкова.
„Гледам повеќе жени овде. И уште еднаш, сите вас да ве запрашам, и мажите – колку е логично 30 години да не сме имале жена-претседателка, да не сме имале жена-премиерка, да не сме имале жена-претседателка на Собранието? Запомнете, ние не сме суетни суштества, ние само сакаме да ѝ помогнеме на Македонија повторно да биде горда, со своето знаење, со својот ум, со својата креација, со својата посветеност. Не откажувајте се од половина од популацијата“, смета Силјановска-Давкова.
Задоцнетата правда е неправда, а мнозина се во затворите не затоа што сториле неправо, не затоа што сториле кривични дела, туку затоа што тие на власт мислеле дека на тој начин ќе се справуват со нив.
Но, неправдата според Силјановска-Давкова е најголема во судството. Таа неодамна поднесе приговор до Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) за кршење на изборните правила, за тековното полагање на 299 луѓе на Академијата за судии и за јавни обвинители, со образложение дека, според закон, статусот слушател на Академијата значи заснован работен однос со Академијата за периодот од почетната обука до изборот за судија или за јавен обвинител. И покрај жалбите на Академијата до Вишиот суд, на крајот приговорот ѝ беше уважен. Ова не е прв случај каде што професорката Силјановска-Давкова зборува за судството. Таа смета дека ако не седат во него најпосветените на правото и на правдата, нема да има правда.
„Задоцнетата правда е неправда, а мнозина се во затворите не затоа што сториле неправо, не затоа што сториле кривични дела, туку затоа што тие на власт мислеле дека на тој начин ќе се справат со нив. Тоа не смее да се случи. Тоа мора да се спречи. Кога ќе седат најдобрите во судот, а не оние што се таму заради блискоста до неколкуте фамилии што ја управуваат Македонија наместо преку Академијата за судии и за јавни обвинители да влезат и да напредуваат поради стручноста и компетентноста, право и правда од тоа нема. Ви ветувам дека моите членови во Судскиот совет ќе бидат најпознатите и најпочитуваните правници. Моите предлози за Уставниот суд ќе бидат најголемите бранители на слободите и правата и на Уставот и законот“, смета кандидатката за претседателка на државата Силјановска-Давкова.
Што може да стори претседателот за судот? „Многу“, ќе рече кандидатката за претседателка на државата Силјановска-Давкова пред граѓаните.
„Навистина, кога ,Македонија е твоја‘ и ,Македонија е горда‘ ќе се пресретнат и ќе тргнат напред, сигурна сум дека Македонија како твоја и како горда ќе победи!“ Им порача кандидатката за претседателка на државата Силјановска-Давкова на граѓаните.
Немојте да се зачудите и ако ме видите на протести со граѓаните.
Таа прашува: „Што прави оваа власт? Таа власт применува една трета политика, што и не е политика, туку се вика обид за гаснење пожари, ама тие не се пожарникарите, не се, туку тие се токму оние потпалувачите на пожарите, затоа треба да си заминат“, додава Силјановска-Давкова.
Професорката по уставно право ветува дека нема да затвора очи пред проблемите, нема да работи спротивно од потребите на граѓаните, а за законите што ќе бидат предложени, ако се спротивни на визијата за подобра иднина на земјата, власта и пратениците ќе бидат предупредени.
„Ќе се обраќам до пратениците не само кога знам дека е законот неуставен, туку и за да ги посочам и да ги адресирам проблемите на најранливите категории. Ако и тоа не помогне, немојте да се зачудите и ако ме видите на протести со граѓаните. Мислам дека тоа ќе биде добар знак. Ако сметам дека е неуставен законот што имаат намера да го донесат пратениците, ќе ставам вето. Зошто? За да покажам дека јас не сум над Уставот и законот, туку под Уставот и дека ќе го штитам него“, вели кандидатката за претседателка на државата Силјановска-Давкова.
„Слично како и јас, една претседателка на Ирска, Мери Робинсон, рече дека како професорка ќе се обиде да се однесува обединувачки. Таа рече дека ќе ги разбуди келтските тигри, јас велам македонски лавови“, порача кандидатката за претседателка на државата Силјановска-Давкова.