Скопје – единствен град во регионот без саем

Скопје – единствен град во регионот без саем

Саемите во регионот работат турбо, Скопје не знаеше да го задржи

Ќе почувствуваат ли идните генерации како е да се оди на саем?

За да се нарече еден град дека е град со сите нишани, па згора на тоа и главен, треба да има железничка станица, автобуска, аеродром и саем. Скопје има автобуска станица, каква таква железничка, пристоен аеродром, но нема саем. Да, колку и да звучи дека саемот е неколку празни хали и хангари, тој сепак е симбол на градот. Нема кој не ги забележуваше неколкуте бели згради на влезот од градот до хотелот Континентал во населбата Автокоманда.

Скопски саем. | Извор: kentaur.com.mk

Скопски саем. | Извор: kentaur.com.mk

Скопскиот саем беше изграден во 1972 година како дел од тогашното модерно Скопје. Повод за изградбата беше Шаховската олимпијада. Дело е на четворица домашни архитекти: Димитар Димитров, Живко Гeлевски, Благој Мицевски и Славко Ѓуриќ. Се протегаше на 25.000 квадратни метри, од кои 16.000 беа затворен простор со шест саемски хали, функционално и архитектонски обликувани и поврзани во една целина.

Нивните наследници и група граѓани залудно испраќаа писма до тогашната власт дека Саемот им припаѓа на сите Скопјани и да не се урива. Тие под мотото „И саем е Скопје“ бараа да се запре уривањето на Скопскиот саем и да не се дозволи да се изградат трговски центар и станбени згради. Уривањето на Скопскиот саем за архитектите значеше уништување на историјата на македонската архитектура.

За сегашните генерации, веројатно ништо не значи дека до пред неколку години тука имаше саем во кој се случуваа многу настани: саемски манифестации, концерти, спортски приредби, панаѓури.

Најживо беше пред Новата година кога се одржуваше традиционалниот панаѓур. Врвулица од луѓе, ученици. Пред влезот наредени продавачи на балони, прскалки, честитки, а просторот мирисаше на тазе кикирики и сончоглед. Внатре, пак, тезги на кои се продаваше буквално сѐ и сешто. Облека, украси, обувки – што ти душа посака ќе се најдеше на панаѓурот.

Скопје живеше и за Саемот на книгата. Штандови преполни со нови изданија, лектири и стручна литература, дружби со авторите. Ни налик на она што денес се нарекува Саем на книга во и пред Арената „Борис Трајковски“.

Постарите ќе се сетат дека на Саемот се одржуваа и саеми за автомобили, за мебел, за компјутери, за градежништво, модна недела. Тоа одамна го нема.

Скопскиот саем беше познат и по концертите. Во најголемата сала свои концерти во минатото имале бендови како „Бјело дугме“, „Леб и сол“, „Крафтверк“, „Молоко“, „Продиџи“, а последен пат таму свиреше групата „Меморија“. 

Пораз на државата и градот е тоа што останавме без сајмиште, а идните генерации ќе анализираат зошто се случи тоа. Дали во иднина оние кои ја имаат власта ќе најдат простор, локација и, најважно, финансии да се изгради нов скопски саем или ќе се изложува на улица, останува да покаже времето.  

„Скопски саем Скопје“ како компанија сѐ уште постои и се занимава со организација на саеми и разни видови настани во Македонија, но тоа најчесто е во или до спортскиот центар „Борис Трајковски“. 

За разлика од Скопје, во останатите градови во регионот, саемите се навистина успешна приказна, каде што во текот на годината се одржуваат саеми со различна тематика, а на кои присуствуваат изложувачи од многу држави.

Како функционираат саемите во регионот?

Саемот во Белград. | Извор: sajam.rs

Саемот во Белград. | Извор: sajam.rs

Белградски саем

Првиот Белградски саем беше отворен на 11 септември 1937 година, а првиот повоен саем ги отвори вратите на 23 август 1957 година. Бргу стана економски центар во регионот. Белградскиот саем е најголемата саемска институција во Србија. Со своите капацитети е способна да обезбеди најразновидни услуги на своите партнери. Белградскиот саем е член на Централноевропската асоцијација на саеми (ЦЕФА). Овде се одржуваат саеми на градежништво, технологија, мебел, книги, туризам и енергија, како и познатиот саем за автомобили.

Белградски саемски комплекс се состои од 14 модерни сали лоцирани на десниот брег на Сава, и е еден од препознатливите симболи на Белград. Зафаќа вкупна површина од 24 хектари, додека изложбената површина на сите сали е околу 100.000 m2. Има отворен изложбен простор со површина од околу 35.000 м2. Има 1.700 паркинг места и целосно автоматизиран и поврзан влез за возила и пешаци. 

Белградскиот саем е долгорочна институција од национално значење која игра клучна улога за економскиот, културниот и социјалниот развој на Србија и поширокиот регион на Југоисточна Европа. Со својата импресивна историја, Белградскиот саем стана симбол на иновации, деловна соработка и размена на идеи во различни сектори на индустријата.

Во текот на децениите, овој саем успешно ја адаптираше својата понуда и формат за да одговори на барањата на пазарот, технолошкиот напредок и на промените во социјалната и во политичката средина. Белградскиот саем беше сведок на значајни економски, политички и општествените промени на просторот на поранешна Југославија и во поширокиот регион. Од времето на првите саеми во периодот на Кралството Југославија, низ социјалистичката ера кога се промовираше индустриски напредок и меѓународна соработка, до модерното време на глобализација и дигитализација. Белградскиот саем остана клучна точка за состанок на бизнис-лидери, претприемачи, инвеститори и експерти од различни делови на светот.

Белградскиот саем е и архитектонски скапоцен камен, симбол на технологијата, науката и креативноста. Салата 1 на Белградскиот саем, каде што се наоѓа најголемата купола во светот направена од бетон, е сведоштво на технички, технолошки, научен и креативен подем на општеството. Салите 2 и 3 се истакнаа како најголемите структури од типот на армирано-бетонски школки во светот во времето на нивната изградба, претставувајќи ги импресивните градежни достигнувања од тоа време.

Денешниот Белградски саем, опфаќа многубројни павилјони, конгресни центри, изложбени простори и административни објекти. Ваквата комплексност овозможува организирање на различни настани, од специјализирани саеми во различни индустриски сектори до меѓународни конгреси и конференции.

Низ неговите години на постоење, Саемот беше домаќин на повеќе од 60 милиони посетители, со организирани над 3.000 саемски настани, со повеќе од 500.000 изложувачи од 180 земји, оставајќи печат врз српската економија и општество.

Белградскиот саем е друштво со ограничена одговорност, а основач на компанијата е Република Србија со 100% сопственост на капиталот. 

Саемот во Загреб. | Извор: tportal.hr

Саемот во Загреб. | Извор: tportal.hr

Саемот во Загреб

Загрепскиот велесаем е збир на уметност сам по себе. Тој е основан во 1909 година и е еден од најстарите саеми во овој дел на Европа. Од 1925 година, Загрепскиот саем е член и еден од основачите на УФИ – Унијата на меѓународни саеми со седиште во Париз. Важноста на овој саем се заснова на долгогодишна традиција, искуство и успешно организирање саеми и собири, со големо влијание врз трендовите во економијата. На Саемот во Загреб годишно се одржуваат повеќе од триесет меѓународни специјализирани саеми, на кои присуствуваат над 9.000 изложувачи и повеќе од 800.000 посетители. Сали, павилјони, отворен простор е сето она што го нуди овој саем. 

Конгресниот центар

Конгресниот центар на загрепскиот саем е место за модерна деловна и професионална комуникација и се покажа како идеално место за одржување на разни видови собири и други настани. Нуди цела серија на конференциски сали, изложбен простор и простор за настани од поголеми размери, модерна техничка конференциска опрема, како и угостителски објекти. 

За настани од поголеми размери, се препорачуваат павилјонските простори, со капацитет од над 2.000 седишта, за кои е обезбедена и комплетна внатрешна декорација и услуги за техничка поддршка. Павилјонските простори се покажаа како идеално решение и за одржување фестивали, концерти и други забавни настани, како и разни спортски настани. Со оглед на стручноста и долгогодишното искуство во организирање состаноци, Конгресниот центар нуди комплетни услуги за професионални организатори на состаноци како во Загреб, така и низ цела Хрватска.

Конгресниот центар I се наоѓа на првиот кат на јужниот влез, веднаш до административната зграда на Загрепскиот саем на авенијата Дубровник. Салата „Бриони“ нуди до 200 седишта и е идеална за одржување презентации и вечери. Клупската сала на изложувачи нуди 100 седишта во кино-постава. Салите на „Вис“ и „Корчула“ се одделени со подвижни врати, па постои можност за комбинирање, спојување или одвојување на салите по потреба.

Конгресниот центар II се наоѓа во посебен комплекс кој обединува три конференциски сали и ресторан. Конгресната сала нуди до 1.200 седишта во кино-состав, а Зимската градина и салата „Кумровец“ нудат до 150 седишта. Саемот нуди квалитетна техничка опрема (звучници за говор и музика, видеопроектори, дополнителни микрофони, екрани за проекција и сл.).

Хрватските медиуми пред неколку години пишуваа дека саемот пропаѓа, a дури имало и идеја да биде срушен, но за среќа, ништо од тоа не се реализирало. 

Последните објавени податоци оттаму, покажуваат добри бројки. Загрепскиот Саем во 2023 година остварил 13,8 милиони евра приход и 13 милиони евра расходи, а по оданочување остварил добивка од 736.468 евра. Во текот на годината биле реализирани инвестиции во износ од 115.000 евра, најмногу за уредување и реновирање на павилјонот и за набавка на опрема. Се наведува дека приходите се зголемени за 23,4 отсто во однос на 2022 година. Причините за растот треба да се бараат во зголемувањето на организирањето на саемите, бидејќи тие бележат пораст од 57,4 отсто во однос на остварените во 2022 година.

Саемот во Солун. | Извор: thessalonikiconventionbureau.gr

Саемот во Солун. | Извор: thessalonikiconventionbureau.gr

Саемот во Солун

Меѓународниот трговски саем во Солун е основан во 1925 година како место за организирање саеми. Неговата прва изложба била одржана во 1926 година. 

Меѓународниот изложбен и конгресен центар на „ ТИФ Хелекспо“ се наоѓа во „срцето“ на Солун, со лесен пристап од која било локација во градот и со секое превозно средство.

Со саеми што се одржуваат во текот на годината во изложбени простории со европски спецификации, Хелекспо е најважната агенција за организација на настани во Грција. Во срцето на историјата на градот, во непосредна близина на Византискиот музеј и Археолошкиот музеј, Меѓународните изложбени центри на „ТИФ Хелекспо“ привлекуваат мноштво конференциски настани.

Изложбениот центар „ТИФ Хелекспо“ се простира на вкупна површина од 180.000 метри квадратни од кои 62.000 се затворени изложбени области, распоредени во комплекс од 17 павилјони кои се функционално дизајнирани и меѓусебно поврзани за да им служат на потребите на секој настан. Изложбените капацитети се надополнети со конференциски центри, места за паркинг, спортски и рекреативни објекти, угостителски области, центри за услуги на граѓаните, музеи, банки и канцеларии на развојните агенции. На овој начин, Меѓународниот изложбен центар во Солун функционира како центар кој обезбедува услуги кои успешно ги исполнуваат барањата на разни изложби, конференции и културни настани.

Од организаторите на Саемот во Грција велат дека преку ваквите саемски организации се промовира економскиот развој, иновациите и меѓукултурната размена. Портфолиото на Саемот вклучува меѓународни трговски саеми, конференции на високо ниво и разновидни настани кои го привлекуваат интересот и на грчките и на странските бизниси. Саемот дејствува како мост помеѓу грчката деловна заедница и глобалниот пазар, обезбедувајќи платформи за интеракција, иновации и интернационализација.

Една од целите во иднина е обнова на Меѓународниот изложбен центар во Солун. Оваа инвестиција вклучува биоклиматски дизајн кој ја намалува потрошувачката на енергија за 70% и потрошувачката на вода за 50%, со цел да се создаде одржлива иднина. Тоа вклучува реорганизација на изложбени и конференциски објекти, создавање на отворени зелени површини, области за рекреација и отворени простори за културни и изложбени настани.

„Експо сити“ Албанија. | Извор: BalkanEngineer

„Експо сити“ Албанија. | Извор: BalkanEngineer

Саеми во Тирана

Две компании во Тирана, кои организираат саеми во главниот град на Албанија за различни области, се членки на Унијата на меѓународни саеми. Едната е „Експо сити Албанија“, а втората е „Клик експо груп & Тирана интернешнл феар“. 

„Експо сити Албанија“ е меѓународна организација за изложби и конференции. Компанијата организира и спроведува различни саеми, изложби, „B2B“ и специјални настани на локални и меѓународни пазари. Покрај тоа, експертизата и инфраструктурата на „Експо сити“ се користат за други конгресни, семинарски и конференциски настани.

„Експо сити“ е единственото место за изложување со сертификат УФИ во Албанија. Изложбениот центар, со своите 5.000 m² затворен изложбен простор и 7.000 m² отворен простор, е најголемиот објект од ваков вид во Тирана. Блиску е до центарот на главниот град и до меѓународниот аеродром во Тирана и има одлична стратешка локација во регионот, блиску до меѓународните транспортни мрежи помеѓу Истокот и Западот.

„Експо сити Албанија“ им ја нуди на оние кои учествуваат на саеми и конференции најдобрата можна платформа за успешна комуникација во регионот. 

„Ние ги спојуваме понудата и побарувачката и овозможуваме дијалог, притоа давајќи им можност на бизнисите да се промовираат во регионот. Имаме енергичен тим посветен на носење нови креативни идеи на пазарот, притоа изведувајќи ги со висок професионализам. Нашата комбинирана меѓународна и локална експертиза, квалификуван персонал и долгорочна визија ќе гарантираат најдобра услуга и соработка за исполнување на вашите деловни цели“, стои во соопштението на нивната вебстраница. 

Во текот на изминатите неколку години, компанијата постојано се развиваше во просторот „B2B“, фокусирајќи се на највиталните сектори во економијата, како што се: агробизнисот, енергетиката, туризмот, образование, градежништвото и текстилот, но и други сектори со потенцијал за раст преку меѓународна трговија, како што се козметика и убавина, уметност, технологија, автомобили итн. 

Меѓународниот саем во Тирана – УФИ, може да се пофали со годишен просек од најмалку 500 изложувачи кои доаѓаат од целиот свет. 

Меѓународниот саем во Тирана веќе се претвори во симбол на албанскиот бизнис во светот, но во исто време и мост меѓу албанските и меѓународните бизниси. Клучната мисија беше да се запознае Албанија со своите големи природни ресурси, туризам, земјоделство и многу други индустрии, кои очекуваат да бидат развиени од најважните меѓународни бизниси. 

Во услови кога во Македонија нема саем, факт е дека домашните компании многу често учествуваат на саеми во градовите низ регионот, а бенефитите за државите се огромни. Вакви саемски придобивки, македонската економија во блиска иднина секако нема да почувствува.

Image
Newsletter