Туризмот е алка од која може Македонија да преживува, но и да живее. Иако сме мали по површина, големи сме по туристичките места и знаменитости. Сѐ повеќе млади пројавуваат интерес за патувања уште од средношколска возраст. Спасе Манев, кој со голема љубов студирал на УТМС, вели дека ако сакаат младите да го продолжат своето образование и да се стекнат со вистинско знаење, професионално искуство од реномирани професори, а притоа да добијат одлични услови, современа програма, интересни предмети и квалитетна пракса, треба да го изберат овој универзитет.
Најубавите години од младоста вредат да се инвестираат во образовна установа со реноме каква што е УТМС, а вие сте еден од студентите кој го одбравте тогашниот Универзитет за туризам и менаџмент. Кој беше мотивот?
Како голем вљубеник во туризмот и патувањата уште од мала возраст, по моето завршување на средното образование, во мене се роди желбата да продолжам да студирам туризам бидејќи тоа ме привлекуваше. По долго размислување дали да продолжам во странство или во Македонија, се одлучив да се запишам на Универзитетот Скопје, на Факултетот за туризам. Останав да студирам во мојот роден град и го направив правилниот избор на универзитет.
Професорите за време на вашето образование при УТМС, беа главниот канал за восприемање нови знаења и професионални искуства. По што се посебни, каков беше нивниот пристап?
Професорите се главна алка на секој универзитет. Во овој универзитет работат едни од најугледните и најдобрите професори во Македонија, кои одлично им го пренесуваат своето знаење на студентите кои студираат на УТМС, а тоа го искусив од прва рака како еден од студентите кои го завршиле. Односот и пристапот кон студентите е на највисоко и најпрофесионално ниво. Иако не треба да се потценат професорите и на другите приватни и државни универзитети, професорите на овој универзитет на мене оставија голем белег и ми пренесоа голем дел од своето знаење, кое ми помагало и сѐ уште ми помага во моите туристички активности, а сметам дека и во иднина ќе ми биде од помош.
УТМС е пионер на национално ниво за квалитетот на образовниот кадар без кој самиот Универзитет немаше да прерасне во тоа што е денес. Што Ви остави најмногу впечаток во текот на студирањето ?
Голем впечаток на мене остави добрата организираност на Универзитетот, професионалниот кадар и пристапот кон студентите, одличните услови кои ги нуди Универзитетот и концептот на работа. Секој нов студент на УТМС ќе го почувствува тоа.
Да се прими знаење од искусен кадар каков што има УТМС е незаменливо затоа што тоа дава можност да се прошират хоризонтите. Вие го сторивте тоа со издавање на книгата „Патување низ Македонија“. Каков е нејзиниот концепт?
Тоа е туристичка книга во која се прикажани фотографии и информации од туристичките места низ Македонија. Книгата опфаќа археолошки локалитети, цркви и манастири, споменици на природата, пештери, водопади, културни знаменитости итн. Книгата се пишуваше околу една година и е издадена на 10 април 2023 година. Идејата да напишам книга дојде од моите патувања и љубовта кон мојата татковина Македонија.
Манев: „Македонија е земја на сонцето и на органската храна, со многу легенди и преданија. Во кој крај и да одите, ќе слушнете некоја интересна легенда од мештаните, која ќе ве привлече повторно да се вратите.“
Кога се појави првпат кај Вас желбата за патување и љубовта кон туризмот?
Интересот за туризмот и патувањата ми се појавија од мал, од основно училиште, кога се сретнав со предметот Географија. Уште на почетоците, тој предмет ми стана омилен и почна да ми буди љубов кон туризмот и патувањата. Во почетокот патував со семејството, а потоа со пријателите. Македонија е мала по територија, но огромна по нејзините туристички места и знаменитости. За да ја откријам цела, би ми биле потребни два животи. Иако сум бил во речиси сите делови од земјата, сепак таа сѐ уште не ми е целосно истражена. Сметам дека допрва сѐ уште ќе среќавам интересни места. Со патувањата низ Македонија поинтензивно почнав по 18 години, по што сè повеќе се интезивираа и нема да запрат. Сметам дека сѐ уште има места што ми се непознати и неистражени во Македонија и дека допрва ќе ги откривам.
Организацијата е главен елемент. Дали се патувањата однапред осмислени или се случуваат по принципот „сега и во овој миг“ тргнувам?
Многу зависи од местото кое го посетувам. Секое место во Македонија е различно, па така и моите патувања различно ги организирам. Некои мои патувања ги правам во последен момент, односно еден ден пред да патувам, а за некои други ми требаат неколку дена, а се случувало да организирам патување и со недели. Голем дел од моите патувања се еднодневни, но се случува и да има такви каде што преспивам еден или неколку дена. Понекогаш се случувало среде патување да се променат планот и организацијата, но тоа е дел од патувањето. Секогаш сум подготвен на сѐ. Секое место кое ќе го посетам е посебно доживување и секаде супер си поминувам. Кога патувам, јас уживам во вистинска смисла на зборот.
Може ли да ни откриете интересни легенди за одредени места кои може да ги привлечат луѓето да го посетат местото?
Освен што е Македонија земја на сонцето и органската храна, Македонија е земја со многу легенди и преданија. Во кој крај и да одите во Македонија, ќе слушнете некоја интересна легенда од мештаните, која ќе ве привлече повторно да го посетите тоа место. Имаме познати легенди и преданија, како тие за Дојранското Езеро, Камените кукли во Куклица, Билјанини Извори. Имаме и помалку познати, но и такви што допрва треба да се откриваат. Ако треба да издвојам некои легенди, би ги издвоил следниве:
Легендата за Радиниот мост во Кратово: Девет браќа-ѕидари од кратовското село Крилатица решиле да градат мост во Кратово. Изградбата на мостот била аманет од нивната мајка. Поради тоа што Крива Река го однела Марков мост по кој често поминувала мајка им, таа им оставила аманет да изградат друг мост. Почнале да го градат мост, но тој постојано се уривал. Сѐ што ќе изграделе денски, навечер се уривало. Еден ден, сите браќа се договориле која од сопругите ќе им донесе утредента ручек, таа да ја заѕидаат во темелите на мостот. Сите браќа им кажале на своите сопруги да не носат ручек, освен најмалиот брат, кој заборавил. Следниот ден најмладата Рада зготвила ручек и го донела. Кога ја видел нејзиниот сопруг, силно заплакал. Најмалиот брат ги молел и ги преколнувал да не го прават тоа, но попусто. Ја молел и Рада да му прости што заборавил да ѝ каже, но веќе било доцна. Останатите браќа ја фатиле жива и ја заѕидале. Рада имала една желба пред да ја заѕидаат, а тоа било да ѝ ја остават едната града за да може да си го дои малото машко дете, па желбата ѝ била исполнета. Ова е една од најтажните македонски легенди, која со векови се прераскажува помеѓу народот во Кратово за Радиниот мост.
Легенда за село Бабино: Името на селото е добиено по една клетва во минатото. Во една куќа во населбата живеела една баба со снаите. Но лошите снаи ја избркале бабата од куќата и таа осамена живеела на падините на Илинска Планина. Осамената баба се налутила и го проколнала сиот женски род од тој крај: ,,Да даде господ на стари години да живеете осамен живот каков што живеам јас!“ По клетвата на бабата, со годините во населбата имало само баби што биле осамени, без своите сопрузи и без семејството. По тоа населбата ја нарекле ,,Бабино“.
Легенда за името на Кожуф Планина: Во минатото на планината живеел некој овчар со својата жена и својот син. Снемале леб, па мајката го испратила синот да се симне до селото и да купи леб. Му дала вода и храна и му рекла да си го земе кожувчето. Но, синот не сакал да го носи кожувчето, бидејќи мислел дека ќе биде топло. Тргнал да оди кон селото, но станало студено и почнал да си повторува: ,,Ах, каде ми е сега кожувчето, каде е кожувчето!” Од тој збор подоцна настанало името на планината ,,Кожуф“.
Манев: „Секој Македонец треба прво да си го цени своето, да се искористат социјалните мрежи за туристичка промоција на Македонија и да се мотивираат и другите да го прават тоа.“
УТМС беше дел од Вашето факултетско образование и Ваш избор. Зошто би им го препорачале на младите, матурантите, кои сега се на раскрсница и се двоумат по кој пат да тргнат?
Туризмот е алка од која може Македонија да преживува, но и да живее. Иако сме мали по површина, големи сме по туристичките места и знаменитости. Сѐ повеќе млади пројавуваат интерес за патувања уште од средношколска возраст. Ако сакаат да го продолжат своето образование, односно да студираат туризам и да се стекнат со одлично знаење надополнето со професионално искуство од реномирани професори, а притоа да добијат одлични услови, современа студиска програма, интересни предмети и исклучителни можности за практична работа, во тој случај треба да го изберат Универзитетот Скопје. Многу земји во светот зависат од туризмот, а може и Македонија. На Македонија ѝ се потребни повеќе туристички работници и промотори, а еден од првите чекори е добро и квалитетно туристичко образование, кое во случајов го нуди Универзитетот Скопје.
Македонија е преубава земја со многу неистражени места. Има огромен туристички потенцијал и ако правилно се управува со туризмот, може многу да се постигне. Македонија може да стане голема туристичка дестинација како за Македонците, така и за странците. Koja е вашата препорака до секој Македонец?
Речиси цела Македонија е неискористен туристички потенцијал. Имаме туристички места кои се светски, како Охрид, Кокино, Камени кукли, а имаме и места кои сѐ уште чекаат да бидат експонирани пред домашните туристи. Голем дел од местата се неистражени и за домашните туристи. Тоа што ѝ треба на Македонија за да се развие туризмот е добра организираност и инвестирање во туристичките места во земјата од страна на надлежните институции, но и во квалитетен кадар. Секој Македонец треба прво да си го цени своето. Треба поголема посетеност на туристичките места и знаменитости и поголема промоција пред домашните и странските туристи. Да се искористат социјалните мрежи за туристичка промоција на Македонија и да се мотивираат и другите да го прават тоа, односно промоција на Македонија и местата и знаменитостите што ги нуди. Иако сме мали и по површина и по население, сепак можеме и мораме да напредуваме на туристички план и да почнеме да се носиме рамо до рамо со останатите земји од Балканот, кои веќе се во подем неколку години наназад. Македонија се сака со срце и со душа, имаме огромен туристички потенцијал и треба правилно да го искористиме сите заедно и сплотено. За подобар туризам во Македонија.