Спортскиот туризам во Македонија не го исполнува својот потенцијал

Димовски: „Преку спортот се опфаќа и таргет-публика која сака да патува, но сака и да посетува спортски натпревари.“

Намерата на Љубомир Димовски, преку својот бренд DerbyHunters, e да помогне што повеќе луѓе од Македонија да посетат спортски настани (фудбал, кошарка и Ф1, засега) во регионот и во Европа. Вели дека не е исклучена и опцијата за промоција на фудбалот во Македонија, со привлекување странски туристи да посетат некој фудбалски натпревар. Да го контактираат за да им помогне за билети, насоки и препораки за поудобно патување и истражување на Македонија.

Колку спортот е важен во контекст на претставувањето на некоја земја и обликувањето на перцепцијата за неа кај потенцијалните гости?

– Сметам дека спортот е исклучително важен затоа што преку спортот се опфаќа и таргет-публика која сака да патува, но сака и да посетува спортски натпревари, да почувствува атмосфера во сала или на стадион, без разлика за кој тип на спорт станува збор. Преку спортот може подетално да се запознае историјата, културата, како и пасијата на еден народ кон спортот.

На кој начин низ спортот досега се преставувала Македонија, какви кампањи беа направени и кои се повратните ефекти?

– Од тоа што се сеќавам, најголема промоција спортот доживеа со репрезентативните успеси на кошаркарската репрезентација во 2011 година, освојувајќи го четвртото место на ЕП во Литванија, како и ракометната репрезентација со историското петто место на ЕП 2012 во Србија. Но, и другите првенства на кои бележеа солидни резултати. Во тие години, цела Европа, а и некои делови од светот слушнаа за Македонија, за нив дотогаш – мала и непозната земја, но со одличните резултати на теренот, како и неверојатната поддршка на трибините од македонските навивачи, Македонија е ставена на светската спортска мапа.

Светската туристичка организација (UNWTO) истакна дека спортскиот туризам е еден од најбрзо растечките сектори во туризмот. Каква е ситуацијата во Македонија?

– Во Македонија спортскиот туризам не го исполнува својот потенцијал бидејќи екипните спортови во последните неколку години не бележат добри резултати, а со самото тоа е опаднат бројот на посетители, како од Македонија, така и од останатиот дел од светот. Доколку имаме екипи кои би го повториле или барем би се доближиле до она што успеа да го оствари РК Вардар, беше европски првак во 2017 и во 2019 година, како и ФК Вардар, кој се пласира во групната фаза ЛЕ во 2017 година, убеден сум дека ќе се зголеми повторно интересот, не само за фудбал и ракомет, туку и за другите спортови.

Димовски: „Немаме поатрактивна спортска понуда што би ги натерала туристите од светот да ја посетат Македонија.“

Димовски: „Немаме поатрактивна спортска понуда што би ги натерала туристите од светот да ја посетат Македонија.“

На кој начин ќе го имплементираме спортскиот туризам како правец на туристичкиот развој во сите регии во земјата?

– Потребно е да се променат многу работи, да се инвестира во маркетинг, за да се зголеми свеста кај македонскиот народ, да се врати културата на посетување спортски натпревари, да се полнат сали и стадиони низ цела Македонија. Освен маркетинг, треба да се промени од корен и начинот на водење на клубовите, да се реновираат спортските објекти, да се работи правилно и да се собираат таленти од целата земја, да се усовршуваат и да прераснат во квалитетни професионални играчи, кои ќе носат резултати на македонските клубови на европско или на светско ниво.

Сè повеќе туристи се заинтересирани за спортски активности во текот на патувањето без разлика на тоа дали спортот е главна цел. Каква понуда можеме да им дадеме?

– Моментално освен неколку дерби-натпревари во ракомет, фудбал и кошарка, каде што и самите натпревари се динамични, со солидна атмосфера на трибините – немаме некоја поатрактивна спортска понуда, што би ги натерала туристите од светот да ја посетат Македонија.

Можеби во иднина – организација на некој поголем настан, односно СП или ЕП во некој спорт, каде што ќе гостуваат повеќе клубови/репрезентации од целиот свет, па така да привлечеме поголем број туристи.

Што ќе биде вашиот приоритет во развојот на спортскиот туризам?

– Како човек што активно присуствува во живо на фудбалски натпревари во Македонија и Европа, успеав да запознам многу луѓе од Западна Европа, кои исто така следат фудбалски натпревари, па голем дел од нив и веќе биле во Македонија. Досега сум слушнал позитивни мислења за нашата земја, природата, храната, гостопримливоста. Иако сите го делат истото мислење дека фудбалот не е на некое задоволително ниво, сепак, како што велат тие – уживаат во фудбалската игра со локалната публика. Приоритет во развојот на спортскиот туризам за мене ќе биде да се претстави Македонија во најдобро можно светло, со одлична атмосфера на трибините и покрај малиот број гледачи, проследено со природните убавини, храната, како и историјата што ја има оваа земја. Секако, фокусот е на спортски натпревари, но туристите остануваат најмалку 3-4 дена, па имаат време да ги истражат и другите убавини што ги нуди Македонија.

Image
Newsletter