Србија „гази“ со железничкиот сообраќај, Македонија мора да вложува да не остане железнички изолирана земја

Електричен брз воз „Соко“. | Извор: Танјуг

Кога последен пат сте се возеле со воз во земјава или од Македонија до некоја соседна земја? Не се сеќавате или било премногу одамна. Во странство му се восхитуваме на железничкиот сообраќај и го користиме како превозно средство. Во Македонија превозот со воз воопшто не е опција затоа што не сме сигурни дали воопшто ќе стигнеме на дестинацијата каде што сме тргнале.

Ако можело пред неколку години од Скопје со воз да се стигне до Солун или Белград, а во далечното минато наши граѓани да патуваат дури до Германија со воз, сега под знак прашање е дали можеме да се возиме до некој град од внатрешноста. Дел од линиите се укинати или намалени, возовите многу често се расипуваат, одат со 20 или 30 километри на час, пругата е во катастрофална состојба, а честопати штрајкуваат и машиновозачите поради неисплатени плати. Буквално, железничкиот сообраќај во Македонија е пред распад, па оттука и драстично намалениот интерес да се користи возот како превозно средство. 

И ако пред неколку години се набавија нови кинески возови, се модернизираа  железничките станици низ земјава и почнаа да се наѕираат некакви позитивни промени, сега можеме слободно да се изразиме дека сме „железнички изолирана земја“.

И додека во соседните земји, како Србија на пример, се вложуваат огромни средства за развој на железничкиот сообраќај, во Македонија овој сектор беше тотално заборавен. 

Примерот од Србија е примерот по кој Македонија треба да се води и да се грижи за својата национална железница бидејќи има една изрека дека „држава без железница нема ниту железница без држава нема“.

Во Србија времето на железницата допрва доаѓа

Србија во изминатите неколку години во фокус го стави развојот на железничката инфраструктура. Оваа земја планира да инвестира шест милијарди евра во железнички проекти, што ќе доведе до целосна модернизација на железничкиот сообраќај во земјата и поврзување со земјите од регионот и од Европската Унија. Од 2014 година до сега Србија во железницата има вложено повеќе од 600 милиони евра. 

Најважни проекти се брзата пруга Белград – Будимпешта, во која се инвестираат две милијарди евра и железничкиот Коридор 10, во кој со поддршка на ЕУ, Европската банка за развој и инвестицискиот фонд за Западен Балкан ќе се инвестираат две милијарди. Проектот за изградба на брза железница Белград–Будимпешта, проценет на околу 2 милијарди долари, започна во 2014 година. Должината на пругата меѓу Белград и Будимпешта е околу 350 километри, од кои 184 километри се на територијата на Србија и 166 километри на територијата на Унгарија.

Неодамна српскиот претседател Александар Вучиќ го претстави новиот електричен кинески брз воз „Соко“. Возот има капацитет од 250 седишта и е долг 103 метри, а може да достигне брзина и до 200 километри на час. Србија нарачала пет такви возови од Кина и последниот треба да биде испорачан на 31 декември 2025 година. Со брзиот воз од Белград до Суботица ќе се стигне за еден час и десет минути. Според Вучиќ, кога Унгарија ќе го заврши својот дел од железницата, од Белград до Будимпешта ќе бидат потребни два часа и 40 минути.

Линијата Белград – Нови Сад е веќе пуштена во сообраќај, а во тек е модернизација на линијата Нови Сад – Суботица, што тоа значи сигнално-сигурносни уреди и електрификација. 

Србија во моментот ја гради пругата Белград – Ниш која чини 2,7 милијарди евра, од кои 610 милиони евра се субвенција од ЕУ, а треба да биде завршена до 2028 година. 

Пакетот се однесува на подобрување на делницата Белград – Ниш на Коридорот 10, што ќе овозможи поврзување со брза пруга до 200 км/ч меѓу двата града, со побрз проток на стоки и услуги, а исто така ќе придонесе за брза интеграција во железничките мрежи на ЕУ.

Пакетот се состои од инвестициски грант во износ до 598 милиони евра од ЕУ, што претставува најголемата донација на ЕУ за еден проект во Србија досега; заем од 1,1 милијарди евра од ЕИБ и заем од 550 милиони евра од ЕБОР. 

Делот од Белград за Ниш е првата фаза, која опфаќа долен строј, исправање на кривини, нови прагови и шини, по што следува втората фаза – сигнализација и електрификација. Трета фаза е брза пруга Ниш – Прешево 

Железничкиот коридор 10 е еден од паневропските коридори што ја поврзуваат Централна Европа со Солун и е дел од Економскиот и инвестицискиот план на ЕУ за Западен Балкан во износ од 30 милијарди евра, кој има за цел да ги мобилизира инвестициите во областа на транспортот, енергијата, зелената и дигиталната транзиција, за создавање одржлив раст и работни места кои достигнуваат 1/3 од БДП на Западен Балкан.

Железничка станица Скопје е во лоша состојба. | Извор: Алфа ТВ

Железничка станица Скопје е во лоша состојба. | Извор: Алфа ТВ

Вистински апсурди од претходната македонска влада – ветуваа, но не реализираа модерна и европска железница

Дека досега Железницата не била воопшто приоритет, покажуваат бројките. Лошата состојба во железничкиот сообраќај ја констатираше и Европската комисија во последниот извештај за напредокот. Доволно е да влезете на главната железничка станица во Скопје и да се качите на воз. Бројот на патници за 20 години тројно е намален, пругите се застарени, а двете фирми (Транспорт и Инфраструктура) се меѓу најголемите загубари.

Официјалните статистички податоци покажуваат континуирано намалување на патниците во железничкиот сообраќај. Во 1997 година имало над 1,7 милиони превезени патници, а оттогаш таа бројка се намалува и достигнува 540 илјади во 2018 година.

Возот од Скопје до Битола, на пример, патува од три до пет часа на дестинација од 175 километри, а ако сте навистина баксуз, од Скопје до Битола може да патувате и цели осум часа (како што се случи еднаш пред Нова година во 2021 година). 

Еден од кинеските возови кој беше донесен во Македонија во 2015 година.

Еден од кинеските возови кој беше донесен во Македонија во 2015 година.

Ќе доживеат ли конечно ренесанса македонските железници?

Еден од првите проекти на новата влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде подобрување на железничката мрежа. Стратешка политика на идната влада ќе бидат инфраструктурните проекти и брзата пруга север-југ со која возовите во Македонија ќе патуваат со просечна брзина од 120 километри на час.

Од Министерството за транспорт неодамна изјавија дека што поскоро ја очекуваат средбата со српскиот министер за градежништво, сообраќај и инфраструктура Горан Весиќ, кој неодамна изјави дека очекува со македонскиот министер за транспорт Александар Николоски да разговара за унапредување на проектот за брза пруга што ги поврзува Ниш и Скопје. 

„Што се однесува до пругата Ниш – Скопје, ние во моментов работиме на пругата Белград – Ниш, долга 230 километри, а работиме и на делот од 23 километри од пругата Ниш – Брестовац кон Скопје. До крајот на годината го завршуваме и проектот кој е финансиран од ЕУ за делот од нашата пруга од Брестовац до Прешево. Согласно договорот што го потпишавме со Владата на Македонија, го очекуваме тоа што го предложи, да го проектира и својот дел од Прешево до Скопје. Тоа е една од двете делници на кои Србија сака да работи и кои ги номинира од овој нов План за раст на Западен Балкан. Го чекам вашиот нов министер, Николоски, да се сретне со мене, можеби во Скопје, можеби во Белград, за да продолжиме со нашата заедничка работа на таа пруга и за да продолжи да работи комисијата што почна со работа. Сакаме во ôд да ги средуваме деталите за да биде пругата навистина завршена до Скопје, затоа што имаме желба да ги поврземе Белград и Ниш со Скопје. А бидејќи пругата до Будимпешта ќе ја завршиме во 2026 година, тоа значи и врска од Скопје до Белград и до Будимпешта, и во иднина до Солун и Атина“, изјави Весиќ. 

Коридор 10.

Коридор 10.

Грција согласна за брза пруга Солун – Скопје – Белград – Будимпешта

Според Весиќ, желба за поврзување на Белград и Скопје со Солун и Атина изразил и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис.

„Кога беше премиерот Мицотакис во Белград, имавме средба, а потоа нѐ известија дека ја реконструираат пругата меѓу Солун и Атина и рекоа дека ќе проектираат, веројатно со средства од ЕУ, 75 километри од пругата од Солун до границата со Македонија. Тоа значи дека ќе почнат со работа, по што треба да се поврзе пругата од Скопје со пругата во Грција“, кажа Весиќ.

Според Транспортната заедница, пругата Ниш – Скопје е најкратка врска меѓу Азија, Блискиот Исток и остатокот од Централна и другите делови на Европа.

„Ова е еден од проектите кој е приоритетен проект и за Македонија, и за Западен Балкан, и за Европската Унија. Но, она што е клучно е реформите и проектите да се случуваат паралелно. Тие се две страни на иста паричка. Проектите без реформи се бескорисни, не се одржливи. Реформите без проекти не даваат резултати. И затоа инвестициите во проекти и инвестициите во реформите се единствениот пат“, порача Матеј Закоњшек, директор на Постојаниот секретаријат на Транспортната заедница во Белград.

Од македонското Министерство за транспорт велат дека се силно посветени за развој и модернизација на железничкиот систем и кон север и кон југ. Посочија дека стратешка цел на Владата е реализација на брза пруга Скопје – Солун и тоа е главен фокус на министерот. 

„Тоа е една од основните визии на новиот министер и за таа цел тој во следниот период планира интензивни разговори со сите релевантни фактори. Планирани се состаноци со претставници од ЕУ и од САД, кои би можело да помогнат во делот на реализацијата на овој стратешки проект“, информираа од Министерството за транспорт за медиумите. 

Од Министерството велат дека била формирана мешовита комисија меѓу Македонија и Србија, а во следниот период земјава ќе ја завршува документацијата околу проектирањето, сообраќајните анализи и ќе ја бира најоптималната варијанта за коридор на трасата. Во првата фаза се планира изградба на пруга од Скопје до Табановце и еден крак кој ќе води до Меѓународниот аеродром Скопје во должина од околу педесетина километри.

Рехабилитација на пругата Ногаевци - Неготино.

Рехабилитација на пругата Ногаевци - Неготино.

Што се работи моментално?

Железничката делница од Куманово до Бељаковце е со должина од 30,8 километри и претставува прва од вкупно трите делници на пругата од меѓународниот железнички Коридор 8, која треба да ја поврзува Република Македонија со Република Бугарија почнувајќи од Куманово преку Бељаковце, Крива Паланка до Деве Баир, односно до границата со Република Бугарија.

Градежните работи се во тек на двете делници на источниот дел од Коридор 8, на делницата Куманово – Бељаковце и на Бељаковце – Крива Паланка. Инвестицијата за првите две фази изнесува околу 200 милиони евра.

За делницата Куманово до Бељаковце е предвидено да се потрошат 45 милиони евра, а завршени се над 45 проценти од работите. За втората фаза од Бељаковце до Крива Паланка треба да се потрошат 156 милиони евра, а прогресот на работите е над 18 проценти. 

За последната и трета најскапа фаза, од Крива Паланка до границата со Бугарија, предвидени се 560 милиони евра. Тендерот за избор на изведувач на третата делница е распишан, стигнати се понуди и треба да се врши евалуација. Средствата во износ од 560 милиони евра како проценета вредност за оваа делница се веќе обезбедени, со грант од 61 милион евра од ИПА-компонентата, 149 милиони евра од ВБИФ и два заеми од ЕБОР и ЕИБ од по 175 милиони евра.

Трите проектирани делници на источното крило на Коридорот 8 се со вкупна должина од 89 километри (од Куманово до Бељаковце 31 километар, од Бељаковце до Крива Паланка 34 и од Крива Паланка до граница со Бугарија 24 километри). Проектираната пруга на западното крило на потегот од Кичево до границата со Албанија е 63 километри. 

Пругата од Битола до Кременица од 19 милиони евра е изградена, а реконструирана е пругата Ногаевци – Неготино.

Годинава се планирани 445 милиони денари за помош на МЖ Транспорт и 310 милиони денари предвидени за МЖ Инфраструктура за одржување на пругите. Во 2016 година планирани се 24 милиони евра за набавка на шест нови возови во и четири нови локомотиви, како и набавка на 150 товарни вагони во 2015 и во 2016 година. 

Инаку, првиот воз во Македонија пристигнал на 9 април пред 151 година на железничката станица во Велес и тој ден се смета за почеток на железничкиот сообраќај во земјава.

Image
Newsletter