Близнаците Војдан и Дамјан Стојановски се дел од кошаркарскиот клуб МЗТ Скопје. Тие се едни од најдобрите македонски кошаркари во последните 15 години и долгогодишни репрезентативци. Имаат 36 години, но за нив важи изреката за виното – колку се постари, толку се подобри.
Двајцата факултетското образование го почнале додека играле за АМАК-СП во Охрид, на тамошниот Факултет за туризам. Кога дошле во Скопје поради кариерата, логично било да го продолжат школувањето во својот роден град и го одбрале Универзитетот Скопје.
Повторно сте заедно и на теренот, како дел од кошаркарскиот клуб МЗТ Скопје. Дали значи заедничката поддршка и подобро одиграни партии?
Војдан: Секако дека поддршката ни значи многу. Таа носи подобри игри, а со тоа и подобри настапи на натпреварите.
Дамјан: Предизвик и задоволство ни е што повторно играме заедно. Поддршката ни значи, но според мене, повеќе ни годат меѓусебните критики, кои доведуваат до тоа да ја подобриме нашата игра.
Каква е атмосферата во клубот? Кои се вашите лични, но и заеднички амбиции за оваа сезона?
Војдан: Екипата ни е спој на искусни и на млади кошаркари, а тоа секогаш носи добра атмосфера. Желбите се вообичаени кога се игра во тим како МЗТ Скопје, а тоа е победа на секој натпревар и пехар од секое натпреварување.
Дамјан: Атмосферата е одлична, а како и секоја година досега, нашите цели се да продолжиме со освојување трофеи. Победата во Купот на Македонија е доказ дека сме повторно на вистинската патека.
Војдан во акција.
Ги збунувате ли често луѓето со вашиот изглед? Дали тешко ве препознаваат?
Дамјан: Веќе подолго време не ги збунуваме луѓето, а кога бевме мали, тоа беше честа појава. Мојот нов имиџ со подолга коса сега е „виновен“ што веднаш знаат кој е кој.
Војдан: Во минатото потешко нѐ препознаваа, но сега не може да нѐ погрешат поради новиот имиџ на Дамјан со неговата подолга коса.
Си упатувате ли критики еден на друг?
Војдан: Да, бидејќи двајцата сме самокритични, но прифаќаме и сугестии. По секој натпревар го фалам не само брат ми туку и другите, но и им упатувам и критика.
Дамјан: По секој натпревар си ја анализираме играта и ако треба, си упатуваме критики. Тоа е со цел да бидеме уште подобри во следните натпревари.
Ја користевте ли финтата едниот да одговара на час наместо другиот?
Војдан: Да, да, ја имаме користено таа финта кога имаше потреба, но тоа не беше често.
Дамјан: Мора да признам дека некогаш ја злоупотребувавме нашата сличност и дека се менувавме на училиште кога требаше да се одговара за оценка.
Дамјан во акција.
Потекнувате од семејство во кое сите се високообразовани. Вашиот постар брат Огнен е дипломиран економист, а вие се стекнавте со диплома од Универзитетот Скопје. Зошто тој беше ваш избор?
Дамјан: Двајцата факултетското образование го почнавме додека игравме за АМАК-СП во Охрид, на тамошниот Факултет за туризам. Кога ја продолживме кариерата во Скопје, логично беше да продолжиме во нашиот град и го одбравме Универзитетот Скопје. Не погрешивме.
Имавте ли разбирање од професорите?
Војдан: Професорите имаа огромно разбирање за нас како професионални спортисти. Многупати ни излегоа во пресрет.
Дамјан: Благодарни сме им премногу на професорите кои имаа разбирање за нашите обврски. Без нивната помош, немаше да дојдеме до целта.
Со оглед на фактот што секојдневието на спортистот е постојано динамично и со строг распоред на активностите, кога учевте? Заедно ли одевте на предавања и заедно ли полагавте?
Војдан: Со оглед што трениравме двапати на ден, не одевме на предавања туку само на испити. Најчесто тоа го правевме заедно.
Кои ви беа најомилени предмети?
Војдан: Помина доста време и навистина не можам да одвојам некој предмет посебно.
Дамјан: Знам дека на секој предмет му посветував идентично внимание и се вложував целосно за да дојдам до посакуваната оценка.
ВОЈДАН: Имавме огромно разбирање како професионални спортисти, професорите многу пати ни излегоа пресрет.
ДАМЈАН: Благодарни сме им премногу на професорите кои имаа разбирање за нашите обвски. Без нивната помош, немаше да дојдеме до целта.
Кои се предностите на Универзитетот Скопје? Која е причината плус поради која би им го препорачате на вашите помлади колеги, спортисти?
Војдан: Секој спортист кој има желба може да заврши факултет, дури е и препорачливо да го стори тоа, бидејќи кариерата не трае долго. Многу сум среќен што речиси сите млади кошаркари во МЗТ Скопје работат на своето високо образование, како Петков, Андоновски и Миловановиќ.
Дамјан: Спортот не треба да биде пречка, ниту оправдание да не се заврши факултет. Така ги советуваме со Војдан нашите помлади соиграчи.
Војдан и Дамјан
Планирате ли по завршувањето на кариерата да се ориентирате кон професијата за која стекнавте диплома?
Војдан: Секако дека би сакале да останеме во спортот во некоја друга улога освен како играчи. Но, кој знае, можеби некогаш ќе ни се укаже можност да работиме нешто поврзано со нашето образование.
Како се снаоѓате во улога на семејни луѓе? Ве промени ли бракот?
Војдан: Со сопругата сме многу години заедно и многу добро се разбираме, како претходно, така и во бракот.
Дамјан: Слично како и Војдан. Разбирањето е нешто што го имам во својот дом и семејство и среќен сум поради тоа.
Дамјан, вие сте веќе татко на син. Би сакале ли и тој да тргне по вашиот спортски пат?
Нека е само жив и здрав. Самиот ќе си го одбере патот, спортски или во некоја друга насока.