Студентите од Универзитет Скопје со златни медали на гастрономските натпревари

Студентите од Универзитет Скопје со златни медали на гастрономските натпревари

Студентите од Универзитетот Скопје беа учесници  на  Меѓународниот гастрономски натпревар ,,Гастро Истанбул – 2023“ кој се одржуваше по дваесетти пат во областа Тузла Марина. Нашите студенти под менторство на проф. Даниела Пантиќ-Влаховиќ, меѓународен судија,  се натпреваруваа во 4 категории (паста, пилешко, риба и модерно јадење). Овој јубилеен натпревар беше организиран од страна на турската готварската федерација „TASFED“ и господин Бајрам Озрек. Нашите учесници, во  деновите што ги поминаа на овој гастрономски фестивал значаен за нас, се стекнаа со многу пријатели, запознаа многу еминентни имиња во светската гастрономија и станаа дел од најдобрите бидејќи нивните резултати говорат за нивниот квалитет.

Три златни медали во три категории за студентите на УТМС

Во конкуренција од 23 држави, нашите студенти беа најдобри и на вториот ден од овој меѓународен  натпревар. Христијан Јорданоски  и Бојана Богоеска се закитија со два златни медала во категорија паста, а Виктор Арсоски и Диана Петковиќ  со бронза во истата категорија! Успехот се потврди и на третиот ден од натпреварот, кога Дијана Петковиќ и Христијан Јорданоски заслужено добија злато.

Овие студенти  учествуваа и на интернационалниот натпревар по гастрономија во Анталија, Р. Турција. Популарниот ,,Gastro Antalya - international gastronomy and kitchen meeting" беше свечено отворен од градоначалникот на Анталија, г- дин Мухитин Бечек. Натпреварот беше под будното око на шефовите од Германија, Србија, Турција, Азербејџан, а високопоставените критериуми зборуваа за големиот предизвик што им претстоеше на учесниците. Горди сме за постигнатиот успех!

,,Да се ​​издигнеш на тронот и да се одликуваш со два златни и два бронзени медали е чувство на задоволство и среќа, но и чувство на огромна одговорност кон субјектот кој го овозможил тоа. Во организација на Универзитетот Скопје, во два наврати бевме учесници на гастрономски натпревар во Република Турција со познати гастрономи од светски ранг. Благодарност за поддршката до Данијела Пантиќ-Влаховиќ, но и огромна благодарност до тимот на УТМС, кој несебично нѐ поддржа во секој момент за да дојдеме до посакуваните резултати. На УТМС има широк спектар на можности за да можеме ние, студентите, да се најдеме во секој сегмент од нашата потреба и да се докажуваме. Јас се обидов мојата татковина Република Македонија да ја прикажам во најдобро светло. Во многуте развиени знамиња, високо на тронот беше и македонското знаме и знамето на Универзитетот Скопје. Се чувствував горда и успешна студентка на Универзитетот Скопје. Огромна благодарност до Ректорската управа при УТМС за извонредната организација и реализација на нејзините програмски цели. Се надевам дека нема да застанеме овде. Подготвени сме и одговорни да се соочиме со нови предизвици. Со квалитетни натпревари и со високи резултати можеме да нижеме нови победи и во следниот период во која било област”, истакна студентката Бојана Богоеска.

Наградените студенти на „Гастро Анталија 2023“.

Наградените студенти на „Гастро Анталија 2023“.

„Успехот на нашите студенти е наша гордост и само преку нивните успеси, ние го трасираме вистинскиот пат. Најчесто поминуваме низ многу ангажмани, дополнителна работа, труд и многу потрошено време, но крајот закитен со многу награди и дипломи, за нас е голем престиж. Учеството на овие меѓународни натпревари со себе носи многу  вежбање, многу непроспиени ноќи, бидејќи да се биде меѓу најдобрите во конкуренција од 25 држави, не е лесно и едноставно. За тоа колку требаа финансиски и човечки ресурси, колку влијаат и подготвеноста и професионалноста на учесниците, зборува и фактот што Универзитетот Скопје и во Анталија и во Истанбул, беше единствен претставник од Македонија. И, дефинитивно, голема е задоволството да се претставува нашата голема Македонија”, рече м-р Билјана Проеска, раководител на тимот готвачи од Универзитетот Скопје. 

Професорката Даниела Пантиќ-Влаховиќ, професор по готварство во средно туристичко училиште во Белград, долгогодишен меѓународен судија во готвење и автор на емисијата ,,Шефица“ на „KITCHEN TV“, во својата долгогодишна кариера има учествувано во повеќе од 100 натпревари. Позната е и како организатор на првиот „Првиот интернационален пица-фест во Србија 2023“. Во своето богато искуство соработувала со многубројни училишта, факултети и универзитети, како во Србија, така и во странство.

„Ми беше големо задоволство да соработувам со членовите на тимот на Универзитетот Скопје. Нивната енергија, желбата за знаење и волјата за добри резултати ,беше голема движечка сила за сите нас. Овие млади луѓе од Македонија, со заедничка поддршка, го направија невозможното. Златните медали се нижеа една по друга! На „,Гастро Анталија“ и „Гастро Истанбул“, студентите освоија со својот шарм, младоста и желбата да се докажат како идни млади шефови. Јас им посакувам многу успех во нивните кариери и се надевам дека Универзитетот Скопје ќе има уште вакви млади таленти“, истакна професорката Пантиќ-Влаховиќ. 

Студентите заедно со својот ментор, проф. Даниела Пантиќ-Влаховиќ.

Студентите заедно со својот ментор, проф. Даниела Пантиќ-Влаховиќ.

„Јас, Христијан Јорданоски, сум професионален готвач околу 13години. Во мојата кариера сум учествувал на многу натпревари и семинари во областа на гастрономијата и на туризмот. Сум бил на повеќе државни и меѓународни натпревари, како во нашата држава, така и во други земји. Последниот натпревар беше во Истанбул, од каде што се вратив со 3 златни медали во различни категории (приготвување на домашна паста, риба и порција на модерен начин), во организација на „TASFED“. Досега сум освоил многубројни златни, сребрени и бронзени медали, но исто така сум освоил и  две титули „Гранд при“. Во 2018год, во Украина во Киев, победивме како најдобар јуниорки тим и се закитивме со пехар „Гранд при“. Во 2021 година во Турција во Истанбул, исто така го освоивме „Гранд при“ за најдобар јуниорски тим. Покрај натпреварите во Киев и во Истанбул, сум бил и во Анталија, Измир, Клуж Напока во Романија, Ерусалим во Израел, Брач во Хрватска, Будва во Црна Гора, Белград во Србија, Гастромак во Македонија и Крагуевац во Србија. Исто така, јас сум судија на средношколските натпревари во Македонија и тоа на: „Cook&Serve2018“, „Taste Krushevo 2019“ и „TASTY STRUMICA 2023“. Сепак, морам да издвојам дека најдраги ми се учествата на натпревари каде што го претставувам Универзитетот Скопје, бидејќи голема е честа да се биде дел од ваков престижен универзитет“, изјави студентот Јорданоски.

Јас го сакам Универзитетот Скопје поради можностите што  ги нуди за студентите. Среќна сум што  ја имав можноста да учествувам на „Гастро Анталија“, натпревар, кој се одржа во ноември минатата година во Анталија. Учествував во категориите паста и пилешко, каде што освоив 2 сребрени медали. За време на натпреварот, имав потполна поддршка од Универзитетот и нашите ментори Даниела Влаховиќ и м-р Билјана Проеска. Исто така, Универзитетот Скопје ми ја даде можноста да учествувам во натпреварот за готвење „Гастро Истанбул – 2023“, кој се одржа во декември. На овој натпревар освоив бронзен медал за категоријата паста и златен медал за категоријата пилешко. Конкуренцијата беше голема, но од сите 25 држави, јас и мојот тим успеавме да го достигнеме врвот. При овие натпревари ми се даде и можноста да посетам нови места, да стекнам нови пријателства и воедно да ги претставувам Универзитетот и својата земја“, истакна студентката Дијана Петковиќ.

Image
Newsletter