СВЕТСКА БАНКА: Цените на суровините ќе останат високи до 2024 година

СВЕТСКА БАНКА: Цените на суровините ќе останат високи до 2024 година

Светската банка е со исти прогнози за економиите во следните две години како и Виенскиот институт. Војната во Украина предизвика ценовен шок на пазарите на суровини, во трговијата, производството и во потрошувачката, предупреди Светската банка, оценувајќи дека цените ќе останат високи поради овие промени до крајот на 2024-та година.

По нафтената криза во 1973-та година, цените на енергијата драстично се зголемија во последните две години, а земјоделските суровини и ѓубрива поскапеа најмногу од 2008-та година наваму, соопшти Светската банка во прогнозите за пазарите на суровини.

Според банката, главна причина за овие високи цени е тоа што Украина и Русија се големи производители на земјоделски суровини, а гасот се користи како суровина за производство на вештачките ѓубрива.

Цените на енергијата ќе пораснат за повеќе од 50% во оваа година, а потоа ќе паднат во 2023-та и во 2024-та година.

Цената на природниот гас во Европа ќе се удвои и ќе достигне рекордно ниво во оваа година, а цената на јагленот ќе порасне за 80% достигнувајќи исто така рекордно ниво, проценува Светската банка.

Очекуваат и рекордни цени на пченицата по растот за повеќе од 40% во оваа година, што ќе го зголеми притисокот врз економиите во развој што најголем дел од својата побарувачка го задоволуваат со увоз, особено од Русија и од Украина.

Цените на металите се очекува да пораснат за 16% годинава, а потоа да ослабат во 2023-та година, при што сепак ќе останат на покачените нивоа, предвидува Светската банка.

Image
Newsletter