ТОШЕ ПОП СИМОНОВ : ЗАМИНА ГОЛЕМИОТ КРЕАТИВЕЦ И ГЕНИЈАЛЕЦ

ТОШЕ ПОП СИМОНОВ : ЗАМИНА ГОЛЕМИОТ КРЕАТИВЕЦ И ГЕНИЈАЛЕЦ

Тоше Поп Симонов беше херојот на едно време. Генијалец, креативец, човек од сенка и виновник за успехот на многумина. Еден од најавтентичните гитаристи во Македонија, необичен композитор, луциден текстописец, аранжер пред своето време и продуцент со нерви од ортома. Бескрајно интелигентен, генијално духовит, начитан, поткован во секое време да одговори на сите можни предизвици, а толку обичен човек од една мала уличка во близина на грчката амбасада во Скопје.

Да може сега од некаде да ги прочита овие мои редови, со онаа негова опасна мангупска насмевка би рекол: „Мислам дека малце претера. Не мислиш така?“

Сите што имале шанса да поминат барем еден час во неговото студио „Аудиолаб“, каде што се создаваше македонската музика во 90-те години на минатиот век, знаат колкава беше честа и привилегијата да се биде во неговото друштво, да се слушаат неговите мудрости и шеги, па и да се вдишуваат огромните количини чад што ги произведуваа неговите „швајцани“ цигари.

Во негово друштво часовите летаа за миг, а неговите зборови и духовити досетки долго одѕвонуваа во ушите на сите што го познава и го сакаа како таков. Во текот на своите 63 години, сѐ што допре успеа да претвори во злато. И првите песни на „Бастион“, и нумерите на „Асторија“, и првите рап-обиди на овие простори со легендарната Ена Веко, и феноменалните хитови на „Студени нозе“, во кое едно „куче“ споредуваше со кифла и југо и секогаш на неа налетуваше кога не е бањат, и бравурозните гитарски решенија во „Време за плачење“ и во икс други фестивалски теми, како и најфилозофските, а толку човечки и секојдневни текстови на песните на Дарио или „Кучкиниот син“ на Верче Пандиловска... Од продукцијата „Аудиолаб“ успеа да направи култно место, каде што со часови, денови и месеци се снимаа цели фестивали, многу значајни поп- и рок-албуми и безброј песни, кои го носеа неговиот генијален продуцентски жиг и печат.

Се опроба и во видеопродукцијата и повторно беше одличен, успевајќи да создаде необични и интересни телевизиски содржини за сите генерации. Последните години ја откри својата моќ да им помага на луѓето, и тоа го правеше повторно успешно и со цело срце, со надеж дека сите луѓе треба да бидат здрави и среќни.   

Тоше беше маркантна појава, интелектуален џин и творец, кој си играше со сите технички можности на минатиот и на овој век. Понекогаш сфатен, честопати несфатен, а понекогаш и предаден од некои блиски луѓе, до последен момент не ја загуби вербата во луѓето, иако одлично знаеше дека пустите се несовршени – злобни, алчни и превртливи.

Вакви генијалци не можат да си заминат од спомените на сите што ги сретнале, а нивните дела остануваат вечно да живеат и да зборуваат за нив. Факт е дека сѐ помалку има такви урбани херои од калибарот на Поп Симонов. Да се надеваме дека постои уште некој свет, каде што Тоше Поп Симонов ќе успее да направи сѐ што не успеа тука.

kamikaza

Петар Георгиевски-Камиказа: Секогаш подготвен да помогне и кога мислиш дека цел свет ти пропаднал

Петар Георгиевски-Камиказа беше еден од најдобрите пријатели на Тоше Поп Симонов и почитувач на неговото дело.

„Остави музика и човештина за навек. Нѐ задолжи сите кои соработувавме со него! Секогаш спремен да помогне, да се најде за сѐ нешто, токму во правиот момент, кога мислиш дека цел свет ти пропаднал! Тоше беше  секогаш тука и невозможното го правеше возможно! Ти благодарам, друже, за сѐ! Последно се чувме неколку дена пред да почине и долго зборувавме за неговото здравје.  Беше борец и познавач на невозможното кога беше медицината во прашање, особени последниве неколку години. Но, срцето јуначко и големо како планина престана да чука. Секој збор што ќе го кажам или напишам е премал за сето она што го направи за сите нас. Почивај во мир, мајсторе над мајсторите, и горе меѓу ѕвездите една беседа и песна да им направиш, за да можат и тие горе да те слават како ние тука на земјата. Ќе недостасуваат твоите досетки“, напиша Георгиевски

Неодамна „Меморија“ одржа прес-конференција во просторите на Универзитетот Скопје, верен поддржувач на бендот. На настанот го промовираше материјалот од спектаклот кој го одржа лани во арената „Борис Трајковски“ во Скопје, на носач на звук во вид на жив албум и во двоен формат – на ЛП-плоча и на цеде.

Според изјавите, кога е ЛП-плочата во прашање, се работи за вистински уникат, каков што во Македонија никогаш досега не е издаден, а е вистински раритет дури и во историјата на екс-ју музиката во регионот. Тројниот албум е насловен: „Меморија 2024  Live“, сместен на три ЛП-плочи. На него се ставени 21  песна изведени од бендот, зашто ЛП-форматот толку максимално собира. Додека двојното цеде содржи 25 песни од целиот концерт и во него се вклучени и изведбите на специјалните гости на настанот. На настанот постхумно му беше доделено признание на Тоше Поп Симонов за неговиот придонес во македонската музика.  

Георгиевски го истакна коментарот на покојниот музичар, кој го добил по одржувањето на ланскиот концерт.  

„Не е тешко да станеш. Тешко е да ОСТАНЕШ. Меморија вечерва го положи најтешкиот испит – филтерот на времето. По дваесет и кусур години пауза, направија концерт по сите светски стандарди, на кој дојде река од илјадници луѓе. Два саата бендот свиреше, публиката пееше на цел глас. Можете да не ја сакате македонската рок- и поп-музика, ама ова вечерва беше потресно. Концертов беше историски.

На целата екипа ѝ честитам од срце. Перо – Kamikaza,  друже, ти се восхитувам на силата, ентузијазмот и волјата. Живи и здрави да сте, утепавте вечерва“.

Image
Newsletter