Трката почнува: Кој од седумтемина кандидати ќе седне во Вилата Водно?

Трката почнува: Кој од седумтемина кандидати ќе седне во Вилата Водно?

ПРОФИЛ НА ПРЕТСЕДАТЕЛСКИ КАНДИДАТИ

Дали ќе ѝ донесе среќа на земјава бројот седум, кој се смета за еден од најсреќните броеви, со изборот на еден од седумте кандидати на седмите по ред претседателски избори во Македонија? Кој ќе седне во вилата Водно, ќе се знае по 8 мај, кога е вториот круг на претседателските заедно со парламентарните избори. Првиот круг ќе се одржи на 24 април, а досега Македонија само еднаш избрала претседател на државата во првиот круг. Тоа се случи во 1994 година, кога Киро Глигоров со освоени 715.087 гласови го победи професорот Љубиша Ѓеоргиевски. 

На овие претседателски избори, од петнаесет кандидати, само седум успеаја да обезбедат влез во претседателската трка преку граѓански потписи. На гласачкото ливче на 24 април ќе се најдат Стево Пендаровски како кандидат на СДСМ, професорката Гордана Силјановска-Давкова поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Максим Димитриевски од движењето ЗНАМ, професорката Билјана Ванковска како кандидат на Левица, Бујар Османи од ДУИ, Арбен Таравари со поддршка од здружената албанска опозиција и Стевчо Јакимовски од ГРОМ. 

Останатите осум кандидати не успеаја да обезбедат влез во претседателската трка преку граѓански потписи. Меѓу нив е Мерсиха Смаиловиќ како кандидат на Бошњачкиот демократски сојуз со 3.246 потписи, која беше најблиску до целта. Зад Ѓорѓи Манасков застанаа нешто помалку од 500 граѓани. Надвор од трката останаа и докторот Вело Марковски со 1668 потписи, Зорица Цветковска од партијата Десна со 293 потписи, а господинот Поповски доби поддршка од 147 граѓани. Без ниту еден потпис е Томе Николоски, а Гоце Ристов и Драган Николовски, кои поднесоа иницијативи во последните три дена, завршија со 6 и 8 потписи соодветно. Сите тројца до последниот ден останаа непознати за јавноста.    

Изборен систем

Според македонските закони, кандидатот за претседател може да победи во прв круг ако освои над 50% од гласовите на сите регистрирани гласачи во избирачкиот список. Ако не се случи ова, се одржува втор круг избори, во кој се натпреваруваат двата кандидата со најмногу гласови од првиот круг. Одзивот во вториот круг треба да биде над 40% за да се смета гласањето за важечко.

Ако и во вториот круг гласање ниту еден од кандидатите не го добие потребното мнозинство гласови, се повторува целата изборна постапка.

Според Уставот, претседателскиот кандидат треба да има над 40 години и да биде жител на државата најмалку 10 од последните 15 години. Еден мандат на претседателот трае 5 години, а еден претседател може да биде на должноста најмногу два мандата. 

Во оваа анализа ќе направиме профил на сите седум претседателски кандидати што официјално ќе се тркаат за гласовите на граѓаните. 

Гордана Силјановска-Давкова, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ

Гордана Силјановска-Давкова по втор пат ќе се обиде да влезе во вилата „Водно“. Пред пет години беше поразена токму од актуелниот претседател Стево Пендаровски. Поддржана е од ВМРО-ДПМНЕ, иако не е член на партијата. 

Силјановска Давкова е родена на 11 мај 1953 година во Охрид. Таа е  универзитетски професор, правник и пратеник во Собранието на Македонија. 

Основно и средно образование завршила во Скопје. Дипломирала на Правниот факултет во Скопје, каде што и магистрирала. Докторирала пред комисија предводена од проф. Франц Град со „Cum laude“ на Правниот факултет во Љубљана, на тема „Локалната самоуправа – помеѓу нормите и реалноста“ во 1994.

Била избрана за асистент по предметот политички систем на Правниот факултет во Скопје во 1989, за доцент по уставно право и политички систем во 1994, а потоа и за редовен професор во 2004 година. 

Била член на Уставната комисија на Собранието на Република Македонија во периодот 1990 – 1992 и министерка без ресор во периодот 1992 – 1994, во Владата што ја предводеше Бранко Црвенковски. 

Експерт е за избори на ООН и потпретседател на групата Независни експерти за локална самоуправа при Советот на Европа. Член е на Венецијанската комисија. Автор е на стотина научни трудови за уставното право и политичките системи.

Силјановска-Давкова беше дел од Професорскиот пленум во обид да ја одбрани автономијата на Универзитетот кога се носеше спорниот Закон за високо образование. Таа беше дел и од протестот на професорите пред Собранието, каде што одржа говор зошто е погрешно предложеното законско решение.

Силјановска заедно со Пленумот побара и од Иванов да стави вето ако се изгласа законот во Собрание, но по големиот јавен притисок, власта на ВМРО-ДПМНЕ го повлече законот на почетокот од 2015 година.

Гордана Силјановска-Давкова.

Гордана Силјановска-Давкова.

Критичар на двојазичноста

Силјановска застана против новиот Закон за употреба на јазиците, со кој дефакто се воведува двојазичност во Македонија на повеќе нивоа вклучително и во сите институции. Таа е еден од фронтмените, заедно со професорката Ванковска и академикот Ќулафкова, за што сите три добија и многубројни етикети од медиумите, особено дека со своите настапи ширеле „албанофобија“ и дека наводно биле блиски до политиките на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Секако, Силјановска-Давкова се противеше на ваквите инсинуации и во своите настапи користеше исклучително правни аргументи, особено за постапката во која беше донесен законот со европско знаменце.

Против Преспанскиот договор

За Гордана Силјановска-Давкова Преспанскиот договор е создаден на бесправен начин и вели дека тоа прашање е отворено. За неа Преспанскиот договор е неприфатлив и покажува дека Македонија е земја во распаѓање, која се ставила во подредена улога во однос на Грција, со дозвола да ѝ се мешаат дрско во внатрешните прашања. Истакна дека ќе го изгубиме најважното – придавката „македонски“. Таа, во обемна правна анализа на Договорот за решавање на спорот за името, потенцираше дека се недозволиви уставните измени што се преземаа, дека претставуваат грубо кршење на сите принципи и дека навлегуваат целосно во промена на „историјата, македонскиот идентитет, македонскиот јазик, културата и образованието, политичкиот и административниот систем, Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот“.

Гордана Силјановска-Давкова е една од најобожуваните професорки од страна на студентите на Правниот факултет. Ја опишуваат како извонреден професор и инспирација за нив поради нејзините предавања, професионалност и објективност. 

Таа е сопруга и мајка на две деца. Силјановска-Давкова има изјавено дека сака рокенрол и дека во студентски денови ги слушала „Леб и сол“. На овие избори посакува Билјана Ванковска да ѝ биде главен конкурент.

Стево Пендаровски, поддржан од СДСМ и коалицијата

Стево Пендаровски по трет пат трча претседателска трка. Има еден неуспешен и еден успешен обид. Првиот пат беше поразен од Ѓорѓе Иванов, а вториот пат ја победи Гордана Силјановска-Давкова, со која и сега ќе се соочи. 

Стево Пендаровски.

Стево Пендаровски.

Пендаровски е роден на 3 април 1963 година во Скопје. Дипломирал во 1987 година на Факултетот за правни и политички науки на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, а магистрирал и докторирал на Институтот за социолошки и политички правни истражувања при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје.

Пендаровски е долги години во политиката. Беше советник на двајца поранешни претседатели, Црвенковски и Трајковски, а една година беше и на чело на ДИК. 

Бил професор на Универзитетот „Американ колеџ“ – Скопје, каде што предавал меѓународна безбедност, надворешна политика и глобализација на Факултетот за политички науки.

Во периодот 1998 – 2001 година, бил началник на Управата за аналитика и истражување во Министерството за внатрешни работи и портпарол на Министерството.

Од 2001 до 2004 година е советник за национална безбедност на претседателот на Република Македонија. Од 2004 до 2005 година е претседател на Државната изборна комисија. Од 2005 до 2009 година е советник за надворешна политика на претседателот на Република Македонија. Од 2016 до 2017 година е пратеник во Собранието на Република Македонија. Од ноември 2017 година, Пендаровски е назначен за национален координатор за НАТО.

За време на актуелниот мандат, во најголем дел ги следеше политиките на коалицијата на СДСМ и ДУИ. Ги потпишуваше сите закони што ќе дојдеа од Собранието. Единствен закон што не го потпиша неодамна е Законот за игри на среќа. Ќе се памети изјавата на Пендаровски дека е неспорна историска вистина оти Гоце Делчев се изјаснувал како Бугарин, како и дијаметрално спротивните изјави околу т.н. француски предлог. Прво велеше дека нема видено никаков француски предлог, а по една недела се пофали дека учествувал во создавањето на содржината на овој предлог. Пендаровски е и првиот претседател што не одржал говор за Илинден на Мечкин Камен во Крушево.

Пендаровски е сопруг и татко на едно дете. За медиумите има изјавено дека ретко гледа филмови, а повеќе сака да чита. Омилен парфем му е „Живанши“, ги сака „Бјело дугме“, а омилена песна му е „Хотел Калифорнија“ од Иглс.

Максим Димитриевски, кандидат на ЗНАМ

Максим Димитриевски е македонски политичар и градоначалник на Општина Куманово од 2017 година. Пред да се кандидира за градоначалник на Kуманово, беше пратеник во Македонското Собрание.  

Димитриевски беше кадар на СДСМ што одлучи да си замине оттаму откако партијата одлучи да не го поддржи за градоначалник на Куманово.

Максим Димитриевски.

Максим Димитриевски.

Роден е на 29 ноември 1975 во Куманово. Основно и средно образование завршил во родниот град, а дипломирал на правниот факултет во Скопје. Во 2011 година изработува публикуван труд: „Вкупни даночни приходи и расходи во ЕЛС со осврт на Општина Куманово“. Магистрира на тема „Ниското ниво на децентрализација – причина за несоодветен развој на единиците на локална самоуправа во Република Македонија“.

Политичката кариера ја започнува како млад активист на Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија. Во 2008 година стана дел од Советот на Општина Куманово, а подоцна и претседател, од 2012 до 2016 година. Политичката кариера ја продолжува како пратеник во Собранието на Република Македонија и претседател на Комисија за одбрана и безбедност. На локалните избори во октомври 2017 година, станува градоначалник на Општина Куманово, а во 2021 е  реизбран за градоначалник на општината на локалните избори на 31 октомври како независен кандидат.

Актуелниот градоначалник на Куманово, на бранот на популарноста кај граѓаните, одлучи да се кандидира за претседател на државата. Од неодамна го има и движењето ЗНАМ, кое за првпат ќе учествува на парламентарните избори.

Највпечатлив настап на Димитриевски е тој на бугарската телевизија, кога ја објасни причината за лошите односи меѓу Македонија и Бугарија, како и меѓу Македонците и Бугарите. Тој отворено рече дека е факт оти од 1941 до 1944 година Бугарија била дел од фашистичката коалиција и оти никогаш не се извинила за тоа.

Димитриевски е семеен човек, сопруг и татко на три деца. Хоби му е лов, свирел на труба и како и многу кумановчани, работел во Ирак. 

Бујар Османи, кандидат на ДУИ за „прв претседател Албанец“

Бујар Османи е специјалист хирург по дигестивна хирургија, политичар, моментален министер за надворешни работи на Република Македонија. Османи е роден на 11 Септември 1979 во Скопје, Република Македонија. Дипломира на Медицинскиот факултет во Скопје во 2004 година. Дел од својата специјализација ја завршува во Лондон, Обединетото Кралство. во периодот 2006 – 2007 година, а од 2012 година се стекнува со звањето специјалист хирург. Од 2014 е докторанд на Школата за докторски студии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде што докторираше во јули 2018 година.

Бујар Османи.

Бујар Османи.

Своето работно искуство го започнал во 2004 година како доктор на медицина на Универзитетската клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ во Скопје. Во 2008 година е назначен како министер за здравство на Република Македонија и таа функција ја извршува сѐ до 2011 година. Од 2011 година е специјалист хирург во Универзитетска клиника за дигестивна хирургија во Скопје. Од јуни 2017 година е назначен како заменик-претседател на Владата задолжен за европски прашања. 

На 30 август 2020 година, Бујар Османи е избран за министер за надворешни работи на Република Македонија.

Беше главен во преговорите со Бугарија, се залагаше Македонија по секоја цена да добие датум за почеток на преговорите и да го промени Уставот со внесување на Бугарите. Кулминација на неговиот мандат како шеф на дипломатијата беше Самитот на ОБСЕ на кој Македонија беше домаќин како земја-претседавач. Главно барање во неговата кампања ќе биде избор на претседател во Собранието наместо на избори и воведување на функцијата заменик-претседател. Ветувањето на Османи е дека е дојдено времето за претседател Албанец. Ќе остане запаметен по својата неодамнешна изјава кога кажа дека ако не земе еден месец плата, ќе треба да се задолжи, а за тоа не му верувале пријателите. 

„Пријателите се смеат кога им кажувам дека ако не добијам еден месец плата, јас ќе треба да се задолжам. Тие ми велат, нема шанси, толку години функционер, но ви кажувам најискрено дека еден месец да не ми стигне плата, јас ќе мора да се задолжам за да преживеам“, кажа Османи.

Нормално, оваа изјава стана тема за потсмев во јавноста, па дури на шега се организираа и кутии за донации за помош на Османи. 

Бујар Османи е оженет, татко на три деца. Зборува албански (мајчин јазик), македонски, англиски и делумно француски јазик. Вели дека кога учел, бил буквално бубалица.

Билјана Ванковска, кандидат на Левица

За професорката Билјана Ванковска ова е втор обид да стане претседател. Во претседателската трка учествуваше и на изборите во 2014 година како независна кандидатка, но тогаш не успеа да ги собере потребните 10.000 потписи, иако, како што велеше, имала најмногу лајкови на Фејсбук. Но, едно е Фејсбук, а друго е вистинска поддршка, па затоа таа сега е поддржана од Левица.

Билјана Ванковска.

Билјана Ванковска.

Во јавноста стана позната по т.н. професорски пленум во 2015 година, кога се спротивставуваше за измените на Законот за високо образование. Ванковска е и единствениот кандидат за претседател што вели дека Македонија треба да излезе од членството во НАТО бидејќи државата не добива ништо од тоа. 

Таа е позната како активист во повеќе иницијативи и организации на цивилното општество. Ванковска е доктор по политички науки, редовна професорка и раководителка на последипломските студии по Мир и развој на Филозофскиот факултет во Скопје. Професор е и на Европскиот мировен универзитет во Шлајнинг, Австрија. Има објавено повеќе книги и 100-тина научни статии и поглавја на повеќе странски јазици. 

Ванковска е родена во Скопје на 14 ноември 1959 година. Таа e редовен професор на Филозофскиот факултет при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Основното и гимназиското образование ги завршила во Скопје како првенец на генерацијата. Правниот факултет во Скопје го завршила во април 1982, а веќе во 1987 година и магистрирала. Докторирала во 1992 година, исто така на Правниот факултет, на тема за улогата на војската во политиката. Почнала да работи како судиски приправник во Општинскиот суд Скопје I, а подоцна, во 1983 година, се вработила како помлад асистент на Филозофскиот факултет во Скопје. Веќе во 1993 година била избрана за доцент, пет години подоцна за вонреден професор, а потоа и двапати, во 2003 и во 2008 година, и за редовен професор. Член е на Стручниот совет за докторски студии на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Активна е и во невладиниот сектор. 

Ванковска има објавено преку стотина книги, поглавја и научни статии, најголем број од нив во странство и на англиски јазик. Таа е член е на уредувачките одбори на повеќе реномирани меѓународни научни списанија („International problems“, „Journal of International Relations and Development“, „European Perspectives“, „Human Security“, „Res Militaris“), а ведно била и првиот уредник на научното списание „Безбедносни дијалози“, кое го издава Институтот за безбедност, одбрана и мир при Филозофскиот факултет во Скопје.

Во сферата на цивилното општество, таа била ангажирана како раководител на Ресурсниот центар за демократија и безбедност при Институтот „Евробалкан“ – Скопје во периодот 2003 – 2005 година, а во периодот 2005 – 2007 година била член на Бордот на македонскиот Хелсиншки комитет. Во периодот 2008 – 2011 година, таа била јавен заговарач на регионалната иницијатива РЕКОМ – иницијатива за формирање Регионална комисија за утврдување на фактите за воените злосторства и тешките повреди на човековите права од војните на територијата на поранешна Југославија 1991 – 2001 година. Таа е сè уште активна во рамките на мрежата за помирување на РЕКОМ. Ванковска е мајка на три возрасни деца.

Стевче Јакимовски, поддржан од ГРОМ

Лидерот на Гром за првпат влегува во претседателката трка. Досега има искуство како пратеник, беше и министер за економија и труд и социјална политика, а моментално е градоначалник на Општина Карпош. 

Потребните десет илјади потписи ги собра најмногу од својата општина. На последните локални избори ја имаше поддршката од ВМРО-ДПМНЕ, но веднаш потоа Јакимовски излезе од коалицијата и дејствува самостојно.

Стевчо Јакимовски.

Стевчо Јакимовски.

Стевчо Јакимовски е роден на 27 август 1960 во с. Подржи Коњ, кривопаланечко. По дипломирањето на Економскиот факултет во Скопје во 1987 година, Стевчо Јакимовски волонтирал како новинар во спортската и во информативно-политичката редакција на втората програма на Радио Скопје. Исто така, Јакимовски е поранешен репрезентативец на Македонија во карате и петкратен републички првак.

Стевчо Јакимовски влегол во политиката во 1988 година, како стручно-политички работник во Претседателството на младината на Југославија. Оттогаш, тој бил на повеќе раководни функции.

Во текот на својата политичка кариера, Јакимовски променил неколку политички партии: прво бил член на Либерално-демократската партија, потоа преминал во СДСМ, а подоцна, во 2013 година, ја формира партијата ГРОМ.

Беше министер за економија и за труд и социјална политика во периодот 2003 – 2006 година. 

Функцијата градоначалник на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски ја вршел во периодот од 2000 до 2003 година, а потоа, во 2009 година, повторно бил избран за градоначалник на општината. 

Првиот мандат како градоначалник на Карпош, Јакимовски го добил како кандидат на Либерално-демократската партија, втората градоначалничка функција ја освоил како кандидат на СДСМ, додека третиот пат настапил како независен кандидат.

Во октомври во 2021 година, на локалните избори се кандидира како кандидат на ГРОМ и по четврти пат ја добива довербата од граѓаните. 

Јакимовски беше обвинет во 2018 за злоупотреба на службената положба и овластувањата, односно дека како градоначалник дозволил објектот на Општина Карпош каде што е сместена општинската администрација, да се изгради без одобрение за градба и без соодветна архитектонско-урбанистичка документација. Ова дело застари со амнестијата преку застарување на делата што лани ја изгласа Собранието со измените на Кривичниот законик. Последната одлука со која Стејт департментот го стави Јакимовски на Црната листа, не го поколеба да отстапи од трката за претседател. 

Јакимовски е оженет и има два сина. Од времето на неговиот министерски мандат во труд и социјала, остана запаметен по изјавата: „Работниците се заштитени како мечки во планина“. Тој беше еден од политичарите што гласно се заложија за бојкот на референдумот за името, а на денот на гласањето се сликаше како прави ајвар во својот дом.

Арбен Таравари, Европски сојуз за промени

Арбен Таравари е специјалист невролог и поранешен министер за здравство во владата од 2017 година. Моментално е градоначалник на Општина Гостивар.

Арбен Таравари.

Арбен Таравари.

Таравари е роден на 9 април 1973 во Гостивар. Средно медицинско училиште завршил во „Панче Попоски“ во Гостивар, а дипломирал на Медицинскиот факултет при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во 1998. Специјализирал неврологија во 2006, а во 2011 година ја одбранил докторската дисертација од областа на Паркинсоновата болест. Во 2010 година, започнал да биде редовен предавач на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во 2016 бил претседател на одделот на екстрапирамидални болести при Универзитетската клиника за неврологија, а бил член на одборот на меѓународните медицински списанија „Medicus“ и „Vox Medici“. Исто така бил раководител на Одделението за мигрена, главоболки и други синдроми при Универзитетска клиника за неврологија. На локалните избори во 2017 година, Таравари станал градоначалник на Општина Гостивар победувајќи го својот противкандидат од редовите на ДУИ, Невзат Бејта. На 29 октомври 2021 година, за време на локалните избори, Арбен Таравари победил во вториот круг и станал старонов градоначалник на Општина Гостивар. Тој ја претставувал коалицијата на Алијанса за Албанците и Алтернатива.

Таравари го наследи Зијадин Села на претседателската позиција во Алијансата на Албанците, но градоначалникот на Гостивар во претседателската трка влегува во период кога во неговата партија има раскол, и судот допрва треба да одлучува дали тој или Зијадин Села е лидер на Алијансата за Албанците.

Неговата партија двапати влегуваше и излегуваше од владата на СДСМ и ДУИ, а сега ќе се бори со свои кандидати за влез во вториот круг. И тој, како и ДУИ, го поддржува барањето за избор на претседател на државата во Собранието, како и на официјализирање на формулацијата „албански јазик“ од Законот за јазиците. Таравари е поддржан од албанската опозиција, а поддршка доби и од партијата на премиерот на Косово, Албин Курти. Таравари е оженет со Нора Таравари и е татко на две деца. Зборува албански, македонски, турски, англиски и српски јазик, а за себе вели дека е човек што верува во невозможното.

Image
Newsletter