Трнлив е патот за странските студенти во Македонија

Проф. д-р Зоран Ивановски, проректор за наука и развој на Универзитетот Скопје.

Трнлив е патот на странските студенти до Македонија. Нивната желба да дојдат и да студираат во земјава згаснува уште пред да почне да се реализира идејата. Причините за ваквата очајна состојба се многубројни, од постапката која е обременета со сложени бирократски процедури меѓу повеќе институции како Министерството за надворешни работи, Министерството за внатрешни работи и Министерството за образование и наука, до скапата процедура за издавање дозволи за престој.

Досега отсуствуваше политичка волја да се реши ваквиот проблем, со што државата наместо да ги привлекува, години наназад ги одвраќа странските студенти, па така наместо многубројни придобивки за националната економија, земјава станува неатрактивна за нив. 

Да се реши ваквата очајна состојба апелираат и професорите со кои разговаравме на оваа тема. Проректорот за наука и развој на Универзитетот Скопје, проф. д-р Зоран Ивановски, вели дека секоја година се намалува бројот на средношколци во Македонија, а од друга страна расте бројот на високообразовни институции. Ваквата состојба според него ја наметнува потребата од привлекување странски студенти со цел да се искористат домашните капацитети, но и да се зголеми девизниот прилив во домашната економија. 

„Впрочем, нашата држава, како мала и отворена економија, постојано прокламира потреба од зајакнување на извозот со цел обезбедување динамичен економски раст, а од друга страна, сосема малку ги користи можностите на своите високообразовни институции за да обезбеди солидни финансиски средства од странските студенти. Статистиките укажуваат дека еден студент од странство во просек троши околу 10.000 евра годишно (школарина, закупнини, храна и др.). Ова укажува на сериозен износ на странска акумулација, која би значела многу за растот на домашната економија, особено во услови кога растот се финансира со задолжувања од странство“, вели Ивановски. 

Домашните универзитети можат да одговорат на силната конкуренција со останатите земји преку зголемен ангажман и сериозни инвестиции во маркетинг, но се соочуваат со проблеми на секој чекор од страна на државните институции, констатира Ивановски. 

„Постапката за упис на странските студенти е комплицирана, недоволно координирана меѓу релевантните чинители, без реална желба состојбите да се менуваат и да им се олесни на универзитетите да запишуваат странски студенти. Главната пречка на тој пат е добивањето виза (дозвола за престој) на студентот, каде што МВР бара голем број документи, меѓу кои и нотарски договор за обезбеден стан. Имајќи предвид дека најголем број на апликанти доаѓа од азиските земји за кои е потребна виза за доаѓање во Македонија, обезбедувањето договор за закуп станува речиси, невозможна мисија‘ (како да обезбеди нотарски договор кога не може да влезе во државата?). На ова се надоврзуваат некоординараноста меѓу МНР (која ги прима апликациите за виза во странство) и МВР (која ги прима од МНР и носи конечна одлука за одобрување на престојот), како и недоволно конзистентна процедура на МОН за нострификација на претходното образование (се бараат свидетелства за секоја од четирите години средно училиште, иако во некои земји има друг систем (9+3) и сл.)“, дециден е Ивановски. 

На сличен став е и професорката Јана Илиева од Универзитетот Скопје. Повеќе од очигледно е дека долги години има ограничувања за странските студенти кои имаат желба да се запишат на македонските универзитети. Тоа е загрижувачки феномен, особено во време на глобализација кога меѓукултурната и меѓународна соработка се поважни од кога било. 

Проф. д-р Јана Илиева, генерален секретар и професор на Универзитетот Скопје.

Проф. д-р Јана Илиева, генерален секретар и професор на Универзитетот Скопје.

„Едно можно објаснување е поимот заштита на домашните интереси. Сепак, овој аргумент брзо го губи својот кредибилитет кога ќе се противстави на практиките на бројни европски земји кои активно ги прифаќаат странските студенти. Многу ЕУ-држави, на пример, активно регрутираат студенти од целиот свет препознавајќи го непроценливиот придонес што го носат во нивните академски институции и локални економии. Земјите како Германија, Франција и Холандија имаат политики и иницијативи за привлекување странски студенти од целиот свет. Познат е добредојдениот став на Франција кон странските студенти , а нејзината кампања ,Добредојдовте во Франција‘, која ја олеснува интеграцијата и обезбедува услуги за поддршка на странските студенти е иницијативи за пример. Ваквите проактивни мерки не само што поттикнуваат енергична мултикултурна средина во универзитетите, туку и значително придонесуваат за локалната економија преку зголемена потрошувачка, отворање работни места и иновации“, вели Илиева. 

Императив е, додава таа, домашните институции да го ослободат и да го рационализираат процесот за упис на странските студенти бидејќи нивниот недостиг во Македонија е повеќе пропуштена можност отколку заштитна мерка, а државата ризикува да заостане во глобалниот натпревар за таленти и иновации.

„Испитувањето на врската меѓу министерствата за внатрешни работи, за надворешни работи и за образование укажува на потенцијалните бирократски пречки и сложеноста на овој процес. Навистина, сложената и скапа процедура за упис на странски студенти во Македонија се значајни бариери. На пример, фактот што постои само една македонска амбасада на континентот Африка, лоцирана во Египет, ги истакнува логистичките предизвици со кои се соочуваат идните студенти од другите региони. Ова географско тесно грло не само што ги засилува бирократските пречки, туку и го зголемува финансискиот товар на апликантите. Ваквите сложености и трошоци дополнително ги одвраќаат потенцијалните странски студенти влошувајќи го и онака нискиот број на уписи. Оваа ситуација не само што лошо се одразува на посветеноста на Македонија за интернационализација, туку и ја попречува нејзината способност да ги искористи различните придобивки што ги носат странските студенти. Во светлината на овие предизвици, императив е овие министерства да го ослободат и да го рационализираат процесот на упис. Со намалување на административните оптоварувања и подобрување на пристапноста, Македонија може да привлече странски потенцијал кој не само што ќе ја збогати академската слика, туку и ќе произведе многубројни економски придобивки што го придружуваат меѓународното студентско присуство. Ова дотолку повеќе што отсуството на странски студенти носи значителни економски импликации. Меѓународните студенти, како што веќе споменав, не само што придонесуваат за различноста и богатството на академскиот дискурс, туку и внесуваат витални средства во домашната економија. Од школарина до трошоци за живот, нивните финансиски придонеси можат да ги зајакнат локалните бизниси и да поддржат создавање работни места. Во суштина, недостигот од странски студенти во Македонија повеќе претставува пропуштена можност отколку заштитна мерка. Строгите процедури на Македонија и ограничените напори за информирање се во целосна спротивност со инклузивните практики усвоени од нејзините европски партнери. Со неуспехот да ги искористи придобивките од меѓународната студентска мобилност, Македонија ризикува да заостане во глобалниот натпревар за таленти и за иновации. Постои итна потреба за промена на парадигмата во пристапот на земјата кон привлекувањето и уписот на странски студенти за да се усогласат поблиску со прогресивните политики забележани низ Европската Унија“, изјави Илиева.

Дали ќе се зафати новата влада, покрај сите наталожени проблеми во високото образование, со решавање на овој предизвик? Ова прашање треба да го стави на дневен ред што поскоро со цел Македонија да се најде на мапата на држави кои ќе бидат атрактивни за странските студенти. 

За да се смени состојбата, експертите апелираат дека е потребна само „политичка волја“ и координација помеѓу релевантните институции. Ако е нивниот интерес растот на економијата и на животниот стандард на своите граѓани, пораст на профитабилноста на домашните компании и вклучување на универзитетите на меѓународниот пазар, ваквата состојба би требало бргу да се менува. 

Останува да видиме дали ќе “има слух“ новата власт да ја смени состојбата. 

Статистика: колку странски студенти студираат во земјите низ Европа?

Речиси секоја земја има странски студенти, но нивниот број се разликува од земја до земја. Во изминатава деценија, бројот на странски студенти во европските земји е во пораст. Процентот е најголем во земјите од Западна и од Централна Европа, каде што 10-15 отсто од студентите се од странство.

Податоци од Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) за 2020 година покажуваат дека од земјите во Европа, Луксембург има најголем процент странски студенти – 48,4 отсто. По него следуваат Обединетото Кралство со 20,1 отсто, Швајцарија со 18,1 отсто и Австрија со 18 отсто.

Од друга страна, Турција има најмал процент на странски студенти во Европа – 2,3 отсто. Грција има само 2,8 отсто, а Италија има 2,9 отсто.

Image
Newsletter