Сѐ е исто како лани или се помрднуваме од мртва точка?
По две години не(успешно) справување со економските последици од пандемијата што ја предизвика вирусот Ковид-19, ќе успее ли конечно туристичко-угостителскиот сектор да застане на нозе, а фирмите да прокнижат профит? На компаниите и понатаму им е неопходна финансиска поддршка, некои од нив веќе почнаа да ги враќаат државните пари, а како капак на сè, трошоците вртоглаво растат нагоре, почнувајќи од цените на храната, струјата, парното, горивата, па сè до работната сила која треба „посолено“ да се плати. Во продолжение очекувањата на некои од чинителите во овие дејности.
Планирањето се одвива тешко, реализацијата уште потешко. Неблагодарно е да се прогнозира, иако очекувањата се главно позитивни. Во туристичко-угостителскиот сектор претпазливо и оптимистички ја чекорат 2022-рата. Се надеваат на подобро, но предпандемиските нивоа, велат се сè подалечна цел. Иако се очекуваше тие да се достигнат веќе годинава, реалноста е дека за тоа ќе почекаме уште некоја година. Сите се едногласни - сè повторно ќе зависи од пандемијата. Ако условите за патување се заострат, сеедно дали од македонска страна или од некоја друга држава, ќе изостанат гостите. Домашните туристи можат да спасат нешто, колку-толку, но факт е дека „странските тури“ носат заработувачка и развој.
„Очекуваме постепено враќање на туристите, но за да се забрза тоа мора напорно да се работи за да се врати довербата во дестинацијата. Што се однесува до патувањата на нашите граѓани, желбата за патување е голема, стравот од Ковид веќе е сè помал, но но тие сепак ќе зависат од рестрикциите што ги наметнуваат државите. Очекуваме 2022 година да биде многу подобра од 2021, но сè уште под нивото на состојбите пред пандемијата“, вели Владимир Граматиков од Сојузот на стопански комори.
Владимир Граматников, Сојуз на стопански комори
Ако се анализира првиот месец, може да се забележи дека речиси сè останало исто како и лани. Ниту настаните за дочек на Нова година, Божиќ, фрлање на светиот крст за Водици, Вевчанскиот карневал, не го зголемија драстично бројот на гости. Крсте Блажески, претседателот на ХОТАМ, вели дека бројот на туристи и заработката во охридско-струшкиот регион во јануари опаднале за 50% споредено со првиот месец од предпандемиската 2019.
„Ковид-19 трае веќе две години и влегува во трета. Со оглед на сите предвидувања, со сезоната 2022-ра би требало да се отпочне околу април, мај. Тоа не значи дека ќе имаме добра година, бидејќи 4-5 месеци ќе бидат изгубени. Ако се промени во негативна смисла ситуацијата со Ковид-19, тогаш тоа ќе биде крах за оваа, но и за други индустрии“, вели Блажески.
Најавите за чартер летови со странски туристи засега упатуваат на солидна сезона. Очекувано ќе изостанат некои од редовните гости, поради рестрикциите за влез и за излез од матичните земји. Други, пак, особено оние од земјите од Бенелукс повторно се враќаат во игра. Едно е сигурно, фокусот на туристите од регионот засега е најдобра опција за заработка.
„Што се однесува за дојдовниот туризам, се очекува да се обноват чартер летовите од традиционалните дестинации Холандија, Белгија и Полска. Ќе изостанат најверојатно израелските туристи (кои исто така беа традиционални на охридското крајбрежје), но тоа е поради високите рестрикции за патување наметнати од страна на нивните власти“, вели Граматиков.
„Веќе се договорени кон средината на мај чартер летови од ТУИ Холандија, Белгија, Полска, Британија. Исто така се договорени летови од Москва за охридскиот регион“, вели менаџер на хотел на охридското крајбрежје.
Ограничувањата за влез во угостителските објекти со сертификати и новата мутација омикрон од Ковид-19 дополнително ја уништуваат угостителската дејност во 2022, се жалат од Независната угостителска комора. Првиот човек на НУК, Здравко Јосифовски смета дека и покрај тоа што на прв поглед изгледа дека протоколите за работа се поповолни, тоа било далеку од вистина. Дополнителните проверки на МВР и на надлежните инспекторати ги доиспразниле кафеаните и рестораните, па приходите драстично опаднале, а загубите сè повеќе се таложеле.
Здравко Јосифовски, Независна угостителска комора
„Дополнителните зголемувања на цените на сите енергенси и суровини на угостителите им создаваат зголемени трошоци со што се генерираат уште поголеми загуби. Прашање е дали некој угостител во месец јануари успеал да оствари приходи на позитивна нула, а и да постојат такви, може да се избројат на прсти. Ако минатата година приходите беа преполовени во однос на планираните и очекувани приходи што угостителите ги остваруваа пред пандемијата, овој јануари тие се смалени и до 70% од нормалните“, алармира Јосифовски.
Најголема кочница за туристичко-угостителскиот сектор секако се протоколите за патување и рестрикциите наметнати од државите. Колку што почесто се менуваат, толку компаниите треба побрзо да реагираат. Да ги преправаат плановите, да ги менуваат активностите, едноставно во последен миг да ја менуваат туристичката понуда и да спасат сè што може да се спаси. Токму затоа, сè додека не се олабават мерките, не може да се очекува ниту поголемо подобрување на состојбите. Угостителите сметаат дека Владата потфрлила кога е во прашање едуцирањето на населението околу заштитата од Ковид-19. Тие бараат укинување на дополнителните и оставање само на основните превентивни мерки за заштита на здравјето, со што треба да се овозможи рамноправност на работењето на фирмите и слободата и движењето на граѓаните.
На туристичко-угостителскиот сектор му е
неопходна натамошна поддршка за да не колабира, а како најадекватна, нашите соговорници ја посочуваат директната и неповратна државна помош.
„На овој сектор треба да му се помогне на кој било начин, но најефикасен би бил директна помош за компаниите. На пример, врз основа на платениот данок во 2018, 2019 година“, смета Крсте Блажески.
Ана Марија Алексова, Сојуз на стопански комори
„Предлог на секторот е да се намали ДДВ, да се ослободат од трошоци за вработените за здравство, пензиско, да се дадат бескаматни кредити, но без услови како во комерцијалните банки“, предлага Ана Марија Алексова од туристичката агенција Стаф.
Сите се сложни дека државата треба да ги вложи сите расположливи ресурси за да ја промовира Македонија како атрактивна и безбедна дестинација за патување, со сигурни Ковид-протоколи. Во спротивно, ако не бидеме брзи, ќе ги изгубиме потенцијалните гости, кои ќе одберат друга дестинација која е веќе активна со својата промоција.
„Доколку го испуштиме чекорот со регионот, ќе изгубиме многу туристи, што потешко ќе се надомести. Приливот на странски туристи е всушност извозната страна на туризмот, која претставува директен прилив на девизи во државата. Поради ова, државата треба недвосмислено да го поддржи туризмот и со финансиски средства за ликвидност на компаниите (кои сè уште се во тешка финансиска состојба) и со субвенции, бидејќи тие средства за многу брзо време ќе се вратат повторно во економијата“, побара Граматиков.
Континуитетот во финансиската помош што ја барале изостанал, вели Јосифовски од НУК. Единствена мерка што им помогнала е неповратната финансиска помош од 6. сет, но требала да трае до укинувањето на забраните и ограничувањата на работа.
„Ваучерите не им помогнаа пропоционално на сите угостители, туку селективно беа искористени во определени угостителски објекти. Останатите мерки, за жал, се испоставија дека не се ништо друго туку класични државни кредити што угостителите веќе ги враќаат и покрај тоа што функционираат во услови на пандемија со сите протоколи, проследени со дополнителни забрани и ограничувања во работата“, вели Јосифовски.
Цените неминовно ќе растат
Спиралата на поскапувања повеќе никој не може да ја запре. Секојдневно растат цените на прехранбените производи, државата веќе подолг период се наоѓа во енергетска криза, па од годинава ќе плаќаме повеќе и за струја и за парно греење. Ќе се зголемува и минималната плата. Се вивнаа и берзанските цени на нафтата, па горивата се блиску до највисоките вредности. Граѓаните веќе сигурно ќе треба да очекуваат поскапување на туристичките аранжмани, а повеќе ќе ги чини и седењето во угостителските објекти.
„Порастот на цените е неизбежен. Од сите страни има притисоци. Пораст на енергијата, работната сила, намирниците = пораст на финалниот производ. Ќе се почувствува на пролет“, најавува Блажески од ХОТАМ.
„Со јануарските сметки многу од угостителите ќе се соочат со проблемот и предизвикот на големите покачувања на цените на енергенсите, како и на новите покачувања на суровините. Тие од една страна ќе бидат приморани да применат покачувања на цените на своите угостителски услуги, додека од друга страна принудните зголемувања ќе придонесат за намалување на бројот на гости и на приходите“, вели Јосифовски од НУК.
Туристичките агенции во неизвесност
Сакаат да бидат оптимисти, но континуираните промени во условите за патување, постојано им прават проблеми. Поради неизвесноста, луѓето и натаму резервираат во 5 до 12. За рани уплати и по неколку месеци однапред речиси и да не станува збор. Единствено Турција останува константа во понудата, бидејќи е единствената дестинација која во ниту еден момент не се затвори во изминатите две години на ковид криза. Се нудат аранжмани и за Албанија за која лани имаше огромна побарувачка, како и за Египет како една од поексклузивните дестинации.
„Во моментов актуелни се аранжманите за 8 Март, и тоа дестинации каде што постојат полесни услови за патувања, како на пример Истанбул, Атина, Сараево, Нови Сад, Белград, Будимпешта, Букурешт, Прага. Она што е најбарано како дестинација е секако Италија, но оттаму ни пристигнуваат поразувачки информации дека сè уште нема да е возможно патување таму во следниот период. Некои агенции веќе почнаа со продажба на летните аранжмани, но понудата е далеку поскромна од порано“, вели Силвана Јовановска од ГО Травел.
Скопје
Барањата за скијачката сезона на стартот од годинава се далеку од задоволителни. Дури ниту стандардните ски дестинации во Бугарија како Банско, Боровец и Пампорово не се резервираат како порано. Зимската сезона кај некои агенции се сведе на Копаоник, што е недоволно за да ги покријат основните трошоци од работењето.
„Покачени се цените во Бугарија и Србија, тоа е една од причините за намалениот интерес. Политичката состојба со Бугарија исто така има влијание. Барања најмногу имаше за Македонија, но за жал кај нас нема доволно сместувачки капацитети. Минатата зима не е за споредба, но падот во споредба со тие пред кризата е голем, над 80%“, вели Ана Марија Алексова од ТА Стаф.
Кога почна пандемиската криза, голем дел од уплатените туристички аранжмани останаа неискористени, па агенциите им излегоа пресрет на граѓаните и им понудија ваучери, кои требаше да ги искористат до крајот на ланската година. Сепак, поради затворањето на границите и рестрикциите при патувањата, некои не го сторија тоа, па сега речиси сите агенции го пролонгираат овој рок до крајот на 2022 година.
Оваа година сигурно ќе биде уште една година полна со предизвици за чинителите во туризмот и угостителството. За обновување на пазарот што го изгубија речиси преку ноќ и достигнување на перформансите од 2019, според сите проекции, ќе почекаат најрано до следната, а најдоцна до 2025 година.