Која беше главната цел на вашето патување до Будимпешта?
Главната цел на нашето патување до Будимпешта беше поврзана со едукативно-теренски активности, со цел проширување на професионалните знаења на наставниците по географија преку директна теренска обука, запознавање со урбаниот развој, географските карактеристики, културното наследство и современите туристички практики во главниот град на Унгарија.
Членовите на Здружението на професори по географија на Македонија „ПРОФ. Д-Р ЉУБЕ МИЛЕНКОВСКИ“ – Скопје ја искористија можноста и за унапредување на наставниот процес преку интегрирање на конкретни примери од теренската настава во училишната програма.
Во рамките на програмата се одржа и стручен семинар на тема: „Теренски пристап кон геоекономските трансформации – Будимпешта и просторно-економскиот развој на Унгарија“.
На семинарот се дискутираше за: развојот на Будимпешта како главен економски, политички и културен центар на Унгарија; промените во индустриската структура, преминот од индустриска кон постиндустриска економија; улогата на Дунав во транзитот и логистиката и туристичката економија и развојот на културниот туризам.
Семинарот вклучуваше и теренски работилници на клучни локации во градот, каде што учесниците имаа можност да применат географски методи на анализа, како што се:
набљудување на просторни функции, фотодокументација и анализи на урбани зони. Тој покажа дека редовните обуки, преку терен и со конкретни примери, се најефикасен облик на стручно усовршување.
Што согледавте што би можело да се примени во наставата или истражувањата во Македонија?
Патувањето во Будимпешта и Палиќ ни овозможи повеќеслојна перспектива за тоа како се спојуваат теоријата, теренот и современите практики во географското образование. Преку посетите, семинарот и теренските анализи, беа согледани неколку клучни аспекти кои можат да бидат корисни и применливи во наставата и истражувањата кај нас, како:
- Поголема примена на теренската настава, односно, како урбаниот простор може да се користи во вид на отворена училница. Ова ни дава за право да поттикнеме планирање на микротеренски активности со ученици во градски центри, индустриски зони, реки и паркови.
- Интегрирање на теми поврзани со просторно-економски развој, односно како унгарскиот модел на децентрализација, рамномерен регионален развој и користење ЕУ-фондови за развој може да биде предмет на анализа и споредба со состојбите во Македонија. Во наставата може да се вклучат тематски истражувања за: економски трансформации на региони, развој на транспортна инфраструктура и влијанието на туризмот врз локалната економија.
- Интердисциплинарен пристап преку воочување на синергијата помеѓу географија, историја, економија и екологија. Воочлив е примерот на кој начин изучувањето на културно-историските споменици може да се поврзе со теми од културна географија, одржлив туризам и урбанистичко планирање.
- Поттикнување на истражувачкиот дух кај учениците преку добри примери на едукативни табли, карти, визуелизации и интерактивни експонати во музеи и јавни простори. Во македонската наставна пракса може да се вклучат минипроекти или истражувања, каде учениците ќе анализираат: локални урбани трансформации, економски зони во нивната општина, како и туристички потенцијали и нивно влијание.
- Развивање на наставни модули за современи теми (зелен урбанизам, дигитализација во туризмот, паметни градови).
- Користење визуелни и ГИС-алатки преку активна употреба на карти, ГИС-апликации и 3Д-модели во музеите.
Будимпешта е град што остава длабок впечаток со својата уникатна комбинација од природни и антропогени (човечки) географски карактеристики, урбана структура, историја и културна разновидност.

Проф. д-р Благој Цонев ги презентира знаменитостите на Будимпешта.
Кои други географски особености на Будимпешта ви оставија најголем впечаток?
Во текот на престојот во Будимпешта, беа посетени повеќе значајни локации со културно, историско и географско значење Особено силен впечаток ни оставија географската положба и природно-географските карактеристики.
Поставеноста на Будимпешта на реката Дунав е една од нејзините најзначајни географски особености. Градот е поделен на две јасно различни целини – Будим и Пешта, кои природно се разликуваат по релјеф и просторни функции: Будим како ридовит и повисок дел, со доминантна културно-историска функција, и Пешта – рамничарски, административен и комерцијален центар на градот.
Дунав, како голема европска река, игра клучна улога во транспортот, економијата и во урбаната морфологија. Визуелната доминација на реката, со бројните мостови е симболична и функционална.
Исто толку значаен е и урбаниот развој и просторно-економската организација на градот којшто е пример за функционална зоналност. Во центарот се концентрирани административните, културните и туристичките функции, додека периферните зони се поиндустриски или станбени.
Посебен впечаток оставија уредениот јавен простор, зеленилото и паркот „Варошлигет“, но и тоа како старото градско јадро (историски делови) хармонично е интегрирано со модерните инфраструктурни решенија.
Будимпешта нуди добар пример за одржливо користење на просторот, нешто што може да послужи како модел и за македонските градови.
Богатото архитектонско наследство, особено од времето на Австро-унгарската монархија, со згради во неоготски, необарокен и сецесиски стил (како Парламентот, Операта, базиликата „Св. Стефан“), претставува непроценливо културно богатство.
Градот е мултикултурен и мултиконфесионален, што се огледа во присуството на повеќе видови храмови, како и во архитектонската и културната разноликост.
Туристичкиот развој и културниот туризам на Будимпешта е одличен пример за културен туризам кој се развива во тесна врска со историското и урбаното наследство. Посебен интерес предизвикаа термалните извори и бањите – пример за искористување на природните ресурси за туристички и за здравствени цели.
Будимпешта има развиен, ефикасен и поврзан систем на јавен превоз: метро, трамваи, автобуси, фуникулар и речен транспорт. Посебен впечаток остави старата линија на метрото (Millennium Underground) – една од првите во Европа, денес заштитена од УНЕСКО. Железничката станица „Келети“, која претставува историска зграда и транспортен јазол, исто така е доказ дека инфраструктурата во исто време е и културна и функционална.
Будимпешта е „визуелно читлив град“, што е од голема важност и за географската анализа, бидејќи секој простор носи порака, функција и контекст. Панорамскиот поглед од Цитаделата или од Будимската тврдина нуди увид во просторната рамнотежа на градот: хармонија помеѓу природен и изграден простор, меѓу стара и нова архитектура.
Просторната хармонија и визуелен идентитет на Будимпешта се силни атрибути кои оставаат силен впечаток и трајна слика во меморијата на секој посетител. Овие особености не само што оставија силен впечаток, туку и нѐ поттикнаа да размислиме како дел од овие добри практики би можеле да се применат или да се приспособат во нашите локални образовни и урбани контексти.
Дали имаше примери на добра пракса во урбаното планирање или зачувувањето на природата?
Секако. За време на престојот во Будимпешта беа забележани повеќе примери на добра пракса и во урбаното планирање,и во зачувувањето на природната средина, кои можат да послужат како инспирација и модел за слични процеси во Македонија. Посебно внимание заслужуваат следните аспекти:
- Интеграција на културното наследство во современиот урбан простор – Будимската тврдина, Парламентот, мостовите преку Дунав и старата метро-линија се совршено зачувани, реставрирани и интегрирани во секојдневниот урбан живот. Наместо изолирани споменици, тие се дел од жив простор со урбани, туристички и културни функции – пример за успешно управување со културен пејзаж. Овој модел на „зачувување преку користење“ овозможува и економска одржливост и зачувување на идентитетот.
- Заштита и развој на јавниот зелен простор – Будимпешта се истакнува со голема површина на урбано зеленило, а зелените површини се достапни, уредени, функционални и еколошки одржливи, што е од голема важност за урбаниот квалитет на живот.
- Одржлива урбана мобилност – развиената мрежа на јавен превоз (метро, трамваи, автобуси, речен превоз) ја намалува зависноста од автомобилите и придонесува кон помала аерозагаденост. Велосипедската инфраструктура е одлично развиена и поврзана – пример за промовирање на алтернативен, здрав и еколошки транспорт. Фуникуларот до Будимската тврдина е пример за адаптиран, еколошки начин на пристап до ридски делови без да се нарушува природата.
- Интегриран урбан развој – пример од проектот Liget Budapest – во рамките на најголемиот проект за урбан развој во Централна Европа, Liget Budapest, се реализира целосна трансформација на Градскиот парк. Проектот е пример за тоа како може модерна архитектура и природна средина да коегзистираат во хармонија, без да се наруши историската вредност.
- Заштита на водните ресурси – Дунав е важен природен елемент и транспортна артерија, но истовремено е и парк, извор на вода, и туристичка зона. Реката се користи рационално, а истовремено се води сметка за: заштита од поплави, регулација на отпадните води и еколошка санација на бреговите. Речниот сообраќај се развива на начин кој не го загрозува екосистемот, што е добар пример за балансиран однос меѓу човекот и природата.
- Примена на современи технологии во урбано управување – Будимпешта користи ГИС и паметни урбани решенија. Градот развива концепт на „smart city“, во кој планирањето и развојот се потпираат на податоци и иновации – модел кој сѐ повеќе се применува и во географското образование.
Тој е успешен пример за современ, одржлив град, каде што: урбаното планирање е долгорочно, хуманистичко и еколошки освестено; зачувувањето на природата не е спротивставено на развојот, туку е негов дел, културното наследство е почитувано и активно искористено.
Овие добри практики се применливи и кај нас, особено во области како што се: заштита на јавниот простор, подобрување на зеленилото во градовите и интегрирање природни и културни ресурси во образовните и во развојните политики.

Жосеп Борел - Висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност
Како ќе го споделите искуството со другите наставници и ученици по враќањето?
По враќањето од ова едукативно и инспиративно патување, имаме јасна цел – да го пренесеме стекнатото знаење, искуство и мотивација кон колегите наставници и нашите ученици, на начин што ќе биде практичен, интерактивен и применлив во наставата. Нашиот пристап е повеќеслоен, и тоа: организирање стручна презентација на училиштен колегиум, каде ќе се споделат примери на добра практика во урбаното и просторното планирање, наставни часови и работилници со ученици, односно ќе се интегрираат нови, теренски инспирирани наставни содржини, како и организирање квизови и тематски часови со мултимедијален материјал, поттикнување ученички истражувања и минипроекти, како, на пример: „Урбан развој на мојот град“ – инспириран од примерот на Будимпешта; „Мојата река како ресурс“ – споредбена анализа со Дунав; или, пак, „Туризмот и екологијата во мојата општина“ – во контекст на наученото во Палиќ. А, притоа, учениците ќе бидат охрабрени да прават сопствени истражувања, анкети и теренски белешки.
Искуството од Будимпешта и Палиќ ќе го пренесеме не само како патување, туку како едукативен ресурс, а како најголема вредност на ваквите патувања се истакнува нивната применливост.
Како би ги оцениле активностите на Здружението на професори по географија во оваа школска година?
Во текот на учебната 2024/2025 година, Здружението на професори по географија на Македонија „ПРОФ. Д-Р ЉУБЕ МИЛЕНКОВСКИ“ – Скопје реализира широк спектар на активности кои суштински придонесуваат за развојот на географското образование и за јакнење на професионалните капацитети на професорите.
Во рамките на својата годишна програма, Здружението активно учествуваше во процесот на изготвување и унапредување на наставни програми и учебници, со цел да се обезбеди современ и квалитетен пристап кон наставата што одговара на потребите на учениците и на динамичното општествено-културно опкружување.
Исто така, се организираа и реализираа повеќе стручни семинари како во земјата, така и во странство, со цел континуирано стручно усовршување на наставниците преку теренски, практичен и компаративен пристап.
Особено значајни беа активностите насочени кон учениците. Во текот на учебната година беа успешно спроведени регионални и државни натпревари по географија за ученици од основните училишта, на кои се покажа високо ниво на знаење и креативност.
Во преполниот амфитеатар на Универзитетот „Скопје“ и во атмосфера исполнета со гордост, енергија и инспирација, денеска свечено беа прогласени најдобрите ученици од основните училишта – шампиони во географско знаење. Настанот беше организиран од страна на ЗПГМ „ПРОФ. Д-Р ЉУБЕ МИЛЕНКОВСКИ“ – Скопје, а со поддршка на УТМС Институтот за национална географија.

Доделување дипломи на најдобрите млади географи на натпреварот по географија за основните училишта, организиран од страна на ЗПГМ „ПРОФ. Д-Р ЉУБЕ МИЛЕНКОВСКИ“ – Скопје.
Здружението организира и географски вечери, промоции на книги на наши колеги и млади поети, дебати и презентации, кои овозможија наставниците да се дружат, дискутираат и да разменуваат искуства во популарна и неформална атмосфера.
Во доменот на наставната практика, Здружението даде значаен придонес во меѓусебната поддршка, соработката и споделувањето наставни материјали и идеи, преку редовни состаноци, работни групи и платформи за заедничко дејствување.
Една од клучните насоки на дејствувањето на ЗПГМ „ПРОФ. Д-Р ЉУБЕ МИЛЕНКОВСКИ“ – Скопје во текот на оваа учебна година беше активната борба за зачувување и унапредување на статусот на предметот географија во основното и во средното образование.
Во услови на сè поголеми предизвици поврзани со измените на наставните програми, намалувањето на бројот на часови и повремените иницијативи за маргинализација на предметот, Здружението презеде конкретни чекори за да го заштити географското образование и да го истакне неговото суштинско значење за разбирањето на просторот, животната средина, економските процеси и глобалните предизвици.
Во таа насока беа реализирани: средби и комуникација со Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието, јавни настапи, интервјуа и соопштенија за медиумите, преку кои се промовираше значењето на географијата како мултидисциплинарна наука која ги поврзува природните и општествените процеси, информирање и мобилизирање на наставниците, родителите и стручната јавност, со цел да се застане во одбрана на географијата како суштински елемент во образованието на младите, како и изготвување и доставување аргументирани предлози и анализи, со кои се покажува дека географијата не е само збир од факти, туку основа за градење просторна свест, еколошка култура и одговорност кон ресурсите.
Овие активности придонесоа за зголемување на јавната свест и институционалната чувствителност кон улогата што географијата ја има во образовниот процес и пошироко – во разбирањето на нашето опкружување.
Здружението останува и понатаму активен и гласен партнер во процесите на едукативна реформа, со цел географијата да ја задржи својата вредност и видливост во образовниот систем, а наставниците и учениците да имаат услови за квалитетна и современа настава.
Активностите беа координирани со јасна визија – да се подигне квалитетот на географската настава, да се поттикне професионалниот развој и да се гради заедница на географи посветени на современиот пристап во образованието. Активностите на ЗПГМ „ПРОФ. Д-Р ЉУБЕ МИЛЕНКОВСКИ“ – Скопје, во текот на изминатата учебна година можат да се оценат како содржајни, професионално насочени и значајни за развојот на наставната практика и стручниот раст на наставниците.
Здружението покажува јасна визија за поврзување на теоријата со праксата, теренската настава со наставната програма, и за поттикнување современи пристапи во географското образование. Со тоа, Здружението ја потврди својата улога како водечка и стручна институција во областа на географското образование во државата, чија работа има долгорочно позитивно влијание врз наставата, учениците и целата заедница.

Доделување дипломи на најдобрите млади географи на натпреварот по географија за основните училишта, организиран од страна на ЗПГМ „ПРОФ. Д-Р ЉУБЕ МИЛЕНКОВСКИ“ – Скопје.
Соработка со УТМС Институтот за национална географија
Здружението на професори по географија на Македонија „ПРОФ. Д-Р ЉУБЕ МИЛЕНКОВСКИ“ – Скопје има воспоставено тесна и плодна соработка со Институтот за национална географија при Универзитетот „Скопје“.
Оваа соработка се базира на заедничка визија за:
- зголемување на стручноста и компетенциите на наставниците по географија;
- размена на научни и едукативни ресурси – како учебни материјали, методички упатства, дигитални платформи и публикации, што значително го збогатуваат наставниот процес;
- активно учество на професорите од Институтот во изготвувањето и ревизијата на наставните програми и учебници по географија;
- поддршка на научно-истражувачките активности на Здружението и неговите членови;
- организација на натпревари по географија, географски вечери и други манифестации кои го подигнуваат интересот за предметот и ја афирмираат географската наука како значаен дел од образованието и од културниот живот.
Партнерството со Институтот за национална географија не е само професионална поддршка, туку и извор на инспирација и мотивација за сите членови на Здружението. Со оваа соработка, Здружението на професори по географија на Македонија ја потврдува својата улога како водечка институција која негува професионалност, иновации и одржлив развој во образованието, придонесувајќи за воспитување идни генерации со широка географска свест и компетенции потребни за современото општество.
