Ретко кој фудбалер доживеал таква чест како најдобриот македонски фудбалер на сите времиња, Дарко Панчев. Документарниот филм „Патот на Кобра до ѕвездите“, под генерално покровителство на „Универзитетот Скопје“, ќе остане како документ дека Македонија има спортисти со кои може да се гордее и да биде пример за идните генерации.
На спектакуларен настан организиран од Универзитетот Скопје, најдобрите фудбалери од регионот, гости од политичкиот и од јавниот живот, новинари, дојдоа на промоцијата на документарецот што го прикажа живото на Дарко од почетоците на игралиштето во училиштето „Кирил Пејчиновиќ“, кога не ни сонувал дека еден ден ќе стигне до европските височини.
Пикси, Дика, Бина, Илија, Маровиќ, Дејо, Биниќ се собраа за Дарко
Промоцијата на документарниот филм „Патот на Кобра до ѕвездите“ беше повод во Скопје да се собере славната генерација од 91-вата, која стана европски филм. Стеван Стојановиќ, Дејан Савичевиќ, Драган Стојковиќ - Пикси, Слободан Маровиќ, Илија Најдоски и Драгиша Биниќ му направија чест на Дарко и беа дел од филмот кој сега го виде само публиката во Скопје, а од есен на „Спорт клуб“ ќе може да се види и во целиот регион.
„Идејата на Универзитетот Скопје да даде поддршка за реализацијата на документарниот филм за Панчев е да се знае дека нашата татковина има големи ѕвезди, мајстори, големи живи легенди во спортот“, кажа во својот инспиративен говор ректорот на Универзитетот Скопје, проф. д-р Аце Миленковски пред почетокот на промоцијата на филмот.
Обраќање на проф. д-р Аце Миленковски, ректор на Универзитет Скопје.
„Тоа што ме одликува мене, е да имам инспирација за долги говори, но овој пат ќе бидам многу краток. Јас морам да ви кажам дека вашето присуство овде ме направи да бидам многу среќен и горд. Вие со вашето присуство ги надминавте секое мое и наше очекување. Претпоставуваме дека ќе имаме околу 400 гости, а има над 600 или 700 гости. Ви благодарам на сите што успеавте да одвоите време, да сте тука со нас. Многу прашања ми беа упатени во изминатите денови: зошто, што имаш ти, од каде токму твојот Универзитет даде поддршка? Заради тоа и затоа што треба да се потсетат постарите генерации од мене, да се потсетат и оние кои се од мојата генерација, како навивавме за нашиот Вардар на Градскиот стадион во Скопје, за оние што денеска се занимаваат со овој спорт, за оние што следат како генерации, за оние што се помали, да запаметат. Да знаат дека нашата татковина има големи ѕвезди, големи легенди, има мајстори во спортот, има не само мајстори туку и живи легенди. Ја направивте оваа вечер уште поголема и уште повелика. И на почетокот, и на крајот – зошто? За татковината, зашто татковината се сака, се љуби и за неа, ако треба, се гине. Нашиот Дарко Панчев го остави своето срце на фудбалските терени во Скопје, во тогашната Југославија, во европскиот свет. И на крајот и на почетокот: Дарко, за тебе, затоа што потекнуваш од улица Пушкинова. Јас само сакам да ви оддадам огромна почит и да ви се поклонам, и оваа вечер ја направивте најголема“, изјави на промоцијата на документарниот филм ректорот на Универзитетот Скопје, проф. д-р Аце Миленковски.
Какви беа почетоците на Дарко
Само по неколку тренинзи во младинските категории на Вардар, на тренерите им било доволно да видат каков бисер имаат. Гол, гол и само гол било во мислите на малиот Дарко. Тој уште оттогаш ја сфати суштината на фудбалот, дека се игра само за голови. Доволен е еден потег и погодок да се реши натпреварот. Напредокот на Панчев во Вардар одеше со голема брзина и со неполни 17 години дебитираше за првиот тим на тогашниот зимски турнир. Доверба на младото момче му ја даде тренерот Вукашин Вишњевац, а тој во сезоната 1983/84 стана најмлад европски стрелец во првенството со 19 голови. Круна на неколкугодишното играње за црвено-црниот дрес беше освојувањето на шампионската титула во поранешна Југославија во сезоната 1986/87 година. Таа сезона навестуваше дека тимот предводен од Панчев има сили за нешто големо и затоа на секој натпревар „Градски“ беше преполн. Немаше кој не го знае составот на Вардар на чело со Дарко Панчев, неговата десна рака Рингов, Тони Савески, Џипунов, Канатларовски, Најдоски, Коки Аврамовски, Грошев, Чеде Јаневски...
Подоцна, таа титула по судски пат му беше одземена на Вардар и му беше доделена на Партизан, но во табелите на УЕФА Вардар остана шампион на Југославија за таа година, па затоа настапи во Купот на шампионите против тогашниот европски шампион Порто.
Панчев во дресот на Вардар и Црвена Звезда.
Преминот во Ѕвезда – вистински погодок
По освојувањето на титулата, пораснаа апетитите на Панчев, на кој му требаше поголем предизвик, па по отслужувањето на воениот рок во спортската чета на ЈНА, премина во Црвена ѕвезда. Ѕвезда, за која никогаш не криеше дека отсекогаш навивал иако Вардар му остана најголема љубов. Нова средина, нов град, но Дарко и во Белград стана омилен кај навивачите и се наметна со тоа што најдобро го знае – а тоа се головите. Иако Црвена ѕвезда веќе имаше добри играчи, им требаше играч од типот на Дарко, кој со еден потег ќе го реши мечот. Генерацијата која ги освои Европа и светот полека се создаваше. Најпрвин со Велибор Васовиќ, потоа со Драгослав Шекуларац за врвот да го доживее под водство на Љупко Петровиќ. Дарко и Дејан Савичевиќ се приклучија на пеколниот напад на црвено-белите во кој веќе беа Мркела, Драган Стојковиќ Пикси и Роберт Просинечки.
Клучна за оваа генерација на европски план беше сезоната 1990/91, која заврши со европска титула. Но, патот до таму не беше воопшто лесен. Нерешениот резултат во Белград против Грасхоперс влијаеше отрезнувачки и во реваншот извојува убедлива победа. Лесно беше поминат и Глазгов ренџерс, по што во четртфиналето се сретна со првакот на тогашната Источна Германија, Динамо Дрезден, кој беше збришан со две победи со по 3-0.
Но, за да се дојде до тронот, мора да се елиминира и некој европски великан, а во случајот на Црвена ѕвезда, тоа беше Баерн Минхен. Двомечот почна со победа од 1-2 на Олимпискиот стадион со головите на Панчев и на Савичевиќ. Требаше само рутински да се одработи реваншот во Белград, но Господ веројатно имал други планови кои не се исполнија докрај. При резултат 1-1 голманот Стојановиќ направи голема грешка и топката се истркала во голот за 1-2, идентичен резултат како на првиот меч. И кога сите очекуваа продолженија на една нафрлена топка од Михајловиќ, ја одби Аугенталер и таа заврши во мрежата на Баерн. Оние што се сеќаваат, знаат каква радост беше тоа за Дарко и за другарите. Во финалето на Купот на шампионите, Црвена ѕвезда се сретна со Олимпик.Тимот од Марсеј во тоа време беше она што е денеска Парис Сен Жермен, собир на најголемите тогашни ѕвезди како Крис Водл, Жан Пјер Папен, Аморос, Абеди Пеле и големиот пријател на Дарко, Драган Стојковиќ-Пикси.
Газда на Марсеј беше контроверзниот Бернард Тапи, а дел од стручниот штаб – Франц Бекенбауер. Тој 29 мај 1991 година е еден вид празник за сите навивачи на Црвена ѕвезда. Тој ден беше освоена европската титула во Бари на стадионот Св. Никола. Мечот по 120 минути заврши без голови, по што се прејде на изведување на пеналите. Клучни во пенал-серијата беа Стеван Стојановиќ, кој одбрани пенал и секако Дарко Панчев, кој го совлада Олемета во решавачкиот пенал. Како што обично се случуваше, повторно нашиот Дарко беше човекот на одлука. Ѕвезда беше на врвот на Европа заедно со Панчев, кој таа сезона освои уште една титула, „Златна копачка“ на Европа, која му беше доделена дури 15 години подоцна.
Неполна година подоцна, следеше уште еден предизвик, а тоа беше мечот во тогашниот Интерконтинентален куп, кој тогаш се играше во Токио. Во финалето Црвена ѕвезда играше против Коло-Коло од Чиле и победи со 3-0. Не треба да напоменуваме дека Панчев беше стрелец на еден од головите. Дарко, заедно со Илија Најдоски, покрај европски, стана и светски шампион.
Иако сите очекуваа дека Дарко по тој успех ќе си замине од Белград, тој остана во клубот во обид да освои уште една титула. Но, војната во поранешна Југославија веќе беше почната и поради санкциите, Ѕвезда беше принудена своите мечеви на домашен терен да ги игра во Софија и во Будимпешта. Сепак, и во такви, услови малку фалеше да се дојде до ново финале во тогаш реформираниот Куп на шампиони, кој се играше во групи, но сѐ уште не прилегаше на денешната Лига на шампиони. Од таа сезона ќе остане во спомен мечот со Панатанаикос во Атина, кога Грците одбиваа да го пуштат да влезе бидејќи во картонот при влез во земјата напиша дека е Македонец. Дарко им врати на најсладок начин – со два гола во мрежата.
Интер - најголемото промашување на Панчев.
Интер – најголемо промашување
По завршувањето на таа сезона, Панчев имаше понуди од сите големи европски тимови, но тој ја одбра се чини најпогрешната, а тоа е Интер. Тимот од Милано во тоа време негуваше дефанзивен фудбал, кој никако не му одговараше на Дарко, а згора на тоа ретко добиваше шанса од тренерот Бањоли.
Тоа е единствениот неуспех во кариерата на Панчев, кој играше за Интер и за неколку клубови во Германија и во Швајцарија, по што во 1997 година реши да ја заврши кариерата. Но, Дарко остана блиску до фудбалот и се обиде да стане претседател на Фудбалската федерација, но во тоа не успеа. Но, она што не му успеа со ФФМ, му успеа со Вардар, кој дојде до шампионската титула и пласман во групната фаза во Лигата на Европа кога тој беше на неговото чело.
Златната копачка во рацете на Панчев. | Извор: mondo.rs
Исправена неправда
Дарко Панчев во кариерата има доживеано две неправди, кои немаат врска со спортот, туку со политиката. Првата се случи кога не му беше доделена „Златната копачка“ за најдобар стрелец на Европа, а причина за втората беа санкциите на Обединетите нации кон Југославија, поради што репрезентацијата беше вратена од Европското првенство во Шведска во 1992 година, и на нејзино место дојде Данска. За да биде иронијата поголема, Данска таа година стана европски првак, иако Југославија предводена од Панчев го имаше можеби најсилниот тим во Европа. Сепак, една неправда беше исправена во 2006 година. Тогаш во Скопје дојде славниот Мишел Платини и му ја даде „Златната копачка“ на Дарко. Најголема заслуга има неговиот пријател Драган Стојковиќ. Пикси на промоцијата на документарецот се пошегува дека поради ова заслужува секој пат кога ќе дојде во Скопје, Дарко да го чести ручек.
Панчев во дресот на македонската репрезентација. | Извор: Macedonian Australian Pride
Репрезентација
Дарко ја имаше таа чест да игра за две репрезентации – за поранешна Југославија и за Македонија. Со репрезентацијата на Југославија играше на Светското првенство во Италија во 1990 година, а со Македонија беше дел од првиот меч против Словенија во Крањ, како и на првиот квалификациски меч за ЕУРО 96 против Данска во Скопје, кога заработи црвен картон.
Благодарност на Дарко Панчев за реализицијата на документарцеот.
На крајот од успешната промоција на документарниот филм „Патот на Кобра до ѕвездите“, Панчев им се заблагодари на сите што учествуваа во креирањето на филмот и кажа дека овој филмски документ ќе остане во историјата како потсетување за младите генерации дека можат да успеат и од Македонија.
„Оваа идеја потекна пред две години, јас ја прифатив на мое задоволство, и навистина изразувам голема благодарност до целата оваа екипа што ја реализираше, огромна благодарност до сите актери, како од Македонија, така и надвор од Македонија во креирањето на овој проект. Некои момци што беа гости во филмот, не можеа да дојдат од оправдани причини, но јас уште еднаш сакам да им се заблагодарам на сите денешни гости, од сите сфери на нашиот живот, посебно на моите колеги како од Вардар, така и од Црвена ѕвезда, кои денеска нѐ удостоија да бидат гости во Македонија, и можам само да кажам дека ми било задоволство да играм со вакви големи играчи, креирајќи ја мојата кариера заедно со нивните мајстории. Така што, драго ми е што овој филм ќе остане во историјата на нашата кинематографија како потсетување за младите генерации дека може да се успее и одовде“, изјави Дарко Панчев.