Универзитетот Скопје платинест спонзор на Женскиот економски форум – Балкан 2024 во Скопје

Над 300 жени беа дел од Женскиот економски форум - Балкан 2024

Навистина силна женска енергија проструи во хотелот Мериот на 2-ри и 3-ти октомври на Женскиот економски форум – Балкан 2024. Над 300 учеснички од целиот свет развија бројни дискусии од областа на бизнисот, политиката, економијата, општеството и улогата на жените во нив. Бизнис-лидерки, претприемачки, активистки, истражувачки и академици од Португалија, Индија, Египет, Турција, Хрватска, Словенија и од земјите од Западен Балкан учествуваа на дводневниот форум што го организираше Здружението на жени менаџери ЕЛИТ-Скопје и Г100 Крилото за комуникација, застапување и медијација за Македонија. Целта на настанот е сите заедно да ја обликуваат иднината каде жените имаат еднакви можности да водат, да успеат и да направат разлика. Настанот беше дел од глобалната франшиза на „Women Economic Forum (WEF)“ и глобалната мисија Г100 Милион, а Универзитетот Скопје беше платинест спонзор и главен поддржувач на форумот.

Целта на форумот – економско зајакнување на жените

– Целта на овие групации е економско зајакнување на жените, намалување на родовите нееднаквости и поттикнување женското лидерство – вели Ленка Угриновска, претседателка на „Елит“ и претседавач со Г100 Крилото за комуникација, застапување и медијација за Македонија.

ГОРДАНА СИЉАНОВСКА -ДАВКОВА, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА: ЖЕНИТЕ ДА ЈА ПРЕЗЕМАТ РЕФОРМАТОРСКАТА УЛОГА

ГОРДАНА СИЉАНОВСКА -ДАВКОВА, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА: ЖЕНИТЕ ДА ЈА ПРЕЗЕМАТ РЕФОРМАТОРСКАТА УЛОГА

Сиљановска Давкова: Жените да ја преземат реформаторската улога

Меѓу говорниците на „Женскиот Економски Форум“ се најде и првата дама на републиката, претседателката Гордана Сиљановска Давкова. 

Во своето обраќање претседателката истакна дека иако е евидентен напредокот, не смееме да се задоволиме со постигнатото на полето на родовата еднаквост, бидејќи женските права се човекови права и степенот на демократијата се оценува и низ нивната реализација. Особено е важно, потенцираше таа, да се елиминираат бариерите за економска партиципација и лидерство на жените.

Прв и основен чекор според Сиљановска Давкова е суштински да се препознае и признае улогата на жената во процесите на одлучување и обликувањето на општеството, да се зголеми женското влијание врз и во различни сфери, вклучувајќи ги бизнисот, политиката, администрацијата, академската заедница и граѓанското општество.

„Жените треба да ја преземат реформаторската улога. Тие ја имаат способноста да се издигнат над личните интереси и профитот и да ја видат големата човечка слика. Верувам дека токму жените лидерки во економијата, со својата енергија, посветеност, решителност, вештини и знаење може да ги пренасочат економските текови, ставајќи мировен, женски печат и промовирајќи и стимулирајќи одржливи и фер економски политики и модели“, истакна претседателката Сиљановска-Давкова, додавајќи дека жените лидерки во економијата поседуваат докажана општествена одговорност, грижа за заедницата и екологијата, остварување на милениумските цели без експлоатација и нарушување на работничките права.

Во своето обраќање претседателката изрази очекување дека релевантното меѓународно присуство и активност ќе ги охрабри и стимулира македонските лидерки да станат уште поактивни социјални актерки во низа области.

Проф. д-р Благица Новковска од Универзитетот Скопје, модератор на вториот панел на Форумот.

Проф. д-р Благица Новковска од Универзитетот Скопје, модератор на вториот панел на Форумот.

Можностите и предизвиците на жените во науката, технологијата, инженерството и математиката

На првиот ден, учесничките дебатираа за важноста на одржливите деловни практики и влијанието на ESG-известувањето врз растот на бизнисите, за предизвиците и можностите за жените во науката, технологијата, инженерството и математиката, на креирање на деловен пејзаж за кариерен успех на жените преку примена на стратегии за постигнување на професионален успех на жените.

Модератор на Панелот 2, кој го опфаќаше СТЕМ како еден интердисциплинарен пристап на учење кој ги интегрира овие 4 области беше професорката Благица Новковска од Универзитет Скопје. Таа истакна дека девојчињата и жените во СТЕМ се соочуваат со многубројни предизвици за подобрување на вклученоста  и зголемување на репрезентативноста во овие области. Додаде дека ако во минатото доминантна била вклученоста исклучиво на мажите, сега може да се зборува за забележителен пораст во бројот на девојчиња кои се запишуваат на СТЕМ образовни програми, курсеви и обуки. 

„Многу иницијативи и програми се имплементирани на глобално ниво за да се охрабрат и поддржат жените во СТЕМ, со цел да се срушат бариерите кои некогаш го попречувале нивното учество. Сепак, сè уште е силно влијанието на клучните фактори и предрасудите кои придонесуваат за родовиот јаз во СТЕМ: предрасуди во вработувањето, промоцијата и развојот на кариерата, родова разлика во платите, пристапот до финансии и грантови и сл.“, вели Новковска.

На панелот беше наведено дека на глобално ниво, жените сочинуваат околу 30% од работната сила во науката, технологијата, инженерството и математиката. Сепак, мажите значително ги надминувале жените на лидерските позиции. Во помалку развиените земји  ова учество било многу повисоко и во некои земји од Балканот претставува речиси 50%. Забележителен бил изразениот родов јаз при развојот на работните кариери и поставувањето на жени на лидерските и на менаџерски позиции. 

„Родовите разлики се особено високи за некои од најбрзо растечките и најдобро платените работни места во иднината, како што се компјутерските науки и инженерството. Панелистките се согласија дека охрабрувањето на жените во СТЕМ може да се постигне со:

1. Добри стратегии и политики, бидејќи потребата за поголема  застапеност на жените во СТЕМ не е само заради постигнување на родова еднаквост, туку и за засилување на вкупниот потенцијал за развој, особено во земјите од Балканот и Југоисточна Европа, кои се соочуваат со многу висока работна мобилност и миграција.

2. Воведување на СТЕМ-концепти и активности за девојчињата на рана возраст за да се предизвика интерес и да се изгради доверба.

3. Обезбедување пристап до успешни модели и ментори кои можат да ги инспирираат девојчињата низ нивниот образовен пат.               

4. Воспоставување на ефективна соработка помеѓу дисциплините, индустриите и областите на СТЕМ и изградба на силна женска професионална мрежа. Вмрежувањето е од клучно значење за жените во СТЕМ да градат врски, да споделуваат знаења и да се поддржуваат едни со други.

5. Обезбедување на пристап на жените до доживотно учење и ажурирање со најновите достигнувања и стекнување на нови вештини.

6. Вештачката интелигенција може да придонесе за трансформирање на начинот на кој жените во СТЕМ се развиваат и ги унапредуваат своите кариери.

7. Време е да се мисли на СТЕМ како повеќе од само наука, технологија, инженерство и математика, и да се вклучи дигиталниот маркетинг за да се обезбеди подобро заокружен сет на критични вештини кои не доближуваат до решавање на проблемите на утрешнината.

8. Подобрувањето на родово специфичните податоци е од суштинско значење за разбирање и мерење на еднаквоста на жените во СТЕМ и подготвување на потребните политики и стратегии“, вели Новковска.

Анита Ангеловска - Бежоска, гувернер на Народната Банка

Анита Ангеловска - Бежоска, гувернер на Народната Банка

Ангеловска-Бежоска: Родовиот јаз во економијата е висок

За сѐ уште присутниот родов јаз во економската сфера зборуваше и гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска. Според Извештајот за глобалниот родов јаз од 2024 година, тој изнесува 32 отсто. Процените говорат дека за да се затвори овој јаз ќе бидат потребни дури 152 години, што е значително повеќе во однос на периодот пред пандемијата. Гувернерката истакна дека со поголемата застапеност на жените на пазарот на труд може да се зголеми отпорноста на економиите. Во моментов, вклученоста на жените на пазарот на труд во регионот сѐ уште е ниска, односно нивната стапка на активност е 45 отсто, наспроти стапката на активност на мажите од 64 проценти. Намалувањето на овој огромен јаз претставува значајна можност за иден економски раст, којшто според процените на Светската банка би можел да биде повисок дури за 18 отсто во регионот на Западен Балкан.

„За да се отстранат пречките и за да се затвори родовиот јаз, потребни се сеопфатни реформи во делот на институционалните, регулаторните, образовните и традиционалните норми, а од суштинско значење е зголемувањето на пристапот до финансии за жените и развојот на женското претприемаштво“, посочи гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска.

Говорејќи за учеството на жените на извршни позиции во компаниите, гувернерката истакна дека на светско ниво тоа е зголемено за 7,7 отсто во последната половина декада, што сепак е бавно за постигнување рамноправност. Податоците покажуваат дека во 2023 година, на Западен Балкан само околу една третина од високите раководни функции биле извршувани од жени, а слична е состојбата и во нашата држава. Покрај ова, постојат предизвици и во поглед на развојот на женското претприемаштво.

„За жал, и во овој дел е висока родовата нееднаквост, при што жените се јавуваат како сопственички само на мал дел од малите и средните претпријатија. Ако се искористи овој потенцијал од жените претприемачи, додадената вредност во глобалната економија би можела да се зголеми за 5 до 6 трилиони американски долари“, истакна гувернерката.

Сања Божиновска, министер за енергетика

Сања Божиновска, министер за енергетика

Сања Божиновска: Жените како лидери во општеството носат позитивни промени

Министерката за енергетика Сања Божиновска, една од само трите жени министерки во Владата, порача дека жените како лидери во општеството носат позитивни промени и покрај сите предизвици со кои се соочуваат како нееднаква плата, ограничен пристап до лидерски позиции и системски бариери. Министерката посочи дека бројките сè уште покажуваат дека жените се недоволно застапени на клучните, одлучувачки позиции, позиции со одговорности и со висока компетентност, а учеството во работната сила заостанува зад европскиот просек. Во земјите од Западен Балкан, учеството на женската работна сила е едно од најниските во Европа.

„Сепак, и покрај овие предизвици, ние продолжуваме да се издигнуваме, да ги поместуваме границите и да го бараме нашето вистинско место во иднината што и ние ја обликуваме“, порача Божиновска.

Божиновска сподели и искуство од нејзиното патување  во професионалната кариера надвор од Македонија, на кое имало бариери со кои се соочуваат многумина – бариери на сомнеж, родова пристрасност и отпор кон промените.

„Кога станав министерка за енергетика, брзо сфатив дека овој сектор – како и многу други – беше сектор во кој жените беа недоволно застапени. Но, секој од овие предизвици само ја поттикна мојата решеност. Знаев дека лидерството не е поседување на титула, туку преземање на акција. Научив дека лидерството не е за позиција, туку за одговорност и резултати, и како жени, мораме постојано да притискаме за промени, не само за себе, туку и за секоја жена која гледа на нас и верува во подобра иднина. Нема да чекаме да се случи промена, ние ќе ја предизвикаме промената, ќе бидеме промена” - истакна министерката.

Гордана Серафимовиќ, професор на Универзитетот Скопје

Гордана Серафимовиќ, професор на Универзитетот Скопје

Доц. д-р Гордана Серафимовиќ од Универзитетот Скопје: „Кога жената ќе го крене својот глас, тогаш и светот стои покрај неа!“

Професорката Гордана Серафимовиќ од Универзитетот Скопје, кој инаку беше платинест спонзор и поддржувач на настанот порача дека кога жената ќе го крене својот глас, тогаш и светот стои покрај неа.

Таа го презентираше Универзитетот, кој донесе новини во високото образование во земјата. 

„Создадовме студиски групи што продуцираат кадри токму по мера на бизнис-заедницата, но и на јавниот сектор во државата, во неколку области што имаат стратешко значење за нејзиниот развој: туризам, економија, маркетинг, менаџмент на човечки ресурси, претприемништво, информатички технологии и меѓународни односи и дипломатија. Верувавме дека нашите студенти треба да учат не само за да знаат, туку и за да го применуваат практично своето знаење на работното место и во животот. Тргнувајќи од ова наше убедување, изградивме средина за учење според највисоките меѓународни стандарди за квалитет, вклучувајќи ја практичната обука како интегрален дел од нашите наставни програми.“

Академскиот кадар на Универзитетот Скопје, во консултација со искусни претприемачи од земјата и странство сака да создаде кадар, односно слободоумни и храбри претприемачи и лидери, спремни да ги донесат идните неопходни промени, на работното место, во заедницата во која живеат и работат, во светот, за генерациите што следуваат по нив. Голем дел од нив се жени кои допрва го почнуваат својот кариерен пат и треба да придонесат кон натамошен  развој на македонското општество. 

Image
Newsletter