Успешни Македонци низ светот создаваат брендови – како нашинците да инвестираат во Македонија?

Успешни Македонци низ светот создаваат брендови – како нашинците да инвестираат во Македонија?

Од Мајк Зафировски, до Крис Павловски и Џери Наумоф – оваа земја има многу успешни Македонци кои создаваат и развиваат успешни брендови на глобално ниво. Дијаспората со години има огромно влијание врз македонската економија. Преку најбрзиот извор – директно праќање пари, многу семејства „врзуват крај со крај“. Овие финансии учествуваат со 15 до 20 % во БДП, што не е за занемарување. Тоа е повеќе и од капиталните инвестиции и од вложувањата на странските компании во зоните. Сепак, потенцијалот е многу поголем, но засега останува неискористен. Повеќето средства се наменети за секојдневна потрошувачка, а не за стратешки инвестиции. Државата засега нема конзистентна политика за да ги мобилизира ресурсите од дијаспората. Кои се Македонците кои се вратија во државава и успешно работат? Што бараат тие за да инвестираат во земјава и да го пренесат знаењето што го стекнале надвор? Кои се најголемите пречки за да вложат во родната земја?

Дегустација на „Смидџин“.

Дегустација на „Смидџин“.

Од Дубаи до Скопје: Патот до создавањето на првиот висококвалитетен џин во Македонија

Создавањето на првиот алкохолен пијалак во Македонија – џин – е успех сам по себе, но уште интересен е и патот на електроинженерот Иван Скендероски од Дубаи во Скопје. Тој е школски пример како едно хоби да се претвори во успешен бизнис-модел. Заедно со својот бизнис-партнер, шкотскиот ентузијаст за џин Греам Лоутер дошле на идеја да прават џин. Приближно пред четири години, тие започнале домашни експерименти со мало казанче во кујната, инспирирани од „џин-револуцијата“ низ Европа. Пресвртниот момент бил кога разбрале дека всушност Македонија крие една од највисококвалитетните смреки, инаку една од главните суровини за производство на џин и тоа токму на планината Галичица. Со мајсторот дестилер Милица Плетварска, тие го креирале рецептот: свежа смрека од Галичица, планински чај и уште 12 домашни билки, плус егзотични зачини директно од Индија и Шри Ланка. Дестилеријата е целосно рачна и е сместена во историското подрумче на МЦМ. „Смидџин“ не е само пијалак – тој е симбол за квалитет, иновација и враќање кон домашната традиција. Употребата на свежа смрека со висока есенцијална содржина и на планински чај создава интензивен богат вкус – нешто што го издвојува од „индустриските“ џинови. Сè што имплементирале овие двајца соработници од Дубаи, Лондон и од Шкотска, го приспособиле на македонските услови и создале џин што ја раскажува македонската приказна, која сѐ повеќе се шири на глобалната сцена.

Иван Скендеровски. | Извор: иновативност.мк

Иван Скендеровски. | Извор: иновативност.мк

Сепак, за да не звучи ова премногу добро за да биде вистинито, Иван признава дека првите чекори од административен карактер во Македонија биле тешки. Воопшто не било лесно да се започне со работа во земјава.

„Комуникацијата е важна. Поврзување со македонски фирми. Амбасадите да го прават својот дел. Ние ги најдовме објектот и опремата за 6 месеци, а после ни требаа две години да добиеме дозвола за работа во Македонија“, вели Скендероски.

Тој вели најголемите причини поврзани со вложувањата во Македонија треба да се бараат во емоционалната врска на дијаспората со земјава и можноста да биде поблиску до своите семејства.

„На една вечера со сопругата, таа ми вели – зошто да не Македонија? И отворањето на канцеларијата беше тука чисто од емотивна перспектива. Таа ми рече, прво ќе придонесеш за државата, второ ќе вработиш луѓе и тие ќе придонесуваат, а трето ќе доаѓаш почесто да си ја видиш фамилијата“, вели Скендероски.

Тој тврди дека има многу нашинци кои сакаат да се вратат и да инвестираат овде. Нивната зголемена заинтересираност да го сторат тоа може да резултира со нивен поголем придонес кон економскиот раст на земјава.

Иселениците бараат земјава да ги подобри врските со Македонците во другите држави ако сака повеќе инвестиции од нив. Ја поздравуваат одлуката Министерството за надворешни работи и надворешна трговија да работи повеќе на економската промоција на Македонија, затоа што досега дијаспората немала многу контакти со македонски компании. Исто така, бараат поголема дигитализација на процесите во администрацијата, за што побрзо надминување на административните пречки за отворање компании и работа во Македонија.

Крис Павловски: Постојат моогубројни можности за инвестирање во Македонија

Младиот милијардер Крис Павловски е еден од најрепрезентативните претставници на македонската дијаспора. Со мајка по потекло од Мариово и татко од Ресен, тој живее во Торонто, Канада. Во Македонија стана познат последниве години поради блискоста со актуелниот претседател на САД, Доналд Трамп. Заедно со премиерот Мицкоски присуствуваше на неговата инаугурација во Вашингтон. Оние кои подетално ја следат неговата бизнис-кариера знаат дека неговиот успех не е случаен.

Крис Павловски.

Крис Павловски.

Крис Павловски е основач и извршен директор на „Рамбл“. Основна дејност на копманијата „Рамбл клауд“ е „компјутерска инфраструктура, обработка на податоци, серверски услуги и сродни дејности“ и таа е замислена како алтернатива на „Јутјуб“. Оваа компанија во февруари годинава основа фирма и во Македонија. Како трикратен „успешен претприемач“, г-н Павловски има над 20 години искуство во областа на онлајн-маркетингот и рекламирањето. Откако секојдневно градел веб-страници во тинејџерските години, Павловски ја основал „Џолтед медија груп“ и бил нејзин извршен директор. Истовремено тој бил директор за маркетинг за „Некст џајант лип“ на НАСА од 2009 до 2012 година, каде што водел корпоративни донации, спонзорства и стратегии за интернет-маркетинг.

Младиот претприемач ја основал „Козмик девелопмент“ во 2011 година, глобален ИТ-бизнис кој вработува повеќе од 150 луѓе со канцеларии во Европа и во Северна Америка. Бизнисот беше рангиран како втор најдобар работодавач во Македонија и е добитник на могубројни награди.

Тој последен пат беше во Македонија овој месец, кога присуствуваше на годишната конференција на организацијата „Македонија 2025“. Во неговиот инспиративен дијалог со учесниците и изјавите за македонските медиуми, неколкупати истакна дека Македонија има потенцијал да стане Швајцарија на Балканот. Според него, постојат многубројни можности за вложување во Македонија, а клучен е фокусот на енергетиката, вештачката интелигенција и на криптовалутите за да се постигне значителен просперитет во државата. Тој изјави дека е подготвен да помогне со вработувања, привлекување бизниси од странство и инвестиции во земјава.

„Новиот сектор кој се издигнува сега е крипто-светот, целото законодавство кое Америка се обидува да го донесе во моментот. Ако Македонија стане првата држава во Европа која ќе ги усвои законските измени и ќе им дозволи на крипто-компаниите да дојдат тука, ќе има многу компании кои ќе ја напуштат Европа само за да дојдат во Македонија. Според мене, треба само добри закони. Постои реална можност во дигитализацијата и напредно размислување во вештачка интелигенција и криптото. Ако Македонија е напред во законската регулатива, тоа природно ќе донесе луѓе и бизниси“, вели Павловски.

Улогата на дијаспората во националниот раст

Улогата на дијаспората во економскиот раст на Македонија е значајна и повеќеслојна. Македонската дијаспора – која брои стотици илјади лица низ Европа, САД, Канада, Австралија и други држави – влијае врз економијата преку финансиска поддршка за семејствата со што се амортизира сиромаштијата, а помалку преку инвестиции. Според последните податоци од Народната банка на Македонија, во 2024 година иселениците пратиле во татковината 2.270 милиони евра, што е за околу 100 милиони евра помалку отколку во 2023 година. Но, гледано наназад, износот на парите што ги праќаат иселениците постојано се зголемуваше. За 10 години е зголемен за речиси 1 милијарда евра, а за 20 години за дури 1,8 милијарди евра. За потсетување, во 2004 година, приливите од дијаспората изнесувале само 478 милиони евра.

Карактеристично е дека овие пари пристигнуваат во Македонија во најголем дел во готовина. Потоа преку менувачниците се евидентираат во домашните финансиски текови. Во 2024 година, од вкупно 2.270 милиони евра, дури 1.688 милиони евра се евидентирани преку менувачниците, односно како нето-откуп на девизи од страна на менувачниците во земјава.

Се оценува дека најголем дел од овие приливи (околу 80 %) е наменет за тековна потрошувачка. Како дополнителен извор на приходи за домаќинствата тие претставуваат втора најзначајна компонента на реалниот расположив доход на населението, по платите. Според претходни анализи на НБРМ, дознаките сочинуваат над една четвртина од расположивиот доход на населението во земјава.

Далибор Фртуник, говорник на Самитот Македонија 2025.

Далибор Фртуник, говорник на Самитот Македонија 2025.

Како да се подобрат врските со дијаспората?

Подобрувањето на врските со дијаспората е клучно за економскиот, културниот и општествениот развој на Македонија. Препораките вклучуваат формирање Агенција за дијаспората или зајакнување на постојните тела во Владата, изготвување на Национална стратегија за дијаспората и обврска општините да имаат национални координатори за дијаспора кои ќе ги поврзуваат со иселениците од нивниот крај. Некои повратници од странство дури предлагаат да се формира Фонд за инвестиции од дијаспората.

Сепак, Македонците од странство потенцираат дека за разлика од оние што се родени во Македонија, младите Македонци во странство веројатно никогаш не биле во државава, па иако имаат македонско потекло немаат толку јасна поврзаност со земјата од која потекнуваат. Тие сметаат дека е клучно овие лица да ја посетат Македонија.

Во врска со инвестициите, личните приказни на поединци не се за потценување, но поголем ефект би имале малите фондови кои ќе вложуваат во нови бизниси. Токму тоа е мислењето на Далибор Фртуник, директор на „Сорсикс“, кој неодамна учествуваше на форумот „Македонија 2025“.

„Треба да ги охрабриме луѓето да формираат мали фондови каде што ќе го поделат ризикот. Кога ќе земете 10 луѓе од дијаспората кои се добро едуцирани, искусни, патувале, имаат вештини, да се инвестира и да се соработува со сите нив, ќе имате успех, беа разлика што две инвестиции можеби нема да успеат. За мене тоа е важно, способноста да се подели ризикот и да се охрабрат да размислуваат, не само да ја посетат земјата, туку и да формираат повеќе инвестиции на побезбеден начин. Треба да ги поттикнеме тоа да го направат“, вели тој.

Голем дел од македонските бизнисмени кои живеат и работат во странство се задоволни што новата Влада формираше Министерство за надворешни работи и надворешна трговија, потег што треба да ја зголеми економската промоција на Македонија. Ова за нив, е особено значајно во обезбедување пари од странски инвеститори. Сепак, нотираат дека голем дел од нив се соочуваат со пречки токму поради малиот број на дипломатско-конзуларни претставништва во светот, па бараат нивниот број да се зголеми особено на северноамериканскиот континент.

Еднаш годишно, веќе 14 години, бизнисмени, политичари, аналитичари, членови на академската заедница, претприемачи, се собираат на Самитот Македонија.

Еднаш годишно, веќе 14 години, бизнисмени, политичари, аналитичари, членови на академската заедница, претприемачи, се собираат на Самитот Македонија.

14. Самит на Македонија 2025

Самитот Македонија 2025 е неполитички, независен и интердисциплинарен форум, основан од дијаспората преку Македонија 2025. Еднаш годишно, веќе 14 години, бизнисмени, политичари, аналитичари, членови на академската заедница, претприемачи, пред се од македонската дијаспора се собираат за да дискутираат за потенцијалот за инвестиции, иновации, размена на искуства и практики од странство што можат да се имплементираат во македонското стопанство.

Оваа година, во фокусот беа дискусиите за забрзување на економскиот раст, дигитализација, вештачка интелигенција, иновации за економија подготвена за иднината, усогласување на економскиот потенцијал со паметни инвестиции , улогата на дијаспората во националниот раст.

Извршната директорка на „Македонија 2025“, Никица Мојсоска-Блажески во воведното обраќање истакна дека корупцијата е најголем проблем во државата, како и отсуството на стратегија за тоа каква пазарна економија сакаме, но и дека бизнисмените се перципираат како профитери, а не како креатори на работни места.

„Она што е најважно е дека постојат разговори меѓу владата и приватниот сектор за приоритетите на приватниот сектор. Знаете дека многу компании особени од специфични индустрии се соочуваат со предизвиците на инфраструктурата бидејќи не можат брзо лесно и евтино да ги извезуваат своите производи. Мислам дека оптимална инфраструктура ќе им овозможи на бизнисите повеќе да извезуваат и да бидат поконкурентни меѓународно. Ако се следат нивните барања, ефектите ќе бидат големи и позитивни и ќе имаме пари да го вратиме долгот“, истакнува Никица Мојсовска-Блажевски, извршна директорка на „Македонија 2025“.

Никица Мојсоска-Блажевски, извршна директорка на Македонија 2025.

Никица Мојсоска-Блажевски, извршна директорка на Македонија 2025.

На самитот се зборуваше и за потенцијалите на ИТ-секторот, кој во Македонија мора и понатаму да се развива. Говорниците истакнаа дека мора да се направи стратегија младите таленти да се задржат, а приватниот и јавниот сектор да се дигитализираат за полесна размена на податоци.

„Во моментов имаме огромен број на таленти кои работат во аутсорс-индустријата. Ние всушност нашите таленти им ги позајмуваме на нашиот конкурентни економии за да напредуваат тие побрзо од нас. Треба да се завртиме кон тој талент плус кој го имаме дома, да го ангажираме, да го употребиме во насока на зголемување на конкурентноста на државата. Тоа може да го направиме со иновативни политики. Место да станеме економија зависна од увоз на технологии да станеме економија која ќе биде извозно ориентирана кон технологиите“, вели Васко Кроневски од „Некст сенс“.

Васко Кроневски, директор на „Некст сенс“.

Васко Кроневски, директор на „Некст сенс“.

Дигитализација која беше тренд, сега е темел за конкурентноста на државата и мора да има поширока примена на вештачката интелигенција.

„Вештачката интелигенција станува суштински дел од сите индустрии, дури и во традиционалните индустрии како производство и енергетика. Веќе гледаме дека вештачката интелигенција многу навлегува. Нормално и за стартапите и сите други компании, таму е сѐ повеќе присутна. Ја користат за работи како секојдневни процеси, иновација и подобрување на квалитетот за корисниците. Дигитализацијата на јавните услуги не само што може да ја зголеми ефикасноста, туку може да го подобри квалитетот на услугите за корисниците и е една од главните алатки за борба против корупцијата“, изјави Кати Ицева од „Мајкрософт“.

Иселениците сметаат дека дијаспората е најголемиот неискористен потенцијал на Македонија. Таа е извор на пари, знаење, врски, културна и политичка моќ. Со правилни политики и партнерства, нејзината улога може значително да ги забрза економскиот и општествениот развој на земјата.

Image
Newsletter