Пензија во биткоини. Популарноста на криптовалутите и зголемената употреба на технологијата доведоа до тоа дигиталните валути да одат во пензиски заштеди.
Така, финансиската технолошка компанија „Фиделити инвестментс“ („Fidelity Investments“) објави дека ќе им овозможи на клиентите да штедат за пензионирање во криптовалути во рамките на пензиската програма 401(k), која вклучува одредени даночни поволности, објави „Вол стрит џрнал“ („Wall Street Journal“).
Според весникот, 23.000 компании што ги користат услугите на „Фиделити инвестментс“ за управување со нивните пензиски планови (во САД нема државна пензија како во Европа), ќе имаат опција да додадат биткоин во нивните пензиски програми подоцна оваа година, пренесува Ројтерс.
„Фиделити инвестментс“ со седиште во Бостон стана првиот голем провајдер на финансиски услуги што им понуди на своите клиенти да го додадат биткоинот во своите пензиски шеми 401(k), овозможувајќи им да заменат дури 20% од своите пензиски заштеди во биткоини, се вели во извештајот.
Оваа понуда на „Фиделити инвестментс“ првично ќе биде ограничена на биткоинот, но се очекува во иднина да се прошири и на други дигитални валути.
Програмата 401(k) е штеден план за пензионирање понуден од многу американски работодавци, кој обезбедува даночни бенефиции за штедачите. Се состои во тоа што корисниците на програмата се согласуваат процент од нивната плата да се уплаќа директно на инвестициска сметка на компанијата, а делот што по тој основ им се одбива од платата не влегува во основицата за плаќање персонален данок на доход.