Заостанува ли Скопје?
Распослан покрај реката Сава, „Белград на вода“ е еден од најскапите проекти на Балканот во последните 30 години. Чини над три милијарди евра и веќе станува најпрестижна туристичка и бизнис-дестинација.
Тоа е вистински џетсет град во град со седум илјади станови и локали во кои може да се сместат 14.000 жители. Комплексот има одлична поврзаност со сите делови од Белград: има лесен пристап до Савскиот мост и до мостот Газела, како и до автопатот Е-75 и аеродромот „Никола Тесла“.
Делот каде што е сега „Белград на вода“ се викаше „Савамала“ и беше еден од најзапуштените делови во градот. Беше вистинско мочуриште што белграѓани го заобиколуваа. Кога почна да се гради овој комплекс во 2014 година финансиран од Владата на Србија на чело со сегашниот претседател Александар Вучиќ, никој не веруваше дека ќе изгледа како денеска.
По неколку години, во изградбата и во финансирањето се вклучи и водечката компанија за приватни инвестиции и развој на инвестиции од Абу Даби „Игл хилс“ („Eagle Hills“).
Но, за седум години, покрај станбените згради, комплексот доби и парк, шеталиште, трговски центар, а централна атракција е Белградската кула, ново обележје на градот.
Цени на недвижности
Да се поседува стан во „Белград на вода“ стана прашање на престиж. Недвижностите во овој комплекс се движат од 3.000 евра по метар квадратен и достигнуваат милионски суми. Најевтиниот стан кој е продаден чинел 156.000 евра за педесетина квадрати. Најскапиот, пак, достигнал 1,38 милиони евра, според податоците на Српскиот републички завод. Жители на овој комплекс станаа најголемите спортски, политички и музички ѕвезди, кои не жалат пари од својот апартман да го гледаат устието на Сава и Дунав.
Во текот на годината се планира вселување во уште три станбени згради – „BW Arcadia“, „BW Aurora“ и „BW Metropolitan“, со што бројот на населени станови ќе достигне 1.700. Меѓу најпознатите станбени згради во урбаната средина е „BW Vista“. Оваа зграда има 23 ката и 288 стана. Апартманите се еднособни, двособни, трисобни и четирисобни и се дизајнирани да ги задоволат највисоките стандарди на функционалност. Покрај модерен минималистички дизајн, тие се опремени и со висококвалитетни природни материјали.
Покрај станбените згради, „Белград на вода“ има и модерни деловни објекти, за да може секој ден да започне со кафе во канцеларија со неверојатен поглед или со појадок.
Белградска кула во „Белград на вода“ | извор: spearswms.com
Белградска кула станува ново обележје на градот
Работите на Белградската кула сѐ уште траат, а целата изградба треба да биде завршена до крајот на 2022 година. Оваа зграда ќе има 42 ката, и ќе биде висока 168 метри. Кога ќе се изгради и ќе блесне во полн сјај, ќе биде највисоката зграда во Србија. Поради својата големина и местоположба, оваа зграда се очекува да биде нов симбол на главниот град на државата.
Кулата се наоѓа на насипот покрај реката Сава и ќе има директен пристап до крајбрежното шеталиште. На првите девет ката ќе има 190 хотелски соби, додека од 14. до 39. кат ќе бидат сместени 220 луксузни апартмана. Придобивките за гостите на хотелот и за станарите ќе бидат пристап до базен, теретана, како и простор за релаксација и видиковец на врвот на кулата.
Најголемиот трговски центар во регионот – Галерија Белград
Трговски центар „Галерија Белград“ беше официјално отворен на 30 октомври 2020 година. Тој е најголемиот трговски центар во регионот, кој привлече многу граѓани и туристи. Трговскиот центар се наоѓа на брегот на рекатa Сава, а покрај локацијата, посетителите ги привлекуваат големината на објектот и капацитетите што ги нуди.
Трговскиот центар е изграден по светски стандарди на вкупна површина од 300.000 квадратни метри. Има и најголем зелен покрив во регионот и дури 3.600 паркинг места. Заинтересираните клиенти можат на едно место да ги најдат најпознатите светски и домашни брендови.
Трговскиот центар е вистински мал рај за најмладите, па тие може да уживаат во најголемиот парк со трамбулина во овој дел од Европа.
Шеталиште во „Белград на вода“ | извор: beobuilds.rs
Да не ги заборавиме шеталиштето и паркот
Изградбата на шеталиштето „Сава“ траеше од 2015 до 2016 година и претставува впечатлив елемент на „Белград на вода“. Шеталиштето на десниот брег на Сава е едно од најубавите места што ги има Белград. Лесната прошетка покрај реката овозможува неверојатно чувство, а целото задоволство доаѓа со зајдисонцето на таа локација.
Покрај онаа за пешачење, изградена е и велосипедска патека по највисоки стандарди. На овој начин, луѓето од сите возрасти можат да возат велосипеди, ролери или едноставно слободно да шетаат. Она што го прави шеталиштето уште поатрактивно е кејот. Особено на кејот Сава, на големите скали, често се собираат млади. Комплетно доживување покрај реката овозможуваат и пејачите, кои често организираат концерти на тоа место.
Освен шеталиште, „Белград на вода“ има и парк. Покрај зелените површини, паркот содржи и разни реквизити за играње, како и терен за кошарка. Низ паркот има поставено разни фотографии што изгледаат како ограда или ѕид бидејќи се со голема должина. Зеленило и водата во комплексот придонесуваат за уште поголем квалитет на престојот во него.
„Скај форт“, Софија | извор: ofisi.cbre.bg
Грандиозен проект и во Софија
Не е на вода, меѓутоа по Белград, и Софија се развива со забрзано темпо. „Скај форт“ ќе биде идниот највисок облакодер на Балканот.
„Скај форт“ ќе биде една од трите згради изградени во првата фаза од големиот комплекс „Софија капитал сити“. Архитектонскиот проект е на бугарското студио „А и А архитекти“, кое соработуваше со светски познатото дизајнерско биро „Аткинс“ во идејното проектирање на деловниот центар „Капитал форт“, денеска највисоката зграда во Бугарија и дел од проектираниот комплекс.
Идејата за „Скај форт“ беше навестена од архитектот Ангел Захариев, основач и менаџер на „А и А архитекти“ и главен дизајнер на „Скај форт“ и „Софија капитал сити“, за бугарското списание „Архитектура“ во 2016 година.
„Ќе ја следиме низата слоеви, прво дефинирајќи ја надворешната геометрија, а потоа преку современи софтверски можности и параметарски дизајн ќе ја разложиме оваа форма на поединечни елементи и типови што може да се реплицираат и да се произведуваат во индустриски услови“, рече тој, за бугарското списание „Архитектура“
„Со реализацијата на ‚Капитал форт' и последователниот пазарен успех на проектот се покажаа дека веќе постојат технолошки потенцијал и пазарни услови за нов бран проекти со високи згради во Софија“, вели Ангел Захариев.
„Скај форт“, Софија | извор: ofisi.cbre.bg
Зградата „Скај форт“ ќе биде клучниот елемент на „Софија капитал сити“, мултифункционален комплекс со високи згради слични на познатите примери на европските градови. Сместена на најфреквентната сообраќајница во бугарскиот главен град, Цариградско шосе и близу метро станица Цариградско шосе, локацијата е најдобрата можна за ваков тип проекти и е значајна од урбанистички аспект. Ова е лицето на главниот град за оние што доаѓаат од Јужна Бугарија и Азија, како и за оние што слетуваат на аеродромот во Софија. На оваа локација е сосема логично, од една страна, да се градат проекти со големо влијание врз имиџот на град, а од друга, да се издигаат висококатници што служат како визуелно обележје, вели архитектот Захариев.
Доминантен елемент на комплексот ќе биде највисоката зграда „Скај форт“. Со оглед на нејзиното влијанието врз целата композиција, нејзината локација и ориентација се внимателно избрани.
Визуелната слика на зградите од комплексот е изградена со средствата на архитектонски јазикот: динамични форми, рационализирани површини, сложени елементи, контраст на стакло и метал. Инспирирани се од технолошкиот напредок и модерната дигитална ера, како и влијанието што го имаат тие врз архитектурата, уметноста и дизајнот. Се проучуваат и тенденциите во дизајнот на модерниот производ и нивната поврзаност со архитектонската слика со оглед на јасното позиционирање на архитектурата во времето.
Новиот „Скај форт“ има силна монолитна вертикална структура, за разлика од комбинацијата на поединечните карактеристични елементи што ја создаваат сликата на првата зграда од комплексот, „Капитал форт“. Зградата излегува од земјата како едно тело, развивајќи се непречено во висина и завршувајќи со рационализирана аеродинамична форма. Заоблените аголни делови се трансформираат во меѓусебно поврзани сводови на врвот на зградата.
„Скај форт“, Софија | извор: skyscrapercity.com
Зградата „Скај форт“ има вкупно 49 надземни и 3 подземни нивоа, меѓу кои високо приземје со влезни простори, 36 канцелариски ката, 3 двојни технички нивоа, ресторан на врвот на зградата на две нивоа, платформа за набљудување и надворешна тераса за набљудување. Во средината на зградата се наоѓа масивно јадро, кое се стеснува во нејзините високи делови. Надворешната страна на зградата е максимално ослободена од структурни елементи за да се обезбеди целосна флексибилност на канцелариските простори. Приземјето е оставено отворено најмногу што се може и е постојано проветрено. Влезот е покриен со големи конзолни натстрешници, а над централното лоби ќе има големо застаклување на покривот што ќе открива импресивен поглед кон високите делови на зградата. Се очекува да биде завршена до крајот на 2022 година.
Овде прикажавме само дел од начините на кои се развиваат градовите од регионот и нивните вложувања на тој план. Така, кога зборуваме за Белград, па и за Софија, и можноста да се патуваме таму, со право заклучуваме дека во овие градови има што да се види.
Ако направиме споредба со нашиот главен глад, прашањето е едно – каде е градот на мапата на метрополите во регионот и дали воопшто го заслужува епитетот метропола?
Во изминативе години во главниот град нема некои позначајни вложувања во областа на модерната архитектура, и воопшто вложувања во вакви или приближно слични проекти. Скопје заостанува во развојот години наназад. Иако е главен град и најголем во цела земја, местата за посета и рекреација се многу ограничени. Ако посакате да се опуштите, на ум ви доаѓаат само Матка, Градскиот парк, Водно, трговски центри без светски познати брендови. Но затоа, пак, Србија, Бугарија, како и соседна Грција се често на листата за посети на нашите граѓаните.
Проектите како во Белград и Софија можат да бидат предизвик за македонските власти, како за локалните, така и централата, во иднина да реализира вакви или слични проекти за кои секако ќе бидат потребни визија, волја, работа и пари.
На еден или друг начин, за главниот град треба да го спомнеме проектот „Скопје 2014“, кој се реализираше со изградба на споменици, згради, мостови и со промена на фасади во строгиот центар на Скопје. Сепак, во македонската јавност постојат екстремно различни и противставени ставови околу корисноста и реалната потреба од реализирање еден ваков скап проект.