Во време кога пазарот на трудот во Македонија се соочува со сè поголеми структурни предизвици, занаетчиството станува еден од клучните сектори што ја одразува тензијата меѓу зголемената побарувачка и ограничената понуда на квалификувана работна сила.
Се поставуваат суштински прашања: Кои занаети денес недостасуваат во државата? Дали овие професии изумираат или се во процес на трансформација? Зошто младите го избегнуваат занаетот како основна професија? Колку занаетчиите се реално вреднувани на пазарот?
Анализата покажува дека занаетите не исчезнуваат – напротив, побарувачката расте, особено во сферата на приватните услуги и теренската работа.
Агрон Фазлији, претседател на Занаетчиската комора на Република Македонија, посочува дека, според податоците на терен, најдефицитарни профили во сферата на приватните услуги и теренска работа се: водоинсталатери и монтери/сервисери на греење и ладење (HVAC), електричари (инсталации, одржување, паметни системи). Дефицитарни се и мајсторите за домаќински апарати, автомеханичарите и автоелектричарите, заварувачите, металостругарите, алуминиумските и PVC-монтажери, ѕидарите, гипсерите, плочкарите, фасадерите, дрводелците, мајсторите за ентериери, пекарите, пица-мајсторите, бурек-мајсторите, слаткарите, инсталатерите на соларни системи и фотонапонските техничари.
На прашањето дали овие професии исчезнуваат, одговорот е директен:
„Не. Побарувачката расте, но има јаз помеѓу побарувачката и понудата поради: иселенички тренд, мајсторите заминуваат во ЕУ поради високи надоместоци, постара генерација мајстори и мал број нови практиканти, неформална, сива економија, која демотивира, легална регистрација, застарена перцепција за угледот на занаетите“ – посочува Фазлији.
Митот дека занаетчиите се слабо платени не е во согласност со реалноста. Напротив, платата варира по регион и специјализација, но квалитетните мајстори во легално работење остваруваат натпросечни приходи, често споредливи или поголеми од многу академски професии.
„Највреднувани по побарувачка и маржа се: водоинсталатерите, електричарите, HVAC/клима-сервисерите, плочкарите, фасадерите, заварувачите, алуминиумските/PVC-монтажери, автодијагностика и климатизација, брзи сервиси со гаранција, дрводелство/ентериер по мерка, пекарство/пица-мајстори/бурек. Особено крафт-пекари со оригинален производ.
Забелешка, токму поради високата побарувачка, многу наши мајстори се конкурентни и во Германија и на други ЕУ-пазари“ – открива тој.
Што преземаме за да ги задржиме занаетчиите?
Занаетчиската комора на Македонија презема активности за подобрување на состојбата, низ неколку правци: образование и обуки – рамка на ЗКРСМ која опфаќа курикулуми и практични обуки во пекарството и правењето пици, заварувањето, електро, водоинсталации, плочки, фризерство/козметика, автосервис; партнерство со Словенечката амбасада: проекти за економско осилување на жените и на младите (практични модули + менторство + поврзување со работодавачи); соработка со средни стручни училишта (практикуми, гостин-предавачи, посети на мајсторски работилници). ‘Јас сум мајсторот’ – едукативна и мотивациска кампања/поткаст за угледот на занаетите; финансиска поддршка: упатства и поддршка за пристап до Развојна банка (линиии со поволни камати); иницијативи за трајни субвенции (особено за стари занаети и за практикантски програми); улога во кризно време: 9 минимални плати за самостојни занаетчии за време на ковид-периодот (пример за добра практика); правно-институционално: промоција и толкување на Законот за занаетчиство: регистрација, права и обврски, мајсторски испит, лиценцирање; работа со инспекторати за сузбивање на сивата економија и нелегалната продажба на интернет; меморандуми со општини и институции за локални програми: стипендии, работни практиканти, локални ваучери за алат; видливост и вредност: организира саеми, работилници, отворени денови, промоција на старите занаети како културно наследство; сертификација/квалификации и јавно истакнување на примери на ‘добра мајсторска практика’.
Занаетите: од градежништво до туризам
Занаетчиството го опфаќа целиот економски спектар: градежништво и инсталации (електро, вода, HVAC, фасади); автосектор (сервиси, каросерија, дијагностика); услуги и креативни индустрии (фризери, козметичари, фотографи, златари, гравирање, печатарство; угостителство и туризам (пекари, слаткари, кулинари, туристички водичи, традиционални производи и сувенири).
- Занаетчиството не е минато, тоа е мотор на локалната економија и клуч за развој на туризмот. Потребна е Национална стратегија за занаетчиство (2025–2030) со мерки: дуално образование, субвенции за алат и возила, даночни олеснувања за новорегистрирани, ваучери за практиканти, јасни правила за е-трговија. Постојана кампања за угледот: „Мајсторот е професија на иднината“. Трајни субвенции за старите занаети како културно наследство и туристичка вредност. Занаетите не изумираат, тие се трансформираат. Ако држиме до стандард, легалност и образование, Македонија може да задржи мајстори дома и да создаде нова генерација успешни занаетчии – појаснува Фазлији.
Зошто младите не избираат занает?
Кога ќе се разгледа зошто занаетчиството не е привлечна опција за младите, причините, според Агрон Фазлији, претседателот на Занаетчиската комора на Македонија, се длабоко вкоренети: доминира менталитетот дека „факултетот е обврска, не избор“, а не се препознава вредноста на практичните професии кои, во реалноста, носат високи приходи и стабилност.
- Имиџ, менталитет наспроти практична и одлично платена професија. Училишни ресурси: дел од кабинетите и опремата се застарени; недостасува дуална практична настава. Недоволно видливи кариерни патеки: мал број јасни примери „од практикант, до мајстор, до микропретприемач. Сива економија: нелојална конкуренција – легалните трпат, младите добиваат погрешна слика. Административни/правни пречки: процедури, лиценцирање, нејасно разграничување меѓу занает и трговија/услуга. Недостаток на стипендии и старт-пакети алат, инструменти, возила за почеток – вели Фазлији.
Причини кои укажуваат на потребата од темелна промена во образованието, менталитетот и политиките за вработување.

Јасминка Гудоманова, директоркa на СУГС „Димитар Влахов“: „223 деветтоодделенци го избраа нашето училиште да го продолжат образованието.“
Да се избере занает значи да се избере иднина – визијата на СУГС „Димитар Влахов“ за стручно образование со смисла
Занаетчиската комора – Скопје постојано работи на подобрување на условите за развој на занаетчиството преку законски предлози со кои се намалуваат административните оптоварувања на занаетчиите, опција која сè уште ја става академската титула пред практичната умешност, а младите сè повеќе се соочуваат со предизвикот да го изберат патот што навистина води кон стабилна иднина – средното стручно образование се обидува да си го врати заслуженото место.
Во тој свет, кој брза по титули и формалности, остануваат училишта како СУГС „Димитар Влахов“, што се храбри да чекорат по друг пат – патот на вештината, посветеноста и реалното знаење. Преку дуалното образование, стратешката соработка со компаниите и активната промоција на занаетите, училиштето не само што нуди образование, туку и создава можности за младите да изградат иднина со сигурни чекори.
СУГС „Димитар Влахов“, како училиште со повеќедецениска традиција, е жив пример за тоа дека упорноста, визијата и соработката со реалниот сектор можат да донесат позитивни резултати. Бројките говорат гласно: интересот за стручното образование е во пораст, а новите модели, како дуалниот образовен процес, отвораат врати за младите да учат и работат истовремено – на дело, а не само од книга.
Годинава СУГС „Димитар Влахов“ како свое идно училиште го избраа 223 деветтоодделенци. Тие решија да бидат различни, да учат занает, да бидат идни фризери, козметичари, естетичари, графички дизајнери или прехранбени техничари и месопреработувачи.
Јасминка Гудоманова, директоркa на СУГС „Димитар Влахов“, вели дека оваа бројка покажува драстичен раст споредено со претходните учебни години. За споредба, во учебната 2023/2024, во јунскиот уписен рок се запишаа вкупно 147 ученици деветтоодделенци, во 2024/2025 се запишаа 194 деветтоодделенци, а во 2025/2026 во јунскиот уписен рок се запишаа 223 ученици деветтоодделенци
„Како новина која без двоумење ја прифати училиштето, а ја иницира Министерството за образование и наука во соработка со бизнис-секторот, е дуалниот процес на образование. Ние како училиште храбро го прифативме овој предизвик и целосно се вклучивме во воведување дуален процес во сите сектори/струки кои се изучуваат во училиштето. Направена е соработка со бизнис-секторот, склучени се повеќе од 120 меморандуми за соработка со компании, мали, средни и големи, кои го поддржаа целиот овој процес и ги отворија вратите за учениците, кои ќе бидат нивни идни вработени. Тоа се компании кои го разбраа дуалниот процес на образование и сфатија дека само преку ваков начин на заедничка работа, училиште – компанија, може да се обезбеди квалификуван кадар, кадар по мерка на работодавачот, кадар подготвен за вклучување во работниот процес“ – вели Гудоманова.
Како позитивна практика ја истакнува и заложбата на Министерството за образование, кое и финансиски го поддржа целиот процес на дуално образование, преку обезбедување стипендии за учениците што ќе изберат стручно образование.
„И оваа година министерството обезбедува финансиски средства за 1570 ученици кои се запишале во дуални паралелки, и ова со сигурност можам да потврдам дека е мотив плус за учениците при нивниот избор на средното образование. Уште еден битен момент кој сакам да го споделам е фактот дека училиштето изминатите две години особено се посвети на афирмативниот сегмент преку вклучување во активности, што на учениците им помагаат подобро да го разберат значењето на стручното образование и важноста од изучувањето на занаетите. Како пример ќе споменам дека учениците беа дел од Модниот викенд, од Изборот на мис на Македонија. Работеа зад сцената во Опера и балет, на модни ревии. Едноставно кажано, работеa во реален работен процес, имаа можност да ја почувствуваат работата зад сцена, работата со дизајнери, модни креатори, работата со актери, ТВ-лица, амбасадори и сл. Целиот овој процес беше добро пласиран преку социјалните медиуми, а сè со цел да допреме до учениците, посебно до деветтоодделенците, и на некој начин да им помогнеме во нивниот избор на професија. За поздравување е и кампањата на Занаетчиската комора на Скопје, „Промоција на занаетите”, која се реализира во соработка со општина Аеродром и со општина Бутел, каде пред деветтоодделенците се претставија стручните училишта, т.е. им беа претставени занаетите како опција при нивниот избор за понатамошното образование“ – вели директорката.

Учениците на СУГС „Димитар Влахов“ имаа можност да ја почувствуваат работата зад сцена на ревии и во театар.
Таа го побива фактот дека занаетите не се привлечни за младите. Можеби некои занаети, на пример, месари. Нема заинтересирани ученици кои би се школувале за месопреработувачи, иако станува збор за дефицитарен кадар и занает кој е навистина добро платен. Бизнис-секторот во месопреработувачката индустрија навистина има сериозен проблем во недостиг на квалификувани месопреработувачи, тие не само што го разбираат дуалниот процес, тие обезбедуваат и дополнителни стипендии за учениците, а им нудат и директно вработување.
„Сепак, оптимизмот нема да нè напушти и ќе продолжиме по тој пат на дуално образование и промоција на занаетите со цел да им помогнеме на младите, нашите ученици, кои се иднината на оваа држава, да ги задржиме тука, да си го најдат местото во општеството, да останат и да творат, да придонесуваат и да ја градат својата иднина во нашата татковина. Тоа е и нашата мисија и визија како училиште, да продуцираме кадар, социјализирани, емоционално зрели личности кои ќе одговорат на потребите на современото општество. Во таа насока нашите заложби како училиште се безрезервни, колективно работиме на процесот на напредок и раст полни 70 години“ – посочува директорката.
Овие податоци се сведоштво за тоа дека менталитетот може да се менува, дека има простор за надеж и дека изборот на занает не е избор на пониска вредност, туку избор на вистинска насока. Затоа, задачата на образованието денес е не само да предава, туку и да охрабрува, да ги упати младите кон она што ги исполнува и што ги поврзува со светот на утрешнината. И– како што велат од ова училиште – кога младите ќе изберат да бидат различни, тогаш сите заедно сме на вистинскиот пат.
Занаетчиството во Скопје се наоѓа на крстопат
Во Скопје, срцето на главниот град, занаетчиството се соочува со двоен предизвик – од една страна, зголемена побарувачка за основни занаетчиски услуги, а од друга – сериозен недостиг на обучен кадар. Дефицитарните занаети сè повеќе ја отежнуваат секојдневната функционалност на домаќинствата и на фирмите, предупредуваат од Занаетчиската комора на Скопје.
Конкретно во Скопје тешко се наоѓа водоводџија, електричар, мајстор за домаќински апарати за приватни услуги. Според Анета Атанасовска, извршен директор на Занаетчиската комора – Скопје, за овие занаети не можеме да кажеме дека изумираат, затоа што допрва стануваат привлечни за младите луѓе, како нивна идна животна професија. Причина – растат цените на услугите во овие дејности.
„Во изумирање има многу други занаетчии чии услуги во минатото биле користени секојдневно, а сега се намалува потребата од нив, и тоа: јорганџија, папуџија, шапкар, часовничар, крзнар и други. Овие занаети, за да опстанат и да бидат пренесени на членови на семејствата на занаетчиите, мора да добијат државна поддршка бидејќи не остваруваат доволно приход за да бидат одржливи“ – вели Атанасовска.

СУГС „Димитар Влахов“ ја истакнува и заложбата на Министерството за образование – финансиски го поддржаа целиот процес на дуално образование.
Занаетите стануваат привлечни со оглед на фактот што изминативе две години се зголемува бројот на запишани ученици во средните стручни училишта, наспроти гимназиите.
„Стручните училишта стануваат прв избор на младите, затоа што стручните занимања нудат директно вработување на пазарот на трудот, но и проодност кон високото образование доколку младите сакаат да продолжат со своето образование. Низ годините наназад, Занаетчиската комора – Скопје реализира имиџ-кампањи за занаетчиство и промоција на струките и профилите на средните стручни училишта во соработка со своите членки занаетчиите, кои на деветтоодделенците им ги презентираа предностите што ги нуди занаетчиството. На почетокот на 2025 година се донесе законот за стручно образование и обука и официјално дуалниот систем на образование. Има и финансиска поддршка за ученици во дуално образование, за занаетчиски струки и профили во форма на стипендии. Сите тие промени придонесоа за зголемување на интересот за изучување на струките и профилите од областа на занаетчиството“ – посочува Атанасовска.

Анета Атанасовска, извршен директор на Занаетчиската комора – Скопје: „Во изумирање се многу други занаетчии чии услуги во минатото биле користени секојдневно.“
Занаетчиите ги креираат цените на услугите и производите согласно трошоците кои ги имаат од работењето, но секогаш ја имаат предвид куповната моќ на клиентот. Според неа, во моментов најпобарувани и највреднувани се занаетите од областа на градежништвото (молери, ѕидари, фасадери, плочкари и сл.)
„Занаетчиската комора – Скопје постојано работи на подобрување на условите за развој на занаетчиството преку законски предлози со кои се намалуваат административните оптоварувања на занаетчиите. Во овој период се работи на утврдување на потребата од воведување дополнителна дејност во занаетчиството. Со оглед на големиот дефицит на работна сила во сите сектори во занаетчиството, што претставува голем проблем кај занаетчиите, како и ниските примања по основ пензија кај занаетчиите, тие продолжуваат да вршат дејност и по исполнување на законските услови за пензионирање.
Поради недостиг на кадар, голем дел од занаетчиските бизниси се принудени да го намалуваат обемот на дејност и да работата да ја вршат самостојно, без вработени лица“ – заклучува Атанасовска.
Соочено со вакви предизвици, занаетчиството во Скопје се наоѓа на крстопат. Но, трендовите укажуваат дека со вистинска поддршка, оваа древна, но неопходна економска гранка може повторно да заземе значајно место во современото општество.

Занаетчиска комора – Скопје постојано работи на подобрување на условите за развој на занаетчиството преку законски предлози.
Гоце Неделковски – Гордо го носам занаетот што ми овозможи да учам и да создадам нешто со свои раце
Занаетчиите остануваат тивките херои на секојдневниот живот – тие што со свои раце, знаење и посветеност го одржуваат функционирањето на многу сектори, особено на автоиндустријата. Да се биде занаетчија не е само професија – тоа е повик, начин на живот и израз на љубов кон работата. Гоце Неделковски (53) работи како лиценциран каросериски техничар – аутолакер. Веќе девет години е дел од тимот на „Аутомотив груп“, овластен сервис за поправка и одржување на моторни возила од брендовите „Рено“, „Нисан“ и „Дачиа“. Работата со автомобили е негова страст, а квалитетот и прецизноста во секој детаљ се негов личен потпис.

Гоце Неделковски, лиценциран каросериски техничар – аутолакер: Професијата е физички напорна, но, голема е љубовта кон работата.
„Средното образование го стекнав во Автосообраќајниот училиштен центар „Боро Петрушевски“ во Скопје, во 1988 година. Во тоа време, интересот за занаетчиството беше голем – само за нас, аутолакерите, имаше дури 12 паралелки со по 30 ученици. Младите се натпреваруваа за место во овие струки – автоелектричари, автомеханичари, аутолакери и сообраќајни техничари. Моето семејство имаше влијание врз изборот. Постариот брат Александар веќе се школуваше за автоелектричар, мојот брат близнак Горан се запиша за автомеханичар, мене ми остана да го продолжам семејното занаетчиско наследство и така станав аутолакер“ – вели Неделковски за професијата која бара вештина, знаење и одговорност.
„Оваа професија не е само техничка, таа е и уметничка. Работата со боја, материјали, облици и линии бара чувство, прецизност и естетика. Зад секоја успешна поправка стојат длабоки познавања од хемија, процеси на сушење, мешање на бои и користење заштитна опрема. Работиме со хемикалии кои бараат голема одговорност и строго придржување до мерките за заштита, затоа што здравјето ни е на прво место. Покрај практичните вештини, потребна е и постојана едукација. Пред 5-6 години се стекнав со лиценца за каросериски техничар во Словенија, во училишниот центар во Ново Место, каде што се наоѓа и фабрика за производство на автомобили од брендот „Рено“. Тоа беше голем чекор во мојата професионална надградба и потврда за мојата посветеност кон занаетот“ – посочува тој.
Интересот за неговата професија опаѓа. Според него, сè помалку млади избираат да се занимаваат со занаетчиски професии, а тоа може да предизвика вакуум на пазарот на труд во блиска иднина.
„Ова не е само локален, туку и глобален проблем. Од информациите што ги имам од европските земји, се гледа дека тие веќе преземаат мерки. Една од нив е субвенционирање на занаетчиите со околу 200 евра месечно, како дел од стратегијата за обединување на сродните струки под една категорија, каросериски техничар. Професијата е физички напорна, но, исто така, бара и ментален напор, концентрација и љубов кон работата. Иако денес е нешто подобро платена отколку порано, сè уште не ја добива вистинската вредност што ја заслужува. Аутолакерството за мене не е само професија, туку начин на живот. Гордо го носам занаетот што ми овозможи да растам, да учам и да создадам нешто со свои раце. Секоја поправена каросерија и секој нов слој боја се дел од мојата приказна, која сакам да ја споделам со младите, за да разберат дека вистинското богатство не е во титулите, туку во занаетот што го работиш со срце“ – заклучува тој.
