Какви се цените во Македонија и во регионот?
Кои се најпрометните аеродроми во регионот и во светот?
Со авион од Македонија до некоја од западноевропските или прекуокеански земји, пред дваесет години, за многу луѓе беше мисловна именка. Патуваа граѓаните со подлабок џеб, некои службено, или оние што навистина имале потреба.
Да се користат во минатото авиолиниите за викенд или туристички на неколку дена, беше невозможна мисија затоа што бројот на авиокомпании што летаа од и до Скопскиот или Охридскиот аеродром беше многу мал, а цените на авиобилетите беа изгор скапи.
Голем пресврт на ваквата состојба првпат се случи во 2012 година, кога тогашната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, воведе финансиска поддршка на нискобуџетни авиокомпании. Тие по добиените субвенции имаа обврска етапно да го зголемуваат бројот на дестинации од Македонија, а тоа од година во година придонесе драстично да се зголеми бројот на патници на Скопскиот и Охридскиот аеродром кои патуваа надвор од Македонија. Но, и оние кои живеат надвор од земјата, почнаа често да доаѓаат во својата родна земја.
Авиокомпанија што аплицираше на првиот, но и на останатите огласи и доби субвенции беше унгарската Визер, која до ден денешен оперира од Скопскиот и од Охридскиот аеродром.
Новите дестинации и евтините авиобилети го зголемија интересот за летање, а за тоа сведочат и статистичките податоци од година во година. По нивното воведување, граѓаните можеа буквално да најдат и да купат билет за 10 евра до некои од европските дестинации, па така честопати се шегуваа дека поскапо чини такси-превозот од Скопје до аеродромот отколку авионската карта.
Ваквата поволна состојба во авиобизнисот се смени за време на пандемијата со Ковид-19, а некои прогнозираа дека по пандемијата, ќе дојде крајот на ерата на евтини летови.
Во моментов се чини дека авиобилетите не се на нивото како пред пандемијата, најверојатно поради инфлацијата, но и сега можат да се најдат билети за секој џеб, во зависност од периодот во кој планираме да патуваме, односно дали е сезона за некоја дестинација или дали се празници. На пример, цените на авиобилетите се скапи за и околу католички Божик, како и за летните одмори.
Евтини авиобилети освен од Скопје, има и од градовите во регионот, како Белград, Тирана, Софија, Приштина, Ниш. И таму од година во година има раст на превезени патници, а неретко и македонските граѓани летаат од овие места поради разликата во цените на билетите. Во оваа споредба, ќе дадеме неколку примери за тоа колку чинат билетите во еден правец од овие градови до одредена дестинација
До Дортмунд, Германија
Од Скопје за Дортмунд, на пример, на 18 јуни, може да се купи карта за 1299 денари или, пак, доколку имате картичка на Визер-клуб, може да ја купите за 680 денари.
Од Белград за Дортмунд, на 19 јуни, може да летате за 3.391 денари.
од Приштина за Дортмунд, на 24 јуни, картата изнесува 2.800 денари
Од Софија за Дортмунд, на 18 јуни картата во еден правец изнесува 2.011 денари.
Од Тирана за Дортмунд, за 19 јуни, картата во еден правец изнесува 3.111 денари.
До Базел, Швајцарија
Од Скопје за Базел на 18 јуни е 3.249 денари, на 19 јуни е 2.599 денари, а во деновите по овие датуми може да се најдат и поевтини карти.
Од Белград за Базел на 20 јуни за еден правец е околу 2.000 денари
Од Софија за Базел, за среда, 19 јуни, е 2.169 денари.
Од Тирана за Базел, на 18 јуни, авионската карта изнесува 3.128 денари.
До Рим, Италија
Од Скопје за Рим, на 19 јуни на пример, може да се купи карта за 969 ден.
Од Белград за Рим, на 23 јуни, картата изнесува 2.587 денари.
Од Софија за Рим за во недела на 16 јуни, цената на авионски билет изнесува 1.351 денари.
Од Тирана за Рим, на 19 јуни, картата изнесува 15 евра или околу 900 денари.
До Париз, Франција
Од Скопје до Париз на 22 јуни картата е 1.949 денари.
Од Белград до Париз на 23 јуни картата изнесува 2000 денари.
Од Софија до Париз на 21 јуни картата изнесува 2.420 денари.
Од Тирана до Париз на 18 јуни картата изнесува 1.200 денари.
Преку оваа споредба се обидовме да пренесеме какви се цените на авиобилетите од Скопје, но и од другите градови во регионот. Треба да нагласиме дека ова се цените во моментов кога ја правевме споредбата и дека може да претрпат изменување ако пребарувате некој друг ден. Интересно е да се спомене дека во некои периоди, ако се споредат цените во Скопје и во останатите регионални градови - има голема разлика, односно цените се пониски во регионот отколку од Скопје.
Аеродром „Св. Апостол Павле“, Охрид. | Извор: ТАВ
На двата аеродроми во 2023 година има зголемување на бројот на патници за 33 проценти споредено со 2022 година
Дека граѓаните сакаат да патуваат, покажуваат и податоците на концесионерот ТАВ. Двата македонски аеродрома, ја завршија 2023 година со значително закрепнување на патничкиот авиосообраќај со што достигнаа приближно 3,15 милиони патници или вкупно 3.149.274 патници и 23.949 летови да бидат опслужени.
Вкупниот број на патници, 3.149.274, постигнат во 2023 година е значајна пресвртница за двата македонски аеродрома, а значи и две истовремени достигнувања – надминување на рекордниот број патници од 2019 година од речиси 2,7 милиони патници. Првпат се опслужени 3 и над 3 милиони патници на двата аеродрома.
Најфреквентни дестинации од Меѓународниот аеродром во Скопје според статистиката за патничкиот авиосообраќај на ТАВ Македонија, за 2023 година, биле Истанбул (двата аеродрома ИГА и Сабиха Гокчен со 10,9% пазарен удел), Базел Милуз (6,4%), Цирих (5,4%), Франкфурт (4,7%), Дортмунд (4,5%), Виена (4,4%), Минхен Меминген (4,3%), Анталија (3,2%), Хамбург и Келн (по 2,7%).
Топ 5 земји со директни летови за 2023 година беа Германија (28,3% пазарен удел); Турција (16,1%); Швајцарија (13,4%); Шведска (6,5%); и Италија (6,4%).
Во однос на учеството на авиокомпаниите во патничкиот сообраќај во 2023 година на скопскиот аеродром, Визер превезе најголем број патници во 2023 година (61,8% пазарен удел); потоа следат Тиркиш ерлајнс (7%); Пегасус ерланјс (6,2%); Авсртија ерлајнс (4,4%); Чеар ерланс (3,7%).
На Охридскиот аеродром, во 2023 година, најфреквентна дестинација за патување беше Базел (21,5% пазарен удел), потоа Виена (21%), Дортмунд (16,4%), Меминген (11,9%), Малме (9,4%), Цирих (9,3%), Амстердам (8,8%), а останатите дестинации се со пазарен удел од 0,5%.
Меѓународен аеродром „Никола Тесла“, Белград. | Извор: beg.aero
Кој е најпрометниот аеродром во регионот?
Меѓу 10-те најпрометни аеродроми во нашиот регион, секој од нив опслужи повеќе од милион патници во минатата година.
Во овој поглед водат Белград и Тирана, додека аеродромот во Подгорица е на осмото место.
Аеродромот „Никола Тесла“ во Белград соопшти дека лани забележале рекордни 7.948.202 патници, што е за 42 отсто повеќе од 2022 година.
Речиси идентичен раст има и во случајот со аеродромот „Мајка Тереза“ во Тирана – тие опслужија 7.257.574 патници, односно 40 отсто повеќе од претходната година.
Повеќе од три милиони патници се регистрирани на три аеродроми во 2023 година – во Загреб (3.723.650), Приштина (3.424.883) и Сплит (3.358.902).
Од нив Скопскиот аеродром евидентирал 2.883.378, а на аеродромот „Руѓер Бошковиќ“ во Дубровник во истиот период поминале 2.416.818 патници.
На аеродромот во Подгорица опслужени се 1.657.522 патници, што е зголемување за 32 отсто во однос на 12 месеци од 2022 година.
На аеродромите во Сараево (1.369.007) и Љубљана (1.270.382) се регистрирани повеќе од милион патници.
Меѓународен аеродром Истанбул. | Извор: architecturaldigest.in
Истанбул – најфрекфентниот аеродром во Европа
Аеродромот во Истанбул е прогласен за најфреквентен аеродром во Европа втора година по ред со просечни 1.375 летови дневно, се вели во извештајот на Европската организација за безбедност на воздушната пловидба (Евроконтрол) за 2023 година.
Просечниот дневен број летови на аеродромот во Истанбул во 2023 година е зголемен за 19 отсто во однос на претходната година, а на 22 јуни е поставен нов рекорд со 1.684 летови.
Според извештајот, на второ место е аеродромот Шипхол во Амстердам со просечни 1.255 летови, Лондон Хитроу со 1.251 лет, Париз Шарл де Гол со 1.247 летови и аеродромот Франкфурт со 1.179 летови, пренесуваат светските медиуми.
Турското Министерство за транспорт објави дека со пораст од 16 отсто, Турција минатата година имала најголем пораст на просечните дневни летови во Европа.
Како резултат на тоа, минатата година се најде на шестото место меѓу земјите со најпрометни дневни летови (полетувања/слетувања) во Европа. Просечниот дневен број на летови во земјата во 2023 година достигна 3.026, соопшти Еурконтрол.
Земјите со најголем просечен дневен број на летови во Европа се Велика Британија со 5.290, Шпанија со 4.616, Германија со 4.532, Франција со 3.999 и Италија со 3.500.
Во Турција, просечниот дневен број летови во 2023 година ги надмина нивоата од 2019 година, пред пандемијата на Ковид-19, за над 8 проценти.
Аеродром во Амстердам. | Извор: amsterdamairport.info
Најпрометните аеродроми во светот во мај 2024 година
Светски познатиот аналитички систем и страница за рејтинг на авиоиндустријата и линиите ОАГ ги објави десетте топ аеродроми на глобално ниво (вклучувајќи го меѓународниот и домашниот сообраќај), каде што веќе традиционално Атланта во САД е на првата позиција со понудени 5,5 милиони седишта, што е зголемување од 3% во однос на минатиот месец за дневна достапност на седишта, потоа Дубаи ОАЕ со 5 милиони понудени места дневно во сообраќај и Токио Ханеда со 4,7 милиони седишта. Во Европа секако предничи лондонски Хитроу, додека кинеската Гуангжу е меѓу првите десет со Шангај во Азија.
Рангирањето на аеродромите во светот би изгледало вака
- Атланта АТЛ - 5.545.681 седишта
- Дубаи DXB - 5.027.563 седишта
- Токио ХНД - 4.690.590 седишта
- Далас/Форт Ворт DFW (Меѓународен) 4.508.611 седишта
- Лондон LHR (Хитроу) 4.466.742 седишта
- Денвер DEN (Меѓународен) 4.253.702 седишта
- Истанбул IST (Меѓународен) 4.177.937 седишта
- Чикаго ОРД - 4.136.724 седишта
- Гуангжу МОЖЕ - 4.136.531 седишта
- Шангај ПВГ - 4.040.409 седишта
И покрај значителниот патнички сообраќај низ светот, туризмот и патувањето всушност не се целосно закрепнати на нивоата пред пандемијата, но тие се приближуваат до тие бројки.
Неодамнешниот извештај на Светскиот совет за патувања и туризам (WTTC) откри дека индустријата закрепнала до 95 проценти од нејзиниот пазарен удел во 2019 година. Бројот на работни места, исто така, се зголеми за 21,6 милиони нови работници во 2022 година, што е повеќе од 295 милиони на глобално ниво, или секое 11-то работно место во светот.
Генерално, трендот изгледа позитивно за оние кои се вклучени во туристичката индустрија.