Жени-лидерки од цел свет беа гости на УТМС и испратија силна порака: Да го направиме светот подобро место

ЕЛИТ

Жени-лидерки членки на Глобалниот клуб на жени Г 100 беа во Скопје во посета на Универзитетот за туризам и менаџмент – Скопје. Дојдени од различни делови на светот, со различно потекло, вера, животно искуство и кариера, испратија силни пораки – да го направиме светот подобро место за жените.

Основачката на престижниот Глобален клуб на жени лидерки Г 100, г-ѓа Харбин Арора, порача дека не е важно од која земја сме, каква боја на кожа и на коса имаме или каква облека носиме, важно е да бидеме со солидарен дух и да се поддржуваме.

„Сите се соочуваме со истите проблеми, но дури и најсилните личности имаат потреба од подадена рака, од поддршка. Тоа е нашата енергија, моќ, сила, со меѓусебна љубов и позитивна енергија да си дадеме сила. Секоја жена да ја поттикнеме кога да каже ДА, за почит, за образование, а кога да каже НЕ!“, истакна Харбин Арора.

Гостинките од Малезија и Индонезија истакнаа дека запознале многу жени од Балканот, Хрватска, Словенија, Црна Гора и Македонија и секаде биле дочекани со позитивна енергија и со ентузијазам за борба за родова еднаквост и за меѓусебна поддршка.

Во Глобалниот клуб Г 100 членуваат најистакнатите светски жени-лидерки што се подготвени да го споделат своето знаење и искуство за заедничка цел – подобра иднина за сите. Глобалниот клуб Г 100 има 100 секторски крила и претставнички од сите земји и свои канцеларии во Брисел (ЕУ), Њујорк (ОН), Њу Делхи и Женева, или околу 1.000.000 членки низ светот.

Во нашата земја, во Крилото за комуникација и за застапништво членуваат 35 успешни жени членки-лидерки, кои се од различни вери и потекло, различно животно искуство и кариера, но сите имаат иста визија да дејствуваат локално, преку сопствени иницијативи да го направат нашето општество подобро место за жените и за девојките.

Image
Newsletter