Секоја жена има моќ да напише историја – порака од Меѓународниот форум за женско лидерство!
„Ни треба охрабрување. Ни треба постојано потсетување кои сме, колку сме вредни и колку заслужуваме на крајот од денот. Да се биде жена, колку сложена, најтешка и најслатка одговорност на светот е тоа“.
Дали на овие инспиративни пораки се потсетуваме само во месецот на жената или треба да се запрашаме зошто голем дел од жените не се свесни за сопствената вредност, но и да запаметиме дека овие пораки треба да станат секојдневно потсетување за сите жени?
Меѓународен форум за женско лидерство
Поздравен говор на проф. д-р Јана Илиева, генерален секретар на Универзитет Скопје.
Токму Меѓународниот форум за женско лидерство, кој го иницираше Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје беше со цел да кажеме кои сме и што можеме да направиме. На едно место Универзитетот успеа да ги собере најуспешните жени од Македонија и од странство. По повод месецот на жената, бизнисменки, амбасадорки, професорки, уметници, обвинителки, новинарки, ги споделија искуствата за големите успеси, за целите што ги трасирале, но и за предизвиците и стравовите со кои се соочувале по патот на успехот.
Над триесет успешни и докажани жени на Меѓународниот форум за женско лидерство од петте панели испратија силни пораки дека жените можат да го сменат светот на подобро и дека секоја жена има моќ да напише историја.
Присутните гости и панелистки ги поздравија ректорот на Универзитетот, проф. д-р Аце Миленковски и генералниот секретар, проф. д-р Јана Илиева. Форумот го отвори Илиева, која во својот поздравен говор истакна дека секоја жена има моќ да создаде подобро утре.
„Повеќе од потребно е меѓусебно да се поддржуваме, да учиме една од друга, да се мотивираме. Само на тој начин ќе ги урнеме бариерите и стереотипите и ќе создадеме свет во кој родовата еднаквост не е само сон, туку реалност. Јас силно верувам дека секоја жена има моќ да напише историја, да создаде подобро утре и да остави белег во светот. А кога жените успеваат, сите успеваме и стануваме посилни“, истакна Илиева за улогата на жената во општествените промени низ историјата и денеска.
Поздравен говор на проф. д-р Аце Миленковски, ректор на Универзитет Скопје.
Ректорот Миленковски им се заблагодари на жените што го разубавуваат светот, а ја посочи и официјалната статистика за жените во високото образование денес.
„Официјалната статистика покажува дека од година во година на високообразовните институции се запишуваат повеќе жени и на додипломски и на магистерски и на докторски студии, и дека повеќе жени го заокружуваат целосно своето образование. Зборот убавина не е измислен за нас мажите, туку за вас, кои што сте создадени од Бога да бидете убави, вие како жени нѐ дарувате нас како мажи со вашата убавина. Семејството е најважната алка во општеството од каде што сѐ започнува и завршува, тоа е местото каде што се гради личноста, се воспитува и се насочува, а вие жените го одржувате семејството. Вие сте создадени од Бога да ја давате љубовта и колку што повеќе ни ја давате нам, мажите, толку повеќе ја имате во себе и уште повеќе ја ширите. Јас ви се поклонувам“, истакна Аце Миленковски на Форумот за женско лидерство.
Во првиот панел посветен на успешните жени во дипломатијата, амбасадорката на Кралството Шведска, Ами Ларсон Џеин, истакна дека родовата еднаквост значи рамноправна распределба на правата, застапеноста и на ресурсите во општеството, 50% - 50% меѓу мажите и жените. Таа нагласи дека многу е сторено на овој план, но дека има уште многу да се работи.
„Колку што повеќе жените се појавуваа на пазарот на трудот, толку повеќе почнуваа да прашуваат, како може да правиме сѐ дома и истовремено да работиме“, вели Џеин.
„Жените треба да се едуцираат и да сонуваат големи работи, е пораката што ја испрати амбасадорката на Србија во Македонија, Невена Јовановиќ. ,,Кога зборуваме за поттикнување на партиципацијата на жените во надворешната политика, не смееме да заборавиме дека тоа е начин да го поттикнеме и учеството на жените во политиката и во процесите на одлучување како такви, бидејќи верувам дека кога ги зајакнуваме младите девојки и жени, креираме јаки жени, а би рекла дека јаките жени може да го сменат светот“, изјави Невена Јовановиќ, амбасадор на Република Србија во Македонија.
Обраќање на гувернерот на НБРМ, д-р Анита Ангеловска-Бежоска.
Во вториот панел посветен на жените што го движат бизнисот, Анита Ангеловска-Бежовска, гувернерка на Народната банка, нагласи дека поголемата вклученост на жените во работната сила може да значи повисоки стапки на економски раст.
„Општествата со поголема родова еднаквост се сметаат за посигурни, поздрави, со помалку насилство и со поголема кохезија. Поголемата интеграција носи и голем број економски придобивки, не само за жените, туку и за целото општество“, истакна Анита Ангеловска-Бежоска, гувернерка на Народната банка.
Обраќање на Емилија Спироска, член на Управниот одбор на Прокредит банка.
Она што им недостига на жените-претприемачки е храброст, истакна Емилија Спироска , член на Управниот одбор на Прокредит банка која учествуваше на Форумот
„Во групацијата Прокредит, 60% од вработените се жени, во Македонија процентот е уште повисок. Има интерес кај младите девојки да работат во банка, но недостига храброст кај жените-претприемачки. Од година во година забележувам дека мажите трчаат спринт, но жените-бизнисменки во овој сектор маратон“, изјави Емилија Спироска, член на Управниот одбор на Прокредит банка.
Обраќање на Сања Лукаревска, директор на УЈП.
На панелот за жените во бизнисот учество зема и директорката на УЈП, Сања Лукаревска, кој порача дека ако се поддржуваме една со друга, тогаш секако ќе имаме успех.
„Навистина сме покажале одреден континуитет, а тоа значи дека жената кога е на некоја раководна позиција во една институција, независно дали станува збор за некое даночно одделение или за раководење на некој сектор, мислам дека ги имаме соодветните резултати, да не бидам погрешно разбрана, но мислам дека ние сме далеку поодговорни, подисциплинирани и мислам дека знаеме навремено да ги завршуваме своите работни задачи, а врз основа на тоа да испорачуваме и соодветни резултати. Во Управата за јавни приходи доминираат жени. Од 1000 вработени, повеќе од половината се токму жени. Целиот мој кабинет е составен од жени. Ние сме поодговорни и дисциплинирани, секогаш во рок ги испорачуваме резултатите. Ако се подржуваме меѓусебно ќе бидеме уште поуспешни“, изјави Лукаревска.
Обраќање на Анета Пешева, генерален директор на УНЕТ и почесен конзул на Канада.
Жените на Балканот ги краси упорноста, тоа го носат во себе, рече Анета Пешева, генерален директор на УНЕТ и почесен конзул на Канада, која додаде дека рамноправноста во ИТ-секторот е апсолутно застапена. Но, таа констатира дека жените во македонската политика не се доволно застапени, а уште помалку кога треба да се одлучува за клучни работи. Според неа, жените ќе бидат рамноправни со мажите ако и само ако се финансиски независни.
„Јас сум во една специфична професија, успеав да се изборам и да добијам рамноправност. Кога зборуваме за менаџерите во мојот бизнис, нема никаква разлика. Рамноправноста во ИТ-секторот е апсолутно застапена, имаме барања кои уште подобро ќе ја подобрат положбата на жената, особено тие што се занимаваат со бизнис. Јас мислам дека жените не се застапени повеќе во политиката, тешко ги добиваат лидерските позиции, кога се носат одлуки за клучни работи во државата, седнати се мажите, и тоа треба да се промени. Затоа ни претстои тој еден пат, и треба да се избориме за тоа. Да се чуе гласот за жените, да се добие самодоверба. Но, жените не можат да бидат рамноправни со мажите ако не се финансиски независни, и нели е срамота од 82 градоначалници, да има само две градоначалнички“, истакна Пешева.
Обраќање на Улкер Шуле Аксој, генерален директор на Туркиш ерлајнс во Македонија
Модерниот свет е во рацете на жената, а посебно за младите девојки најважното нешто е едукацијата, порача Улкер Шуле Аксој, генерална директорка на Туркиш ерлајнс во Македонија. Само образовани жени можат да бидат лидерки, вели таа, која додаде дека во авиобизнисот жените може повеќе да се забележат на аеродромите, но не и на високи менаџерски позиции.
„Јас сум меѓу оние ретки шест дами на менаџерски позиции во групацијата и тоа за мене е привилегија, но и голема одговорност. Од гледна точка на мажите, оваа работа е повеќе за нив, жените можеме да ги гледаме само на чек-ин. Јас сум една од тие што имаа среќа, новиот директор забележа дека има недостиг од жени во нашата компанија, па се преземаа некои чекори минатата година, сега сме 6 генерални менаџерки и сме среќни што се зголемува бројот. Се надеваме дека ова ќе се промени во иднина“, изјави Улкер Суле Аксој, директор на Туркиш ерлајнс во Македонија.
Обраќање на Мерита Рамадани-Алими, сопственик на приватен бизнис.
Жените повеќе да се вклучат во приватниот сектор, порача Мерита Рамадани-Алими, сопственичка на приватен бизнис во Македонија. Таа вели дека сѐ помалку жени ризикуваат да почнат сопствен бизнис затоа што им недостига храброст, па затоа работа бараат во државната администрација.
„Јас сум две децении во приватниот сектор, татко ми забележа дека мене ме бива за бизнис, таа поддршка ми ја даде мојот татко, па како што растев, така инвестирав во себе. Најголемиот предизвик беше кога пред 11 години го изгубив мојот родител, но поддршката дојде од мојот сопруг. Се соочивме со многу предизвици и со предрасуди, но јас се трудев да докажам дека жената може да ги работи сите работи како и мажите. Ние можеме заедно да градиме подобра иднина. Образованието и домашното воспитување се многу важни“, изјави Мерита Рамадани-Алими, сопственичка на Доган.
Обраќање на Сања Божиновска, советник за енергетика.
„Знаете ли дека директори од Косово и Албанија неколку месеци не сакаа да дојдат на состанок со мене затоа што сум жена?“, вакво искуство сподели Сања Божиновска, советник за енергетика, професија во која повеќето се мажи.
„Во енергетскиот сектор доминираат мажите на менаџерски позиции. На Балканот сѐ уште постојат стереотипи за тоа дали можат жените да бидат успешни директори и менаџери. Во енергетиката повеќето се мажи, иако има жени, но на менаџерските позиции, бројот е мал. Јас деветнаесет години се занимавам со енергетика и тоа е многу стресна професија. Во 2008 година, кога отворивме фирма во Македонија, на сите состаноци беа мажи, денес сме 2023 година, и сѐ уште на челни позиции во овој сектор нема жени. Како жена, поинаку се согледуваат проблемите и има поинакво решавање на проблемите. Се надевам дека во Македонија ќе се променат одредени работи“, изјави Сања Божиновска, експерт за енергетика.
Таа испрати порака дека секоја жена треба да верува во себе и да работи на себе, и дека ако е од Македонија, тоа не значи дека не може да успее во светот.
Обраќање на проф. д-р Миглена Темелкова, ректор на Универзитетот за телекомунакации и пошти во Софија, Бугарија.
Какво е искуството со жените и образованието во соседна Бугарија, раскажа Миглена Темелкова, ректор на Универзитетот за телекомуникации и пошти во Софија, Бугарија, на третиот панел посветен на жените во образованието.
„Во високото образование во Бугарија, мажите сѐ уште доминираат како ректори, иако 40% од вкупниот број се жени. Не е лесно да ја стекнеш довербата како жена во Бугарија. Можеби жените се поемпатични, поподготвени за дијалог, поголеми дипломати и поподготвени за консензус, а во високото образование тоа е примарната улога на менаџерот. Сметам дека може во следните години да очекуваме паритет меѓу мажите и жените во Бугарија. Потешко е кога треба да земеш менаџерска позиција во универзитет што е првично инженерски, каков што е и нашиот универзитет. Знаете дека инженерството помалку или повеќе им припаѓало на мажите во минатото, но денеска сѐ повеќе жени навлегуваат и во инженерската професија. И тука слушнавме во претходните панели, жените веќе многу често се среќаваат и во компјутерските науки, и во информациските технологии, и во програмирањето, и во сѐ повеќе професии што биле доминирани во минатото од мажите, што зборува за адаптивноста на жената да може да ги интегрира своите квалитети во различни професии, без разлика дали се работи понекогаш за претежно машки професии“, изјави Темелкова.
Обраќање на проф. д-р Благица Новковска, професорка на УТМС.
Жените во Македонија се гласни, ама на погрешно место и во погрешно време, заклучува и професорката од Универзитетот за туризам и менаџмент, Благица Новковска, која учествуваше на панелот посветен на жените во образованието. Во Европа, па дури и во скандинавските земји, не може да се најде земја што имаат учество на жените во политиката повеќе од 30 отсто, вели таа.
„Со поголемо учество на жените во политиката, во носењето на политички одлуки, може многу да промени. На глобално ниво, иако се прават многу активности, политики и стратегии, има само 25% учество на жените во парламентите, што ќе се сложите дека е многу малку. Но, ако се погледнат податоците во првите три земји во кои жените имаат високо учество во политиката, а тоа се Руанда, Куба и ОАЕ, и јас бев изненадена, причината е дадената можност на добро организираните жени да ги отпочнат реформи, и нивните реформи даваат резултати“, изјави Проф. д-р Благица Новковска, професор на УТМС.
Обраќање на Снежана Лупевска-Созен, доректор и главен и одговорен уредник на ТВ Телма.
Во панелот посветен на жените во медиумите, беше испратена порака дека жените во оваа професија докажале дека се многу похрабри од мажите, но и дека медиумите имаат важна улога во претставувањето на жените како лидери.
„Во ова општество и медиумите треба да бидат раководени од жени, бидејќи жените можат да сработат, и не само да работат туку и да раководат. Исто така, во многу ситуации се докажало дека ние како жени сме многу храбри и похрабри од мажите во предизвиците што ги совладуваме. Новинарството е женска професија токму поради храброста и токму поради тоа што многу работи можеме наеднаш да ги завршиме. Ние како жени во новинарството имаме најголем проблем со мажите кои се на моќни позиции во политиката, што дури си дозволуваат да навредат новинарки“, изјави Снежана Лупевска-Созен, директор и главен и одговорен уредник на ТВ Телма.
Обраќање на Анета Андонова, одговорен уредник на Првиот програмски сервис на МРТ.
„Посебно внимаваме како е претставена жената во медиумите, тој аспект е многу важен бидејќи ние го креираме мислењето на јавноста. Сакаме да избегаме од стереотипите, сакаме да ја претставиме жената како лидер, како моќна, но тоа тешко ни оди, а верувајте дека тешкотии имаме и од другата страна, од страна на жените. Медиумот е тој што треба да ја смени перцепцијата на жените меѓу публиката, да ја има таа едукативна улога да ја претстави во вистинско светло, како пилот, како менаџер, како учесник во сите сфери во општеството, и со тоа да се влијае пред сѐ на младата популација, а понатаму и на другите“, изјави Анета Андонова, одговорен уредник на Прв програмски сервис во МРТ.
Обраќање на Стојна Костовска, актер.
Дамите од културата и од уметноста порачаа дека и во овие професии нема машко – женско и дека самите жени треба да се изборат за своите цели. Тие исто така предупредија дека уметноста е на колена, а културата на многу ниско ниво.
„Мојот живот е театарот, но во моментов културата во Македонија, за жал, е падната на многу ниско ниво. Недостига публика во театрите, нови премиери и желба кај граѓаните во време на криза да се облечат гламурозно и да погледнат убава претстава“, изјави Стојна Костовска, актерка.
Обраќање на проф. д-р Јана Манева-Чупоска, ликовен уметник.
„Ликовната уметност е многу значајна за идните генерации. Но, во Македонија во моментов уметноста е на колена, почнувајќи од едукацијата кај децата до интересот на јавноста. Во медиумите нема емисии од култура, ретко може да видите некој прилог за нова ликовна изложба. Стандардите се паднати, критериумите променети, сето ова е на штета на идните генерации. Уметноста не е само за на ѕид, таа е движечка сила, таа е револуција , мора да пропагирате вредности во општеството. Главната мисија е уште повеќе да се промовира уметноста. Имаме дејци со кои може да се гордееме. Уметноста е многу потребна и треба да се направи поголема промоција на овие професии“, изјави проф. д-р Јана Манева-Чупоска, ликовен уметник.
Обраќање на Снежана Коневска-Руси, актер.
„Мојата професија порано беше престижна и ценета. Имавме критичари, културни работници, плејада врвни имиња со кои беше чест да се работи и да се соработува. Медиумската поддршка денес ја немаме. Многу малку се пишува и се зборува за културата и за уметноста. Мора да го зграбиш денот, никој ништо не ти дава, мора сама да се избориш, нема женско - машко, тука постои ролја, или ќе ја земеш ако ја сакаш или ќе седиш дома“, изјави Снежана Коневска-Руси, актерка.
Обраќање на Олга Панго, уметнички раководител на балетот во МОБ.
„Ние сме слики во движење, текстот се движењата, навистина е еден колаж од многу сегменти, мора да сме и драмски подготвени, да сме едуцирани. Жените доминираат во балетот. Дури и имињата на балетските претстави се женски. На новите аудиции слаб е интересот од страна на машкиот пол. Во светот има многу доминантни и успешни балетани, кажа Олга Панго“, уметнички раководител на балетот во НОБ.
Обраќање на проф. д-р Наташа Мешковска, спортист.
„Имав успешна и динамична спортска кариера, за жал спортската кариера трае кратко, бидејќи човек професионално може да се занимава со спорт до својата 30-годишна возраст. Врвниот спорт е наука, истражувања, статистика. Благодарение на денешната технологија, може да проникнеме во тие резултати, зошто првиот е прв, а третиот е трет. Јас бев темпераментно и живо дете, позитивната енергија родителите ми ја насочија во пливањето. Јас бев од таа генерација на деца кога масовно почнавме со пливање. Се најдов во таа средина, па на 12-годишна возраст почнав да се натпреварувам, на четиринаесет години станав првак на Македонија, на петнаесет рекордер и првак во Југославија. Битно е да имате талент, но талентот е еден процент, а 99 проценти се работа и љубов. Во спортот никој сам не успеал, туку зад секој врвен спортист стои врвен тим. Врвниот спорт е наука и бара голема поддршка од семејството, стручни тренери и многу одрекувања од приватниот живот. Спортот, културата и уметноста се многу битен сегмент од нашето живеење и затоа сакам да сфати македонската јавност дека е битно да се инвестира во спорт. Пред сѐ, приоритет во животот треба да биде здравјето, дека спортот и физичката активност треба да бидат култура на живеење“, изјави проф. д-р Наташа Мешковска, спортистка.
На крајот од Форумот, сите панелисти се заблагодарија за поканата и заклучија дека форуми со вакви теми треба почесто да се организираат.