Почетокот на годината носи нова надеж за подобра живејачка, за промени и нови предизвици. Глобално треба да се очекува дека годината што претстои ќе биде исполнета со многу тековни предизвици чиј интензитет е тешко да се предвиди. Ќе доминираат инфлацијата, високите цени на енергенсите и растот на каматните стапки, кои ќе го отежнуваат економскиот амбиент.
Во Македонија на политички план ќе биде изборна година. По сите турбуленции, граѓаните сакаат мир и стабилност, но се во грч од инфлацијата, која удри по нивниот џеб. Бизнис-заедницата, пак, очекува стабилизирање на економијата и даночна предвидливост.
Во ова време-невреме, најскапоцениот ресурс остануваат луѓето, но, за жал, Македонија се празни. Годишно државата ја напуштаат во просек по 12.000 граѓани. Ако продолжи овој тренд, за 50 години ќе бидеме помалку од еден милион и триста илјади луѓе. Дали црната демографска иднина за Македонија ќе ги освести надлежните?
Државава мора да инвестира во човечкиот капитал, во подобрување на продуктивноста и постојано да прави кампањи за да го спречи одливот на мозоци.
Младите квалитетни кадри си одат од Македонија барајќи подобри услови за личен и за професионален развој. Некогаш самата плата и не е воопшто главната причина за „пакување на куферите“. Нерешените општествени проблеми и негативното опкружување ги тераат квалификуваните млади да напуштат и добри позиции.
За да ги задржиме младите дома, потребно е да имаме квалитетно образование, да вложуваме во нашите таленти и да создадеме амбиент за подобра иднина.
Оптимизам има, верба исто така, но пред сѐ надеж за подобра 2024 година!