Македонија на 8 септември одбележа 33 години од успешно спроведениот референдум на кој македонските граѓани се изјаснија за самостојна и суверена држава.
На референдумот му претходеше Декларација за независност, која првиот повеќепартиски македонски Парламент ја усвои на 25 јануари 1991 година. Формално, волјата на народот за самостојна држава беше потврдена со Декларација за прифаќање на референдумските резултати на 18 септември 1991 во Собранието на Република Македонија.
Следен важен чекор во зацврстувањето на државата беше усвојувањето на новиот Устав на 17 ноември 1991 година. Меѓународноправниот субјективитет на државата дефинитивно беше потврден на 8 април 1993 година, кога со акламација во Генералното собрание на Обединетите нации, Македонија беше примена за 181. полноправна членка на светската организација. Откако се поставија контурите на Македонската држава, низ годините што следуваа, освен што државата го промени името, се случија политички кризи, воен конфликт и прием во меѓународни организации.
Што добивме на политички и економски план во изминативе 33 години – зборуваат Александар Флоровски, Јове Кекеновски и Зоран Крстевски.
Александар Флоровски, пратеник на ВМРО –ДПМНЕ во првото Собрание на РМ: Добивме самостојна држава благодарение – пред сѐ – на ВМРО ДПМНЕ
33 години независност. Кој е политичкиот бенефит? Ова е многу суптилно прашање. Што е тоа што очекувавме, а што сме добиле? Добивме самостојна држава благодарение – пред сѐ – на ВМРО ДПМНЕ, оти реално ние сме ја туркале таа работа. Ако не бевме ние, не знам како ќе одеше целиот тој процес. И поддржавме тоа што беше поддржано, како република која сака на мирен начин да се отцепи. Дојде Референдумот, дури и гласањето ние го организиравме. И се изгласа самостојноста со преку 90%. Што е политичкиот бенефит? За жал, во овие 33 години немаме некој политички бенефит или ќар, освен можеби влегувањето во НАТО како колективен систем на одбрана. Но, битката наша, за жал, сѐ уште трае, таа за влез во Европската Унија. Прашање е кога ќе се влезе, кога ќе се почнат преговорите и што ќе бие нашиот ќар? Притоа, ќе бидеме и заложник на големите сили внатре, како што се заложници и многу помали држави, кои се влезени пред десетина, петнаесет, па и повеќе години во Европската Унија. Гледаме дека, сепак, главниот збор го водат „старите европски држави“. Некои работи толку брзо се менуваат во геополитичкиот свет што можеби ќе дојде време некои држави да побараат и членство во други организации, затоа што тие се повеќе од половина на светската популација. Значи, станавме членка на НАТО.
Во февруари 1991 година, како пратеничка група поднесовме барање за влез во НАТО. Се сеќавам добро дека бев трет потписник. Имавме тенденција да бидеме свои на своето, да имаме самостојна македонска држава и тоа успеавме да го направиме. Политички бенефит е нашето влегување во НАТО. Се согласувам со Христијан Мицкоски дека направивме многу како држава, менуваме устави, менувавме знамиња. За жал, ние во тој втор Паралмент не учествувавме, се повлековме од изборите. Значи, тие 4 години, од 1994 до 1998 година воопшто немавме партиципација во македонскиот Парламент. Се направи таа скапана и криминална приватизација, но можеби беше наша грешка што се повлековме, а можеби и не. Мислам дека ќе беше подобро да партиципиравме отколку што стоевме настрана, Затоа што штом не си во центарот на одлуките, поточно во македонското Собрание, ефектот е многу мал или никаков.
Флоровски: „Ние мораме да имаме цврсти гаранции, почетни преговори и дури и дата да се знае кога ќе станеме членка на Европската Унија.“
Не знам што би можел да кажам што е ќарот на Македонија? Дали овој НАТО-чадор, кој наводно е над нас, дали, не дај Боже, ако се случат внатрешни превирања во самата држава, а секогаш има тенденции за таква работа, дали утре ќе дојде некој да нѐ разграничува, па некој ќе сака да ни го отцепи западниот дел на Македонија, којшто е составен дел на Македонија – и каква ќе биде нивната реакција. Тоа е знак на прашање, затоа што недовербата кон западните политичари е голема. Инаку, бев доброволец во војната во 2001 година, иако бев пратеник, јас и една моја цела екипа дадовме сѐ што можевме да дадеме во тој даден момент, и психички и физички и ментално, секако. Мојата доверба кон западните политичари се изгуби. Зошто? Затоа што низа години доаѓаат како јанкесеџии овде, ни се шетаат како трговци-џамбази, ветувајќи ова ќе правиме, тоа ќе правиме, сега ќе влезете, утре ќе влезете, задутре ќе влезете, чекајте сега да ги ставиме овие во Уставот. Не е проблемот, ние можеме утре да ги ставиме во Уставот, проблем е што ние мораме да имаме цврсти гаранции, почетни преговори и дури и дата да се знае кога ќе станеме членка на Европската Унија, притоа исполнувајќи ги сите услови кои треба да ги исполниме. Иако, многу од околните балкански држави и не се баш сјајни во однос на нас. Така што нема врска со флоскулите кои цело време нам ни ги наметнуваат. Но, политичките одлуки се носат од други центри и мислам дека многу работи кои се случија во нашето балканско опкружување се политички одлуки, но притоа мора да се има некој многу јак ментор што ќе ни го чува грбот. Таква работа немаме засега. Имаме многу опоненти на Балканот, во ликот на Грција, па тој Преспански договор, па Бугарија, па Францускиот предлог итн.
Светот стана толку мал, што сите работи можеме да ги дознаеме од каде дува ветерот. Значи притисоците што се прават немаат врска, туку се базираат на некои стари односи, стари пријателства, бивши кралства, бивши царства, роднински врски, но еве ние се најдовме како нација, за жал, на ветрометина и го доживеавме она што го доживеавме. Историски гледано наназад.
Како човек што бил 12 години во тоа македонското Собрание, не гледам некој посебен бенефит кој конечно ќе го израдува и ќе го усреќи мојот македонски народ. Сега за сега не гледам, освен оние бедни трошки кои ни ги дават како финансиска помош. Едноставно, тоа ме потсетува како кога ќе поминеш по улица и на просјакот ќе му фрлиш десет или сто денари. Немаме нешто конкретно што нас би нѐ кренало како држава да тргнеме од мртва точка. Единствена позитивна работа е влезот во НАТО. Но, допрва треба да се покаже кон нашата држава, а тоа може да го покаже само, не дај Боже, во критични ситуации. Дали ќе застане зад нас? Дали нема да застане? Дали тие што цело време ги клукаат со пари, мислејќи на одредени албански кругови, ќе го штитат албанскиот интерес за Македонија или ќе го штитат интересот за македонската држава?
ПРОФ Д-Р ЈОВЕ КЕКЕНОВСКИ: Моравме и можевме многу повеќе ако нѐ водеа саглам политичари кои, пред сѐ, ќе мислеа на граѓаните.
Кога зборуваме и кога се сеќаваме на минативе 33 години од прогласување на независноста и сувереноста на Република Македонија, јас навистина не можам да кажам дека сум задоволен од она што го постигнавме на економски, политички, па и на секој друг план. Сметам дека моравме и можевме многу, многу повеќе ако нѐ водеа саглам политичари кои, пред сѐ, ќе мислеа на граѓаните, а не вакви какви што се изнагледавме сиве години – политичари обземени од егоизам и невидена алчност проследена со отсуство на каков било срам. За жал, со ретки исклучоци, нас нѐ водеа политичари и функционери на кои најбитен им беше личниот интерес и желбата што е можно повеќе времето да го поминат седејќи во удобните функционерски фотелји без разлика на цената која ја плаќавме сите ние. Секој нивен ден повеќе поминат на позиција, за нас значеше голгота и мачнина повеќе и дополнителен чекор надолу кон дното. Благодарение на партизираното судство и обвинителство, на нивната сервилност и слепа беспоговорност, доведени сме во ситуација да бидеме неми свидетели на праксата арамиите-политичари да поминуваат неказнето и денес да глумат големи бизнисмени. Ни наметнаа правило ,,додека си на власт грабај колку можеш повеќе, за да има со што да си ја купиш слободата кога ќе заминеш од власт“. Бидејќи кај нас сѐ се купува, сѐ си има своја цена. Педесетина семејства кои беа „голтари“ во минатото, благодарение на политиката денес се репрезенти на новата финансиско-политичка олигархија. Нивите наредни три генерации поколенија ќе уживаат во украденото од народот.
Кекеновски: „Се изнагледавме циркуски претстави за време на судските процеси против арамиите-политичари.“
За 33 години независност не видов ни ,,в“ од владеење на правото, туку само селективна правда по нарачка. Се изнагледаме циркуска претстави за време на судските процеси против арамиите-политичари, свесно застарување на сторените кривични дела, братско самоамнестирање на арамиите во политиката. Имавме натпревар кој повеќе ќе го осиромаши народецов наш напатен. Сите се колнеа во државата, а во име на партијата се богатеа. И така куртовци и муртовци ни ги одземаа најубавите години од животот и младоста. Од национална држава на македонскиот народ, направивме милк-шејк бинационална држава, во која не се знае кој колку пие и зема иако народов плаќа сѐ.
Го сведовме на најниски гранки системот на образование, имаме мито и корупција на секој чекор во секоја институција, имаме најбројна и најнеписмена администрација, држава во која се загарантирани работни места за партиските измеќари, лепачи на плакати, ботови, урлачите по митинзите, а додека оние учените лебот и среќата мора да ја бараат надвор од државата. Заради доминантниот партиски интерес и практиката односно филозофијата ,,да ставиме ,наш‘ на функција за да ни биде лојален, иако е неписмен и благо ретардиран“ се девалвираа министерските и други високи државни позиции, а народов и понатаму остана поделен по многу разни основи.
Кекеновски: „Сега се некои други времиња и нови генерации, кои од минативе 33 години независност можат да извлечат поуки.“
Поради лошо водената надворешна политика, се доведовме во ситуација да се обезличиме и да го промениме сопственото име (замислете, и тоа со резултати од неуспешен консултативен референдум на кој народот кажа „НЕ“ за промена на името) како ниту една друга држава во светот и повторно не сме членка на ЕУ. И не само Преспанскиот туку и останатите договори кои се потпишаа со нашите соседи се на наша штета, како на пример: Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија, Рамковниот договор потпишан со нашите Македонци од албанско етничко потекло, по што ја увезовме Тиранската платформа и др.
Денес сме држава со нарушен принцип на соодветна и правична застапеност во јавната администрација, и тоа на сметка на нас Македонците. Функционираме како држава каде што имаме формална поделба на власта помеѓу Македонците и Албанците и каде што владее чувство на бинационално македонско-албанско одлучување. Рамковниот односно Охридскиот договор, кој стана составен дел на Уставот на државата, не успеа докрај и цврсто да ја зајакне комуникацијата и довербата меѓу двете најголеми заедници, што пак за жал, и за волја на вистината, зависат пред сѐ од желбата и спремноста за компромис на политичките лидери и од степенот на манифестација на нивните суети. За 33 години самостојност станавме држава која речиси 20 години не можеше да спроведе попис поради политичките игри со процентуалната застапеност на заедниците, иако и првиот попис по осамостојувањето и ден-денес е дискутабилен.
Кекеновски: „Функционираме како држава каде што имаме формална поделба на власта помеѓу Македонците и Албанците и каде што владее чувство на бинационално македонско-албанско одлучување.“
Република Македонија е на политички, економски, социјален и културен крстопат. Прашањето е дали и до кога Република Македонија ќе опстои како унитарна држава. Федерализмот сѐ уште ни виси како Дамоклов меч над нашите глави. Федерација на политичките партии мошне успешно функционира кога е во прашање поделба на тендери, економски криминал и корупција, кога треба да се спасува заедничкото опстојување. Нашите сонародници припадници на албанската етничка заедница никако до крај да ја покажат својата лојалност кон државата во која живеат, работат и ги уживаат благодатите. За жал, таа лојалност трае само додека се на власт, а потоа по старо, со двете очи кон Косово и кон Албанија.
Имавме одлична иницијатива наречена „Западен Балкан“, но, за жал, и таа некако замре иако нејзина крајна цел беше заедничка ангажираност во елиминирање на сите пречки за слободно движење на луѓето, стоката, услугите и капиталот на овој дел од Европа. Можеби единствена добра работа е нашето членство во НАТО-алијансата, иако и тоа дојде со големо задоцнување.
Зоран Крстевски, пратеник од првиот состав на Собранието на Република Македонија од 1991 година: Приватизацијата се претвори во обезвреднување на фабриките и на државниот имот – организираниот криминал стана метастаза од која и денес не можеме да се ослободиме
Период од 33 години е време само по себе значајно за опстанокот и просперитет на една држава. Самиот факт дека живееме во држава за која сонувале и борба воделе генерации пред нас и во која самите ги уредуваме внатрешните односи и имаме висока усогласеност на надворешната политика за зачленување во ЕУ, како и за членството во НАТО, ја гарантира иднина на Македонија.
Но, таа иднина без постојани реформи, демократски институции, борба со корупцијата, подигање на економијата и стандардот на луѓето, брзо може да прерасне во нестабилност.
Првиот Парламент во 1991 година одигра историска улога во трасирањето на независноста на Македонија носејќи ги трите клучни одлуки: Декларацијата за самостојност, одлуката за распишување референдум за независна Македонија и донесување на Уставот на Република Македонија.
Крстевски: „Ги избегнавме воените крвави сценарија што се случија во другите делови од поранешните републики на Федерацијата.“
Заслугите за мирот беше на сите нивоа на Собранието, Претседателот и Владата.
Иако бевме пратеници од различни идеолошки партии, без искуство за плурално Собрание, знаевме по долги и гласни расправии да донесеме единствени и патриотски одлуки, кои времето и историјата ги потврдија за исправни. Важно е да напоменам дека тоа го направивме по мирен пат раздружувајќи се од Југославија. Ги избегнавме воените крвави сценарија што се случија во другите делови од бившите републики на Федерацијата.
Заслугите за мирот беше на сите нивоа на Собранието, Претседателот и Владата.
Референдумот на 8 септември, на кој учествуваше 73 проценти од вкупното гласачко тело, а дури 95 проценти се изјаснија за независност, ја потврди вековната борба на Македонците за сопствена држава, и така покрај Илинденското востание, АСНОМ стана наш 3 Илинден.
Но, меѓународното признание на Република Македонија не одеше нималку лесно. Иако билатерално неколку земји нѐ признаа, а и таканаречената Бадинтерова комисија на Европската заедница (денешна ЕУ) оцени дека само Словенија и Македонија ги исполнуваат условите за меѓународно признавање од сите шест републики на поранешна Југославија, до зачленување во Обединетите нации не дојде сѐ до април 1993 година. На тој пат се испречи првично Грција со ветото за името, а и самата Европска заедница ја донесе т.н. Лисабонска декларација.
Да напомнам, на првите состаноци во ОН, нашиот министер за надворешни работи мораше да влегува со карта за посетители.
Притисокот беше толку јак што Македонија мораше да направи неколку отстапки вклучувајќи промена на знаме, прифаќање на „накарадно“ име на државата – Поранешна Југословенска Република Македонија, како и потпишување на Времена спогодба со Грција.
Крстевски: „Неединството на клучните политички партии остана до денешен ден и стана фактор на поделби меѓу граѓаните и карта на која играа и сѐ уште играат непријателите на Македонија.“
Тоа сето создаде тешки внатрешни политички разединување. поделби на патриоти и предавници. Подоцна ваквото неединство на клучните политички партии остана, би рекол, до ден-денес и стана фактор на поделби и меѓу граѓаните и карта на која играа и сѐ уште играат непријателите на Македонија.
Да кажам нешто и за економските и социјални околности. Распадот на Југославија значеше и распад на единствениот внатрешен пазар, воведени санкции, истовремено се одвиваше продолжение на приватизација на т.н. општествен капитал, а згора на тоа, и Грција ни ја затвори границата. Се воведе денарот и се воспоставија атрибути на државата, своја армија, народна банка, платен промет и даноци. Може да речам дека тоа време е време на испуштени шанси на тогашните политичари. Приватизацијата се претвори во обезвреднување на фабриките и на државниот имот, и тоа го роди организираниот криминал како метастаза од која и ден-денес не можеме да се ослободиме. Иако имавме и успешни периоди на странски директни инвестиции, како и консолидација на банкарскиот и на фискалниот сектор, невработеноста, ниските плати и пензии, слабата правна и судска сигурност, доведоа да заостануваме во секој поглед на општественото живеење, од образование, здравство, култура, до спорт и туризам, по што започна и егзодусот на младите, а и другите почнаа да се иселуваат од Македонија. Во 1999 година, како резултат на немирите во Косово и Метохија, дојде до егзодус на Албанците, а Македонија прими 312 илјади бегалци покажувајќи огромна солидарност.
На ваквите прилики кумува и слабото напредување на Македонија во Европските интеграции. Иако први во регионот го потпишавме договорот за Стабилизација и асоцијација со ЕУ во 2001, по толку години нема ни почеток на преговори, а камоли членство. Со антимакедонските договори од Преспа и од Бугарија се доведовме до ситуација во 21 век да го докажуваме својот идентитет. Таа 2001 година ни се случи меѓуетничкиот судир, кој почна првично со прелевање на војната од Косово и со територијални претензии. Нестабилноста и судирот на тие воени формации доведе до судир со Армијата, до бегалци Македонци од делови населени со претежно албански граѓани, а подоцна, под покровителство на меѓународниот фактор, нивните барања се претворат во барања за статусни права на Албанците за јазикот, високото образование и учеството во јавната администрација. Злосторствата што тогаш се направија, убиствата исчезнатите и раселени лица, погибието на војниците-бранители, никојпат не се расчистија. Иако се потпиша т.н. Рамковен договор како основа за промена на Уставот за воведување на некои од барањата на Албанците, остана впечатокот дека конците ги влечеше некој друг однадвор.
Истото се случи и во 1991 година, кога тогашните политички партии на Албанците повикаа на бојкот на Референдумот за независност. Тие испуштија историска шанса да гласаат за независност и за излез од Југославија. И по 22 години примена на Рамковниот, се покажа дека ниту се држиме до рамката на договорот ниту дека политичарите сите заедно им ја подобрија положбата на сите граѓани без разлика на етничка припадност. Напротив сегрегацијата се потенцира на сите страни подеднакво, се селат младите, пропаѓа селото и земјоделието нема кој да го работи, се фалсификуваа пописи, се вработува само по партиски клуч, се фалсификуваа факултетски дипломи, општинските граници во западна Македонија се направија само за добивање етничка мајоризација, криминалот е на сите нивоа, а борбата е декларативна.
Но, да бидеме во некоја рака и оптимисти на крај, сега се некои други времиња и нови генерации, кои од минативе 33 години независност можат да извлечат поуки. Да гледаат, да фатат чекор со развиениот свет. Да разберат дека во единството на македонската нација, знаењето, мерит-системот на унапредување, одговорна и обучена администрација, дигитализација и постојани реформи во економијата и социјалната заштита е иднината на државата.