Жените како двигатели на економскиот развој
Жените ја подигаат економијата. Жените се добри лидери. Сепак, родовата нееднаквост и денес е глобален проблем. Родовиот јаз е изразен и кај нас. За да се надминат предизвиците, треба да го свртиме вниманието на јавноста кон прашањето на родовата еднаквост и неговото значење. Добрите примери на родова еднаквост, засега поретки во општеството, можат најдобро да ги отсликаат резултатите и придобивките од поголемата застапеност на жените во општеството и економијата.
Инспирацијата за оваа анализа ја најдовме во Народната банка, која од угледниот истражувачки центар ОМФИФ, беше рангирана како прва во светот во централнобанкарската заедница според застапеноста на жени на раководни места во финансиски институции, како и во жената што се впиша во македонската историја како прва гувернерка на Народната банка – Анита Ангеловска-Бежоска. Со првата жена на нашата централна банка анализираме зошто, конечно, жената треба да го заземе местото што ѝ припаѓа во општеството и во економијата. На големо задоволство на „Универзитетот за туризам и менаџмент“, гувернерката на оваа тема зборуваше и на Меѓународниот форум за женско лидерство „Жените пишуваат историја“.
На почеток од анализата, иако изгледа парадоксално, мора да се истакне дека во 21 век сѐ уште дебатираме за родова еднаквост. Постојат многубројни студии и анализи кои укажуваат дека инклузијата на жените креира додадена вредност во општеството и во економијата. Имаме сѐ повеќе успешни жени – глобални лидери, кои го предводат светот во различни сфери. Сепак, сѐ уште останува потребата да се адресира прашањето за родова нееднаквост, сѐ уште зборуваме за преференцијата за ангажман на мажи пред жени, како и поголеми надоместоци за ист труд за мажите.
Анита Ангеловска-Бежоска: Родовата нееднаквост останува глобален феномен. Ако ги погледнеме статистичките податоци во глобални рамки, половина од популацијата во светот се жени, а само половина од нив се вклучени активно на пазарот на работната сила. Статистиките покажуваат и дека жените заработуваат помалку од мажите. На пример, согласно податоците на Евростат, жените во ЕУ во просек заработуваат за околу 13% помалку во споредба со мажите.
За жал, и во изминатите неколку години статистиките во глобални рамки воопшто не се охрабрувачки. Во првата пандемиска година, 54 милиони жени во светот го напуштија пазарот на трудот, при што процената е дека 90% од овие случаи се на перманентна основа.
Ова е парадокс, ако ги земеме сите придобивки кои ги носи повисоката инклузија на жените, како во економијата, така и во општеството. Поголемата инклузија на жените во општеството носи, пред сѐ, поздраво општество, поради пониската наклоност кон насилство и повисоката кохезија. Многубројни научни истражувања укажуваат и дека поголемата вклученост на жените носат повеќе економски придобивки, особено во поглед на поголем ангажман на работна сила, а со тоа и поголема продуктивност, што значи повисок економски раст, помали стапки на сиромаштија и повисок животен стандард за граѓаните. Научните истражувања дури и ја квантифицираат придобивката од вклучувањето на жените на пазарот на труд и покажуваат придонес кон повисоки стапки на економски раст за околу 10% во поразвиените економии, односно за околу 30% за економиите во развој.
Но, да не ја занемариме и димензијата квалитет кога зборуваме за вклучување на жените во работната сила. Жените имаат поинакви карактеристики од мажите, така што нивното вклучување во органите на раководење кои носат одлуки значи и подобра комбинација на различни знаења, вештини, карактерни особини, кои на крајот резултираат и со пооптимални процеси на носење одлуки. Некои од карактерните особини специфични за жените, како аверзијата кон ризик, прагматичноста, емпатијата и инспиративноста ги прават добри лидери. Ќе дадам еден пример, во минатата година беше направено темелно глобално истражување во кое беа опфатени 5.000 компании во 100 земји, каде што јасно се виде дека вработените ги оценуваат како мудри, прагматични и емпатични околу 55% од жените-лидери во компаниите, а само 27% од мажите-лидери. Овие карактеристики се особено значајни во кризни периоди, кога е потребно да се носат тешки одлуки, а притоа да се зачува димензијата на разбирање, поддршка и на емпатија со вработените.
Анита Ангеловска-Бежоска, гувернер на НБРМ.
За жал состојбата ни кај нас не е подобра од аспект на родовиот јаз, пред сѐ на пазарот на трудот.
Анита Ангеловска-Бежоска: Состојбата кај нас не се разликува многу од глобалните трендови. Стапката на активност на женското население е само 45%, додека кај машката популација е околу 65%, што упатува на значаен родов јаз. Потребни се мерки и натамошни унапредувања на состојбите, ако појдеме од тоа дека клучен предизвик ни се повисоки стапки на економски раст. Имајќи предвид дека човечкиот потенцијал е еден од клучните двигатели на тој економски раст, помалата вклученост на жените резултира со загуби за целата економија.
Добрите примери за родова рамноправност, светлите точки во општеството, се еден од начините за адресирање на ова прашање, односно креирање на правилно јавно мислење и поставеност кон родовата еднаквост. Тука би се осврнала на Народната банка, која е пример за повисока застапеност на жени на раководни места.
Анита Ангеловска-Бежоска: Минатата година Народната банка беше рангирана како прва во светот во централнобанкарската и финансиска заедница според учеството на жените на раководни позиции. Инаку, централнобанкарската заедница, генерално, е свет во кој доминира машката популација. Од 185 централни банки во светот, само 17 се предводени од жени. Меѓу нив е и Народната банка. Во Народната банка, 60% од вработените се жени, додека дури 70% од раководните позиции ги извршуваат жените. Од тројца вицегувернери, две се вицегувернерки. Не сакам да се сфати дека полот е клучната детерминанта зошто некој е на таа позиција, напротив, за тоа се заслужни нивните исклучително високи професионални квалификации. Сакам да истакнам дека ние како организација негуваме корпоративна култура на еднаквост, каде што напредокот и развојот на кариерата се должат исклучително на личните квалитети – стручноста, посветеноста кон работата, подготвеноста постојано да се надградува, човечки квалитети и тимска работа итн.
Кога веќе зборуваме за Народната банка, би дала една компарација со финансискиот сектор кај нас, за да читателската публика може да добие појасна слика зошто нѐ издвојувате како „светол пример“. Состојбите со родовата застапеност во нашиот финансиски сектор не се разликуваат многу од глобалните трендови во банкарската индустрија, вклучително и во најразвиените економии, каде што во светот на финансиите сѐ уште превладуваат мажите. Индексот ОМФИФ, кој ја мери родовата застапеност во централнобанкарската заедница и во финансиските институции, глобално забележува релативно мала застапеност на жените во управните одбори на деловните банки со 21%, а во надзорните одбори со околу 30%. Ситуацијата е слична и кај нас, односно во домашните банките само 31% од вкупниот број членови на управните и на надзорните одбори се жени, додека за жал, кај дел од нив воопшто нема жени во овие раководни тела.
Ќе напоменам и дека согласно најновите истражувања на ММФ, поголемото присуство на жените во управувачките тела во финансиските институции придонесува кон попрудентно работење, поголем квалитет на активата на банкарскиот систем, а сето тоа значи поголема отпорност на стресови. Оттаму, јасно е дека треба и понатаму да се трудиме да има промени во оваа област во домашниот банкарски систем.
Анита Ангеловска-Бежоска, гувернер на НБРМ.
Анита Ангеловска-Бежоска ја испиша македонската историја станувајќи прва гувернерка на Народната банка. Во времето кога бевте поставени за гувернерка, само уште две жени во Европа ја извршуваа оваа функција. Вашиот кариерен пат беше од интерес на медиумите кога ве назначија за гувернер на централната банка, па така можевме од тогашните репортажи да дознаеме како една од најдобрите студентки во генерацијата, која ја започна кариерата во Министерството за финансии во времето кога се поставуваа темелите на јавните финансии и на трезорскиот систем, дојде на позицијата гувернерка на Народната банка.
Анита Ангеловска-Бежоска: На почетокот на кариерата ја имав честа да бидам дел од еден тим во Министерството за финансии кој спроведе клучни реформи во системот на јавни финансии и ја постави инфраструктурата на која и денес тој се темели. Нашиот труд беше забележан, па бевме истакнувани како најдобар пример во регионот. Во Министерството за финансии бев околу 9 години, работејќи на различни позиции. Започнав како приправник, потоа извршував работни задачи како раководител на работната група за креирање на трезорскиот систем во нашата држава, а по формирањето на трезорскиот систем бев и првиот раководител. Својот ангажман во Министерството за финансии го завршив на позиција државен секретар, во период кога оваа функција беше исклучиво професионална.
Понатаму својата кариера ја продолжив во Меѓународниот монетарен фонд во Вашингтон, исклучително вредно искуство за мене. Како консултант на ММФ, имав можност да работам во повеќе европски земји, а воедно тоа беше богато искуство во фискалната и во макроекономската сфера. По ММФ, следниот ангажман беше Народната банка, но морам да нагласам дека исполнував и други должности пред да станам гувернер, така што имам богато искуство и во оваа институција пред да дојдам на чело на неа. Ја исполнував прво должноста главен економист, а потоа и вицегувернер.
Кога би требала да сумирам како се гради успешен и стабилен кариерен пат, би ги нагласила вложувањето во образованието и континуираниот образовен развој, градење на искуство, посветеност кон работата и лојалност кон институцијата и тимот.
Во некои од јавните настапи, каде што зборувате за семејството и кариерата, вашата формула за успех на професионален и на приватен план е балансот.
Анита Ангеловска-Бежоска: Точно, клучниот збор е баланс. Како сопруга и мајка на три деца, поставувањето вистински баланс помеѓу семејните и професионалните обврски беше можеби и најголемиот предизвик. Должностите кои ги извршував и работните ангажмани бараа и бараат големо вложување и жртвување на приватен план. Тука е и грижата на совест, дека можеби крадеме од приватното време, коешто ни е должност да му го посветиме на семејството. Клучен фактор во креирањето на тој баланс помеѓу професионалниот и приватниот живот беа разбирањето и поддршката од мојот сопруг и нашите родители.
Вон контекст, но со повод: Народната банка – домаќин на „Виенската иницијатива“, една од најголемите конференции во финансиите во Европа.
НБРМ домаќин на Годишниот офрум на „Виенската иницијатива“.
Народната банка неодамна беше домаќин на Годишниот форум на „Виенската иницијатива“, еден од најголемите годишни собири во областа на финансиите во Европа. Уште едно успешно поглавје на Народната банка.
Анита Ангеловска-Бежоска: Имавме чест Народната банка да биде домаќин на еден ваков значаен настан, кој за прв пат се одржува во земја надвор од Европската Унија. За да добијат читателите појасна слика за димензиите на оваа конференција и намената, ќе посочам дека „Виенската иницијатива“ е платформа која ги поврзува меѓународните финансиски институции, банкарските регулатори и претставниците на банкарските групи од Европа, присутни во регионот на Централна, Источна и Југоисточна Европа.
Формирана е за време на првиот бран на Глобалната финансиска криза во 2009 година како форум за носење одлуки и координација на релевантните чинители за да се спречат системски банкарски кризи и за да се обезбедат услови за непречени кредитни текови во економиите во регионот.
На Форумот годинава имавме околу 100 странски гости, гувернери на централните банки од ЦИЈЕ, министер за финансии, високи претставници на Европската инвестициска банка, Европската банка за обнова и развој, Меѓународниот монетарен фонд, Светската банка, Европската централна банка и Европската комисија, како и претставници од банкарскиот сектор. Организацијата на „Виенската иницијатива“ во Скопје беше уште една потврда за позицијата и за угледот на нашата централна банка во централнобанкарската и финансиска заедница во регионот и во Европа.