Без национална стратегија во железничкиот сектор, Железницата ќе ја СНЕМА

Без национална стратегија во железничкиот сектор, Железницата ќе ја СНЕМА

Зошто само Македонија нема Железница?

Катастрофален возен парк, стари локомотиви и пруги, драстично намален број на патници, инвестиции речиси и да нема, а кога патувате со воз, нема да пристигнете на време до дестинацијата до каде што сте упатиле, затоа што постојат огромни шанси возот да доцни, да се расипе или да се појават некакви пречки на пругата. Буквално железничкиот сообраќај во Македонија е пред распад. За тоа кои се причините за ваквата состојба, кои би биле последиците доколку ништо не се преземе, што и како треба да се направи, разговараме со Никола Костов, поранешен генерален директор на Македонски железници- транспорт, правен експерт за меѓународен транспорт, автор на три научни книги од областа на транспорт и логистика и говорник на бизнис форуми во странство. 

Држава без железница нема, ниту железница без држава нема

„Македонски железници во целина, подолг временски период се наоѓа во една тешка ситуација од сите аспекти на работењето, а посебно делот на транспортот. Застарен возен парк од стари локомотиви и вагони во мал број, без никаква инвестиција во набавка на нови локомотиви и вагони, големи долгови кон деловните партнери, мал број на извршни железнички работници од машиновозачи, маневристи, квалификувани стручни работници за поправки во работилниците, голем број на административни работници во службите, поставување на директори и други раководни лица само по основ на партиски избор, без да се спази неговата стручност и компетентност или да се заборават и да се заобиколат стручните кадри кои што работат во железницата“, вели Никола Костов за Магазинот за туризам и менаџмент.

И додека во соседните земји, како Србија на пример, се вложуваат огромни средства за развој на железничкиот сообраќај, во Македонија овој сектор е тотално заборавен. Државата нема долгорочна национална стратегија за развој на железницата, ниту пак краткорочни планови во кој правец ќе се развива, дециден е Костов. 

Костов: „Државата нема стратегија за развој на Железницата“

Костов: „Државата нема стратегија за развој на Железницата“

„Секоја држава во светот за сопствениот напредок и развојот на својот транспорт прави долгорочна стратегија и води посебна грижа за железницата, со учество на стручњаци и експерти од областа на науката, стопанството и железницата. Државата треба да биде активен учесник и поддржувач на сите проекти за развојот на железницата, бидејќи само на тој начин со заедничка соработка може таа да се движи напред, но и да се следи напредокот на модерниот железнички развој и приклучокот со регионалните и европски железници. За жал, Македонија, нема изградено своја долгорочна национална стратегија за развој на железницата ниту краткорочни планови во кој правец ќе се развива железницата, односно кој сектор ќе биде приоритетен, товарниот или патничкиот транспорт. Согласно таквата изградена стратегија, државата треба да инвестира во набавката на нови модерни локомотиви и вагони, да инвестира во образование и едукација на млади стручни, инженери, машиновозачи, маневристи, квалификувани железнички работници, раководни лица од сопствени кадри, кои ќе останат во железницата. Да не се дозволи одлив на младите од железницата, да се даде приоритет на вработување млади стручни кадри од единственото стручно средно училиште во Македонија ,Владо Тасевски‘ во Скопје. Да се инвестира во реконструкцијата на работилницата за поправка на шински возила, како и инвестирање во рестартацијата на единствената фабрика за шински возила во Велес. Во таа национална стратегија треба да се земе предвид и инвестирањето во делот на Македонски железници – инфраструктура, во поглед на изградба и реконструкцијата на модерни и брзи железнички линии со двоен колосек. Примерот од соседна Србија е примерот по кој Македонија треба да се води и да се грижи за својата национална железница бидејќи има една изрека дека држава без железница нема, ниту железница без држава нема“, вели Костов.

Зошто само во Македонија не фунционира Железница?

Зошто само во Македонија не фунционира Железница?

Државата, наместо да напредува, заостанува во секој сегмент од Железницата, пример за тоа е и отсуството на меѓународни линии како што имаше во минатото, за Солун и за Белград. Костов вели дека токму државата треба да се вклучи и да аплицира за фондовите од ЕУ за развој на железничкиот транспорт, да се инвестира во нови локомотиви и вагони, да се изградат модерни железнички пруги. Во спротивно, вели Костов ќе останеме слепо црево, изолирани, заобиколени и отсечени. 

Македонија потпиша договори за Отворен Балкан со земјите во регионот со слободен проток и транспорт на луѓе и стока, а за жал, во реалноста на железничкиот транспорт веќе подолг временски период нема сообраќај на меѓународни патнички линии и возови до Белград и до Солун. Тешка е ситуацијата и со континуираното редовно одржување на патничкиот сообраќај на домашните линии во Македонија поради недостиг од локомотиви, вагони, почести дефекти кај нив, машински работници, недостиг од резервни делови, лоши услови на железничките станици, хигиената и одржувањето на вагоните, климатизирањето на вагоните и слично. Лошата и застарена железничка пруга која не дозволува голема и сигурна брзина, како една од причините за големите доцнења за тргнување и пристигнување на време на возовите. Сите овие проблеми со кои се соочува железницата, влијаат негативно во патничкиот сообраќај, пред сѐ во намалувањето на бројот на патници секоја година и во губењето интерес да се вози со железница. Тоа значи дека ако продолжи овој негативен тренд во наредниот период со намалување на патници, ќе се изгуби и ќе згасне железничкиот превоз на патници во Македонија. Повторно се враќаме на одговорот од претходното прашање. Државата во соработка со ЕУ, да се вклучи и да аплицира за нејзините фондови за развој на железничкиот транспорт за правилно и наменско користење на финансиските средства за инвестирање во нови и модерни локомотиви и вагони, изградба на модерни железнички пруги со двоен колосек. Само на тој начин ќе го фатиме приклучокот со регионот и со Европа, за да не останеме слепо црево или, во краен случај, да не биде Македонија изолирана, заобиколена и отсечена“, констатира Костов. 

И македонската економија е голем губитник зашто компаниите ја заобиколуваат нефункционалната железница.

Македонската економија губи бидејќи компаниите ја заобиколуваат Железницата | Извор: Ристе Камчев

Македонската економија губи бидејќи компаниите ја заобиколуваат Железницата | Извор: Ристе Камчев

Освен Македонски железници, голем губитник е и македонската економија, посебно компаниите кои се поврзани со железничкиот транспорт со извозот и увозот на стоките. Недостигот од локомотиви и вагони, големите доцнења и бавноста на превозот на стока преку нашите пруги, ги намалува не само вкупниот обем на количина на превезена стока, туку и интересот за железницата од самите партнери. Сето ова ги наведува нашите домашни компании да се свртат и да барат излезни други алтернативи во превозот на стока и тоа со камиони. Тоа значи дека секоја година се намалува железничкиот превоз на стока, а се зголемува обемот на превоз со камионскиот превоз. Воедно за разлика од изминатиот период на постоењето и работењето на големите компании во Македонија кои беа носечки во превозот на нивните стоки со железницата, многу од нив згаснаа или го намалија обемот на своето производство, или го насочија кон камионскиот транспорт поради брзината, цената, сигурноста и флексибилноста“, вели Костов. 

Освен што нема никаква национална стратегија за развој, Владата наместо да носи парцијални политички решенија, треба да ангажира стручни и компетентни лица кои ќе работат за развој на Железницата, апелира Костов. 

„Владата ја стави на маргините или ја заборави Железницата во својата агенда за долгорочен развој и стратегија. Не постои никаков сериозен и студиозен интерес за стратегија во кој правец ќе се развива и како ќе се инвестира во железничкиот транспорт како еден важен сегмент за напредокот на секоја држава. Треба да се ангажираат стручни и компетентни лица кои можат да се вклучат во изработка на една долгорочна студија и стратегија од интерес на Железницата и на државата. Владата носи парцијални политички решенија кои не одговараат на времето и на условите за развој на стопанството и транспортот во целина. Таквите политики на Владата, без правилна проценка на важноста и големината на Македонски железници, ќе доведат до катастрофални последици не само во македонска економија туку и во згаснувањето на железничкиот транспорт. Државата, доколку има интерес, најважното што треба да го направи е да инвестира во реконструкција и во изградба на нови, модерни брзи железнички пруги на делот на Коридорот 10 од Табановце до Гевгелија, набавка на нови и модерни локомотиви и вагони и инвестирање во едукација на сопствен млад стручен кадар“, вели Костов. 

Костов, кој е автор на научни книги од областа на транспорт и логистика, неодамна ја издаде и третата книга, во која се нагласени важните приоритети што секоја држава треба да ги преземе за секој вид на транспорт.

Владата ја заборави Железница | Извор: mzt.mk

Владата ја заборави Железница | Извор: mzt.mk

„Третата книга носи наслов ,Транспорт и логистика‘, во неа се содржани дел од научната литература која се однесува за значењето и важноста на транспортот за развојот на секоја економија и држава. Нагласени се важните приоритети што треба да ги преземе секоја држава за секој вид транспорт, нивните посебни карактеристики, предности и слабости. Во книгата се дадени и предлози и решенија за развојот на транспортот во Македонија, а посебен осврт е даден за моите сугестии за Македонски железници, базирани од моето знаење и искуство. Книгата е наменета за студентите од областа на економијата и правото како и за менаџерите од областа на транспортот и меѓународната трговија“, вели Костов. 

На прашањето дали верува дека еден ден во Македонија ќе се возат модерни возови, по брзи пруги, како во останатите развиени земји, Костов вели дека државата треба итно да подготви национална стратегија за развој на железничкиот транспорт, единствена и долгорочна. Со вклучување во ЕУ-агендата за стратешки развој на железницата, да се фати приклучокот за Европа, што треба да биде приоритет за опстанок и надеж за иден развој на Македонски железници.

Image
Newsletter