Буџет 2023 – преобемен и премногу оптимистички

Буџет 2023 – преобемен и премногу оптимистички

На крајот на секоја година, очекувано, Владата ги заокружува пресметките што сѐ ќе прибере по основ на давачки, но и како ќе ги потроши собраните пари. Годинава особено внимание привлече ставката капитални инвестиции – дури 800 милиони евра. Аналитичарите скептични, како и секогаш, дека оваа сума воопшто може да се реализира. И додека две третини од државната каса се одвојуваат за плати во администрацијата, трансфери, субвенции, социјална помош, пензии и слично, Владата упорно тврди дека е буџетот развоен. За разлика од извршната власт, Народната банка и меѓународните финансиски институции излегоа со многу попесимистички проекции.

Историски најголем, но и со огромно задолжување. Вака е скроен предлог-буџетот за следната година, во кој е проектирано Македонија да се задолжи за дополнителни 700 милиони евра, односно дупката во државната каса да изнесува 4.6% од БДП.

Владата планира да собере 15% повеќе пари од граѓаните и од бизнисот

Министерството за финансии очекува да собере речиси 15% повеќе пари споредено со годинава, најмногу поради воведувањето на даночната реформа. Најавена помпезно, но сепак, со мали промени, од неа, наместо првично ветените 100 милиони, до крај на 2023 година треба да се соберат 70 милиони евра. Од вкупно 4,6 милијарди евра што треба да се влеат во државната каса, само на даноци отпаѓаат 2,6 милијарди евра. Од нив, половина или 1,3 милијарди евра треба да се наплатат од ДДВ или речиси 15% повеќе само од овој вид данок. 431 милион евра треба да се соберат од данокот на личен доход или 17% повеќе од 2022 година, а 239 милиони евра од данокот на добивка, што е зголемување за 21 милион евра. Повеќе пари треба да има и од акцизи и од царини.

Дебата за даночна реформа

Дебата за даночна реформа

Сериозна даночна реформа или благи промени?

Кон средината на август, Министерството за финансии излезе со информација дека во следните неколку месеци ќе организира широка дебата со сите засегнати страни (професори, аналитичари, стопански комори, синдикати, државни институции) за да се спроведе севкупна даночна реформа бидејќи за разлика од развиените европски држави, па дури и од соседите, Македонија потфрлила во собирањето на даночните приходи. Неколку даночни измени требаше да стартуваат во 2023 година, откако претходно, уште пред пандемијата беа одложени за три години. Па така, во консултациите со сите заинтересирани страни, се разговараше за сѐ и сешто: да се продолжи со идејата за прогресија кај данокот на личен доход, да се плаќа данок на реинвестирана добивка, да се плаќаат придонеси за хонорарците, да се укинат некои даночни ослободувања и олеснувања.

Бизнисмените беа децидни – строго се против какви било измени. За нив неразбирливо беше што Владата воопшто и размислува за вакви опции за полнење на буџетот бидејќи стопанството веќе алармираше дека поради високите цени на енергенсите, горивата и на поскапените суровини и репроматеријали, едноставно не е време за нови оптоварувања со дополнителни давачки. Тие мислеа дека ако се одложила реформата еднаш за три години, во услови на енергетска криза и на предупредувања дека половина од компаниите имаат финансиски тешкотии, новото пролонгирање ќе биде само формалност. Кога беше објавена даночната реформа на почетокот на декември, речиси еден месец по усвојувањето и по презентирањето на предлог-буџетот од страна на Владата, бизнисмените беа целосно затекнати. Веќе направените планови сега треба да ги ревидираат, а за тоа има сѐ помалку време. Речиси сите ја осудија власта за неодговорниот однос кон бизнис-заедницата.

Прогресивен данок

Прогресивниот данок – одложен на неопределено време

Владата се откажа од речиси сите социјалдемократски идеи што го донесоа на власт СДСМ – особено кога е во прашање прогресивниот данок. Идеја првично спроведена од тогашниот министер за финансии Драган Тевдовски, а по 10 месеци повлечена со решение од министерката Нина Ангеловска, осумнаесетте проценти кај персоналецот требаше повторно да профункционираат во 2023 година. Сепак, на само еден месец пред спроведувањето, Владата се откажа од оваа идеја. Иако подоцна премиерот напомена дека всушност Владата не го укинала овој данок, туку дека повторно ќе се разговара за негово воведување, но можеби со поинакви стапки, тој не потенцираше кога би се случило тоа.

Бизнисот куртули од прогресивен данок и од данок на реинвестирана добивка, но доби укинување и намалување на даночните ослободувања. Генералната оцена е дека Владата попушти под притисок на фирмите и се откажа од ветувањето со кое СДСМ дојде на власт. Бизнисите упорни – прогресијата кај кој било данок не била добро решение, а довербата на фирмите во функционирањето на државниот апарат била на ниско ниво.

„Ние не сме подготвени за прогресивен данок во која било сфера, затоа што сѐ уште не е изградена личната одговорност и довербата на граѓаните кон целокупниот систем“, вели Миле Бошков од Бизнис-конфедерацијата на Македонија.

Бизнисот не верува дека Владата има сериозна намера да се бори со сивата економија. Со ист број даночни инспектори, ист број контроли, без дополнително следење на приливите и на одливите на пари, тешко дека ќе можело да се откријат повеќе затајувачи на данок. Едноставно се револтирани зошто дополнително се оптоваруваат оние што уредно си плаќаат, за сметка на огромната застапеност на сивата економија во земјава. Според последните анализи на „Фајненс тинк“, обемот на сива економија во земјава во 2020 година изнесувал 23%.

„Ние предложивме и да се смени Кривичниот законик во однос на измама по основ на данок, кој било данок, за да може да има затворски казни, за да може да има кривично гонење итн., за да можат навистина оние што се потпираат на приходи од даночно затајување да знаат дека системот може да ги следи, да ги спречи, да ги казни“, рече Миле Бошков од Бизнис-конфедерација на Македонија.

Една од реформите е оданочувањето на уплатите во третиот доброволен пензиски фонд, кој за бизнисот е тежок удар. Некои фирми го користат токму овој метод за да ги задржат и за да ги мотивираат работниците. Економистите велат дека без даночни ослободувања, компаниите ништо не прават на своја рака, па во иднина доброволното пензиско осигурување ќе се сведе на минимум.
„Треба да имаме предвид дека ние не сме развиена држава во која доброволно даваш средства за да станат тие огромни до твоето пензионирање. Во оваа држава доброволно ништо не се прави. Не знам сега новите генерации, ИТ-професионалците можеби сами си доплаќаат. Од третиот столб не видов дека нешто сензационално може да ни се случи“, вели економистот Абил Бауш.
Економистите сметаат дека и фискалните ефекти од можноста хонорарците сами да си плаќаат придонеси ќе бидат минимални. ИТ-професионалците, маркетинг експертите, фриленсерите имале високи плати, па тешко било да се очекува да си уплатат на своја рака здравствено осигурување кога е државното здравство во катастрофална состојба.

„Ми звучи нелогично ако ви е неорганизирано здравството, некој да дава пари и да го поддржи, а да не добие некоја квалитетна услуга. На овие фриленсери им е многу поевтино да се осигуруваат во приватни компании и да бидат прегледувани во приватното здравство. Од друга страна, ако ги гледате овие фирми што доаѓаат од странство, особено дигиталните компании, тие пак, имаат директно потпишано договори со приватните болници во кои вработените се лечат“, вели Бауш.
Даночниот експерт Павле Гацов, пак, вели дека е добро што се отворила нова тема за дискусија, а тоа е воведување данок на екстра профити за фирмите што заработиле над 20% повеќе годишно споредено со профитите од пред 4 години. Надлежните пресметале дека само по овој основ, во државната каса би можеле да се слеат дополнителни 50 милиони евра. Некои сметаат дека Владата требала уште сега да се охрабри и од 2023 година да го спроведе ова решение. Гацов тврди дека е идејата добра, но и дека треба да претрпи измени.

„Се најави нова ,мегатема' со евентуално воведување данок на екстра профит за компаниите чиј профит е поголем од 20% од нивниот просечен профит за последните четири години, притоа имајќи предвид дека во 2020 и во 2021 година, повеќето од компаниите имаат остварено многу ниски профити, дури и загуби, со што и споредбениот просек од кој ќе се мери екстра профитот би бил прилично низок. Овој режим би ги опфатил само побогатите фирми. Во овој контекст, добар параметар за оданочување би бил соодносот на учеството на платите, од една страна, и нето-добивката од друга во однос на вкупните приходи. Би се оданочувале компании што за сметка на платите на работниците, остваруваат високи профити за сопствениците. Компаниите што искажале висок раст на профит во однос на малиот раст на платите на вработените би платите данок на екстра профит. Засега, даночните власти не размислуваат за ваква опција“, вели Гацов.
Таканаречените луксузни производи ќе се оданочуваат со стапка од 10% наместо со 5%. Овде се опфаќаат неколку илјади видови производи. Стапката на ДДВ се намалува од 18% на 5% за производи за менструална хигиена.

„Имате за тартуфи 5%, имате за други егзотични производи, има за морски кучиња и морски мачки. Имате и такви производи што ние во земјата никогаш не сме ги виделе. Ако има некој граѓанин приход, легитимно, чесно заработен, секоја му чест, може да си дозволи да ги користи тие производи, но нека плати 10% наместо 5%. Тоа секој наш граѓанин ќе знае да го цени и тоа ќе биде така транспарентно напишано. Сите ќе знаат за што зборувам. Ние не велиме дека оваа категорија производи ќе оди на 18%, иако можеби и тоа е праведно“, вели министерот за финансии Фатмир Бесими.

Меѓу измените, петкратно се зголемуваат казните за злоупотреби при плаќање данок на добивка, а малите и микропретпријатија ќе може да изберат да плаќаат или данок на добивка или данок на вкупен приход. Владата во наредниот период ќе ја разгледува и можноста за организирање еднаш до двапати годишно „Викенд без ДДВ“, исклучиво за празници, и тоа само за основните прехранбени производи.

Расходи од рекордни 5,3 милијарди евра

Расходи од рекордни 5,3 милијарди евра

Расходите во буџетот за 2023 година ќе тежат рекордно највисоки 5,3 милијарди евра, приближно 600 милиони евра повеќе од годинава. Со овие пари треба да се платат плати, пензии, социјални трансфери, да се градат капитални објекти и да се вратат стари долгови.

Најавена издградба на нов објект на гимназијата „Сами Фрашери“ во Куманово

Најавена издградба на нов објект на гимназијата „Сами Фрашери“ во Куманово

Ќе се реализира ли конечно вкупниот обем на капитални расходи?

На расходната страна убедливо „бодат очи“ капиталните инвестиции проектирани на историско највисоко ниво од 800 милиони евра. Тоа е за 200 милиони повеќе во однос на ребалансот и дури 300 милиони повеќе од првично планираното за годинава. Очекувано, експертите критикуваат дека се работи за нереална проекција и за „напумпана сума“, од која сигурно ќе се крати во првата можност. Според нив, буџет од 5,3 милијарди евра во никој случај не може да биде развоен, ако се проектира раст од едвај 2,9%.

„Владата треба сериозно да почне да размислува како подобро да го крои Буџетот, а кој би овозможил фер третман кон сите граѓани на државата, кон стопанството и кој понатаму би имал сериозно влијание врз економскиот раст и развој на државата. Капитални инвестиции не се само патишта, тоа е инвестирање во човечкиот капитал, а тоа е скандалозно. Верувајте ми, од она што го знам според извештаите на реномираните институции, како што е Светската банка, лошо ни се пишува зашто сме неспособни дома да менаџираме. На дното сме во Европа според капитални инвестиции, тука не се само патишта, тука се и болници, училишта што се веќе изедени од забот на времето, катастрофа сме како земја. Затоа ќе повторам: ако не инвестираме во човечкиот капитал, ама сериозно – ќе не снема“, вели економистот Абил Бауш.

Сепак, Владата сака да потроши рекордно најмногу за Коридорот 8, за делниците Тетово – Гостивар – Букојчани, како и за проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан, за Коридорот 10 за делницата на автопатот Прилеп – Битола. Пари ќе има и за железницата до Бугарија, која екстремно бавно се гради и која претрпе голем застој, а финансии треба да има и за колекторскиот систем Охрид-Струга, за водовод и канализација, гасификација, хидросистемот Злетовица и друго.

Капиталните инвестиции во образованието, пак, опфаќаат изградба на објект за потребите на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје, продолжување на изградбата на објектот кај ФИНКИ на Факултетот за физичка култура во Скопје, а ќе се гради и нов објект на гимназијата „Сами Фрашери“ во Куманово.

Фатмир Бесими, министер за финансии

Фатмир Бесими, министер за финансии

570 милиони евра за плати за буџетарите

Владата не планира да штеди на плати во администрацијата. Напротив, буџетот за оваа намена се зголемува за 27 милиони евра, со што ќе се потрошат рекордни 567 милиони евра за платите на буџетарите.

Затоа, пак, бурна реакција дојде од Сојузот на синдикатите. Откако во Собранието не беше прифатен нивниот амандман за 15% пораст на платите во администрацијата, велат дека предвидените пари само за усогласување на платите во јавниот сектор не се доволни за пораст на минималната плата. Според пресметките на синдикатот, минималецот треба да скокне за 1.800 до 2.000 денари, односно да достигне околу 20 илјади денари. ССМ смета дека нема пари за 120 илјади луѓе да добијат зголемена минимална плата.

„Не знаеме од кои причини, пратениците од социјалдемократската влада работат надвор од социјалдемократските вредности. Наместо да се грижат за работниците, тие ги занемаруваат. Наместо да имаат достоинствен живот, се обидуваат да им го одземат достоинството, па работниците да се запрашаат дали им е местото да живеат во Македонија или да си го бараат чарето некаде во странство“, вели Слободан Трендафилов од ССМ.
Министерот за финансии Фатмир Бесими, пак, уверува дека пари за пораст на минималната плата ќе има.

„За да се изменаџира овој процес и за да не се влегува и во иднина со нереални и неиздржани барања, воспоставивме систем во Законот за минимална плата. Согласно системското решение, минималната плата ќе се усогласува со трошоците за живот и со порастот на просечната плата, еднаш годишно. Ова е системско и праведно решение, кое е и во насока на одржување на стандардот на граѓаните“, рече Бесими.

Буџет 2023

Зголемен буџетот на Владата

Зголемен е буџетот и на Владата, која во 2023 година ќе потроши 300 милиони евра. Од овие пари треба да се одвојат 236 милиони евра за мерки за помош на граѓаните и на фирмите.

Поголеми буџети имаат најголем број министерствата. Сепак, пари се скратени токму кај едно од најважните, она за труд и социјала, кое има најголем буџет од 868 милиони евра и од кое се подмируваат социјалните категории граѓани.

За 10% се зголемува сумата за пензиите, но драстично растат и трансферите од централната власт кон Фондот, кои догодина ќе достигнат 554 милиони евра. Тоа е за речиси 60 милиони повеќе од годинава. За пензионерите следната година се издвоени дополнителни 120 милиони евра или вкупно 1,2 милијарди евра за пензиите што се зголемени. И Фондот за здравство ќе добие повеќе пари од централната власт, па трансферите ќе изнесуваат 68 милиони евра.

Помалку пари има за министерството за економија, за земјоделство и за платежната агенција од која се даваат субвенции за земјоделците.

Жестоки реакции веќе предизвика и буџетот на Министерството за образование и наука, тежок 450 милиони евра, кој е за 8,4% поголем споредено со годинава. Во него се предвидени за една третина помалку средства за реновирање на студентските домови и за студентскиот стандард.

Повеќе пари ќе добијат и единиците на локалната самоуправа. Премиерот Ковачевски порача дека за 2023 година се планирани вкупно речиси 434 милиони евра во ДДВ и блок-дотации кон општините, во кои се вброени средства и за исплата на покачените плати на 40.000 просветни работници. Финансиите од Владата кон општините се зголемени за 57,5 милиони евра споредено со 2022 година.

Image
Newsletter