Буџетот за 2026 година – фокус на фискална консолидација

Буџетот за 2026 година – фокус на фискална консолидација

Кон крајот на минатата година очекувано очите на јавноста беа свртени кон најзначајниот документ во државата. Буџетот за 2026 година експресно го помина собранискиот филтер. Ќе има повеќе пари за плати, пензии и за инвестиции. Владата планира од државната каса да потроши 6,73, а да собере 6,1 милијарди евра. Предлог-буџетот за 2026 година ја одразува социјалната намера на владината политика: повеќе средства за плати, пензии и социјални трансфери, со одржување на умерен дефицит и подготовка за капитални проекти. Главните прашања што ги поставуваат експертите се дали проектираниот економски раст од 3,8% и наплата ќе ги оправдаат очекувањата за приходи и дали капиталните инвестиции од 650 милиони евра се доволно амбициозни и реално можат да се реализираат. Фискалната одржливост на среден рок зависи од реализацијата на приходите и способноста за контрола на оперативните и трансферните расходи – особено трошоците на Фондот за ПИОМ.

Што преземаме за да ги задржиме занаетчиите?

ВКУПНИ РАСХОДИ

6,73 МИЛИЈАРДИ ЕВРА

ВКУПНИ ПРИХОДИ

6,1 МИЛИЈАРДИ ЕВРА

БУЏЕТСКИ ДЕФИЦИТ

637 МИЛИОНИ ЕВРА (3,5% ОД БДП)

Приходи од 6,1 милијарда евра

Приходите и расходите се зголемени за 180, односно за 140 милиони евра. Министерството за финансии проектира дека од даноци ќе се соберат речиси 3 и пол милијарди евра, што е пораст од 6%. Социјалните придонеси, кои се основен приход на пензискиот и здравствениот фонд, според проекциите, треба да се повисоки за 4 проценти и да изнесуваат 1,98 милијарди евра.

Повеќе пари ќе има од данок на личен доход, и тоа за 8,7%. Најголем пораст ќе има кај приходите од данокот на добивка од над 14%. Од ДДВ во државната каса ќе се инкасираат 1,5 милијарди евра. Акцизите ќе опфатат 582 милиони евра или 1,3% повеќе.

 

Приходна ставка

Пораст во проценти

ДДВ

+6,5%

ДАНОК НА ЛИЧЕН ДОХОД

+8,7%

ДАНОК НА ДОБИВКА

+14,1%

АКЦИЗИ

+3,1%

ЦАРИНИ

+2,1%

ПРИДОНЕСИ ЗА ПЕНЗИСКО ОСИГУРУВАЊЕ

 

+5,8%

ПРИДОНЕСИ ЗА ЗДРАВСТВЕНО ОСИГУРУВАЊЕ

+4%

 

Ваквите амбициозни планови главно се засноваат на воведувањето е-фактура, намалување на сивата економија и дигитализација на процесите.

„Целта на даночната политика е насочена кон намалување на даночната евазија, формализација на неформалната економија и дигитализација на даночните процеси, со што ќе се овозможи создавање праведен и транспарентен даночен систем. Притоа, институциите ќе ги зајакнат своите капацитети и ќе воведат нови технологии за поефикасна и автоматизирана наплата на даноците. Дигитализацијата на даночните процедури е една од главните цели во процесот на даночна реформа, а со воведувањето е-фактура би се спроведувала даночната контрола на подобар и поефикасен начин“ – стои во текстот на предлог-буџетот.

Расходи од 6,73 милијарди евра

Тековните расходи за редовна исплата на плати на вработените во јавниот сектор, пензии, социјални права, исплата на субвенции, поддршка на економијата и иновативните активности изнесуваат 6 милијарди евра. Од нив, за пензии вкупно ќе се потрошат 1,9 милијарди евра, или за речиси 10% повеќе.

За плати во администрацијата – 855 милиони евра или дополнителни 7%. Во оваа сума е опфатено и зголемувањето на платите со порастот на минималната плата.

Намалена е ставката стоки и услуги за 0,5% на 454 милиони евра, како и сумата за социјална заштита за 15,7% на 195 милиони евра. За активни мерки за вработување ќе има на располагање 42 милиони евра. Трансферите до општините се на нивото од 585 милиони евра. Ќе има повеќе пари за набавка на амбулантни возила и автобуси.

Расходни ставки

Разлика 2026/2025

ПЛАТИ И НАДОМЕСТОЦИ

+7%

СТОКИ И УСЛГИ

-0,5%

ТРАНСФЕРИ ДО ЕЛС

+7,4%

БЛОК-ДОТАЦИИ

+7,6%

СУБВЕНЦИИ И ТРАНСФЕРИ

-5,8%

ПЕНЗИИ

+9,7%

ЗДРАВСТВЕНА ЗАШТИТА

+2,5%

Капиталните инвестиции скратени, фокусот ставен на реализирачки проекти. | Извор: Shutterstock, David Giles

Капиталните инвестиции скратени, фокусот ставен на реализирачки проекти. | Извор: Shutterstock, David Giles

Намалени капитални инвестиции

Капиталните инвестиции се намалени од 770 милиони евра на 650 милиони евра. Овие проекти треба да бидат главен двигател на економскиот раст, како и вложувањата од приватните компании, главно поради евтините кредитни линии финансирани со унгарски пари и зголемената потрошувачка на граѓаните.

Капиталните инвестиции се намалени на реално ниво кое може да се исполни – рече министерката за финансии. Според Димитриеска-Кочоска, намалениот износ на капитални расходи ќе биде одраз на реални инвестиции кои ќе можат да се реализираат во целост, а столб на развојот треба да бидат проектите на „Бехтел и Енка“. Министерката потврди дека не очекува целосна реализација на капиталните инвестиции во 2025 година и дека токму тоа било основа за проекцијата за 2026 година.

Предвидено е да продолжат да се градат неколкуте делници од Тетово до Кичево, како и да заврши децениската изградба на автопатот од Кичево до Охрид. Ќе има пари и за изградба на втората делница од пругата вдолж Коридорот 8 на потегот од Бељаковце до Крива Паланка. Предвидена е изградба на заеднички железнички граничен премин со Србија, односно изградба и опремување на железничка станица Табановце. Ќе има пари за регионална станица за цврст отпад, како и изградба на пречистителни станици во Битола и во Тетово.

ПРИВЛЕКУВАЊЕ СТРАНСКИ ДИРЕКТНИ ИНВЕСТИЦИИ И РАЗВОЈ НА СЛОБОДНАТА ЕКОНОМСКА ЗОНА

28,2 МИЛИОНИ ЕВРА

ИНВЕСТИЦИИ ВО ЖЕЛЕЗНИЧКАТА ИНФРАСТРУКТУРА      

47,7 МИЛИОНИ ЕВРА

ИНФРАСТРУКТУРНИ ПРОЕКТИ ВО ОПШТИНИТЕ

43,4 МИЛИОНИ ЕВРА

ТИРЗ

4,4 МИЛИОНИ ЕВРА

МЕРКИ ЗА НАМАЛУВАЊЕ НА СИРОМАШТИЈАТА, МЕРКА ЗА ПОТТИКНУВАЊЕ ВРАБОТУВАЊЕ

39 МИЛИОНИ ЕВРА

РЕФОРМА НА ЈАВНАТА АДМИНИСТРАЦИЈА

4,14 МИЛИОНИ ЕВРА

РУРАЛЕН РАЗВОЈ

7,1 МИЛИОН ЕВРА

РАМНОМЕРЕН РЕГИОНАЛЕН РАЗВОЈ 

4,1 МИЛИОН ЕВРА

Владата ветува стабилен јавен долг и економски раст од 3,8% во 2026. | Извор: Shutterstock, The Click n’ Clips

Владата ветува стабилен јавен долг и економски раст од 3,8% во 2026. Извор: Shutterstock, The Click n’ Clips

Нови зголемувања на пензиите

За пензии вкупно ќе се потрошат 1,9 милијарди евра, или за речиси 10% повеќе. Транзициските трошоци односно уплатите во вториот пензиски столб ќе бидат 319 милиони евра, што е пораст од 22,5%.

Највозрасната категорија граѓани во три наврати доби покачување од вкупно 6.000 денари во последната година и пол. За март 2026 е предвидено зголемување од 1.000 денари. Уште едно покачување на примањата ќе имаат и наесен, но сè уште не се знае дали тоа ќе биде линеарно.

„Вкупната просечна пензија во декември 2026 година се планира да достигне износ од 27.522,00 денари, или за 3,85% повеќе во споредба со декември 2025 година, која се планира да биде околу 26.500,00 денари. Ова е резултат на планираното редовно усогласување согласно Законот за ПИОМ, повисоките пензии кои ги остваруваат новите корисници во однос на пониските пензии кои ги имаат починатите корисници во пресметковниот период“ – наведуваат од ПИОМ.

Помал буџетски дефицит и фискална консолидација

Буџетот содржи мерки за фискална консолидација, па јавниот долг кој не се очекува за 2025 да надмине 60% од БДП, ќе биде стабилен и годинава. Дисциплинирано ќе се троши, а политиките ќе го поттикнуваат економскиот раст.

Буџетскиот дефицит треба да биде намален на 3,5% од БДП и да изнесува 637 милиони евра.

Вкупно државата ќе се задолжи за 1,9 милијарди евра, од кои надворешното задолжување ќе биде 1,38 милијарди евра, а домашното 579 милиони. Во делот на надворешното задолжување, планирано е да се издаде еврообврзница во висина од најмалку 950 милиони евра. Овие пари се потребни за да се сервисира еврообврзницата која достасува од 700 милиони евра, да се подмират достасани обврски од 200 милиони евра и да се покрие дефицитот.

Годинава треба да се вратат долгови од 1,26 милијарди евра. Во странство треба да вратиме речиси 900 милиони евра, а внатрешниот долг кој треба да се отплати е 324 милиони евра.

– Ќе продолжи постепената фискална консолидација и дисциплинираното управување со јавните финансии, со цел поголема ефикасност и одговорност во трошењето на буџетските средства. Ќе се намалуваат несуштинските расходи, а поддршката за граѓаните и стопанството ќе се спроведува по јасни критериуми и со засилен мониторинг – рече министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.

Буџетот за 2026 е скроен врз основа на проекции за поголем економски раст од 3,8%, пониска инфлација од 2,5 отсто и буџетски дефицит од 637 милиони евра или 3,5 проценти од БДП, што е за 0,5 пп помалку од годинава.

Кој добива повеќе, а каде се крати буџетот?

Со републичкиот буџет, согласно проекциите и доставените извештаи од буџетските корисници, некаде се кратат пари, а некаде се додаваат.

Со повеќе пари ќе располага Министерството за економија и труд – од годинешните 70-ина милиони евра, буџетот на министерството ќе биде поголем за 20-ина милиони евра и ќе достигне 89,4 милиони евра. Министерството за енергетика, кое годинава доби 13,1 милиони евра, в година ќе има 41,7 милиони евра. Предвидени се поголеми износи и за Министерството за социјална политика (1,3 милијарди евра), за Управата за извршување санкции (речиси 31 милион евра), за Собранието (19,8 милиони евра), за владината Служба за општи и заеднички работи (23,2 милиони евра), Агенцијата за вработување (73 милиони евра), Фондот за ПИОМ, Фондот за здравствено осигурување.

Институции со поголем буџет

Мин. за социјална политика

1,3 милијарда евра

Мин. за економија и труд

90 милиони евра

АВРМ

73 милиони евра

Собрание

20 милиони евра

МОН

744 милиони евра

Мин. за дигит. трансформација

36,5 милиони евра

Министерство за енергетика

41,7 милиони евра

Мин. за јавна администрација

3,9 милиони евра

Мин. за одбрана

360 милиони евра

Мин. за правда

13,48 милиони евра

Мин за култура и туризам

8,8 милиони евра

СОЗР

23,3 милиони евра

Управа за изврш. санкции

31 милион евра

Државно правобранителство

4 милиони евра

Финансиска полиција

1,75 милиони евра

ЦУК

5,15 милиони евра

АНБ

8,8 милиони евра

Агенција за катастар

15,3 милиони евра

ОТА

3,44 милиони евра

Совет на јавни обвинители

612 илјади евра

Уставен суд

1,65 милиони евра

Народен правобранител

1,62 милиони евра

Министерството за образование и наука, кое имаше буџет од 726 милиони евра, ќе добие плус 18 милиони евра и годинава ќе располага со вкупно 744 милиони евра. МОН подготви амбициозна агенда за капитални инвестиции за 2026 година. Таа вклучува капитални расходи во вкупна вредност од 18 милиони евра. Притоа, за инвестиции во изградба на основни училишта на располагање ќе има 1,2 милиони евра, додека за реконструкција на основни училишта 813 милиони евра. Шест милиони евра се предвидени и за изградба на спортски сали во основни училишта. За изградба на средни училишта ќе има 1,3 милиони евра, а за реконструкција 732 милиони евра. Со 65 илјади евра ќе се модернизираат ученичките домови, а со 16 илјади евра студентските домови. 8 милиони евра ќе се потрошат за да се направат студентските домови енергетски ефикасни.

Проекти во Министерството за образование и наука

ИЗГРАДБА НА ОСНОВНИ УЧИЛИШТА

1,2 милиони евра

РЕКОНСТРУКЦИЈА НА ОСНОВНИ УЧИЛИШТА

   813 илјади евра

ИЗГРАДБА НА УЧИЛИШНИ СПОРТСКИ САЛИ ВО ОСНОВНИ УЧИЛИШТА

   6 милиони евра

ИЗГРАДБА НА СРЕДНИ УЧИЛИШТА

1,3 милиони евра

РЕКОНСТРУКЦИЈА НА СРЕДНИ УЧИЛИШТА

   732 илјади евра

РЕКОНСТРУКЦИЈА НА УЧЕНИЧКИ ДОМОВИ

     65 илјади евра

ИЗГРАДБА И РЕКОНСТРУКЦИЈА НА СТУДЕНТСКИ ДОМОВИ

          16.260 евра

ЕНЕРГЕТСКИ ЕФИКАСНА РЕХАБИЛИТАЦИЈА НА СТУДЕНТСКИТЕ ДОМОВИ

   8 милиони евра

Институции со помал буџет

Влада

67,2 милиони евра

МЗШВ

30,35 милиони евра

Судска власт                        

45,88 милиони евра

Министерство за животна средина      

72,3 милиони евра

Јавно обвинителство             

14,4 милиони евра

Министерство за локална самоуправа   

4,43 милиони евра

МВР

269 милиони евра

Министерство за европски прашања              

2,8 милиони евра

Министерство за здравство                   

123 милиони евра

Министерство за односи меѓу заедници      

2,8 милиони евра

МНР

29,19 милиони евра

Министерство за спорт                          

18,9 милиони евра

Министерство за финансии                   

334,6 милиони евра

ТИРЗ

40,5 милиони евра

УЈП

62,75 милиони евра

Платежна агенција                  

127 милиони евра

Царинска управа                      

29 милиони евра

Агенција за стокови резерви            

3,4 милиони евра

Министерство за транспорт              

217,4 милиони евра

АХВ

9,57 милиони евра

 

Иако Министерството за здравство годинава ќе располага со помалку пари (8 милиони евра), тоа има план за капитални инвестиции. За реконструкција и доградба на објектите на ЈЗУ ќе се потрошат 2,6 милиони евра, а за медицинска опрема за потребите на ЈЗУ – 2,4 милиони евра.

Реален или популистички? Буџетот за 2026 меѓу пофалби и критики. | Извор: Shutterstock, agrofruti

Реален или популистички? Буџетот за 2026 меѓу пофалби и критики. | Извор: Shutterstock, agrofruti

Реакции во јавноста

Буџетот за 2026 година е скроен врз реални проекции – сметаат економистите. Според нив, остварлив е економски раст од 3,8% и намалување на инфлацијата до 2 и пол отсто. Освен тоа, го поздравуваат потегот на Владата која се обврза да го продолжи процесот на умерено трошење и намалување на несуштинските расходи. Тие сметаат дека Министерството за финансии било претпазливо при кроењето на државната каса и ги имало предвид економските ризици кои доаѓаат од санкциите кон Русија и геополитичките тензии. Затоа задолжувањето било исклучиво за враќање на стари долгови и за покривање на дефицитот, кој исто така се намалува споредено со 2025 година.

„Сите овие случувања влијаат врз нивните официјални соопштенија и проекции. Буџетскиот дефицит е проектиран на 3,5% од БДП, вкупното задолжување околу 1,7 милијарди евра. Не треба да се прават нови, непредвидени трошоци во тој дел и внимателноста ја поставуваме во тој дел, како стабилност во однос на ликвидноста“ – вели универзитетскиот професор Синиша Наумоски.

Фактот што капиталните инвестиции се намалени до нивото на 660 милиони евра, според универзитетскиот професор Синиша Наумоски е доказ дека тие се проектирани на реално ниво, односно дека толкав е капацитетот и навистина да се реализираат, а не само да завршат напишани на хартија. Поголем дел од парите ќе се потрошат за автопатиштата што ги градат „Бехтел и Енка“, за други инфраструктурни проекти, како и за инвестиции во одбраната согласно барањата на НАТО.

„Тоа предизвикува поголема претпазливост дека реално може да се очекува поголема исполнителност. Токму тоа е предизвик на секое едно министерство, на Владата, да најде начини како таа бројка која е проектирана да биде многу пореалистична во однос на проектираното“ – вели Наумоски.

За опозициската СДСМ, Владата со новиот буџет не нуди развој, туку маска за економски промашувања. СДСМ изрази сериозна загриженост за насоката по која се движи фискалната политика и нејзините последици врз граѓаните и стопанството. Според партијата, проекцијата за раст на економијата (БДП) од 3,8% дополнително ја разоткрива суштината на промашените фискални политики на Владата.

„Станува збор за проекција базирана на потрошувачка, поддржана со најавено зголемување на плати и пензии. Кога ова се случува во услови на  намалени капитални расходи и во отсуство на структурни реформи, тогаш оправдано се поставува прашањето: дали се најавува уште една година во која економските промашувања се маскираат со краткорочни, популистички потези? Оваа буџетска стратегија за наредната година нема да донесе корист ниту за граѓаните ниту за стопанството, затоа што ова ќе значи повисоки трошоци за камати, ново задолжување, притисок врз даночната база и истиснување на продуктивните инвестиции“ – велат од СДСМ.

За владејачката ВМРО-ДПМНЕ буџетот претставува реално планирање засновано на досегашните резултати, односно буџет кој ќе обезбеди континуиран економски раст, капитални инвестиции и подобрување на животниот стандард на граѓаните.

„Она што е важно и што граѓаните треба да го знаат, сме успеале да обезбедиме повеќе средства и за повисоки плати, пензии и една сума којашто е реална за реализација на капиталните инвестиции бидејќи сметаме дека оваа држава треба на тој начин да се развива. Важно е што имаме проектирано и повисок раст на БДП, којшто е по основ на досегашниот раст откога ВМРО-ДПМНЕ е на власт, 4 квартали имаме над 3% раст, дефицитот е намален за 0,5%, што ни дава можност да веруваме дека ова е едно реално планирање на овој програмски документ. По основ на тоа што е планирано и реализирано годинава, затоа имаме испланирано за оваа година 660 милиони евра за капитални инвестиции, за зрели проекти, проекти кои се веќе во реализација и ќе се потпреме на оние проекти во општините кои државата ги финансира, а сега се во полн ек на реализација“, рече Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ.

Image
Newsletter