Д-р Сашко Кедев го искачи најризичниот врв во светот Нанга Парбат : Искачувањето на врвовите е и начинот на кој живееме

Кедев на Монт Еверест на 8.848 метри надморска височина, со левата нога во Тибет, а со десна во Непал.

„Кога ќе успееме во животот, тогаш сме комотни, па дури стануваме и арогантни. Но, вистинското искуство е неуспехот. И една таква случка беше мојот најголем успех. Како ќе напредуваме, како ќе растеме зависи од стравовите. Колку успеваме да ги надминеме, толку можеме да успееме да ги постигнеме целите. Нашите дела, нашите мисли, остануваат засекогаш. Најважно е да не правиме штета на што било и на кого било во животот. За да може некој да порасне, треба да се ослободи од тој страв и тежина. Треба да работиме на свесноста, и само така можеме да направиме сопствена корекција и корекција во општеството”, вели Кедев.

Кедев: Во животот учиме од неуспехот, тоа е најголемиот успех

Додека не стигнете на врвот, не сфаќате колку е добар погледот и колку било тешко искачувањето. Првата возбуда ја доживувате откако ќе ја видите најубавата глетка. Така е и со животот. Може да се разбере само откако ќе погледнете наназад.

Адреналинот, височините, но не на фотографија, туку да ги впијат очите е токму она што им дава енергија на најдобрите планинари и алпинисти да стигнат до последната точка на планинските масиви. 

Македонија може да се пофали со многу љубители на планините, но еден од нив се издвојува по својот континуиран успех. Професионалец на две полиња: медицина и планинарство. Сашко Кедев, доктор кардиолог, но и авантурист со планови да стигне до уште многу височини. Многу пати ќе каже – зад секој врв постои уште еден. 

„Живееме  на два начина. Едниот млако, да го преспиеме, а вториот е како зовриена вода, стануваме пареа што се движи насекаде. Ако го живееме животот низ оган, тоа ни дава можност за кристализација на личноста. И тоа ќе си дојде само од себе. Јас не планирав дека ќе одам на големи височини, на хималајските врвови над 8.000 метри. Тоа си дојде спонтано во мојот живот. Многу работи во животот се случиле спонтано и не знаеме зошто се случиле“, вака познатиот кардиолог во Македонија ја раскажува својата досегашна приказна за тоа како успеал да стигне до врвот на светот. Онаму каде што биле само малкумина.

Кедев ги има освоено највисоките врвови на сите седум континенти, меѓу кои и „покривот на светот“ – Еверест. По 12 години од овој подвиг, решава да освои уште височини. Но, ја поставува најтешката задача, да ги освои не само највисоките врвови на земјата туку и најстрашните. Досега успева да стигне каде што стапнале само најупорните. Македонско знаме се вееше на Анапурна, К2, Манаслу, Далагири, Броуд пик. Од многуте врвови на пониска надморска височина од осум илјади метри, Кедев застана на највисоката точка на Монблан, Килиманџаро, Денали, Аконкагва, највисокиот врв во Аргентина, Елбрус во Европа. 

Врвот Манаслу 8.163 мeтри надморска височина

Врвот Манаслу 8.163 мeтри надморска височина

Сашко Кедев неодамна искачи уште еден врв над осум илјади метри, Нанга Парбат, на истоимената планина во Пакистан, една од ланецот на Хималаите. Познатиот македонски кардиолог се стреми да ги освои сите 14 највисоки врвови. Тој, кога го раскажува своето искуство, вели дека кога застанал на висина над осум илјади метри, успеал да го освои светот.  

Онаму каде што воздухот е многу тежок, а возбудата преголема. Сметал дека искачените врвови Анапурна и К2 се најтешки, но откако го искачил врвот Нанга Парбат сфатил дека е прв по тежина од сите досега искачени седум светски врвови. Овој врв е познат како „планината убиец“ бидејќи има многу лавини, чести одрони на големи карпи и, најтешкиот предизвик, вертикалниот ѕид. „Но, штом ќе тргнете по патеката, нема назад“, вели Кедев. „Не постои страв, бидејќи стравот не дава сила. Во тие моменти, најважно е да сте подготвени како физички така и психички. Подготвени за целиот предизвик.“ 

„Без самозапознавање, без страдање во моменти кога останувате сам на карпата, разбирате дека мора да се продолжи по патот што е пред вас. Немав дилема дали ќе успеам, бев посветен на процесот на искачување. Но, има момент на криза, но не за откажување“, објаснува Кедев. 

Кедев го вее македонското знаме на врвот Далагири, 8.167 метри надморска височина.

Кедев го вее македонското знаме на врвот Далагири, 8.167 метри надморска височина.

„За да се успее, треба да се слуша и да се следи природата, а не желбите“, вели Кедев. Многумина одат на ризик и прават драстични грешки. 

Многумина од алпинистите и планинарите објаснуваат дека оваа височина е опасна бидејќи телото почнува да реагира од недостигот на кислород во воздухот. Многу често, на вакви врвови може да се појави висинска болест, која може да доведе до животозагрозувачки едем на мозокот и едем на белите дробови. Најважно од сѐ е телото да се хидрира, но на правилен начин. Самодисциплината е најважна за успешност и издржливост.  

Секој пат до вистината е индивидуален, со лично искуство и со прифаќање на голем степен на напор и на страдање. А патот до вистината е поврзан со самотијата. Бидејќи ако човек не може сам да се соочи со себе, ако не може да се сфати сам себе, тогаш не може да ја сфати вистината. Вистинското богатство не е надвор, во материјалниот свет, тоа е во секого внатре. А секој се наоѓа себеси во самотија. Оваа мисла му дава сила на докторот да продолжи понатаму без застанување.

Кедев со Нимсдаи и Мигма Џи, најпознатите шерпаси во светот.

Кедев со Нимсдаи и Мигма Џи, најпознатите шерпаси во светот.

Кедев на многуте авантури искачувања, доживеал голем број тешки ситуации, животозагрозувачки. Една од нив ја раскажува со посебна внимателност бидејќи вели дека таа случка, која е најголемиот неуспех во неговиот живот, е всушност  најголемиот успех. Ова сознание го добил кога заедно со цела експедиција тргнале да го искачат врвот Канченчунга. 

Овој пат при искачувањето возбудата била уште поголема бидејќи бил рамо до рамо со Нимсдаи, бренд во оваа област, кој не само што ги искачил сите 14 највисоки врвови во светот, туку тоа го направил и без кислород. 

Кога стигнале до четвртиот камп, одлучиле да почекаат еден ден бидејќи на ова искачување со нив одлучила да се приклучи и принцезата од Катар, која била главен покровител на првенството во Катар. Но, утредента кога решиле да тргнат кон врвот, временските услови почнале да се влошуваат. На стотина метри под самиот врв, тимот одлучил да се врати назад бидејќи немало простор за искачување – условите станувале сѐ потешки. 

„Шерпасите наеднаш рекоа дека не можеме да продолжиме нагоре и дека мора да се симнуваме надолу. Во тој момент, додека се вртевме, мене ми се закачи вентилот на карпата и кислородот истече за неколку секунди. Останав без кислород. Планинарите зад мене чекаат, морав брзо да реагирам, бидејќи симнувањето беше еден по еден, еден зад друг. Тука се главните моменти на преживување. Човекот ако не се мотивира во тие моменти, тогаш останува на карпата засекогаш. Проблемот настана бидејќи сме се искачувале со кислород и сме зависни од кислород. Тогаш тие 30 минути беа најтешките во мојот живот. Без кислород, во лоши временски услови, морав да продолжам да се движам. А како? Морав да најдам мотивација за да успеам да се симнам со останатите. Во таа фаза, бев најблиску до смртта“. 

Токму ова било животна лекција за нашиот познат кардиолог. Планините успеале да го научат на вистината лекција за животот. Не материјалното, туку она возвишеното. Таму горе, на надморска височина над осум илјади метри, каде што телото се бори да функционира, се бори секоја клетка и секој орган да преживее, се развива свеста, па човекот ја дознава смислата на животот. Кедев вели, не е смртта, не е раѓањето, туку мислите и најмногу делата се оние што го сочинуваат човекот и неговиот живот. 

Кедев: „Во животот можете да продолжите само ако имате мотивација.“

Кедев: „Во животот можете да продолжите само ако имате мотивација.“

„Кога ќе успееме во животот, комотни сме, па дури стануваме и арогантни. Но вистинското искуство е неуспехот. И една таква случка беше мојот најголем успех. Како ќе напредуваме, како ќе растеме, зависи од стравовите. Колку успеваме да ги надминеме, толку можеме да успееме да ги постигнеме целите. Нашите дела, нашите мисли остануваат засекогаш. Најважно е да не му правиме штета на што било што и на кого било во животот. Да може некој да порасне, треба да се ослободи од тој страв и тежина. Треба да работиме на свесноста, и само така можеме да направиме корекција кај себе и во општеството“, вели Кедев.

Кедев на К2 на 8.611 метри надморска височина.

Кедев на К2 на 8.611 метри надморска височина.

Покрај планините, медицината е првата љубов што го исполнува неговиот живот. 

„Имав многу среќа да се занимавам со интервентна кардиологија. И среќа што како тим успеавме да докажеме дека всушност може да се бидеме успешни во оваа област, иако бевме критикувани. Се направи тим од млади доктори, висок профил на кардиологија. Но, таа школа ја проширивме во многу градови низ Македонија, и тие денеска можат да спречат срцев удар ако се реагира навреме“, објаснува Кедев. 

За политиката ќе каже дека таа била една фаза во животот преку која успеал да го запознае народот, да сфати дека има многу среќни и посреќни луѓе кои живеат надвор од главниот град. Тој дел од неговиот живот завршил бидејќи смета дека е некомпатибилен со него и со неговите гледишта. За него не постојат помалку или повеќе вредни луѓе и токму затоа смета дека политиката е активност со многу непринципиелни работи. 

Image
Newsletter