Светот се промени, променети се и луѓето, и перцепцијата на реалноста, и навиките. Со секое вклучување на некој портал на интернет, првенствено читате вести од црна хроника, текстови кои изобилуваат со негативен набој, колумни во кои максимално се гледа да се оцрни некој, без оглед дали се познава добро таа личност или дали воопшто има вистина во пишаното.
Само да се плукало, без факти, без аргументи, без никакво човечко достоинство. Каде исчезна добрината меѓу луѓето, од каде толку злоба и завист? Што е тоа во луѓето тажно да живеат во животи туѓи, да навредуваат, да омаловажуваат?
Луѓето се навикнаа да ги проценуваат ситуациите од око, односно да го перцепираат само она што го гледаат. И ова ново динамично време ги оддалечи едни од други. Немаат време, нерви, ниту желба да сослушаат, а уште помалку да помогнат. Искрената и добрата волја е наједноставното нешто, но и најкомплицираната работа.
Навиките мора да се променат. Да ја вратиме човечноста, емпатијата едни кон други, бидејќи животот е непредвидлив. Да се разбираме меѓусебно и заеднички да создаваме подобра иднина!