Драстично поскапе животот во Македонија

Паричниците се празнат брзо, граѓаните бараат итни мерки

Од ден на ден живејачката во Македонија континуирано поскапува. Драстичниот пораст на цените на храната и на горивата си го направија своето. Парите вредат сѐ помалку. Најновата цена на струјата, пак, која поскапе во просек за 7,4%, ги докрајчи граѓаните. Сметките ќе стигнат за наплата во наредниот месец, а тогаш скопјани ги очекува и нова, се разбира, поголема цена на топлинската енергија, односно на парното греењето во главниот град. И додека трошоците енормно растат и не се знае кога ќе сопрат, државната статистика измери инфлација од дури 14,5% во јуни. Ќе успеат ли граѓаните и тоа оние најсиромашните да го издржат финансискиот товар што од месец во месец станува сѐ „потежок“?

Граѓаните сè потешко врзуваат крај со крај. Многумина мака мачат како да го поминат месецот. Откако Владата на стартот на минатиот месец ги укина антикризните мерки, цените на прехранбените производи и на горивата се вивнаа нагоре. По повторното ограничување на маржите, цените не се вратија на старите нивоа. Населението со ограничени примања сега треба да одвои многу повеќе пари само за набавка на најосновните продукти. Велат џебовите им се сè попразни, а освен за храна, сметки и за гориво, ништо не останува за други потреби.

„Сѐ поскапува. Еве, на пример, лебот секој ден денар два се качува нагоре. Посебно сирењето. Претходно го купував за 300 денари, сега е поскапено на 480 денари. Тоа се ненормални цени. Каде можеме да го издржиме ние тоа нон-стоп?“

„Сѐ е поскапено, речиси сѐ. Знаете на кого му е добро сега? Само на оние со многу високи плати. Просечниот граѓанин може да умре за леб.“
„Порано сум трошела повеќе, сега дојде време да штедиме на храна. Порано сум купувала два литри зејтин на две недели, сега само пола литар. Сега не ми стигнуваат парите, па нормално внимавам колку ќе трошам. Јас сум пензионерка. Пензијата ми е 11 илјади денари. Нема друг начин. Некогаш и децата ми додаваат некој денар за да врзам крај со крај.“

Ова го велат граѓаните што ги сретнавме во близина на пазарот во Буњаковец.

Инфлацијата го „изеде“ животниот стандард

Како што посочивме претходно, парите вредат сѐ помалку. Џабе се зголеми минималната плата, а просечната надмина 30.000 денари, кога порастот „го изеде“ инфлацијата. Таа се зголеми од 12% на 14,5% за само еден месец.Тоа значи дека просечната плата од 31.500 денари сега вреди 4.500 денари помалку, односно е исто како во џеб да имате 26.900 денари. Финансискиот удар е уште поголем за оние со најниски примања. Во јуни, на оние што добиваат минималец, 18.000 денари им вредат 2.600 денари помалку, односно е исто како да заработуваат само 15.400 денари.
Податоците од статистика покажуваат дека најмногу „скокнале“ цените на транспортот за дури 31,4%. Храната, пак, поскапела за 21%, сметките за комуналии и трошоците за горива биле повисоки за 9,4%, додека рестораните и хотелите ги зголемиле цените за 12,3%. Кај храната, најголем пораст на цената е забележан кај маслото за јадење од дури 51%. Следи лебот, кој поскапел за речиси 31%, а за месо требало да се издвојат за 18,4% повеќе пари. Околу 20% зголемување има кај млекото, сирењето, јајцата, зеленчукот, шеќерот. Огромни поскапувања во јуни на годишно ниво се забележани и кај трошоците за домување и кај горивата. За струја сега граѓаните издвојувале за 9,4% повеќе пари. Течните горива и гасот се за дури 64% поскапи споредено со јуни во минатата година. Цените на цврстите горива се зголемиле за речиси 14%, а сметките за парно греење за плус 9,4 отсто.Трошоците за транспорт пак биле поголеми поради енормниот раст на цените на горивата. Моторните возила поскапеле за 10%, а транспортните услуги за 18,6%. Граѓаните сега треба да плаќаат за една петина повеќе за превоз со автобус, додека патувањето со авион е поскапо за 14%. Единствен превоз кај кој воопшто нема никаква промена во цените е железничкиот.

Професорот Зоран Ивановски од Универзитетот за Туризам и Менаџмент смета дека инфлацијата е уште поголема.

„Стапката на инфлација треба да се земе со доза на резерва, бидејќи во одредени сектори и на одредени производи имаме и поголем раст на цените, така што некои реални анализи покажуваат дека сме можеби блиску и до 20% инфлација. Во однос на тоа дали можеме да очекуваме подобрување, сѐ ќе зависи од геополитичката ситуација, дали ќе има смирување на цените што потекнуваат од конфликтните зони, а се поврзани со цените на енергенсите, металите, итн. Она што треба да биде јасно е дека можностите за интервенција и за спречување на инфлацијата се прилично лимитирани и се ограничени на дејствувањето врз монетарната политика. Во однос на можностите инфлацијата да се намалува, јас би го оставил тоа за следната година, како што покажуваат и проекциите на меѓународните финансиски институции“, вели Ивановски.

Трпезата станува сѐ поскромна

Трпезата станува сѐ поскромна

Синдикалната кошничка сѐ поскромна

Сојузот на синдикати, пак, измери рекорден пораст на т.н. синдикална кошничка, односно колку пари треба да одвои едно просечно четиричлено семејство во Македонија за да го „истурка“ месецот. Податоците за јуни се поразителни. Ниту две минимални плати не се доволни за купување на најосновните работи. Речиси 40.000 денари треба да се одвојат за храна и сметки. Тоа значи дека вредноста на потрошувачката минимална кошничка за една година е поголема за 5.500 денари. Порастот на трошоците пред сè е резултат на зголемените цени на храната. Од јуни лани до истиот месец годинава сметката за набавка на најнеопходните прехранбени производи е зголемена за над 3.000 денари. За 1.000 денари во просек се зголемени трошоците за подмирување на комуналните сметки во домот.

Алармантно е што една минимална плата од 18.000 денари е доволна само за храна. За домување треба да се одвојат 11.800 денари, за хигиена 2.700 денари, за превоз 3.500, за облека и обувки 2.200 денари, за култура нешто над илјада денари, за здравје 787 денари.

Две минимални плати недоволни за задоволување на најосновните потреби | извор: ССМ

Две минимални плати недоволни за задоволување на најосновните потреби | извор: ССМ

Синдикалната кошничка неправилно се пресметува

Многумина, пак, тврдат дека ниту синдикалната кошничка не го одразува вистинскиот стандард на населението бидејќи синдикалците земале многу ниска стартна основа. Без разлика на ниските примања, да се пресметаат едвај 800 денари за здравствени услуги за 4 лица во домот, односно само 26 денари на ден во услови кога многу семејства трошат илјадници денари само за терапија и за лекови месечно било нереално. Пресметката покажува дека на едно просечно семејство му требаат само 600 денари на ден за храна, односно 150 денари по човек. За хигиена четричлено семејство има на располгање 90 денари на ден, а за култура 30 денари.

Струјата поскапе во просек за 7,4%

Во низата поскапувања, во јули на ред дојде и струјата. По повеќенеделни дебати, се воведе и реформа во пресметката на струја за граѓаните, односно воведување на т.н. тарифник. Струјата поскапе во просек за 7,4%. За најголем дел, односно за 99% од домаќинствата сметките во просек се зголемија за околу 400 денари. Евтината тарифа која важи од 22 часот навечер до 7 часот наутро и цел ден во недела поскапе за 8,69%. Цените на скапата струја пак се делат во 4 блока. За првиот со потрошувачка до 210 киловатчасови, цената се зголеми за 5,5%, во вториот блок со потрошувачка од 211 до 630 киловатчасови цената има пораст за 10,3%. За третиот блок од 631 до 1.050 киловатчасови цената е повисока за 18,3%, а за четвртиот со потрошувачка над 1.050 киловатчасови зголемувањето е дури 138,7%.

„Ако има потрошено некој потрошувач 1.100 киловатчасови, првите 210 киловатчасови ќе се наплатат по цена за првиот блок, од 210 до 630 киловатчасови значи 420 киловатчасови ќе се наплатат по цена за втор блок, од 630 до 1010 киловатчасови значи разликата се наплаќа по цена за трет блок, од 1050 до 1100, само тие 50 киловатчасови ќе се наплатат по цената за четвртиот блок“, објасни Марко Бислимовски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика.

Пресметките покажуваат дека едно просечно семејство што внимава и штеди струја, максимално ги вклучува уредите на евтина струја и се лади и грее на климатизер без инвертер, од први јули плаќа околу 400 денари повеќе. Во сметките за струја, секое домаќинство одделно ќе има просечна цена на струјата, зависно од блоковите, па можностите за споредба со други семејства се сведени на минимум.

Граѓаните веднаш се кренаа на нозе. Новиот тарифник ретко кој го разбра. Промената со 5 цени на струјата, една во ниската и 4 во високата тарифа го збуни населението. Ретко кој слушна дека на веб-страницата на Регулаторната комисија има калкулатор за да може секој да го пресмета поскапувањето. Оние што знаат, велат дека едвај го нашле, а пресметките биле неразбирливи и конфузни.

„Ние не знаеме да го правиме тоа. Зошто јас да го контролирам тоа. Ќе дојде сметка, ќе морам да платам.“

„Не знаеме, конфузно е. Треба да се прочитаат критериумите. Не знам дека има калкулатор. Ќе проверам.“

„Да, конфузен е. Баш сабајле ја гледавме сметката. Јас не можам точно да разберам која е поскапа, која е поевтина“, велат граѓаните.

Едно е сигурно, сметките ќе бидат поголеми, а ако се земат предвид сигналите од малите и од средни претпријатија што ќе плаќаат и неколкукратно повисока цена, ќе следува нов бран поскапувања на сите производи.

Струјата поскапе во просек за 7,4%

Струјата поскапе во просек за 7,4%

По огромниот скок, горивата поевтинија

Откако нафтените деривати речиси секојдневно поскапуваа во мај, во јуни го доживеаја пикот кога еуросупер 98, 95 и дизелот надминаа 110 денари по литар. Драстичниот пораст се случи откако владата на стартот на јуни ги укина антикризните мерки, кои вклучуваа откажување од дел од ДДВ-то и од акцизите. Сепак, цените на берзите колку-толку се стабилизираа, па цените на горивата, по малку, но два или три пати неделно или се намалуваа или стагнираа. На средината на јули, дизелот се продава за 100 денари, а 95-ката и 98-ката за 105 односно 107 денари по литар.

Антикризни мерки – итно потребни

Во јуни, освен ограничувањето на маржите, антикризните мерки „секнаа“. Овој јаз што се појави само ја доуништи финансиската сосотојба како на граѓаните, така и на фирмите. Додека населението цел месец бараше итни мерки, Владата и кон средината на јули не се изјасни како планира да им помогне. Се знае само дека се чека ребалансот на буџетот да помине во Собранието, за да се дознае каде се планира да се потрошат 76-те милиони евра со кои Владата се фали дека ќе им помогне на најзагрозените категории и на стопанството.

Компаниите ја губат ликвидноста и помош за нив мора да има. Сепак, универзитетскиот професор Зоран Ивановски апелира Владата да ја напушти политиката на т.н. „сиромашна економија“ во која постојано разни групации бараат некаква помош и субвенции. Таргетот на новиот пакет мерки, според него, треба да биде насочен кон бизнисот бидејќи фирмите ќе го наполнат повеќе буџетот и ќе креираат повисок економски раст.

„Државата и владата да размислат како да го променат амбиентот и да креираат подобри услови за стопанските субјекти, каде што во фокусот ќе се најдат оние гранки што можат да ја повлечат економијата напред. На Македонија во вакви услови ѝ треба економски раст кој по својот износ може да ги надмине каматните стапки по кои треба да се задолжиме“, вели Ивановски.

Креаторите на економските политики треба да внимаваат борејќи се со инфлацијата, дополнително да не удрат врз економскиот раст. Ивановски не е поборник на зголемување на давачките во овој период, затоа што тој потег би ги погодил токму секторите што најмногу го полнат буџетот. Според него, стагфлацијата е реална опасност што може да предизвика дополнителни проблеми во економијата. Апелира до властите да избегнуваат популистички мерки, бидејќи наместо форсирање на сектори што создаваат дополнителна вредност, креираат стопанство зависно од владини субвенции и помош.

„За мене опасноста од стагфлација е реална и ја имаме инфлацијата ,ante portas'. Поради тоа, јасно е дека мерките треба да бидат насочени кон поддршка на реалните инвестиции и тоа оние што носат и што влечат напред, односно обезбедуваат подинамичен економски раст“, вели Ивановски.
Не само домашните аналитичари туку и странските очекуваат продлабочување на инфлацијата во текот на летото. Последен во низата предупреди и Меѓународниот монетарен фонд, кој дополнително тврди дека е зголемен ризикот од глобална рецесија. ММФ во текот на месецов повторно ќе ја ревидира проекцијата за економски раст надолу. Фондот тврди дека економиите ќе претрпат дополнителен силен удар, стагнација или пад како резултат на напорите на владите и на централните банки да ја зауздаат инфлацијата.

Image
Newsletter