Македонските парламентарни избори пролетва ќе бидат единаесетти по ред парламентарни избори во Македонија. Ќе се одржат на 8 мај 2024 година заедно со вториот круг на Претседателските избори.
По воведувањето на политичкиот плурализам во тогашната Социјалистичка Република Македонија во 1989, било дозволено да се формираат политички партии, па во 1990 биле одржани првите слободни и повеќепартиски избори. Во Република Македонија се одржуваат избори за пратеници во Собранието на Република Македонија, за претседател на Републиката и локални избори за советници и градоначалници.
По воведувањето на политичкиот плурализам, во Република Македонија се одржани пет регуларни парламентарни избори и четири предвремени парламентарни избори во 2008, 2011, 2014 и 2016 година. Првите парламентарни избори се одржани кога земјата била во состав на СФР Југославија, а останатите по прогласувањето на независноста во 1991 година.
Список на парламентарни избори
- Македонски парламентарни избори (1990)
- Македонски парламентарни избори (1994)
- Македонски парламентарни избори (1998)
- Македонски парламентарни избори (2002)
- Македонски парламентарни избори (2006)
- Македонски парламентарни избори (2008)
- Македонски парламентарни избори (2011)
- Македонски парламентарни избори (2014)
- Македонски парламентарни избори (2016)
- Македонски парламентарни избори (2020)
- Македонски парламентарни избори (2024)
Пратениците во Собранието се избираат за мандат од 4 години, на општи, непосредни и слободни избори со тајно гласање. Парламентарните избори се одржуваат секоја четврта година, во последните 90 дена од мандатот на стариот пратенички состав, а ги распишува Претседателот на Собранието. Парламентарни избори се одржуваат и во случај на самораспуштање на Собранието (предвремени избори), ако се изјаснат за тоа мнозинството од вкупниот број пратеници. Во тој случај, изборите се одржуваат во рок од 60 дена од денот на распуштањето на Собранието.
Изборот на претседател на Републиката се врши во последните 60 дена од мандатот на претходниот претседател. Во случај на престанок на мандатот на претседателот на Републиката, од кои и да е причини, изборот за нов претседател се врши во рок од 40 дена од денот на престанокот на мандатот. Право да поднесат листа на кандидат за претседател на Републиката имаат најмалку 10.000 избирачи или 30 пратеници.
Список на претседателски избори
- Македонски претседателски избори (1994)
- Македонски претседателски избори (1999)
- Македонски претседателски избори (2004)
- Македонски претседателски избори (2009)
- Македонски претседателски избори (2014)
- Македонски претседателски избори (2019)
- Македонски претседателски избори (2024)
Претседателските избори може да се одржат во два круга. Кандидатот е избран за претседател во првиот круг ако добие мнозинство гласови од вкупниот број избирачи запишани во избирачкиот список. Ако во првиот круг ниту еден кандидат за претседател на Републиката не го добил потребното мнозинство гласови, во вториот круг се гласа за двајцата кандидати што добиле најмногу гласови во првиот круг. За претседател се избира кандидатот што добил мнозинство гласови ако гласале повеќе од 40% од избирачите. Претседател бил избран во првиот круг единствено на изборите во 1994, а сите преостанати избори се одржале во два круга.
Колку пари ќе чинат изборите?
Изборите со нетрпение не ги чекаат само партиите што имаат желба да дојдат или да се задржат на власт. Партиите добро ќе го наплатат секој добиен глас на изборите, но од изборите добро ќе се офајдат и медиумите преку платеното политичко рекламирање.
Парламентарните и претседателските избори ќе ги чинат граѓаните 17 милиони евра. Вакви проценки доаѓаат од Државната изборна комисија како тело надлежно за спроведување на изборите. Ова не е ниту скапо ниту евтино ако се знае дека одеднаш се одржуваат двојни избори, па затоа сумата горе-долу се движи во очекуваните граници.
Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Александар Даштевски, посочи дека претстојните избори ќе чинат 17 милиони евра. Тој додаде дека побарале повеќе средства, но смета оти и оваа сума ќе е доволна за успешно да се спроведат изборите.
Тој потенцираше дека дел од парите ќе бидат наменети за медиумите, поточно партиите ќе ги наменат за изборно рекламирање. Како што рече, 40 отсто од парите одат кај најголемата опозициска партија, а 45 отсто кај најголемата партија што е на власт.
„Во согласност со законот, 40 отсто од парите одат кај најголемата опозициска партија, 45 отсто кај најголемата партија што е на власт, 7 отсто кај партиите што имаат свои претставници во Парламентот и 3 проценти за партиите што немаат претставници во Собранието. Тие потоа се договараат, мора да имаат договори во однос на тоа кај кои медиуми колку време ќе се рекламираат“, појаснува Даштевски.
Александар Даштевски, претседател на ДИК.
Околу шест милиони евра ќе се потрошат за обезбедување доверлив материјал, како и друга документација, потоа за превоз, како и за надомест за избирачките одбори и членовите на општинските изборни комисии. Останатата сума од над десет милиони евра ќе се потроши за платено политичко рекламирање.
Во првиот круг, на кандидатите за претседател им следуваат по две евра за запишан граѓанин впишан во Избирачкиот список. За двајцата кандидати кои ќе влезат по вториот круг, им следува по едно евро од запишан избирач.
На учесниците во парламентарните избори, им следуваат по две евра од запишан избирач.
Од парите наменети за медиумско рекламирање, 40 отсто ќе одат кај најголемата опозициска партија, 45 кај партијата на власт, седум отсто кај партиите што имаат претставник во Собранието, а три за тие што немаат претставник во законодавниот дом. За споредба, парламентарните избори во 2016 година чинеа 7,5 милиони евра, а врзаните претседателски и парламентарни избори во 2014 година чинеа осум милиони евра. На претседателските избори во 2019 година, кога за првпат државата плаќаше за партиските реклами, се потрошија 3,6 милиони евра.
За изборите во 2020 година, крајната сума што ја платила државата за партиски реклами е 3,1 милион евра, додека на изборите една година порано, за истата намена се потрошени 400 илјади евра повеќе.
Гласање во дијаспората само за претседателските избори
На овие избори, гласање во дијаспората ќе има само за претседателските избори на 24 април и на 8 мај. Гласањето за шеф на државата е според мнозинскиот систем, па без разлика колку прифатени пријави има, гласање ќе се организира. Гласовите од иселениците ќе влезат во вкупниот број гласови со тие од Македонија.
Нешто покомплицирано е гласањето за пратеници. Со измените што се направија, за да се организира гласање за парламентарните избори, потребно е да се пријават најмалку 5.355 гласачи во сите 52 конзуларни претставништва или дипломатски канцеларии во странство. Но, се пријавија само 2954 и гласање нема да има.
Бројката од 5.355 гласачи што требаше да се пријават не е случајна. Тоа е најмалата бројка на гласачи со која на минатите избори е избран пратеник на гласањето во земјава, во случајот од шестата изборна единица.
Правото на глас за македонските иселеници во ДКП во државите во кои престојуваат, датира од предвремените парламентарни избори во 2011 година, а важи и за претседателските избори. Во претходните два состави на законодавниот дом имаше по тројца пратеници од дијаспората, сите од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Државна изборна комисија.
ДИК: Колку ќе чинат изборите во дијаспората ќе се знае по нивното завршување
„Во однос на прашањата за тоа дали ќе бидат доволни предвидените пари за спроведување на изборите и колку ќе чинат изборите во дијаспората за претседателските избори, ве информираме дека Државната изборна комисија ќе може да даде точна информација по завршување на изборите“, велат од ДИК.
Kaко е во регионот?
Последните парламентарни избори во Србија чинеа 25 милиони евра. Оваа сума споредена со таа во Македонија е горе-долу иста ако се знае дека во Србија има тројно повеќе запишани гласачи.
Кога се работи за трошењето на избори, поштедлива е Хрватска. Па, така за парламентарните избори потроши само 4,7 милиони евра, а во 2020 година – 5,8 милиони евра.
Последните парламентарни избори во Црна Гора чинеа 5 милиони евра.
Бизнисот секогаш против предвремени избори
Иако годинава изборите се во редовен рок, кога сме кај трошењето пари за избори во Македонија, бизнис-заедницата низ годините наназад постојано негодуваше за одржување предвремени парламентари избори со образложение дека државата непотребно троши огромни суми пари. Тие постојано обвинуваа дека честите предвремени избори значат удар за стопанството затоа што се пролонгираат планираните инвестициски проекти на домашните и на странските компании, а сето тоа се одразува на економскиот раст.