Една година од Законот за недела неработен ден, како е во регионот и во Европа?

Една година од Законот за недела неработен ден, како е во регионот и во Европа?

Една година откако се применува Законот за недела неработен ден, аргументите се драстично поделени дали ова законско решение носи корист или штета за работниците и за економијата.
Дел од јавноста смета дека овој закон е добар за работниците и дека тие не треба да работат во недела, но компаниите се со став дека на овој начин ќе се намали економската активност, но и дека ќе има големи отпуштања од работа.

Компаниите-членки на Стопанската комора изразија силно незадоволство од ова законско решение и се на став дека тоа не им оди во полза ниту на работниците ниту на македонската економија како целина, а и дека ќе предизвика сериозни негативни импликации. Законското решение беше оспорено и пред Уставниот суд, кој, пак, неодамна одлучи да не поведе постапка за измените на Законот за работните односи во кој беше оспорено работењето во недела.

Од СКМ велат дека тоа не е причина да не ги продолжат разговорите со Владата со цел да се конципира ново законско решение што ќе биде прифатливо за сите.

Во моментов, законското решение што е во важност, нема бизнис-логика, а има многу можности за негово приспособување што не се спротивни на Уставот. Притоа, ги имаме предвид компаративните искуства од опкружувањето, па дури и од членките на ЕУ, каде што работата во недела не е ограничена на ваков начин како кај нас, а сепак не е спротивна на уставните принципи, информираат од Стопанската комора.

Бизнисмените во текот на цела година континуирано апелираат дека предложеното законско решение за недела неработен ден ќе има негативен одраз повеќекратно врз повеќе сектори за кои се воведува ограничување за работа во недела, а за таа цел ги презентираа и негативните ефекти во некои сектори.

Од Организацијата на работодавачите велат дека ова законско решение е далеку поригорозно од претходното и дека предизвика дополнително зголемени трошоци во компаниите, како и тешкотии во процесот на производството, кои кај одделни дејности чинат многу.

На пример, вклучување на машините во погоните или на изладените печки за производство на цемент е проблем и дополнителен трошок за компаниите. Затоа сметам дека треба да се преразгледа списокот на дејности што ќе можат да работат во недела и да се прошири со други дејности, вели Ангел Димитров од Организацијата на работодавачите.

Тој смета дека државата треба да биде на јасно дали сака да живее стопанството или да затвора фирми и да пресмета какви ќе бидат ефектите, бидејќи е доволен периодот од една година примена.

Има доволен период на негова примена и треба повторно да се навратиме на ова решение за да видиме дали треба нешто да се поправи или да се преправи. Ако сака државата стопанството да живее, треба да го овозможи тоа. Во актуелниве состојби, дел од компаниите се обидуваат да ја преживеат енергетската криза со организирање на работата во недела и во ноќните часови за да ја искористат евтината струја, па на тој начин да ги намалат трошоците. Но, тоа за дел од нив е законски невозможно, со што се скратува можноста да преживеат, вели Димитров.

Законското решение со кое недела е неработен ден, стапи на сила од 1 јануари годинава. Законот предвидува дека недела е ден за одмор за 92 отсто од работниците во земјава. Исклучок има за оние работни места каде што не може да се прекине работниот процес односно за околу 8 отсто од работници. Оние што работат во недела треба да земаат додаток на плата од најмалку 50 отсто за секој час поминат на работа ако не е утврден повисок износ со закон или со колективен договор. Предвидено е да користат и слободен ден во наредните седум дена.

Во оваа компарација даваме преглед на тоа каква е состојбата во земјите од регионот, но и во другите европски земји

Во земјите од регионот различно се гледа на концептот на неработни недели за работниците, па така, некаде овој принцип е дел од важечката законска регулатива, додека некаде не е стасано подалеку од јавна расправа и од поединечни иницијативи за нејзино воведување.

Како е во регионот?

Во Црна Гора недела е неработен ден, но се бара да се укине за време на туристичката сезона

Мерката за недела неработен ден важи и во Црна Гора, и тоа уште од 2019 година. Оваа мерка се однесува и на 37.000 вработени во трговијата.

Во недела, во Црна Гора е предвидено да работат само аптеки, продавници за леб и бели печива, цвеќарници, сувенирници, бензински станици и маркетите во нив. Може да се купува и на пазари или во киоск. Работат и штандови и киосци на јавни манифестации и фестивали, како и објекти за трговија на големо.

Казните за непочитување на овие мерки изнесуваат од 1.000 до 10.000 евра, а постои и мерка затворање на објектот. Синдикатите не се откажуваат од неработните недели, а постои само можност да се откажат во текот на летната туристичка сезона.

Не се работи само во некои градови во БиХ

Во Босна и Херцеговина (БиХ) имаше иницијатива недела да биде прифатен како неработен ден, но измените на законот не беа прифатени во Парламентот. Мерките добија поддршка од работниците и од синдикатите.

Сепак, одредени градови и општини одлучија дека недела ќе биде неработен ден за вработените во трговијата. Тоа е случај во Бијелина, Ливно, Сански мост, Зворник, Кисељак, Мостар, Нови Травник.

Маркет во Србија

Маркет во Србија | извор: aholddelhaize.com

Во Србија и во Косово нема неработна недела

Причината поради која ваквите иницијативи не успеаја во Србија и Косово е тоа што нема договор меѓу власта, работодавачите и синдикатите.

Според Законот за трговија во Србија, работниците имаат еден слободен ден, но тој не е секогаш недела. Српскиот претседател Вучиќ е со став дека кога економијата има раст треба да се поттикнува, а не да се ограничува.

Иницијативата за недела неработен ден во Косово во 2020 година беше поздравена од работниците и од синдикатите, а оспорена од бизнис-секторот. Дел од услужните и од трговските субјекти како што се рестораните, кафулињата и трговските центри се противставија бидејќи токму во недела остваруваат поголем приход. Законот за работни односи во оваа земја одредува 40 часа неделно работно време распоредени во смени во зависност од потребите.

Бугарија

Работната недела е од понеделник до петок, осум часа дневно, четириесет часа неделно. Повеќето аптеки, продавници, барови, кафулиња и ресторани работат во сабота и во недела.

Грција

Стандардна работна недела е од понеделник до петок. Продавниците обично се отворени од понеделник до петок од 09:00 до 21:00 часот, а во сабота обично од 09:00 до 20:00 часот. Многу ретко се случува продавница да се отвори во недела, но од мај до октомври продавниците во туристичките места можат да отворат од 11:00 до 20:00 часот.

Хрватска

Работната недела е од понеделник до петок. Повеќето аптеки, продавници, барови, кафулиња и ресторани се отворени во сабота и недела. Во Хрватска нема унифициран став меѓу трговците за регулирање на работата во продавниците во недела, дел од нив се за рестрикции додека други се против какви било ограничувања, но се согласуваат дека е потребна поголема грижа за работниците и дека работата во недела мора да биде соодветно платена. Иако премиерот Андреј Пленковиќ најави воведување неработна недела, тоа е идеја која Уставниот суд трипати ја отфрла. Затоа Владата тврди дека тоа не е забрана, туку регулатива за работа.

Со измените на Законот за труд во Хрватска се предвидува, работодавецот/шефот да не смее да му ѕвони на мобилен телефон на работникот ниту да му испраќа СМС порака и меил по работно време, во неработни денови и за време на одмор. Според измените, работењето во недела ќе се плаќа 50 отсто повеќе.

Работникот има право да биде недостапен по работното време или додека е на годишен одмор. Според извори во хрватската Влада, ниту колеги од работа нема да може да им ѕвонат на телефон на други колеги по работно време освен во случај на итна потреба.

„Итна потреба може да биде ако сте некој водоинсталатер, па пукне некаква цевка или ако некоја итна работа мора да се сработи за што е неопходно да дојдете вие на работа. Тогаш, се разбира, работникот има право на платена прекувремена работа. Вие, новинарите, исто морате ако нешто се случи, да интервенирате бидејќи тоа е со цел информирање на јавноста, така што тоа ќе се гледа од случај до случај“, изјави помошник-министерот за труд на Хрватска, Дражен Опалиќ.

Трговски центар во Сплит

Трговски центар во Сплит

Како е состојбата во Европа?

Во Европа, стандардната работна недела со полно работно време започнува во понеделник и завршува во сабота. Повеќето продавници за малопродажба се отворени за работа во сабота. Во Ирска, Италија, Финска, Шведска, Холандија и поранешните социјалистички држави во Европа, во недела се отворени големите трговски центри. Во европските земји како Германија, постојат закони што го регулираат работното време на продавниците. Со исклучок, продавниците мора да бидат затворени во недела и од полноќ до раните утрински часови секој ден.

Германија

Работната недела е од понеделник до петок 8 часа дневно. Сепак, многу луѓе ја напуштаат работата во 15:00 часот во петок. Продавниците се отворени во сабота, а генерално се затворени во недела, особено во Баварија, каде што има мнозинско католичко население. Има некои исклучоци, на пример, за пекари, цвеќарници, ресторани, бензински пумпи и продавници на железнички станици.

Австрија

Работната недела е од понеделник до петок 8 часа дневно. Продавниците се отворени во сабота. Според законот, речиси ниту една продавница не е отворена во недела. Сепак, направени се исклучоци, на пример за пекари, бензински пумпи и продавници на железнички станици, особено во најголемите градови (Виена, Грац, Салцбург, Линц).

Чешка

Полното работно време е обично од понеделник до петок, осум часа дневно и четириесет часа неделно. Многу продавници и ресторани се отворени во сабота и во недела, но вработените, сепак, обично работат четириесет часа неделно.

Франција

Стандардна работна недела е од понеделник до петок. Продавниците се отворени и во сабота. Малите продавници може да се затворат во работен ден (обично во понеделник) за да им се надомести на работниците што работеле во сабота. Според законот, градоначалниците можат да овластат мал број одредени продавници да се отвораат во недела, како што се барови, кафулиња, ресторани и пекари, кои традиционално се отворени секој ден, но само во текот на утрото во недела. Сепак, овие правила почнаа малку да се релаксираат во последниве години, па може да најдете некои продавници и супермаркети што се отвораат во недела наутро, особено во туристичките области или во големите градови.

Холандија

Во Холандија, стандардната работна недела е од понеделник до петок. Продавниците се речиси секогаш отворени во сабота, но често и во недела, во зависност од локацијата. Во понеделник наутро, продавниците често не се отвораат до околу пладне.

Ирска

Ирска има работна недела од понеделник до петок, со основно работно време од 09:00 до 17:30 часот. Многу продавници особено во урбаните средини, се отворени до 21:00 часот или подоцна, а некои супермаркети може да работат деноноќно. Продавниците обично се отворени цел ден во сабота и пократок ден во недела (обично од 10:00-12:00 до 17:00-19:00 часот).

Италија

Во Италија важи правилото од 40 часа: од понеделник до петок, од 09:00 до 18:00 часот, со пауза од еден час за ручек. Недела е секогаш празник. Сабота е обично и слободен ден.

Шпанија

Работната недела е од понеделник до петок, 8 часа дневно, вкупно 40 часа неделно. Традиционалното работно време е од 9:00 до 13:00 односно 14:00 часот, а потоа од 15:00 односно 16:00 до 18:00 часот за повеќето канцеларии и работни места. Повеќето продавници се отворени во сабота наутро, многу од поголемите трговски центри се отворени цел ден во сабота, а во некои градови како Мадрид, тие се отворени и во неделите. Некои ресторани, барови и продавници се затворени во понеделник, бидејќи понеделник е обично бавен работен ден.

Обединето Кралство

Традиционалната деловна работна недела е од понеделник до петок (35 до 40 часа во зависност од договорот). Во малопродажбата и во другите области како што е здравството, слободните денови може да се земаат во кој било ден од неделата. Работодавците можат да ги натераат своите вработени да работат секој ден во неделата иако е работодавачот должен да му дозволи на секој вработен паузи или во континуиран период од 24 часа секоја недела или континуиран период од 48 часа на секои две недели.

Законите за работното време на продавниците се разликуваат помеѓу Шкотска и остатокот од Обединетото Кралство. Во Англија, Велс и во Северна Ирска, многу продавници и услуги се отворени во сабота, а сè повеќе и во недела. Во Англија и Велс, максималното работно време на продавниците во недела варира во зависност од вкупната површина на продавницата. Во Шкотска, сепак, не постои ограничување во Законот за работното време на продавниците во недела.

Според Директивата на ЕУ за работно време (која и понатаму останува закон на Обединетото Кралство), работниците не може да бидат принудени да работат во просек повеќе од 48 часа неделно. Сепак, овде им се дозволува на поединците да се откажат ако одлучат така.

Image
Newsletter