Првата година од мандатот на владата на ВМРО-ДПМНЕ во најголем дел ја одбележаа забрзаните економски реформи. По девастираната економија, новата влада донесе значајни економски промени во Македонија, со посебен фокус на инфраструктурата, фискална стабилизација, даночна реформа, поттикнување на домашното производство, странските инвестиции. Сите овие реформи имаат за цел подобрување на условите за живот на сите граѓани во државата.
Економијата и борбата за подобар живот најглавен фокус
Во текот на изминатава година со унгарскиот кредит, а преку Развојната банка, беа обезбедени 500 милиони евра за поддршка на компаниите, како и за поддршка на општините за реализација на капитални проекти за подобрување на животот на граѓаните. Kомпаниите преку евтини кредити добија можност да реализираат инвестициски циклус со активирање инвестиции во нови капацитети, опрема, а со тоа отворање и нови работни места.
Со вкупно 250 милиони евра се даде поддршка на општините за реализација на капитални проекти за подобрување на животот на граѓаните. Средствата се распределени за конкретни инфраструктурни проекти – водоводи, канализации, училишта, градинки и проекти за енергетска ефикасност. Пари добија сите општини на цела територија на државата без разлика дали таму се градоначалници од редовите на владејачките партии, опозицијата или некои независни.
Расте БДП, се намалува јавниот долг, целосно е отплатена еврообврзницата
„Стапката на раст на бруто-домашниот производ во првото тримесечје од 2025 година во однос на првото тримесечје од 2024 година е 3,2 проценти“, покажуваат податоците од Државниот завод за статистика. Во првото тримесечје од 2025 година, поголем пораст е забележан во секторите: градежништво, научни и технички дејности, административни и помошни услужни дејности, од 7,1 проценти, и информации и комуникации, од 4,8 проценти. Во истиот период извозот на стоки и на услуги номинално е зголемен за 1,4 проценти, а увозот на стоки и на услуги исто така забележа зголемување во номинален износ од 4,8 проценти.

Мицкоски: „Во однос на БДП во вториот квартал ќе имаме уште подобар резултат, имајќи ги предвид овие индикатори.“
„Кога кажавме дека БДП на реална основа во првиот квартал пораснал за 3,2 отсто споредено со истиот период минатата година и дека тоа е четврти резултат во Европа, веднаш зад Ирска, Данска и Полска, многумина нè исмејуваа. Но, сега можам да најавам дека во вториот квартал ќе имаме уште подобар резултат, имајќи ги предвид овие индикатори, дека ќе се движиме меѓу 4 и 6 отсто, што е гигантски чекор, зашто првите индикатори од првите два месеца во вториот квартал – април и мај, се огромни“, рече премиерот Христијан Мицкоски во обраќањето на поставувањето камен-темелник на Ветерниот парк во Штип.
Првпат по седум години e намален и јавниот долг. Заклучно со март 2025 година има намалување од 4,7 процентни поени во однос на БДП. Буџетскиот дефицит е намален за 4% од БДП. Целосно е отплатена еврообврзницата издадена во 2018 година, во износ од 500 милиони евра.

Димитриеска-Кочоска: „Економската активност, по години нестабилност, бележи континуиран раст.“
„Во текот на изминатата година беше постигната значајна фискална консолидација. Оттаму, денес буџетскиот дефицит е намален, како и јавниот долг, и тоа за 36 милиони евра во однос на крајот на 2024 година, со намалување на неговото учество во БДП за 4,7 процентни поени. Тоа беше постигнато во услови кога државата успешно ја отплати еврообврзницата од 500 милиони евра, ги сервисираше обврските на домашниот пазар во висина од 10,7 милијарди денари, а воедно го намали и задолжувањето за 16,4% во споредба со истиот период лани. Економската активност, по години нестабилност, бележи континуиран раст. Три квартали по ред стапката на раст изнесува околу 3%, што е над проекцијата. Забележан е раст од 2,8% во 2024 година, којшто ја надминува сопствената владина проекција од 2,1%. Важно е што растот не е концентриран само во една гранка, туку се забележува активност во индустријата, услугите, градежништвото и извозот. Истовремено, инфлацијата е значително намалена од 14%, колку што изнесуваше на почетокот на 2023 година, и е стабилизирана со тенденција за понатамошно намалување“, рече министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во отчетот по повод една година од формирањето на Владата.
Рекордно ниво на странски инвестиции
И на полето на странски директни инвестиции, постигнато е историско најголемо ниво од 1 милијарда и 255 милиони евра.
Ваквото темпо на привлекување инвестиции, според надлежните, ќе продолжи и во наредниот период, со уште посилна динамика. Веќе постои сериозен интерес од странски компании со амбициозни планови за инвестирање, од кои дел се веќе реализирани или договорени во текот на 2025 година.
Целта на Владата е привлекување на квалитетни инвестиции со високо технолошко производство и извозна ориентација, кои ќе создаваат поголема додадена вредност за македонската економија.
Новата владина стратегија вклучува усогласување со глобалните трендови и создавање инвестициска клима што ќе биде атрактивна, конкурентна и одржлива на долг рок. Променет е и пристапот кон државната помош – таа се одредува врз основа на реалниот ефект што секоја инвестиција го има врз економијата, преку детална анализа на деловниот план. Фокусот останува на соработка со сите постојни и нови инвеститори, преку транспарентен и професионален пристап, со јасна цел за долгорочен економски раст.
Инвестиции за оваа година
– инвестиција на БМЗ од Германија за производство на литиум-јонски батерии во износ од 65 милиони евра и 700 вработувања;
– проширување на инвестицијата на „Костал“ од Германија за производство на автомобилска електроника во износ од 50 милиони евра и 250 нови вработувања;
– инвестиција на „Авеста батери“ и „Енерџи инженеринг“ од Белгија за производство на батерии во износ од 10 милиони евра и 200 вработувања;
– инвестиција на „Магна мехатроникс“ од Канада за производство на компоненти за автоиндустрија од 40 милиони евра и 600 вработувања;
– инвестиција на „Шахтерм“ од Турција за производство на делови за бела техника во износ од 25 милиони евра и 200 вработувања.
Се враќа довербата на странските инвеститори
Владата потпиша договорот со турската компанија „Казанџи груп“. Со потпишувањето на овој меморандум со „Казанџи груп“, се отвора простор за реализација на значаен стратешки проект, вреден до една милијарда евра – инвестиција што ќе значи долгорочно влијание врз енергетскиот систем на државата.
Проектот предвидува три главни компоненти:
– развој на нови капацитети за производство на електрична енергија;
– изградба на дистрибутивна мрежа за природен гас;
– мерки за зголемување на сигурноста во снабдувањето со гас.
Со оваа инвестиција се отвораат и нови можности за индустријата, се поддржува гасификацијата, се отвораат нови работни места и се зајакнува енергетската отпорност на државата. Истовремено, со развојот на домашни производствени капацитети се намалува зависноста од увоз и влијанието на надворешни ценовни и политички ризици.

Поставување камен-темелник на ветерниот парк на „Алказар енерџи“.
Камен-темелник на ветерниот парк на „Алказар енерџи"
Се постави камен-темелник на Ветерниот парк кај Штип. Изградбата е на компанијата „Алказар енерџи“, а инвестицијата вредна над 500 милиони долари треба да отвори 630 нови работни места. Ќе биде лоциран меѓу Штип, Карбинци и Радовиш, на површина од околу 326 хектари.
Предвидено е да има 55 ветерници кои ќе произведуваат електрична енергија со која ќе се задоволат потребите на околу 100 илјади домаќинства. Соосновачот на „Алказар енерџи“ и генерален директор, Даниел Калдерон, истакна дека македонската влада била таа што нив ги туркала како компанија за поскоро завршување на работите, нешто што не било случај во останатите земји каде што работи компанијата.

Пензионерите ќе добијат повисоки пензии за 2 000 денари.
Подобрување на стандардот на пензионерите со неколкукратното зголемување на пензиите
По доаѓањето на власт, новата влада на ВМРО-ДПМНЕ на 300 илјади пензионери им ги зголеми пензиите за 5 000 илјади денари, а најавено е и ново зголемување на пензиите од септември. Пензиите ќе пораснат за нови 2 000 денари – 1 000 денари во септември 2025 (исплата на 1 октомври) и 1 000 денари во март 2026 (исплата на 1 април). На овој начин се стабилизира стандардот на пензионерите кои во услови на серија поскапувања кубуреа со ниски примања. Иако претходно протестираа за зголемување на пензиите, СДСМ немаше слух за нивните барања. Освен на пензионерите, се зголемија и платите во администрацијата, здравството, образованието и полицијата.

Се намалија царинските стапки за 67 суровини и репроматеријали.
Намалени царини на суровини – зголемување на конкурентноста на домашните и влез на нови инвестиции
Со серија мерки, се зајакнува и конкурентноста на домашната индустрија. Се намалија царинските стапки за 67 суровини и репроматеријали, а се либерализира и увозот на стоки од САД како дел од унапредувањето на економската соработка со стратешките партнери. Со измените и дополнувањата на Законот за царинската тарифа се предвидува да се изврши намалување на царинските стапки до 50% од нивото на царинските стапки кои важат во Европската Унија. Ова, според Владата, ќе придонесе и за поголема усогласеност со царинската тарифа на Европската Унија и во делот на царинските стапки, а притоа имајќи ги предвид и правилата на Светската трговска организација.
Согласно измените ќе се намалат царинските стапки за поголем број стоки, кои како суровини или репроматеријали се користат во домашните производствени капацитети, односно одделни производи (компоненти) потребни за производство на високо финални производи, со цел да се зголеми извозната конкурентност на домашната индустрија. Исто така, со намалувањето на царинските стапки се очекува директно да се помогне во секторите на автомобилската, металопреработувачката индустрија, металургијата и енергетиката.
„Намалувањето на царините дополнително може да влијае на зголемување на обемот на работа и проширување на постоечките капацитети поради зголемена конкурентност. Тоа, пак, може да влијае на зголемување на производството, нови производствени линии кај постојните компании и нови работни места. На тој начин компаниите кои ја анализираат државата во однос на можностите за инвестирање може да ја препознаат дополнително зголемената конкурентност“, појаснува Виктор Мизо, генерален директор на „Костал“ – Македонија и претседател на Советот за странски инвеститори.
Историски исчекор за Македонија ‒ станавме членка на СЕПА
Македонија стана дел од СЕПА – областа за единствени плаќања во ЕУ, што значи дека граѓаните и компаниите ќе можат да вршат трансфери во 38 земји по исти услови, како и во домашниот платен промет.
Од членството во СЕПА ќе има бројни придобивки за нашите граѓани, компании, но и за економијата во целина, а пред сè побрзи, побезбедни и поевтини прекугранични плаќања во евра. Ова е особено важно за македонската економија којашто се карактеризира со висок степен на трговска отвореност и голем обем прекугранични плаќања. Оттаму, и потенцијалот за заштеда во трошоците, за подобрување на ликвидноста и за зголемување на конкурентноста на компаниите е голем. Секако, ова може да одигра значајна улога во процесот на натамошна трговска интеграција, забрзан економски раст и намалување на доходовниот јаз со ЕУ.
По очајот во изминативе години, со владата на ВМРО-ДПМНЕ, Македонија доживува инфраструктурен бум
Во топ приоритетите на новата влада секако е инфраструктурата, на која во изминатите години не се посветуваше доволно внимание.
Во инфраструктурата изминатава година има највисок процент на изградба на патишта од осамостојувањето до денес.
Владата склучи договор за стратешко партнерство со Обединетото Кралство, врз основа на кој подоцна се остварува и економска соработка по поволни услови за изградба на брза пруга на Коридорот 10 и изградба на болници.
За само една година се обезбеди градба на 225 инфраструктурни проекти во прва фаза, во висина од речиси 3 милијарди денари, и 615 инфраструктурни проекти во втора фаза, во висина од речиси 7 милијарди денари.
Започна со изградба на автопатот Тетово – Гостивар во должина од 17,5 километри, со изградба на автопатот Гостивар – Кичево (Букојчани) во должина од 30,3 километри, како и изградба на автопатска делница Прилеп – Битола во должина од 39,3 километри.
Се пушти во употреба делница Градско – Дреново од експресниот пат Градско-Прилеп во вредност од 37,4 милиони евра и должина од 15,5 км.
Се пушти во употреба експресниот пат (Страцин) Ранковце – Крива Паланка во должина од 25,4 километри, во вредност од околу 98 милиони евра.
Целосно е реконструиран регионалниот пат Охрид (Коњско) – Свети Наум во должина од 24,5 километри и вредност од 11,6 милиони евра.
Пуштена е во употреба пругата на Коридорот 8, Куманово – Бељаковце, во вредност од 43 милиони евра и во должина од 31 км.
Од нула функционални локомотиви, за само три месеци од мандатот во употреба се ставени 11 и се обезбеди нормализација на железничкиот сообраќај.
Се воведоа 11 нови авиолинии од двата аеродроми и обезбедивме 360 милиони денари финансиска поддршка.
Се доделија над 100 социјални станови во Велес, Кочани, Струмица и во Гевгелија.
Интензивно се гради и во завршна фаза е автопатот Кичево – Охрид (делница Врбјани – Охрид) во должина од 40 километри. Во функција се ставени првите 20 километри од автопатот Кичево – Охрид, на делницата од Врбјани до Ботун.
Отпочната е постапка за избор на трет мобилен оператор, со што ќе се отворат нови работни места и која ќе донесе конкуренција на пазарот за пониски услуги за граѓаните. Во тек е набавка на 120 нови и модерни автобуси.
Со оперативен план до нови работни места
Се донесе Оперативен план за активните програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2025 година, со рекордна вредност од 2,5 милијарди денари или 40 милиони евра. Оперативниот план опфаќа над 16 000 граѓани и негов фокус се младите и невработените. Воведени се нови обуки за преквалификација, со што се намалува јазот меѓу побарувачката и понудата на работна сила.
За да се заштити стандардот на граѓаните се направи скалесто ограничување на маржи за 102 групи производи, се спроведоа акции против инфлацијата како „Помалку трошоци, повеќе за тебе“ и „Есенска потрошувачка кошничка“, каде за 10% се ограничија маржи за 73 производи.
Во делот на детската заштита – на над 15 градинки им се издадени решенија за дејност и почеток со работа или им е обезбедена кадровска екипираност. Проширен капацитет за околу 1 500 деца (точно 1 461). Во тек се изградби/доградби/опремувања на 11 градинки, кои се очекува да се отворат во 2025. Со отворањето на овие објекти, капацитетот ќе се зголеми за над 1 100 деца...
Донесен нов Закон за енергетика, се реализираат инвестиции во овој сектор
Во делот на енергетиката, прв и најзначаен чекор е донесувањето на новиот Закон за енергетика – подготвен од домашни експерти, усогласен со европските директиви и поздравен од ЕУ и од Енергетската заедница.
Гасен интерконектор со Грција
Стартуваше изградбата на гасниот интерконектор со Грција во должина од 66,7 километри на потегот од Гевгелија до Неготино. Интерконекторот ќе има иницијален капацитет од 1,5 милијарди кубни метри гас годишно, со можност да се зголеми до 3 милијарди кубни метри.
Вредноста на изградбата на проектот е околу 3,7 милијарди денари (60 милиони евра). Средствата се обезбедени со два заема, еден од Европската инвестициска банка (ЕИБ) во износ од 28,9 милиони евра и друг од ЕБОР во износ од 45 милиони евра, како и инвестициски грант од 12,5 милиони евра преку ИПА-инструментот на Европската Унија.
Премиерот Христијан Мицкоски кажа дека преку реализацијата на овој проект, како и најавените поврзувања со гасоводните системи на други наши соседи, нашата земја станува значајна енергетска крстосница, поради што очекува дека ќе донесе конкретни придобивки за целиот регион, а пред сè за македонските граѓани и за домашната економија.
Тој нагласи дека овој гасоводен интерконектор со Грција ќе донесе нови извори на природен гас, стабилно снабдување за индустријата и за домаќинствата, пониски цени за граѓаните, поголема конкурентност за компаниите.
„Државава конечно станува дел од европската енергетска мрежа. Ќе изградиме 66,7 километри гасовод на македонска територија, со цевки со дијаметар од 700 милиметри. Почетниот капацитет од 1,5 милијарди кубни метри гас годишно ќе може да се зголеми до 3 милијарди. Тоа е енергија за раст. Тоа е гориво за економијата. Тоа е безбедност за иднината. Вкупната вредност на проектот е околу 3,7 милијарди денари или 60 милиони евра. Со поддршка на овој проект од Европската инвестициска банка, со Европската банка за обнова и со Европската Унија покажуваме дека можеме да направиме многу повеќе“, додаде Мицкоски.
Пуштен е во работа новиот 400/110 kv трансформатор во ТС Битола 2, а се работи на втора фаза – Ветерен парк Богданци. Вкупно, над 22 000 домаќинства ќе добијат посигурно и одржливо снабдување со електрична енергија. Вкупната финансиска рамка изнесува 37,6 милиони евра.
Во делот на земјоделието, во период од 12 месеци се исплатени заостанати субвенции и редовни исплати на земјоделците во износ од над 9 милијарди денари. Склучени се вкупно 967 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост со вкупна површина од околу 2 700 хектари. Откупувачите на тутун ја дополнија откупната цена од 375 на 400 денари за откупен тутун прва класа, се зголеми субвенцијата од 80 на 100 денари за килограм. По првпат се постигнати највисоки откупни цени за двете најзастапени вински сорти грозје – вранец и смедеревка.
Инфлацијата и животниот стандард – предизвик за граѓаните
Иако е обезбедена макроекономска стабилност, граѓаните сè уште се соочуваат со драстично покачени цени на основните продукти. Предизвиците остануваат, а тоа е подобрување на животниот стандард на граѓаните. Дел од експертите укажуваат дека економските промени мора да бидат поддржани со долгорочни стратегии. Потребни се системско зајакнување на институциите, транспарентност во трошењето и подобра предвидливост на економските политики.
