Каков говор употребуваат политичарите во изборната кампања? Политичкиот јазик е тензичен и манипулативен, со вербален напад кон противникот. Политичките говори го креираат јавното мислење, влијаат на развојните процеси, а најчесто се користат за целите на убедување и уверување на слушателите. Најголема употребна вредност на политичките говори во скоро време се праќање политички пораки кон противникот.
Ваквата политичка реторика е индикатор за општеството во кое живееме. Предизборно на граѓаните им се ветува сѐ и сешто во борба за глас повеќе. Но, поголем дел од гласачите веќе се определени за кого ќе гласаат. Народот сака да види што им се нуди конкретно на кампањите и прави процена дали се проектите реални или станува збор само за изборен популизам.
Дали треба воопшто да се промовира зголемување на платите во време кога е инфлацијата енормно висока? Мнозинството граѓани немаат зголемување на стандардот туку континуирано осиромашуваат.
Но, кому му е гајле за народот, за оној што врзува крај со крај и чиј глас е важен само пред избори? Очигледно и оваа „битка“ за заштита на стандардот е повторно веќе виден популизам пред избори.
Дали ќе гласаат граѓаните „ЗА“ или „ПРОТИВ“? Контурите на расположението кај гласачите ќе се забележат на првиот круг од претседателските избори закажани за 24 април, а конечниот епилог ќе се знае на 8 мај.