Високата инфлација си го направи своето – граѓаните сѐ повеќе осиромашуваат. Со месечната плата може да се купат сѐ помалку производи, а по плаќањето на сметките за комуналии, кои исто така поскапеа, не останува речиси ништо, ниту за трошење ниту за штедење. Од друга страна, продавачите тријат раце. Дел од нив, инспекцијата ги фати како заработуваат врз грбот на населението, но многумина поминаа неказнето. Има и такви чии трошоци толку многу се зголемија, што ги доведоа на работ на рентабилноста. Пазарџиите и земјоделците останаа во убедливо најлоша положба. И покрај субвенциите, народот нема пари да купува како порано, па родот се откупува по багателни цени. Во меѓувреме, власта се фали дека просечната плата расте и ќе продолжи да се зголемува, но таа ни од далеку не е доволна да го следи во чекор енормниот раст на инфлацијата.
Храната поскапе за 27%
НАЈМНОГУ ПОСКАПЕ ХРАНАТА
Изминатата година заврши со инфлација од дури 14,2% - најголема во последниве 28 години. Додека другите држави, односно тамошните влади презедоа подрастични чекори за намалување на цените, ние се одлучивме само за замрзнување на маржите на трговците, потег што и немаше толку голем ефект. Затоа и Македонија се најде на врвот на неславната листа на држави со највисока инфлација во регионот.
Притоа, најмногу поскапе токму тоа на што и најмногу се трошат парите – храната. Фрапантни се податоците дека за 12 месеци, во декември било регистрирано зголемување на цените на храната и пијалаците за над 27%. Очекувано, за околу 20-тина проценти изнесува и зголемувањето на цените во рестораните и во хотелите. Поскапо било и да се платат сметките. За една петина повеќе пораснале трошоците за комуналии – за домување, вода, електрична енергија, гас и други горива. За 16,7% е поскапо да се купи мебел и покуќнина. Трошоците за сите видови превоз се зголемени за 16%.
Колку се покачиле цените на основните прехранбени продукти за 12 месеци? Убедливо најголемо зголемување има кај лебот – за над 40% во просек. Месото било поскапо за 28%. Цените на млекото, сирењето и јајцата биле повисоки за 36% во декември лани споредено со истиот месец во 2021 година. За масло за јадење сега треба да се издвојат за 24% повеќе пари. За околу 14% се покачиле цените на разните овошја и зеленчук. И рибата поскапела за 17%. За дваесетина проценти повеќе се продаваат и кафето, какаото и чаевите. Шеќерот, џемовите, мармаладите и разните кондиторски производи сега се продаваат за околу 19% поскапо. Подлабоко во џебот треба да се „брцне“ и за разните акцизни стоки, како што се на пример, цигарите и алкохолните пијалаци.
ПАЗАРНАТА ИНСПЕКЦИЈА ВО ЈАНУАРИ НАПИШАЛА КАЗНИ ОД ВКУПНО ДЕВЕТ МИЛИОНИ ДЕНАРИ
Очекувано, дел од маркетите и продавниците ги зголемија цените, но различно. Често може да се види низ полиците на различни купопродажни објекти како еден ист производ од ист производител се продава со различни цени, а споредбената разлика во цените не е воопшто за занемарување. Еден подолг период од неколку месеци, пазарната инспекција ретко кога казнуваше и покрај неправилностите. Опомените беа најчеста санкција за прекршителите на разните закони и правилници. Сепак, забележливо е по стартот на 2023 година како контролите се почесто завршуваат со пишување глоби за компаниите и за нивните раководни лица.
Државниот пазарен инспекторат во минатиот месец спровел повеќе од 1.500 надзори на цела територија на Македонија, при што за констатираните прекршоци на субјекти им се издадени прекршочни платни налози во вредност од над 9 милиони денари. Над 30 прекршочни платни налози се издадени според Закон за трговија, над 100 според Законот за финансиска дисциплина, над 40 во врска со Законот за заштита од пушењето, над 10 се за Законот за заштита на потрошувачите и над 20 прекршочни платни налози се за прекршоци во однос на Законот за вршење угостителска дејност.
„Државниот пазарен инспекторат врши континуирани инспекциски надзори и кај трговците на големо и кај трговците на мало во делот на почитување на Одлуката за посебни услови за трговија на одделни стоки односно за ограничување на маржата. Се санкционира секое отстапување од највисоко утврдената маржа од 5 отсто и 10 отсто во трговијата на мало и во трговијата на големо. Според оваа Одлука за ограничување на маржата кај основните прехранбени производи, во јануари се извршени над 300 инспекциски надзори и не се забележани отстапувања од предвидените ограничувања за маржата“, соопштуваат од Државниот пазарен инспекторат.
КОЛКУ Е НАВИСТИНА ГОЛЕМО ПОСКАПУВАЊЕТО?
Без разлика на разните статистики и бројки, она што најмногу ги интересира граѓаните е колку повеќе треба да платат денеска при една најобична неделна набавка на производи во некој маркет или продавница споредено со истиот месец лани. Купувачите се жалат дека поскапувањата се далеку поголеми од оние кои ги регистрира државната статистика. Едноставно, поради примањата што стагнираат, поголем дел од населението најчесто ги купува најевтините брендови од некои производ, а токму кај нив се забележувал најголем раст во цените.
Да тргнеме од лебот, кој до пред една година вообичаено се продаваше за околу 35 денари. Најевтиниот обичен бел несечен леб можеше да се најде и за 24 денари за векна. Сега, пак, најниската цена на ваков леб која може да се забележи низ маркетите изнесува 32 денари. Дополнително на тоа, и самата векна тежи помалку или за околу 200 грама е „полесна“ споредено со лани. Белиот леб сечен на парчиња во просек сега чини од 45 до 50 денари. Ако, пак, специјалните лебови од ’рж, сончоглед, хељда и слично можеа да се најдат до 80 денари, сега некои достигнуваат и цела „стотка“. Не треба ниту да се потенцира дека во ваков случај, најевтините лебови се купуваат прво, па не ретко полиците зјаат празни, додека поскапите специјални видови остануваат непродадени целосно.
БЕЛ ЛЕБ | 2022 (ЈАНУАРИ) | 2023 (ЈАНУАРИ) |
НАЈНИСКА ЦЕНА | 24 ДЕНАРИ | 32 ДЕНАРИ |
ПРОСЕЧНА ЦЕНА | 35 ДЕНАРИ | 45 ДЕНАРИ |
НАЈВИСОКА ЦЕНА | 80 ДЕНАРИ | 98 ДЕНАРИ |
Слично се случи и со цените на млекото. Тие еден период достигнаа речиси 80 денари. Сѐ уште има производители кои ги имаат истите цени, но се чини по воведувањето субвенции на струјата за прехранбените компании во декември, дел од нив „се опаметија“, па ги спуштија цените и под 60 денари (најниска цена). Горе-долу, слична е состојбата и со цените на другите млечни производи, како на пример, јогуртот, павлаката, кајмакот, кашкавалот и сирењето.
ЦЕНА | 2022 | 2023 |
МЛЕКО 1Л. 3,2 ММ | 48 ДЕНАРИ | 70 ДЕНАРИ |
ЈОГУРТ 1Л. | 52 ДЕНАРИ | 70 ДЕНАРИ |
КАЈМАК 250 ГР. | 70 ДЕНАРИ | 84 ДЕНАРИ |
ОВОШЕН ЈОГУРТ 400МЛ. | 36 ДЕНАРИ | 55 ДЕНАРИ |
КАШКАВАЛ КРАВЈИ 1КГ. | 300 ДЕНАРИ | 480 ДЕНАРИ |
СИРЕЊЕ КРАВЈО 1КГ. | 260 ДЕНАРИ | 355 ДЕНАРИ |
Кога е во прашање сончогледовото масло за јадење, за овој производ имаше најмногу полемики, особено минатата пролет, кога цените екстремно се вивнаа нагоре. Граѓаните испаничија, па почнаа да трупаат залихи, а шишињата масовно почна да ги снемува од рафтовите. Чести беа и злоупотребите од страна на самите трговци, кои намерно ги чуваа залихите во магацините, очекувајќи за ден-два да ги продадат поскапо. Со тек на време, цените колку-толку се стабилизираа и се зацементираа на едно просечно ниво од околу 110 денари.
Поскапеа и јајцата, пакување од 10 јајца некаде чини и до 150 денари. Кога е месото во прашање, поскапувањата се неколкукратни. Прво, свежото месо и месните преработки секако поскапуваа и пред војната во Украина, а воениот конфликт само ја влоши состојбата. Преработувачките капацитети бараа Владата да ги укине давачките за увоз на замрзнато свежо месо за да може да поевтинат сувомеснатите производи. Тоа не се случи, а најавите засега се дека нема ниту да стане реалност во догледна иднина, затоа што, како што рече еден стопанственик, директно му било кажано дека во буџетот нема пари за да им се помогне на сите. Засега цените се движат во нагорна линија, па граѓаните мораат да купуваат месо на попуст, акција и слично. Споредено со лани, цените само за еден продукт се зголемени од 50 до над 100 денари. Во продолжение, од табелата можете да ги проследите последните цени на месото и месните преработки од домашно производство и увоз, и тоа на викенд акција во поевтините маркети низ главниот град.
ЦЕНИ НА МЕСО И НА МЕСНИ ПРЕРАБОТКИ ВО ФЕВРУАРИ 2023 ГОДИНА
ЧАДЕН СВИНСКИ ВРАТ | 480 ДЕНАРИ | СВИНСКА ПЛЕШКА БЕЗ КОСКА | 370 ДЕНАРИ |
ПИЛЕШКИ КОПАН СО НАДКОПАН | 220 ДЕНАРИ | ЈУНЕШКА ПЛЕШКА БЕЗ КОСКА | 670 ДЕНАРИ |
СВИНСКА КРЕМЕНАДЛА | 320 ДЕНАРИ | СЛАНИНА ДЕЛИКАТЕС | 650 ДЕНАРИ |
ПОСЕБНА САЛАМА ВУДИ | 160 ДЕНАРИ | ШУНКА | 270 ДЕНАРИ |
КОЛБАС ПИКНИК | 230 ДЕНАРИ | ЗАМРЗНАТ СВИНСКИ БУТ | 260 ДЕНАРИ |
КОЛБАС ПИЛЕШКИ СВЕЖ | 290 ДЕНАРИ | МЕШАНО МЕЛЕНО МЕСО | 270 ДЕНАРИ |
КУЛЕН, ЧАЈНА 300 ГР. | 120 ДЕНАРИ | СВЕЖ ПИЛЕШКИ СТЕК | 410 ДЕНАРИ |
СВИНСКО КАРЕ | 300 ДЕНАРИ | ТЕЛЕШКИ МУСКУЛ | 550 ДЕНАРИ |
Поскапувања има и кај производите за лична хигиена, козметика и средствата за чистење, иако не толку многу како кај храната и кај пијалаците. Па така, ако до пред една година 3 килограми прашок за перење чинел околу 270 денари, денеска за истата количина ќе треба да се одвојат најмалку 340 денари. Еден од најмногу купуваните брендови на омекнувачи за алишта, во февруари лани чинел 170, а денеска 260 денари. Најобичен освежувач за тоалетна школка, на пример, поскапел за 30 денари или за дури 50%. Еден од поевтините шампони за бебиња поскапел од 80 на 120 денари. Енормно поскапување има и кај пелените за бебиња. Марка од најголемиот број на пелени (6) која пред 12 месеци чинела 530 денари, сега се продава за 200 денари поскапо или за 730 денари за пакување од 60-тина пелени. Помалите пакувања од 20 пелени во еден скопски маркет за само една година поскапеле од 125 на 165 денари. Една од најмногу купуваните пасти за заби се продава за над 50% поскапо, додека цената на хигиенските влошки се зголемила од 125 на 165 денари.
ПРОИЗВОД | 2022/2023 | ПРОИЗВОД | 2022/2023 |
ПРАШОК ЗА ПЕРЕЊЕ | 270 ДЕН. /340 ДЕН. | ПЕЛЕНИ ЗА БЕБИЊА (20) | 125 ДЕН./165 ДЕН. |
ОМЕКНУВАЧ ЗА АЛИШТА | 170 ДЕН./260 ДЕН. | ПАСТА ЗА ЗАБИ | 80 ДЕН./135 ДЕН. |
ОСВЕЖУВАЧ ВЦ ШКОЛКА | 65 ДЕН./93 ДЕН. | ХИГИЕНСКИ ВЛОШКИ | 125 ДЕН./165 ДЕН. |
ШАМПОН ЗА БЕБИЊА | 80 ДЕН./120 ДЕН. | БЕБЕШКА КАШИЧКА (200ГР) | 65 ДЕН./80 ДЕН. |
ПЕЛЕНИ ЗА БЕБИЊА (58) | 530 ДЕН./730 ДЕН. | ВЛАЖНИ МАРАМИЦИ (3) | 165 ДЕН./225 ДЕН. |
ЗЕЛЕНИ ПАЗАРИ – ТРГОВЦИТЕ СЕ ЖАЛАТ, ТЕЗГИТЕ СЕ ПРАЗНАТ
Изгор скапо не е само во маркетите и во продавниците, туку и на зелените пазари. Се празнат тезгите, трговците се жалат дека муштерии има се помалку, а граѓаните барем оние кои купуваат, реагираат дека парите им ги изела инфлацијата. Ваква е сликата од терен, каде што јасно се гледа дека прометот на пазарџиите им е опаднат, зашто скапотијата си го направила своето. Се жалат дека давачките им се превисоки, поради што тешко опстануваат, а дел од нив размислуваат и да ги напуштат тезгите.
„Пазарот се намали, ова веќе не го бива, нема луѓе, нема кој да работи, тезгите се празнат од ден во ден. Прометот е опаднат, а давачките се превисоки. Вкупните месечни давачки надминуваат 20.000 денари, поради што тешко опстануваме, а некои од нас размислуваат и да ги напуштат тезгите“, велат пазарџиите.
Граѓаните, пак, се жалат дека цените сѐ уште се превисоки.
„Цените се напумпани, па сега ко божем има акција. Сѐ е скапо. Скапотија невидена. Се чудам дали да купам брашно. Разгледував од сите фирми, 59 денари килограм брашно. Да се мисли човек дали да купи. Па на што личи тоа?“
„Нема ништо намалено, но забележав дека дел од продуктите кои мене ми се неопходни се поскапени“, реагираат граѓаните.
Надлежните упорно уверуваат дека кога ќе се потрошат залихите останати по магацините по старите повисоки цени, ќе следи пад и минимално поевтинување на некои продукти.