Илинден е кодот на македонскиот народ – знаеме ли да го почитуваме и да го вреднуваме?

Централна манифестација за одбележување на Илинден на Мечкин Камен.

Македонија во својата историја има три Илиндени, првиот во 1903 година, вториот во 1944-та и третиот во 1991 година. Но, најзначаен за македонската историја е на 2 август 1903-та бидејќи да не беше тој, немаше да ги имаме и другите два. Илинденското востание и Крушевската Република, иако траела само 10 дена, го покажуваат стремежот на Македонците да имаат сопствена држава, во која како што вели Манифестот, ќе живеат заедно Македонци, Власи, Албанци и сите други што живееле на оваа територија.

Уште пред 100 и повеќе години, нашите предци имале визија за заедништво, за тоа дека Македонија треба да биде дом на сите народи и вери, повеќе од еден век пред да бидат измислени Рамковниот и сите други договори што нѐ „учат“ како да го градиме она што денеска модерно се нарекува мултиетничко општество.

Иако ехото од Илинден нѝ одекнува уште од претходниот век, прашање е колку ја научивме пораката од Гоце Делчев, Питу Гули, Даме Груев, Јане Сандански, дека во својот идеал мораш да веруваш и за него мора да се бориш. Во тогашните воени и политички околности, малку било веројатно дека Османлиската Империја нема да ги задуши Илинденското востание и првата република на Балканот, Крушевската. Но, нашите Илинденци сакале да се слушне гласот на Македонците за своја држава, која дојде дури со Заседанието на АСНОМ, а конечно беше заокружена со референдумот за независност од Југославија.

Mакедонија има многу важни датуми во историјата, но Илинден е најзначајниот. За да се согледа во какви услови беше подготвувано востанието пред Илинден, добро е да се знае дека на почетокот на 20-иот век, македонскиот народ – меѓу ретките во регионот – немаше своја држава што ќе го заштити од влијание од Исток, поточно од Бугарија, која до ден денешен сака да го присвои востанието како свое и да го нарече Преображенско востание, а сето тоа да биде одобрено од некаква историска комисија. Договорот за т.н. добрососедство е типичен пример за едностран договор во кој едната страна, македонската, ги има сите обврски, а другата – речиси никакви. И сето тоа за некаква повисока цел, почеток на преговори со Европската Унија, без јасни гаранции дека некогаш ќе станеме членки. 

Македонецот – како тогаш, така и сега – е жртва на балканските национализми, кои го негираат и го присвојуваат неговиот јазик и историја.

На Македонецот со векови му се наметнуваше дека не е достоен да има своја држава за да стане лесна цел за балканските националисти, кои водеа шовинистичка политика и се стремеа кон припојување на Македонија кон нивните држави. За среќа, тоа не им успеа, и сега Македонецот има своја држава. Сега треба да гледаме напред кон иднината, но да не заборавиме на минатото, бидејќи – како што се вели – народ што не си ја знае и не си ја почитува историјата е осуден на пропаст.

Затоа е особено важно младите да ја знаат важноста на Илинден. Ако се гледа според една неодамнешна анкета, тие воопшто не знаат или многу малку знаат за тоа што се случило на 2 август 1903 година.

Но, не се виновни младите туку нашето образование, кое недоволно прави да им пренесе и да им укаже зошто е Илинден нашето национално ткиво.

Прослава на Илинден на Мечкин камен, главен носител на програмата беше „Танец“.

Прослава на Илинден на Мечкин камен, главен носител на програмата беше „Танец“.

Треба сериозно да ги зацврстиме темелите на она што е традиција во одбележувањето и во оддавањето чест кон Илинден. Сегашниот однос е, да речеме летаргичен, што пак води во опасност од млади генерации неподготвени за идентитетска определба. Може да се каже дека на Илинден се сеќаваме неколку дена пред 2 август, а забораваме веќе на трети.

Крушевскиот манифест ни ја носи пораката кон која треба да се стремиме, да ја браниме и да ни биде една од првите лекции во образованието. Наместо тоа, поранешната власт ја избриша историјата како одделен предмет и ја спои со другите општествени науки. Најавите се дека за следната учебна година, тоа ќе биде исправено.

Илинден и Крушевската Република се дел од нашата химна. Зборовите во неа се толку силни што не би требало да има граѓанин што не се препознава во нив. Затоа е важно да го чуваме и да негуваме споменот на Илинден – бидејќи тој е кодот на македонскиот народ.

Затоа, како и секоја така и оваа, Илинден на големо се славеше на Мечкин Камен, каде што Премиерот Христијан Мицкоски истакна пред граѓаните дека илинденците и партизаните се бореа со оружје за слобода, а ние со ум, визија и со енергија.

Прво илинденско обраќање на премиерот Христијан Мицкоски на Мечкин Камен.

Прво илинденско обраќање на премиерот Христијан Мицкоски на Мечкин Камен.

На почетокот на говорот, го цитираше Гоце Делчев, кој рекол: „Јас не сакам востание со луѓе што ќе ме напуштат при првиот неуспех! Јас сакам револуција со кадарни граѓани подготвени да ги понесат сите искушенија на една долготрајна борба“. Овие големи зборови, Мицкоски ги опиша како ехо на овогодишниот илинденски слоган „Борбата трае“ коментирајќи дека таа борба за слобода, правда и за подобра иднина бара истрајност, храброст и единство. Уште еден цитат во говорот на Мицкоски беше оној на британскиот премиер Винстон Черчил, кој своевремено рекол: „Крајот на една ера значи почеток на нова“. Најдоброто нешто што можеме да го направиме е да ја прифатиме промената со надеж и да се стремиме кон подобра иднина, истакна Мицкоси.

Илинден е вечната борба за слобода, Илинден е нашата Македонија!

На прославата за Илинден и оваа година беше присутна делегација на Универзитетот Скопје, предводена од ректорот проф. д-р Аце Миленковски. Миленковски најпрво му оддаде почит на Никола Карев, претседателот на славната Крушевска Република, положувајќи свежо цвеќе во Македониумот.

Делегација на Универзитетот Скопје предводена од ректорот на Универзитетот Скопје, проф. д-р Аце Миленковски, на Мечкин Камен.

Делегација на Универзитетот Скопје предводена од ректорот на Универзитетот Скопје, проф. д-р Аце Миленковски, на Мечкин Камен.

Потоа, ректорот Миленковски, со длабок поклон кон херојското дело на паднатите борци од месноста Слива, Крушево, положи свежо цвеќе ветувајќи дека нашата скапа слобода вечно ќе ја чуваме. 

Од месноста Слива, делегацијата на Универзитет Скопје положи цвеќе и на Мечкин Камен.

„Горди и достоинствени на Мечкин Камен, на најголемиот национален празник Илинден, Денот на Републиката! Овој ден, овој голем ден за Македонците, претставува светилник на храброста и на слободољубивиот дух на нашите предци. Аманетот вечно ќе го чуваме“, порачаа од Универзитетот Скопје. 

Денешните политичари може многу да учат од илинденците и од партизаните. Но најважната работа што мора да ја научат дека така како што сами се ослободивме од тогашните окупатори, без ничија помош, така сами треба да ја градиме Македонија и сега, во држава во која гласот на обичниот човек, без разлика на вера таи националноста, ќе биде најважен.

Делегација на Универзитетот Скопје положи свежо цвеќе во Македониумот.

Делегација на Универзитетот Скопје положи свежо цвеќе во Македониумот.

Делегација на Универзитетот Скопје положи свежо свеќе на споменикот во месноста Слива.

Делегација на Универзитетот Скопје положи свежо свеќе на споменикот во месноста Слива.

Image
Newsletter