Инфлацијата го „изеде“ животниот стандард

Инфлацијата го „изеде“ животниот стандард
Платите во Македонија растат, но џебовите на граѓаните од ден на ден се сѐ попразни. Причините треба да се бараат во инфлацијата. Цените, почнувајќи од тие на најосновните прехранбени производи, па сѐ до цените на суровините за потребите на странските компании во индустриските зони, за краток временски период се вивнаа до небо. Порастот на цените поради војната во Украина почна со поскапувањето на енергенсите и на горивата, продолжи со цените на храната, а кога ќе заврши, никој не знае. Експертите сугерираат дека ова ќе биде исклучително тешка година на економски план и дека стагфлацијата на економијата е речиси неизбежна.

Инфлацијата го „изеде“ растот на платите. Токму кога 80 илјади граѓани се израдуваа дека во април ќе примат повисока минимална плата за март за речиси три илјади денари, односно 18 илјади денари, сите надежи им ги сруши галопирачката инфлација. За само неколку недели, она што на почеток се чинеше како мал пораст во цените, стана сериозен проблем за семејниот буџет, за инвестициските планови на компаниите и, во крајна линија, за државата. Кога цената на струјата и на топлинската енергија енормно пораснаа, што требаше да предизвикаат неколкукратно покачување на сметките за домаќинствата, Владата реагираше со помош кон енергетските компании. Сепак, се чини дека тешко ќе го заузди забрзаното покачување на цените на нафтата, гасот и на храната.

Криза со сончогледово масло за јадење

Сончогледово масло за јадење речиси и да не можеше да се најде во македонските маркети. Сагата траеше предолго. Илјадници граѓани секој ден мораа уште од утрината да вршат обиколка низ маркетите и низ продавниците за да најдат само еден литар масло. Следеше недостиг или енормно поскапување и на другите производи како шеќерот, млекото, месото, брашното итн. Револтот на населението го достигна максимумот за време на велигденските и на првомајските празници. Наместо да ја подготвуваат трпезата за славење со семејството, граѓаните во огромни гужви гледаа на што поевтин начин да ги истуркаат празниците. Цените беа „изгор“ – табла јајца се продаваше и по 270 денари, а јагнешкото месо чинеше околу 450 денари за килограм. Притоа, ретко која месарница продаваше парчиња помали од 2 кг. Доматите се продава од 160 до 200 денари, краставиците надминаа 100 денари, килограм зелка 35, марулата 30 денари, додека пак младиот компир чинеше 90 денари за килограм. Трговците, пак, се правдаа дека купувале поскапо, па морале и поскапо да продаваат.

„Сѐ е поскапено, мислам дека оваа година е најскапо до сега, но тоа е што е, мора да се издржи“.

„Поскапено е маслото, беше 95 денари сега е 133 денари“.

„Сѐ е поскапено. Дојдено е дотаму што мораме да штедиме на храна“ – велат граѓаните.

Не беше само храната. И цените на горивата за краток временски период се вивнаа нагоре. За првпат се случи литар дизел да се продава по дури 97 денари, а во неколку наврати да биде дури и поскап од бензинот од 95 октани. Брза алтернатива за руската нафта нема, па цените останаа „зацементирани“ на новите повисоки нивоа и со постојано варирање нагоре. За да го ублажи ценовниот шок и за да спречи долги редици од возачи што побрзаа на бензинските да „наточат“ колку-толку поевтино гориво, Регулаторната комисија за енергетика одлучи да ја одредува цената на дневно ниво.

Инфлацијата ги испразни полиците во маркетите

Инфлацијата ги испразни полиците во маркетите | извор: haszon.hu

Мерки на Владата против инфлацијата

За да ги намали ценовните притисоци, и владата донесе неколку мерки, меѓу кои и намалување на акцизата и ДДВ-то за нафтените деривати, нула отсто ДДВ за основните прехранбени производи, 5% ДДВ за електрична енергија, прво замрзнување на цените на храната, а потоа ограничување на маржите на трговците на големо и на мало.

Сетот мерки што ги усвои Владата е проценет на 400 милиони евра, од кои 100 милиони се откажување од приходи планирани во Буџетот, додека 300 милиони се буџетски расходи.

Токму намалените маржи го направија и најголемиот проблем. Додека се чекаше Србија да дозволи привремен извоз на сончогледово масло кон Македонија, се утврди дека кризата со сончогледовото масло за јадење е вештачки создадена. Масло во магацизните имаше, но трговците намерно не го продаваа поради помалата разлика во цената што ќе ја имаат до крајот на мај.

Министерот за економија Крешник Бектеши се сомневаше дека оние што купуваат цели пелети масло имаат намера во време на забранет извоз да го препродаваат поскапо на домашниот пазар и да го шверцуваат во странство. Им наложи на маркетите да продаваат по еден литар масло по човек во едно домаќинство. Инспекторите излегоа на терен, но поголеми нерегуларности не открија.

Трошоците за живот повисоки за 8,8%

„Празните џебови“ ги потврди и државната статистика. Трошоците на живот во март биле зголемени за 8,8 проценти во споредба со март лани, а цените на мало за 9,6 проценти. Во однос на февруари, има зголемување за 1,6 проценти, а кај цените на мало за 1,5 проценти. Убедливо најмногу поскапела храната, дури 11,4 проценти во однос на истиот месец лани. За само еден месец, пак, млекото поскапело за 7,3 проценти, јајцата за 6 проценти, свежото и разладеното овошје за 5,9 проценти, лебот и житата за 5 проценти, пивото за 2,9 проценти, маслото за 1,7 проценти, месото, минералната вода, газираните пијалаци, соковите од овошје и зеленчук за 1,3 проценти, кафето, чајот, какаото за 1,2 проценти. Пораст е забележан и кај гасот за домаќинствата за 8,2 проценти, кај течните горива за домаќинствата за 8,1 процент, кај горивата за превозните средства за 6,1 процент.

јаболка

извор: pinterest.com

Интервентен фонд за спас на земјоделството?!

За да ja спаси колку-толку сезоната и за да го надомести недостигот од житни и индустриски култури, Министерството за земјоделство реши да субвенционира набавка на ѓубриво и зелена нафта, како и да понуди 6 илјади хектари земјоделско земјиште што зјае необработено и празно за одгледување на 10-тина култури. Земјоделците ја оценија мерката како задоцнета. Садењето заврши, па доцната сеидба ќе ги намали приносите, што значи дека мерката ќе нема некои големи ефекти.

„Ова е лоша политика, едноставно задоцнети ни се мерките. Тие треба да бидат сега, веднаш, а не по неколку месеци. Ние не сме партиски, ние сме само земјоделци, особено нашите здруженија. Затоа државата не треба да ги политизира работите, зашто сѐ паѓа на наш грб“, вели Тони Ангелевски од земјоделското здружение „Жолто тутунско злато“.

Дел од земјоделците од пелагонискиот регион излегоа и ги блокираа патните правци за да алармираат дека состојбите стануваат драматични.

„Дојдени сме до клиничка смрт на земјоделието. Храната ќе биде страшно скапа, ќе јадеме храна од сомнителен квалитет. Ќе имаме страшни проблеми“, предупредија на протестот.

Во екот на војната меѓу Русија и Украина, меѓу најпогодените се најдоа извозниците на јаболка од преспанско и на праски од Росоман. Едноставно, за само неколку дена ги изгубија целосно веќе договорените традиционални пазари во овие две држави. Откупната цена на јаболката достигна ново минимално ниво од два денари за килограм. Главен купувач е Србија. Тоа е драстично помалку од производната цена од 15 денари. Загубите им достигнуваат и до 70%. Гневни се бидејќи државата ги оставила на цедило, без да обезбеди алтернативни пазари.

„Не е само Русија земја каде што може да се даде јаболкото. Низ целиот афрички континент сигурно немаат јаболка, а имаат, на пример, нафта. Значи, можеа да направат компензирање или друго, ама никој од власта не мисли за народот, за земјоделците, во тоа е работата. Оваа година има многу луѓе што ги оставија овошните насади. Ако вака остане состојбата како што е, никој нема да го работи јаболкото. Околу четвртина од овошките повеќе не се работат, не се кројат. Со Русите ни беше најдобро, зашто ни го откупуваа во време на бербата“, вели јаболкопроизводител од сeло Јанкоец, ресенско.

Поскапен увоз на материјалите

И додека постојано се чекаше соседна Србија да ги крене рампите за извоз на многубројни земјоделски производи за да се надмине недостигот од пазар во Македонија, бизнисот „изгоре“. Зголемените трошоци за набавка на репроматеријали, суровини и полупроизводи и затворањето или намалената работа на трговските партнери и тоа како удри врз компаниите. Прв сектор на удар очекувано беше градежништвото. Здружението за градежништво регистрира скок на цените на градежните материјали, кој за одделни производи се искачи речиси до 200 отсто. Повеќекратно зголемување има кај песокот, цената на циглите порасна за 40 отсто, железото над 60, а стиропорот за 50 отсто. Најголемо поскапување има кај челичните профили од над 130 отсто. Градежниците побараа намалување на ДДВ-то од 18% на 5% или негово укинување и воведување на т.н. „лизгачка скала“, односно промена во цените што ги постигнале на тендерите согласно поскапувањето на материјалите. Предупредија дека ако не се измени ова, ќе сопрат дури 80 отсто од градежните активности на капиталните проекти од јуни. Засега се без одговор од ресорното министерство за финансии.

Поскапеа и мебелот и материјалите за реновирање на домовите. Ако пред една година можеше да се нарача орман долг два и пол метри со вообичаена висина и обични врати за околу 500 евра, сега цената е неколкукратно поголема, односно не е пониска од 800 евра. Тендите, пак, за терасите се поскапени за 30 отсто до 40 отсто.

Не помалку се погодени и странските инвеститори во земјава. Дел од нив што работат за автомобилски гиганти, веќе работат со помалку работници, со помалку смени и со застој во викендите. И странските и домашните фирми бараат нов пакет мерки, главно поддршка за исплата на плати, за да можат да ги задржат вработените.

grafikon-tema.jpg

Заострување на монетарната политика

Освен мерките на Владата, реагираше и Народната банка. Одлучи да ја заостри монетарната политика. Ја зголеми основната каматна стапка од 1,25% на 1,5% како одговор на очекувањата дека инфлацијата во земјава уште ќе расте. Тоа секогаш е сигнал дека ќе се зголемат каматите на кредитите, но и на штедните влогови што ги имаат граѓаните и фирмите во банките. За експертската јавност овој потег беше логичен иако дојде малку порано од очекуваното. Вообичаена практика е македонската централна банка да го стори тоа, но откако претходно на европско ниво ќе реагира и Европската централна банка. За аналитичарите, нормално беше да дојде до ова за да се намали обемот на пари во економијата и за да се заузди инфлацијата. Сепак, мерката ја оценија како блага – покачувањето било минимално, очекувале поостра реакција. Народната банка не ја исклучи можноста повторно да ја подигне каматата во нагорна линија.

Поради поскапите пари, банките ќе бидат повеќе стимулирани да запишуваат благајнички записи како посигурни пласмани отколку да даваат кредити на осиромашеното население и фирми. Сепак, ако земе инфлацијата уште поголем замав, Народната банка ќе треба поостро да реагира.

„Се разбира дека ако продолжи ситуацијата со цените да станува посложена и ако се забрзува инфлацијата според очекувањата, тогаш Народната банка ќе може да искористи некоја ‚потешка' артилерија како, на пример, зголемување на задолжителната резерва на банките. Сите овие мерки се насочени кон намалување на кредитирањето и на побарувачката за кредити. Ова нормално негативно ќе влијае на инвестициите и на економскиот раст“, вели Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи.

Банките прават пресметки

Деловните банки интензивно прават пресметки дали и за колку ќе ги поскапат кредитите на новите, но и на веќе земените кредити. Ќе се зголемат каматните стапки на станбените и на потрошувачките кредити, кредитните картички, дозволениот „минус“ и на низа банкарски услуги. Единствено ќе куртулат оние со фиксни камати. Тоа се загарантираните камати, кои обично се пресметуваат првите неколку години од кредитот. Сепак, за разлика од пред неколку години, голем број деловни банки понудија и дадоа станбени кредити со фиксна камата во времетраење од цели 10 години.

„Вообичаена практика е промената на каматните стапки да не важат за фиксни каматни стапки до периодот на важност на договорот за кредит и доспевање на депозитот“, велат од Здружението на банките.

Од Организацијата на потрошувачи ги повикаа граѓаните да ги прочитаат договорите што ги склучиле со банките.

Анита Ангеловкса Бежоска, Гувернерка на Народната банка

Анита Ангеловкса Бежоска, Гувернерка на Народната банка

Драстично намалување на штедењето во банките

Поради големата неизвесност и инфлацијата, последниве месеци се заострија реакциите дека денарот како домашна валута губи од својата вредност. Граѓаните почнаа да ги префрлаат своите заштеди од денари во евра или некоја друга валута, а голем дел од нив и целосно да ги повлечат од банките. Едноставно кажано, „да ги чуваат под перница“ или пак да ги инвестираат во недвижности и посигурни хартии од вредност кои носат дивиденда.

Податоците од Народната Банка покажуваат дека од штедните влогови на граѓаните во денари, биле повлечени дури 117,5 милиони евра, и тоа само во март годинава.

На крајот на февруари, денарските депозити на домаќинствата во банките изнесувале 2,4 милијарди евра, додека на крајот на март се спуштиле на 2,3 милијарди евра. Од овие 117 милиони евра, 28,4 милиони евра од денарските депозити биле претворени во евра, односно во март за толку пораснале штедните влогови во странска валута. Дури 89 милиони евра биле целосно повлечени од банките.

Ваквите големи промени кај депозитите беа директно предизвикани од војната во Украина, односно психозата што се појави кај населението и бизнисот дека нивните заштеди ќе пропаднат. Монетарната власт смирува дека овој страв е неоправдан и дека не се планира надолна промена на вредноста на домашната валута.

„Не треба да постои никаква загриженост во однос на стабилноста на курсот на денарот.

Централната банка веќе повеќе од две децении успешно ја одржува стабилноста на домашната валута во однос на еврото, вклучително и во многу кризни епизоди низ кои поминале земјата и економијата. Ова е јасна потврда за капацитетот и адекватниот инструментариум што го има нашата централна банка“, рече гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска Бежоска.

Сите држави имаат раст на инфлацијата

Додека во земјава трошоците за живот се поголеми за 8,8%, ништо поразлична не е ниту сликата во другите држави.

Во Германија најголема инфлација по обединувањето

Во нашиот најголем трговски партнер, Германија, регистрирана е рекордна стапка на инфлација во март од 7,3% на годишно ниво, додека во февруари изнесуваше 5,1%, што е најбрзата стапка од обединувањето на Германија.

Инфлацијата веќе има двоцифрен број во многу европски земји (11,9% во Холандија во март, 14,8% во Естонија и 15,6% во Литванија). Во екстремни случаи како Турција, инфлацијата се искачи до над 60% во март, како и во Русија за 16,69%.

Според последните проценки, во март во 2022 година, цените пораснале за 9,3% во Белгија, 9,8% во Шпанија, 7,9% во Луксембург, 6,7% во Австрија, 5,4% во Данска и за 9,5% Словачка.

Од земјите во регионот, највисока стапка на инфлација во март имала Босна и Херцеговина од 10,2%.

Ова е единствена земја на Балканот во која инфлацијата се мери во двоцифрена бројка. Во Србија е забележана инфлација од 8,8%, во Црна Гора 9,7%, во Хрватска 7,3% (највисока во последниве 14 години), во Грција 7,2% (најголема во последните 25 години), Словенија 6%, Косово 7,1% и во Албанија 5,7%.

Стапки на инфлација во регионот во март 2022 година

Стапки на инфлација во регионот во март 2022 година

Најскапа храна во последните 30 години

Потврда за огромниот шок што го предизвика војната во Украина не само врз европската, туку и врз светската економија се и глобалните цени на храната, кои според Агенцијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (УНФАО), се искачија на највисокото ниво од 1990 година, односно од годината кога воопшто и почнале да се следат. Индексот на потрошувачка кошничка на ФАО порасна за 12,6% во март од просечните 159,3 поени во февруари, достигнувајќи ново највисоко ниво од 1990 година. Притоа најмногу поскапеа растителните масла (+23%) и житните култури (+17%), бидејќи Русија и Украина заедно во последните три години учествуваат со околу 30% и 20% соодветно во светскиот извоз на пченица и на пченка.

Со оглед на тоа што ниту една страна во воениот конфликт не попушта, а притисоците за ембарго на разни производи од Русија (нафта, гас, земјоделски производи) продолжуваат, се чини недостигот на пазарот ќе потрае, а стапките на инфлација ќе станат двоцифрени на европскиот континент.

Image
Newsletter