Ова е месец кога ги поставуваме новите цели, создаваме нови соништа и носиме нови одлуки. Најважни се малите чекори кон промената што ја посакуваме.
Живееме во турбулентни времиња кога зборот може да направи војна, но зборот може и да заврши војна. Светот се промени, политичкиот интерес превлада на штета на граѓаните.
Позната е изреката на Ганди, кој предлага да бидеме промената што сакаме да ја видиме во светот. Промените што сакаме да ги видиме, пред сè, да бидат промени во нас самите. Во нашите постапки, семејства, соседски односи, работното и деловното опкружување.
Сите се свесни дека промените треба да почнат од клучниот столб – образованието. Иднината во образованието подразбира промена, нови вештини и поттикнување на иновативноста. На младите генерации не им е потребно учење и меморирање факти, до нив лесно стигнуваат со помош на технологијата што им е постојано достапна, но затоа им е потребно да учат како да ја комбинираат технологијата со вештините за одгледување храна, како да управуваат со финансии, како да размислуваат претприемачки и како да пристапат кон решавање на општествените предизвици.
Ако сакаме подобра држава, треба да го смениме пристапот. Да учиме и да дадеме конструктивен предлог како да се решат проблемите.
Бидете свои, но и доволно храбри промените да ги започнете од себе, во својата куќа и во својот двор. Имајте успешна 2024!