ВОЗДУХОПЛОВСТВОТО СО АТРАКТИВНИ ПЛАТИ, НО КОМПЈУТЕРЏИИТЕ НА ТРОНОТ
Како да се избере вистинската професија? Што е атрактивно во моментов на пазарот на трудот и што ќе биде атрактивно во иднина? Во кои дејности има најголеми примања?
Овие прашања си ги поставуваат сите млади лица од моментот кога почнуваат да размислуваат каде да го насочат своето професионално усовршување. Во оваа насока голем е интересот на младите, но и на останатите граѓани за тоа кои се најплатените професии во Македонија. Ова посебно е нагласено во време кога младите бараат флексибилно работно време, можност за онлајн работа, а очекувањата се високи плати и примања, бонуси и други придобивки.
Во оваа анализа ќе информираме каква е моменталната состојба на пазарот на трудот во однос на најдобро платени економски сектори во нашата земја врз база на официјалните податоци од Државниот завод за статистика.
Приматот веќе неколку години по ред го има ИКТ-секторот
Од година во година македонскиот ИКТ-сектор бележи постојан раст во бројот на новоотворени компании и на вработени, како и пораст на извозот, на профитот и на приходите. Оваа индустрија е најбрзорастечка во земјава, која ги вработува најмладите и најпрогресивните граѓани. Сите овие показатели, покажуваат дека оваа индустрија би требало да престане да биде сервис на сите други гранки и да стане мотор на развојот на државата.
ИКТ-секторот, ако се анализираат податоците од Државниот завод за статистика, е на врвот на листата на најплатени сектори во Македонија.
Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека најплатен е секторот информации и комуникации, во кој просечната нето плата за мај годинава изнесувала 60.269 денари. Во рамките на овој сектор, највисока просечна нето-плата земаат оние што се занимаваат со компјутерско програмирање, консултантски и со сродни дејности, каде што просечната нето-плата исплатена во месец мај изнесува 80.804 денари. Тоа е за два до три пати повисока плата од исплатената просечната плата или една плата на компјутерџија е колку пет најниски плати.
На второ место од овој сектор се оние што се занимаваат со телекомуникации, со просечна нето-плата од 45.239 денари, а по нив следуваат оние што се занимаваат до информативни услужни дејности со просечна нето-плата 37.695 денари.
Извор: Државен завод за статистика
Интересно е тоа што од година во година платите во овој сектор растат, но исто така расте и побарувачката за ИТ-кадри. Најголем проблем со кој се соочува оваа индустријата е недостигот од работна сила, на што треба да се работи во иднина.
Дека на овој сектор му оди одлично дури и во време на пандемијата, покажуваат податоците на Народната банка за извозот на телекомуникациски, компјутерски и информациски (ИКТ) услуги од Македонија. Извозот на македонската ИКТ-индустрија бележи континуиран раст секоја година веќе неколку години наназад, кој не беше попречен ниту од пандемијата со Ковид-19.
Во изминатата 2021 година, извозот достигна 330,4 милиони евра, што претставува раст од 37% во споредба со 2020 година, покажуваат податоците од Народната банка на Македонија. Најголем дел од извозот е остварен кај компјутерските услуги, кој лани достигнал вредност од 295,2 милиони евра.
Извоз на ИКТ-услуги од Македонија | извор: izvoz.mk
ВОЗДУХОПЛОВЕН ТРАНСПОРТ
Во секторот транспорт и складирање, најмногу се истакнува подгрупата на воздухопловниот транспорт. Овде просечната нето-плата за месец мај изнесувала 50.340 денари и има зголемување во однос на месец април, кога просечната нето-плата била 49.584 денари.
Освен овој, одлични примања има и во секторот складирање и помошни дејности во превозот, каде што просечната нето-плата за мај изнесувала 44.249 денари.
Извор: Државен завод за статистика
ФАРМАЦЕВТСКА ИНДУСТРИЈА
Втор на листата најплатени сектори според ДСЗ е производството на фармацевтски производи и фармацевтски препарати, каде што просечната нето-плата е 50.529 денари, при што во месец мај се забележува зголемување во однос на месец април, кога просечната плата во овој сектор изнесувала 50.350 денари. Ова второ место не е за изненадување ако се земе предвид дека фармацевтските компании остваруваа огромни профити и пред пандемијата, а особено за време на пандемијата.
Извор: Државен завод за статистика
ФИНАНСИСКИ ДЕЈНОСТИ
На врвот на најплатени, секако се најде и секторот финансиски дејности и дејности на осигурување со мајска просечна нето-плата од 45.267 денари.
Во рамките на овој сектор најголеми нето-примања имаат оние што работат во финансиско-услужните дејности, чија просечна нето плата за април изнесува 46.537 денари, која ги исклучува осигурувањето и пензиските. Во секторот осигурување и реосигурување, со исклучок на задолжителното социјално осигурување, платата за мај изнесувала 43.819 денари.
И овој сектор остана имун во времето на пандемијата и во периодот по неа. Ако се погледнат статистичките податоци, банките од година во година книжат рекордни профити. Според податоците на НБРМ во изминатата 2021 година, сите банки во земјава оствариле вкупна добивка од 148,8 милиони евра.
Извор: Државен завод за статистика
СНАБДУВАЊЕ СО ЕЛЕКТРИЧНА ЕНЕРГИЈА
Во секторот снабдување со електрична енергија, просечната нето-плата во мај годинава изнесувала 44.536 денари и е зголемена во однос на априлската, која изнесуваше 42.532 денари.
Извор: Државен завод за статистика
СТРУЧНИ НАУЧНИ И ТЕХНИЧКИ ДЕЈНОСТИ
Во овој сектор, просечната исплатена мајска нето-плата изнесувала 37.865 денари, но ако се анализираат потсекторите, платите биле повисоки во секторот управувачки дејности и советување во врска со управувањето, каде што просечната нето-плата во мај изнесувала 47.309 денари.
Просечната плата во маркетинг изнесувала 43.315 денари, а во секторот останати стручни, научни и технички дејности – 49.264 денари.
Извор: Државен завод за статистика
РУДАРСТВО
Традиционално и овој сектор поради тежината на дејноста има високи плати. Согласно најновите податоци на Државниот завод за статистика, во месец мај просечната нето-плата во секторот рударство и вадење камен изнесувала 42.886 денари. Во рамките на овој сектор најголема нето-плата земаат оние што се занимаваат со вадење други руди и камен (44.378 денари).
Извор: Државен завод за статистика
Инаку, според Државниот завод за статистика, просечната исплатена нето-плата во мај 2022 година изнесувала 31.407 денари. Оваа сума бележи зголемување за 2.686 денари ако се спореди со истиот месец лани. Но, ако просечната плата од мај се спореди со таа од април, ќе видиме дека има намалување со оглед на тоа дека исплатената просечна априлска нето-плата изнесувала 31.525 денари.